Достапни линкови

Вести

Бројот на жителите на Црна Гора е зголемен за два и пол проценти

Прес-конференција на Заводот за статистика на Црна Гора (Монстат) на 25 јануари 2024 година.
Прес-конференција на Заводот за статистика на Црна Гора (Монстат) на 25 јануари 2024 година.

Во Црна Гора живеат 633 158 жители, што е над два отсто повеќе во однос на пописот од 2011 година, покажуваат прелиминарните податоци на Заводот за статистика Монстат.

Пописот спроведен во декември минатата година покажа дека има 217 441 домаќинства и 396 873 станови, што практично значи дека бројот на станови е за 45 отсто поголем од бројот на домаќинствата.

Просечниот број на членови на домаќинствата во Црна Гора е помалку од три, или 2,9.

Во однос на 2011 година, вкупниот број на станови е зголемен за 26 отсто, а најголем раст е забележан во Тиват, Улцињ и Будва.

Презентирајќи ги прелиминарните резултати од пописот, најголем број население е забележано во Подгорица, Никшиќ, Бар и Бијело Поље, а најмалку во Шавник, Плужине.

Од 2011 година, 22 000 граѓани се преселиле во Подгорица, со што бројот на жители се искачи на над 180 000. Во исто време, во тој град има над 88 500 станови.

Плужине има најголем пад на населението, околу 31 процент. Куриозитет е што пет градови во Црна Гора имаат повеќе станови отколку жители. Тоа се Будва, Улцињ, Жабљак, Шавник и Плужине.

Првите три се познати туристички места, додека последните два града бележат пад на населението поради иселувањето.

Помошникот директор на Монстат Снежана Ремиковиќ најавувајќи дека конечните податоци ќе бидат објавени во втората половина на годината рече дека во моментов немаат податоци колку странците влијаеле врз бројноста на населението во Црна Гора.

Говорејќи за зголемувањето на бројот на жители за околу 2,6 отсто во однос на периодот пред 12 години, беше констатирано дека конечните податоци и анализи ќе покажат дали тоа е резултат на природен прираст или миграција.

„Статистиката нема податоци за меѓународната миграција, односно за заминувањето од Црна Гора и доаѓањето на странци во Црна Гора“, рече Ремиковиќ.

Таа потврди дека од 2021 година има поголем прилив на странци, но дека проценките не ги опфаќаат тие странци, како и оние коишто во земјата поради руската агресија врз Украина.

Челници на Монстат не дадоа информации за националната и верската припадност на жителите, ниту јазикот што го зборуваат. Директорот на Монстат Мирослав Пејовиќ најави дека по обработката ќе бидат објавени конкретни податоци.

Редовниот попис на населението требаше да се спроведе во 2021 година, но беше одложен поради тогашната пандемија на корона вирусот.

После тоа, пописот неколку пати беше одложуван поради недовербата на опозициските политички партии во тој процес и поради сомневањата дека податоците може да бидат фалсификувани, особено во делот на националното и верското изјаснување.

Опозициските партии, предводени од Демократската партија на социјалистите, се заканија дека ќе повикаат на бојкот на пописот доколку не им се даде целосна контрола врз процесот.

Последователно, Владата одлучи да формира Комисија за следење на процесот на пописот и и дозволи на опозицијата да го контролира процесот. Пописот се одржа од 3 до 28 декември и помина без никакви неправилности.

види ги сите денешни вести

Грузија предупредува на лажни снимки за предизвикување немири пред изборите

Предупредувањето за лажни видео и аудио снимки гo нагласува високиот влог на изборите на 26 октомври.
Предупредувањето за лажни видео и аудио снимки гo нагласува високиот влог на изборите на 26 октомври.

Грузиските безбедносни претставници во средата издадоа предупредување за наводен план за дистрибуција на лажни видео и аудио снимки со цел да се предизвикаат немири пред парламентарните избори во оваа земја закажани за овој месец.

Грузиската служба за државна безбедност (СУС) соопшти дека политички поврзани групи, кои не ги идентификуваше јавно, се подготвуваат да објават лажни снимки од претставници на грузиската влада направени со помош на вештачка интелигенција и други напредни технологии, пренесе украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Предупредувањето доаѓа во време на засилени политички тензии во Грузија, особено по усвојувањето на контроверзниот закон за „странски агенти“ претходно оваа година, а го нагласува високиот влог на изборите на 26 октомври.

Во соопштението на СУС се наведува дека целта на лажните снимки е „да предизвикаат конфронтација меѓу различни гранки на власта и да се влошат нејзините односи со православната црква и западните партнери“.

СУС предупредува дека оние кои стојат зад планот имаат намера да ги прикажат лажни снимки како материјали кои протекле од самата СУС, со цел да ја дискредитираат службата и да сеат раздор во политичката структура на Грузија.

„Оваа провокација е дизајнирана да поттикне протести и да ја дестабилизира земјата заради политичка корист“, соопшти СУС, додавајќи дека внимателно ги следи активностите на инволвираните групи и ќе преземе правни мерки доколку е потребно.

Грузиските власти постојано изразуваат загриженост за потенцијалните обиди да се започне „обоена револуција“ слична на онаа позната како Евромајдан во Украина во 2014 година, кога беше соборен прорускиот претседател Виктор Јанукович, иако досега не се дадени конкретни докази во прилог на овие тврдења.

По усвојувањето на законот за „странски агенти“, Тбилиси беше критикуван за сè поблиските врски со Москва, додека Европската унија и САД изразија загриженост за падот на демократијата во Грузија.

Законот за „странски агенти“ беше широко критикуван дека е сличен на рускиот закон што се користи за задушување на слободата на медиумите и неистомислениците.

Во прилог на засилување на тензиите беше и тоа што претседателот на грузискиот парламент Шалва Папуашвили на 3 октомври потпиша закон за кој групите за човекови права, опозицијата и меѓународната заедница велат дека драстично ги ограничува правата на ЛГБТ заедницата во земјата.

Владејачката партија Грузиски сон, основана од грузискиот тајкун и поранешен премиер Бидзина Иванишвили, наколет кон Русија, инсистира дека останува посветена на приклучувањето кон западните институции.

Граѓанското општество во Грузија, пак, со години се обидува да ја оддалечи земјата од влијанието на Русија, која сè уште има илјадници војници во Јужна Осетија и Абхазија, два отцепени грузиски региони кои Москва ги призна како независни држави по петдневната војна со Тбилиси во 2008 година.

Обвинителство: 16 цариници осомничени за примање поткуп

Илустрација.
Илустрација.

Вкупно 16 лица, како вработени во Царинската управа, се осомничени за кривичното дело примање поткуп, додека уште две други лица ќе се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања, соопшти Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Станува збор за лица кои работеле во царинските испостави „Ново Село“ и „Дојран“, а кои Обвинителството ги сомничи дека од март 2023, па се до вчера, 15 октомври 2024 година, со умисла извршиле повеќе кривични дејствија така што земале поткуп за да не пресметуваат увозни давачки на превозници.

„При вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што би морало да го извршат. Откако ќе го примеле поткупот, што потоа го делеле меѓу себе, осомничените не ја вршеле својата службена должност и не правеле пресметка и наплата на увозните давачки“, велат од ОЈО ГОКК.

Увезената стока, според обвинителството, осомничените цариници ја пуштале во слободен промет и на тој начин, си остварувале имотна корист за себе, а на штета на државниот буџет.

По повеќемесечна предистрага, вчера во Струмичко-гевгелискиот регион била спроведена акција под кодно име „Премин“ и биле извршени претреси на 26 локации, а од слобода биле лишени 14 царински службеници, еден пензиониран цариник и еден полицаец.

При претресите биле пронајдени и 50.000 евра кои, според обвинителството, биле земени од поткупот.

Целиот случај е отворен откако првично граѓанин поднел пријава против три лица.

По завршувањето на истрагата односно со наредбата за истрага, од ОЈО ГОКК велат дека бараат и Основниот кривичен суд Скопје да определи притвор за шестмина од осомничените, додека за останатите 10 бараат поблаги мерки – одземање на пасоши, забрана за напуштање на државата, како и забрана за определени работни активности.

На 16-те лица кои се осомничени за делото примање поткуп им се заканува затворска казна од четири до десет години.

За двете лица осомничени за злоупотреба на службената положба, пак, ќе се води скратена постапка бидејќи со последните измени на Кривичниот законик од септември лани, казната за ова дело е од шест месеци до три години затвор.

Маск стана мегадонатор: Даде 75 милиони долари за кампањата на Трамп

Трамп и Маск на митинг во Пенсилванија, 5 октомври 2024 г.
Трамп и Маск на митинг во Пенсилванија, 5 октомври 2024 г.

Американскиот милијардер Илон Маск дал околу 75 милиони долари на својата организација (America PAC) која се бори за победа на Доналд Трамп на претседателските избори во САД.

Организацијата се обидува да го зголеми одѕивот на гласачите кои ќе го поддржат Трамп на изборите во клучните сојузни држави, а во периодот од јули до септември потрошила околу 72 милиони долари, покажуваат податоците доставени до Федералната изборна комисија на САД.

Тоа е повеќе од кој било друг донатор што сака да ги мотивира поддржувачите на Трамп да излезат на гласање, пишува Ројтерс.

Кампањата на Трамп во голема мера се потпира на надворешни групи за мотивација на гласачите, што значи дека организацијата на Маск – најбогатиот човек на светот, игра важна улога во изборната трка меѓу републиканскиот кандидат и неговата демократска ривалка Камала Харис.

Во објава на платформата Икс (поранешен Твитер), чиј сопственик е тој, Маск најави дека ќе „одржи серија разговори“ ширум Пенсилванија која се смета за клучна држава и за Трамп и за Харис.

Маск, кој рече дека претходно гласал за претседателските кандидати на Демократската партија, но на овие избори направи остар пресврт надесно. Тој го поддржа Трамп во јули и се појави со него на митинг во Пенсилванија претходно овој месец.

Донациите што ги дава за кампањата го сместуваат во ексклузивниот клуп на републикански мегадонатори, листа на која се наоѓаат и банкарскиот наследник Тимоти Мелон и Миријам Аделсон, сопственичката на казино и најбогатата личност со израелско државјанство.

Што ги разликува Харис и Трамп - американските претседателски кандидати?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:44 0:00

Претходно овој месец беше објавено дека Маск тајно финансирал конзервативна политичка група со години, долго пред јавно да го поддржи Доналд Трамп.

Од организацијата America PAC одбиле да ги коментираат донациите на Маск.

Маск не одговорил на барањето за коментар од новинската агенција Ројтерс.

Русија го намалува бројот на странци иако и недостига работна сила

Мигранти работници во Русија.
Мигранти работници во Русија.

Руската влада одобри мерка со која од 2025 речиси ќе се преполови квотата за дозволи за престој на странци. Ваквиот потег Москва го презема и покрај тоа што во последните десет години бројот на работници од странство падна на минимум што го влоши и така акутниот недостиг на работна сила.

Новата квота што ја постави Владата за следната година е 5.500 дозволи, во споредба со 10.600 во 2023 година.

Намалувањето на квотите за дозволи за престој, кои се распределуваат низ земјата врз основа на барања за нивно издавање, следува по влошувањето на расположението на руската јавност кон мигрантите. Околу 80 отсто од анкетираните Руси изразиле загриженост за големиот број мигранти, особено од Централна Азија и Кавказ.

Стотици илјади работници мигранти од тие области легално престојуваат во Русија со работни дозволи кои им овозможуваат да останат и да работат во земјата, но само на ограничен период. Со дозволите за престој, пак, се дозволува да останат во Русија со години.

Многу Руси имаат негативен став кон мигрантите од Централна Азија по терористичкиот напад на забавниот центар „Крокус Сити“ во близина на Москва во март, во кој загинаа 140 лица.

Неколку мажи од Централна Азија, главно од Таџикистан, беа уапсени под сомнение за вмешаност во нападот. Оттогаш, агенциите за спроведување на законот ги засилија акциите насочени кон мигрантските заедници.

Претходно оваа недела, комесарот за човекови права на Таџикистан, Умед Бобозода, изрази загриженост поради малтретирањето на таџикистанските мигранти во Русија по терористичкиот напад, обвинувајќи ги руските органи за спроведување на законот за користење нелегални методи, вклучително и физичко малтретирање и неоправдани притворања.

Некои работници мигранти од Централна Азија беа принудени да им се придружат на руските вооружени сили вклучени во инвазијата на Украина.

Бројот на издадени дозволи за престој во Русија се намалува од 2021 година. Тогаш имаше 39.000 дозволи.

Според податоците на руското Министерство за внатрешни работи, до средината на оваа година биле искористени само 20 отсто од планираните квоти за 2024 година.

Инаку, одлуката за намалување на квотите објавена денеска доаѓа еден ден откако Долниот дом на рускиот парламент усвои Закон со кој се заострува процесот за добивање дозволи за престој.

Странците во брак со руски државјани сега ќе треба да чекаат три години по венчавката за да се пријават, што е значителна промена од претходното правило кое дозволуваше веднаш да се поднесе апликација.

Мицкоски: Постои една Академија на науките и уметностите

Христијан Мицкоски, премиер на Северна Македонија.
Христијан Мицкоски, премиер на Северна Македонија.

Премиерот Христијан Мицкоски порачува дека постои само една Академија на науките и уметностите и вели тоа е ставот на ВМРО-ДПМНЕ, Владата и на академици од различни етнички заедници.

Со ваква изјава премиерот излезе откако вчера (15 октомври) од Тетово беше најавено дека четири општини, во кои локалната власт е во рацете на владиниот коалициски партнер Вреди, ќе финансираат работење на Здружението на граѓани – Албанска академија на науките и уметностите.

Мицкоски не очекува ваквиот потег на Вреди да влијае негативно на владината коалиција.

„Нашиот став е принципиелен и тоа го кажав во многу наврати во минатото дека етнички и национални теми не се мој приоритет“, вели Мицкоски.

Премиерот, кој е и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, тврди дека советниците од оваа партија нема да гласаат за општински буџет од кој ќе се одвојат средства за оваа намена. Станува збор за општините Тетово, Гостивар, Чаир и Желино.

„Не би сакал парите на граѓаните да се трошат за невладини организации. Повеќе би сакал да видам да се трошат за инфраструктурни проекти, да креираме услови за младите да се вратат назад и тоа се темите за кои јас сакам разговарам. Теми коишто поларизираат или етнизираат не се теми во кои јас сакам д бидам соговорник. Претпоставувам тоа се дел од опозициските партии во Парламентот коишто ќе го зголемат или намалат својот рејтинг ако се разговара на оваа тема“, изјави Мицкоски на 16 октомври.

Против Албанската академија на науките и уметностите се и социјалдемократите. Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, исто така, порача дека тие нема да поддржат „никаков паралелизам во институциите“. Тој смета дека е преседан да се создаваат „етнички чисти“ институции.

„Науката не смее да се етнизира на ниеден начин и во ниеден случај. За СДСМ и за мене како претседател ова е тенденциозна политичка порака која им служи единствено на намерите за поттикнување на поделби кои носат огромна штета за граѓаните и општеството“, посочи Филипче.

И опозициската ДУИ реагираше на најавите кои дојдоа од Вреди за финансирањето на Албанската академија како невладина организација.

„Како ДУИ не се согласуваме со овој принцип на функционирање. Албанската академија пропагирана како национално ниво стана една невладина организација и ние не сме дел од такви проекти. Во оние општини каде функционираат партиите на Вреди сме опозиција, не сме дел од владејачкото мнозинство“, изјави Фатон Ахмети од ДУИ.

Вчера во Тетово, градоначалниците на Тетово, Гостивар, Чаир и Желино имаа средба со претставници на ова здружение и најавија дека ќе го финансираат работењето на ова здружение.

Кремљ го отфрли „Планот за победа“ на Зеленски

Поглед на Кремљ, Русија
Поглед на Кремљ, Русија

Кремљ го отфрли „Планот за победа“ што украинскиот претседател Володимир Зеленски го претстави пред украинскиот парламент и ја повика Украина „да се разбуди“.

„Единствениот мировен план што може да постои е киевскиот режим да сфати дека неговата политика е без перспектива и дека е неопходно да се разбуди, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред новинарите.

Зеленски, претставувајќи го својот план за победа над Русија пред пратениците во Киев, се заложи за распоредување на ненуклеарни средства за одвраќање во Украина.

„Украина предлага распоредување на целосен сет мерки за ненуклеарно стратешко одвраќање на својата територија, кој ќе биде доволен за заштита од секоја воена закана од Русија“, рече Зеленски и додаде дека оваа точка е детално објаснета во „тајниот анекс“ на неговиот план за победа, кој е презентиран пред САД, Велика Британија, Франција, Италија и Германија.

Тој најави дека утре ќе замине на самитот на ЕУ за да го претстави својот план на покана од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

„Утре јавно ќе го претставам планот за победа на состанокот на Европскиот совет“, рече Зеленски во говорот пред украинскиот парламент во Киев.

Во говорот во Врховна Рада, Зеленски ги повика украинските партнери „да ги отстранат ограничувањата за употреба на оружје со долг дострел на целата територија на Украина окупирана од Русија, како и на руската територија и на воената инфраструктура на непријателот“ и побара помош во опремувањето на резервните бригади.

Неговиот „план за победа“ од пет точки, во кој тој ја отфрли можноста за отстапување на украинска територија, исто така бара Киев да добие безусловна покана за членство во воената алијанса на НАТО, како и распоредување на стратешки ненуклеарен пакет за одвраќање во Украина.

Украинскиот претседател го презентираше планот во период кога Русија продолжува да врши притисок врз украинските градови и инфраструктура, додека нејзините сили напредуваат на исток кон клучниот логистички центар Покровск.

Во меѓувреме, на 16 октомври, Русија ја нападна Украина со 136 дронови и две наведувани ракети. Повеќето од нив се неутрализирани од системот за воздушна одбрана на Украина, објави украинското воздухопловство на Телеграм.

Педесет и едно беспилотно летало биле соборени над регионите Суми, Черкаси, Кировоград, Тернопил, Керсон, Харкив, Житомир, Доњецк, Дњепропетровск, Миколаев, Киев, Полтава, Чернигов и Чернопол, објавија воздухопловните сили, додавајќи дека уште 60 руски дронови биле неутрализирани.

Руското Министерство за одбрана објави дека нејзините системи за противвоздушна одбрана собориле три украински беспилотни летала - два над Белгород и еден над регионот Воронеж.

Кривична пријава против три лица за пукањето во Чаир

Основно Јавно Обвинителство, Скопје
Основно Јавно Обвинителство, Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка за кривично дело - Учество во тепачка од член 132 став 1 од Кривичниот законик против три лица. Тие се обвинети за оружениот инцидент кој се случи на 14 октомври на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во Чаир, по поднесена кривична пријава од Министерството за внатрешни работи.

Од нив, за двајца надлежниот јавен обвинител поднел предлог за определување мерка притвор до Основниот кривичен суд Скопје, додека еден осомничен во моментов е во бегство и е недостапен на органите на прогонот.

За уште едно лице, четврти учесник во инцидентот, за кое постојат првични сознанија дека со акт на оружено насилство предизвикал тешка телесна повреда - прострелна рана кај оштетениот, во тек е постапка за прибирање докази.

Тој осомничен во моментот е на издржување затворска казна за друго дело во КПУ „Идризово“, соопштија од Обвинителството.

Пред два дена во градската општа болница „Свети Наум Охридски“ беше пријавен 35-годишен маж со прострелна рана во ногата. Повредениот Е. А. (35) од Скопје бил нападнат додека се движел пеш по улицата „Христијан Тодоровски-Карпош“, информираа тогаш од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Според МВР, повредениот во болница го донел неговиот брат. Тој на полицијата и појаснил дека повредениот се движел по улицата „Христијан Тодоровски-Карпош“ во Скопје кога му се приближило едно лице и му пукало во ногата.

Пред десет дена во Чаир исто така имаше пукање, во кое беше повредено едно лице.

Филков тврди дека документот од Оценската мисија на ЕК е земен од Лога

Игор Филков, министер за правда на РСМ
Игор Филков, министер за правда на РСМ

Министерот за правда Игор Филков на денешната прес-конференција информираше дека документот со препораките од Оценската мисија на Европската комисија бил земен од претходниот министер за правда, Кренар Лога. Нагласи дека за ова во тек е постапка и дека ќе се бара одговорност.

„Судскиот совет и Јавното обвинителство мора да бидат ослободени од каква било форма на политичко мешање, функционирајќи единствено во служба на правдата. Овие тела ќе бидат реформирани за да работат со најголем интегритет, фокусирајќи се на професионалноста и строгото почитување на владеење на правото. Голем предизвик во реализација на оваа активност претставува фактот дека Министерството за правда не располага со толку споменуваниот документ со препораките од Оценската мисија на Европската Комисија по однос на Судскиот совет. Иако документот е класифицирана информација, истиот бил земен од мојот претходник, заради што Министерството не располага со истиот“, појасни Филков.

Како резултат на тоа, тие биле принудени да се потпираат на електронски верзии, само на дел од документот што ги содржи исклучиво препораките без соодветните образложенија и официјалниот допис на Европската Комисија.

Осврнувајќи се на сработеното во првите 100 дена, Филков посочи дека го презел Министерството без примопредавање и со испразнет кабинет од потребната документација, но со тукушто набавени чадори, маици, торби, чаши и други предмети, секој во количина од над 200 парчиња. Фактурата за сите овие работи била во износ од 956 илјади денари, но неплатена.

„Затекнав сериозно испразнети финансиски ресурси. Непостоење на евиденција за добивање и користење мобилни телефонски уреди, лаптопи и електрични скутери од страна на провајдерот, што укажува на персонификација на мојот претходник со институцијата - Министерство за правда. Нефункционален возен парк. И слободно можам да кажам девастирана функционалност на самото Министерство“, рече Филков.

Додаде дека затекнал целосно празни подрачни одделенија на Министерството во Скопје, а во централниот и источниот дел од државата бројни необработени предмети за бесплатна правна помош и несоодветни услови за работа.

Зеленски презентираше делови од „Планот за победа“ пред украинските пратеници

Последици од руски напад врз Миколаев, Украина
Последици од руски напад врз Миколаев, Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го претстави својот „План за победа“ во украинскиот парламент. Се работи за збир на мерки за кои тој вели дека ќе ја свртат војната во корист на Киев, објави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Украина се бори да го запре бавното, но немилосрдно руско напредување на истокот од земјата, додека нејзините градови и инфраструктура се редовно под руски напад.

Зеленски минатата недела ги посети најважните европски сојузници на Украина - Велика Британија, Франција, Германија и Италија, за да го претстави својот план откако минатиот месец разговараше со американскиот претседател Џо Бајден.

Киев очекуваше да го добие одговорот на сојузниците на планот за време на состанокот на Рамштајн групата, која вклучува околу 50 украински партнери, но состанокот планиран за минатата недела во Германија беше одложен откако Бајден ја откажа посетата бидејќи САД се справуваа со последиците на ураганот Милтон.

Засега не се познати многу детали од планот, но се верува дека вклучува пристапување на Украина во НАТО, добивање дозвола од сојузниците за напади подлабоко во Русија користејќи западно оружје со долг дострел, добивање повеќе ресурси од сојузниците за зајакнување на противвоздушната одбрана и заострување на санкциите кон Москва.

Не се знае колкав дел од планот Зеленски ќе открие за време на своето обраќање во Врховната Рада, што во понеделникот го објави неговиот советник Сергеј Лешченко.

Друг советник, Михаило Подољак, во вторникот за украинската телевизија изјави дека Зеленски нема да ги открие сите детали од планот во парламентот и дека дополнувањата на документот ќе останат тајни, иако Лешченко посочи дека целиот документ ќе биде објавен во јавноста.

„Има одредби (во победничкиот план) за кои секако нема јавно да се разговара. Тоа се однесува на нумеричката компонента, односно колку оружје, во каква форма и слично треба да биде испорачано на Украина“, рече Подољак.

Подољак додаде дека „клучни партнери во снабдувањето со оружје за Украина остануваат САД, Велика Британија, Германија, Франција и Италија“.

Зеленски очекува одговор на планот пред претседателските избори во САД - главниот сојузник на Украина и давател на финансиска и воена помош - каде победата на републиканскиот кандидат и поранешен претседател Доналд Трамп може да доведе до сомнеж за континуираната поддршка на Вашингтон за Киев.

Украинскиот претседател го презентираше планот во период кога Русија продолжува да врши притисок врз украинските градови и инфраструктура, додека нејзините сили напредуваат на исток кон клучниот логистички центар Покровск.

Во меѓувреме, на 16 октомври, Русија ја нападна Украина со 136 дронови и две наведувани ракети. Повеќето од нив се неутрализирани од системот за воздушна одбрана на Украина, објави украинското воздухопловство на Телеграм.

Педесет и едно беспилотно летало биле соборени над регионите Суми, Черкаси, Кировоград, Тернопил, Керсон, Харкив, Житомир, Доњецк, Дњепропетровск, Миколаев, Киев, Полтава, Чернигов и Чернопол, објавија воздухопловните сили, додавајќи дека уште 60 руски дронови биле неутрализирани.

Руското Министерство за одбрана објави дека нејзините системи за противвоздушна одбрана собориле три украински беспилотни летала - два над Белгород и еден над регионот Воронеж.

Нема да има уште еден час евтина струја

илустрација
илустрација

Анализата на потрошувачката на струја од 2021 година до септември 2024 година покажува дека до крајот на 2023 година немало услови за враќање на евтината тарифа. Во првите девет месеци од оваа година, пак, анализата покажала дека најниски биле цените за еден час за струјата во периодот од 12 до 16 часот во текот на денот. Сепак претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, вели дека не се исполнети условите за дополнителен еден или два часа евтина струја во текот на денот.

„Кога разговаравме за воведување евтина тарифа, кажавме дека она што се случува на пазарот, тоа ќе сакаме и да го пресликаме. За жал, на пазарот од 20 до 24 часот цените се убедливо повисоки од сите други периоди во кои имаме и евтина и скапа тарифа. Доколку би го следеле пазарот, тогаш воведувањето евтина тарифа би било од 12 до 16 часот, но ќе треба евтината тарифа што ја имаме од 22 до 24 часот, кога имаме реално високи цени, да се укине“, рече претседателот Бислимоски.

За да не ги менуваат догогодишните навики на потрошувачите и да не предизвикаат негативни реакции, регулаторите засега нема да прават измени.

Бислимоски рече дека веќе имал состанок со ЕСМ и со „ЕВН хоум“ за дополнителен еден час евтина струја преку ден, на кој го известиле дека немаат забелешки, но се договориле да ја следат ситуацијата на пазарот со струја имајќи ги предвид навестувањата за поскапување на струјата од јануари.

„Во оној момент кога ќе се создадат услови, како што и ја воведовме оваа евтина тарифа, како што ја вративме од почетокот на минатата година во текот на денот и сме единствена земја во регионот што има евтина тарифа во текот на денот, вклучувајќи и еден дел од Босна и Херцеговина, верувам дека кога ќе имаме порелаксирани услови на пазарите на електрична енергија, и тогаш ќе воведеме дополнителен еден или два часа евтина тарифа во текот на денот“, рече Бислимоски.

Во меѓувреме, останува дневната евтина тарифа од 13 до 15 часот, потоа од 22 до 7 часот и во недела.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG