Достапни линкови

Вести

Екстремни поплави и температурни минуси во Европа

Поплави во Франција, 4 јануари 2024 година
Поплави во Франција, 4 јануари 2024 година

Делови од Европа минуваат низ екстремен почеток на 2024 година поради временските услови. Додека некои земји се борат со разорни поплави, други мака мачат со ниските температури.

Илјадници луѓе останаа без струја во скандинавските земји во петокот, на 5 јануари, бидејќи поплавите ги погодија Франција, Германија и Холандија.

Стотици предупредувања за поплави се во сила низ Велика Британија по силниот дожд што погоди делови од земјата во четвртокот на 4 јануари.

Финска и Шведска забележаа температури од минус 40 Целзиусови степени претходно оваа недела, најниски температури забележани оваа зима. Училиштата беа затворени бидејќи екстремниот студ го запре сообраќајот на патиштата.

Студот што ја зафати Скандинавија е дел од невремето што ја погоди и Западна Европа.

Обилните дождови предизвикаа поплави во Франција, Германија и Холандија.

Еден смртен случај поврзан со временските услови е забележан во Франција, а неколку градови на северот на земјата беа под вода по неколкудневниот дожд.

Германскиот канцелар Олаф Шолц во четвртокот ги посети областите тешко погодени од поплавите во источната сојузна покраина Саксонија-Анхалт.

Околу 200 војници ќе бидат распоредени во петок, на 5 јануари во областа Мансфелд-Судхарц, каде што ќе поделат 600.000 вреќи со песок, изјави портпаролот на вооружените сили на земјата.

Сè уште не е јасен степенот на штетите од поплавите во Германија, но во петок се очекуваат нови врнежи, според Хелге Туши од германската метеоролошка служба.

Многу делови од северозападна Европа кои беа поплавени овој месец беа погодени и од бурата Сиаран, која донесе урагански ветрови и однесе неколку животи во ноември.

види ги сите денешни вести

Обединети Нации: Луѓето во Газа живеат во неподносливи услови

Израелско-палестински конфликт
Израелско-палестински конфликт

Жителите на Газа се принудени да живеат во бомбардирани згради или кампови покрај огромни купишта ѓубре, изјави портпаролката на Обединетите нации(ОН), пренесе АФП.

Луиз Вотериџ од Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци, кажа дека условите во кои живеат луѓето во Појасот Газа се неподносливи.

„Денес е полошо од кога било. Не се сомневам дека утре ќе биде уште полошо“, рече таа зборувајќи од Газа.

Таа рече дека е „шокирана“ што се вратила во Кан Јунис во центарот на Газа.

„Сè е во урнатини. А сепак луѓето повторно живеат таму“, рече Вотериџ. Таа детално ја опишала состојбата во која се нашла:

„Нема вода, нема, нема храна. И сега луѓето повторно живеат во овие згради кои се празни школки, со чаршафи што ги покриваат празнините во пукнатините на ѕидовите.

Вотриџ рече дека борбата да се внесе гориво во Газа и безбедно да се дистрибуира има големо влијание врз испораката на хуманитарна помош.

„Без гориво, хуманитарниот одговор е блокиран“, рече таа.

Војната во Газа започна со нападот на Хамас, прогласен за терористичка организација од Соединетите Американски Држави и од Европската Унија на 7 октомври 2023 година врз јужен Израел.

Нападот резултираше со смрт на 1.195 луѓе, од кои повеќето цивили, според извештајот на АФП врз основа на официјалните израелски податоци.

Во одмаздата на Израел загинаа повеќе од 37.700 луѓе, исто така главно цивили, според Министерството за здравство во Газа под контрола на Хамас.

Славјанка Петровска ја повлекува кандидатурата за претседателка на СДСМ

СЕверна Македонија - Славјанка Петровска, кандидатка за претседателка на СДСМ
СЕверна Македонија - Славјанка Петровска, кандидатка за претседателка на СДСМ

Кандидатката за претседателка на СДСМ, Славјанка Петровска, ја повлекува кандидатурата на еден ден пред внатрепартиските избори најавени за утре, 29 јуни.

Преку официјално писмо до Централната изборна комисија за претседателските избори во СДСМ, Петровска бара нејзиното име да не стои на избирачкото ливче.

„Сакајќи да го заштитам СДСМ од нелегитимен избор на претседател и да избегнам да бидам соучесник во ова погазување на Статутот ве известувам дека ja повлекувам мојата кандидатура за претседател на СДСМ. Со оглед на тоа дека овој процес за мене е неприфатлив барам моето име да не стои на избирачкото ливче, со цел гласачите да не бидат доведени во заблуда“, напиша Петровска.

Во писмото наведува дека и покрај тоа што на состанок со претставници на ЦИК укажала на бројни неправилности, сепак таа не добила никаков одговор што ги побива нејзините тврдења.

„Вчера на состанокот одржан во просториите на СДСМ со преставници на ЦИК информирав за сериозни забелешки во поглед на точноста и легитимноста на Избирачкиот список, злоупотребата на лични податоци на илјадници членови на СДСМ кое продолжи и денес. Како социјалдемократ верувам во искреноста со која треба да се обраќаме кон нашите другари и другарки и затоа сите овие основани и потврдени сомнежи го нарушуваат легитимитетот на овие избори и резултатите“, наведува Петровска.

Петровска во изјава за медиумите вчера ги повика останатите тројца кандидати да се откаже внатрепартиското гласање за избор на претседател на партијата, бидејќи како што рече, изборниот процес бил нефер, односно еден од противкандидатите имал пристап до базата на податоци и ги злоупотребувал личните податоци на членовите на партијата.

Таа, исто така, посочи дека до неа стигнале информации дека во определени општински организации се појавиле одреден број на гласачи, кои не побарале да бидат регистрирани, односно, како што рече, некој користејќи ги алатките во нивно име ги регистрирал.


Во трката за нов лидер на СДСМ остануваат поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски, како и поранешниот заменик министер во МИОА, Александар Бајдевски.

За гласање се пријавија речиси 23.000 членови, што е далеку помалку од првите и вторите непосредни избори кога се броеја и над 60.000 односно 40.000 гласа.

Првпат непосредни избори за претседател на партијата, социјалдемократите спроведоа во март 2021, кога Заев како единствен кандидат освои речиси 60.000 гласа.

За помалку од една година следуваа и вторите на кои победи Димитар Ковачевски откако Заев поднесе оставка по поразот на локалните избори во октомври 2021 година. Тој освои 37.649 гласа, а имаше двајца противкандидати. Еден од нив е и сегашниот кандидат Деспотовски за кого тогаш гласаа 3.319 членови. Трета беше Фросина Ременски со 2.836 гласа.

Покрај Заев и Ковачевски, досегашни претседатели на СДСМ беа и Бранко Црвенковски, Радмила Шекеринска и Владо Бучковски.

МНР: Пописот во Албанија не ја отсликува реалната бројка Македонци

Северна Македонија - зграда на Министерството за надворешни работи (МНР)
Северна Македонија - зграда на Министерството за надворешни работи (МНР)

Прелиминарни податоци од пописот во Албанија за жал не ја отсликуваат соодветно реалната бројка на етнички Македонци во земјата, соопштија од Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија(МНР), откако и македонски друштва во Албанија реагираа за, како што велат, направен груб пописен фалсификат по објавената бројка од пописот за 7. 957 Бугари во Албанија.

Дополнително, Министерството изразува незадоволство и остро реагира на употребата на термин „Северномакедонци“ и употреба на име на земја како супститут за етничка заедница.

„Министерството ќе го повика амбасадорот Данчо Марковски на итни консултации во насока на прецизирање на недостатоците и недоследностите во овој процес, разгледување на можностите за соодветна корекција на направените пропусти и изнаоѓање на најадекватни начини за понатамошно заедничко дејствување и унапредување на билатералните односи со Република Албанија“, пишува во соопштението од МНР.

Претходно реагираше „Друштво Преспа“, организација за заштита на правата на Македонците во Албанија. Според „Друштво Преспа“, во Албанија немало етнички Бугари ниту во еден попис од 1912 до 2023 година.

Според податоците што ги објави албанскиот Институт за статистика ИНСТАТ, во Албанија живеат живеат 2.281 Македонци, а како Бугари се изјасниле 7. 957 лица.

„Изразуваме загриженост на објавата на Институтот за статистика на Албанија дека во Албанија живеат 2. 281 „Северномакедонци‘, иако пописот во 2011 година биле регистрирани (ниту тогаш прифатливи) 5. 512 Македонци. Потсетуваме дека не станува збор за доселеници во Албанија од државата „Северна Македонија‘, која во спротивност со меѓународното право под тоа име постои од 11 јануари 2019 година според договорот меѓу Димитров-Коѕиас од јуни 2018 година, туку за домородно население кое со векови живее во свои домови и на своја автохтона територија“, се вели во реакцијата на „Друштво Преспа“.

„Друштво Преспа“ упатува протест до претседателот, Собранието и Владата на Албанија, зашто според нив, подлегнале на бугарски закани за пристапување на Албанија во Европската Унија.

„Бараме Европската Унија да преземе мерки против Република Бугарија која врши манипулација со Македонците во балканските држави, им дава бугарски пасоши како можност за емиграција во Западна Европа поради сиромаштијата во Албанија, под услов да потпишат писмена изјава дека се ‘Бугари по потекло‘, соопшти организацијата.

Од вкупно попишаните, 2.186 917 се изјасниле како Албанци, 23. 485 како Грци, а 12. 375 како Египќани. Регистрирани се 9. 813 Роми, 2.963 Бошњаци, 2. 459 Власи, 584 Срби, 511 Црногорци. Преостанатите се изјасниле дека припаѓаат на друга етничка група или одбиле да се изјаснат.

Македонците во Албанија претходно реагираа дека Бугарија преку својата амбасада во Тирана подолг период презема повеќе антимакедонски активности, се со цел македонското малцинство да го прикаже како бугарско. Според партијата на Македонците во Албанија и македонските здруженија, антимакедонските активности биле преку давање бугарски пасоши, стипендии и парични средства на етнички Македонци.

Албанија го почна пописот на населението на 18 септември 2023 година.

Албанија во октомври 2017 година официјално призна постоење бугарско национално малцинство во земјата.

Ова е 12 по ред попис откако Албанија беше прогласена за независна држава во 1912 година. Првиот попис бил спроведен во 1923 година, а претпоследниот бил во 2011 година. Планираниот попис за 2021 беше одложен поради пандемијата на Ковид-19, а следната година се одложи бидејќи не биле обезбедени неопходните алатки за собирање информации на терен.

Нападнат полицаец кој ја обезбедувал Амбасадата на Израел во Белград, за Вучиќ и за Дачиќ е „терористички акт“

Србија - напад врз припадник на српската Жандармерија, Белград, 29.6.2024 година
Србија - напад врз припадник на српската Жандармерија, Белград, 29.6.2024 година

Лице од Младеновац, со верско име Салахудин, кој се преселил да живее во Нови Пазар, е лицето кое со самострел денеска претпладне застрела припадник на српската Жандармерија на безбедносна должност во израелската амбасада, соопштија од српското Министерство за внатрешни работи (МВР).

Напаѓачот е убиен, а полицаецот е повреден во нападот што власта во Србија го смета за „терористички акт“.

Полицијата извести дека напаѓачот е Милош Жујовиќ роден во 1999 година.

Србија - напад пред Амбасадата на Израел во Белград
Србија - напад пред Амбасадата на Израел во Белград

Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, го осуди нападот, наведувајќи и дека станува збор за терористички напад.

„Државата Србија ќе може решително да одговори на заканата од тероризам. Секој што мислеше дека може да нè дестабилизира со такви непостапувања, згрешил“, напиша Вучевиќ на платформата Икс(поранешен Твитер).

„Ова беше чин на лудило, кое не може да се припише на ниту една вера или нација. Тоа е кривично дело направено од поединец со име и презиме. Затоа ги повикувам граѓаните да останат смирени и да не подлегнуваат на пропагандата на тие што би сакале да не поделат меѓу себе“, продолжува во објавата од премиерот на Србија.

Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека нападот врз припадникот на Жандармеријата се третира како акт на тероризам.

„Специјалното обвинителство го презеде раководењето со случајот“, изјави Дачиќ пред новинарите во Ургентниот центар каде го посети повредениот полицаец.

Претходно, Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека околу 11 часот на 29 јуни, непознато лице, чиј идентитет се утврдуваше, со самострел застрелал припадник на Жандармеријата кој бил на безбедносна должност во израелската амбасада, удирајќи го во вратот.

Припадникот на Жандармеријата М.Ј.(1990) во самоодбрана употребил оружје и го победил напаѓачот, кој од здобиените повреди починал.

„Се истражуваат сите околности на нападот и можните мотиви“, изјави Дачиќ.

Ивица Дачиќ, министер за внатрешни работи на Србија во посета на повредениот полицаец, 29.6.2024 година.
Ивица Дачиќ, министер за внатрешни работи на Србија во посета на повредениот полицаец, 29.6.2024 година.

Презентирајќи детали за нападот, Дачиќ рече дека напаѓачот неколку пати му пришол на полицаецот прашувајќи за музејот и други работи, на што полицаецот одговорил дека во близина нема музеј.

„Тогаш тоа непознато лице повторно се вратило, ја отворило вратата од куќата пред амбасадата, со себе носел торба од која извадил самострел и го удрил полицаецот во вратот“, изјави Дачиќ.

Тој додаде дека, според информациите со кои располага, полицаецот веднаш реагирал, го извадил пиштолот и го застрелал напаѓачот.

„Тој испука неколку куршуми кон напаѓачот и по околу половина час е констатирана неговата смрт“, рече Дачиќ.

Жандармот со стрела во вратот е пренесен во Ургентен центар и во тек е операција за лекарите да ја извадат стрелата и да му ги санираат повредите.

Експертски извештај на ОН: Украина неспорно беше нападната со проектил од Северна Кореја

Седиште на Обединетите Нации (ОН) во Њујорк, САД, илустрација
Седиште на Обединетите Нации (ОН) во Њујорк, САД, илустрација

Шефот на истражувачката организација која од 2018 година го бара потеклото на оружјето користено во руските напади на Украина, во Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) изјави дека организацијата „неспорно“ утврдила дека балистичката ракета чии остатоци биле пронајден во Украина оваа година се по потекло од Северна Кореја.

Асошиетед прес (АП) ја објави веста на 29 јуни.

Соединетите Американски Држави (САД) и нивните западни сојузници се судрија во петокот, 28 јуни, со претставниците на Русија и Северна Кореја на состанокот на Советот за безбедност на ОН, бидејќи тие тврдеа дека тие две земји го прекршуваат ембаргото на ОН за извоз на оружје од Северна Кореја.

Русија ги отфрли тие тврдења како „неосновани“, а Северна Кореја ја нарече дискусијата за „наводно нечиј трансфер на оружје“ како „крајно дрска“.

Јона Леф, извршен директор на организацијата Conflict Armament Research, на состанокот на Советот за безбедност презентираше детална анализа на проектилот што го погоди украинскиот град Харков на 2 јануари оваа година.

Тој рече дека организацијата го анализирала моторот на ракетата, опашката и околу 300 компоненти произведени од 26 компании од осум земји и територии и утврдила дека станува збор за ракета КН-23 или КН-24 произведена во 2023 година во Северна Кореја.

Таа ги донела своите заклучоци врз основа на уникатните карактеристики на ракетата, дијаметарот, траекторијата на потисок, анализата каде паднала, корејските букви на делови од ракетата и другите ознаки и делови кои датираат од 2023 година.

Леф рече дека тимовите испитале уште три идентични севернокорејски ракети што ги погодија Киев и Запорожје и оваа година. Тие забележале и конвенционално оружје, вклучително и артилериски ракети произведени во 1977 година, запленети на линијата на фронтот и претходно не биле видени на бојното поле во Украина, произведени од Северна Кореја и веројатно дел од неодамнешната поголема пратка ракети.

Советот за безбедност расправаше за нелегален трансфер на оружје од Северна Кореја на барање на Франција, Јапонија, Јужна Кореја, Велика Британија и САД.

Состанокот следуваше по руското вето на 28 март, со кое заврши мониторингот на тим експерти на ОН за спроведување санкции против Северна Кореја поради нејзината нуклеарна програма. САД и нивните европски и азиски сојузници ја обвинија Москва дека се обидува да го избегне надзорот додека наводно ги прекршила санкциите со купување оружје од Пјонгјанг за војната против Украина.

Американскиот заменик-амбасадор Роберт Вуд рече дека презентацијата на Леф со технички детали е многу убедлива и дека независните наоди на организацијата Леф ги потврдуваат извештаите и анализите од други извори.

„Како постојан член на Советот за безбедност, Русија има одговорност да го поддржи и зајакне меѓународниот мир и безбедност. А сепак Русија лансира балистички ракети илегално добиени од Северна Кореја против украинскиот народ“, рече Вуд.

Рускиот амбасадор Василиј Небензија ги обвини западните иницијатори на состанокот дека се обидуваат да го искористат Советот за безбедност за „антируски и антисевернокорејски тврдења“ и дека шират неосновани обвинувања со цел „да го одвлечат вниманието од сопствените деструктивни дејства кои поттикнуваат ескалација во регионот."

Тој рече дека тврдењата за руската употреба на севернокорејски ракети во Украина се „апсолутно лажни“ и ја доведе во прашање професионалноста и стручноста на оние што ги испитуваат остатоците од ракетите во Украина.

Реформистот Пезешкијан и тврдокорниот Џаили одат во втор круг претседателски избори во Иран

Гласање на 14-тите претседателски избори во Иран
Гласање на 14-тите претседателски избори во Иран

Реформистичкиот пратеник Масуд Пезешкијан и тврдокорниот Саид Џалили, поранешен ирански нуклеарен преговарач со Западот, ќе одат во вториот круг од претседателските избори во Иран откако ниту еден од кандидатите не го освои потребното мнозинство гласови на изборите одржани на 28 јуни.

Ова го соопшти ирански функционер, пренесува Радио Слободна Европа на англиски јазик.

Вториот круг од изборите е закажан за 5 јули.

Зошто претседателските избори во Иран се поважни од минатите гласања?
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:06 0:00


Прелиминарните резултати на претседателските избори во Иран покажаа дека реформистичкиот пратеник Масуд Пезешкијан има благо водство пред преостанатите тројца кандидати.

Податоците на изборната комисија објавени во утринските часови на 29 јуни покажуваат дека Пезешкијан освоил 43,5 отсто од гласовите, пред Џалили со освоени 37,7 отсто гласови.

Мохамед Бакер Калибаф, конзервативен поранешен претседател на парламентот, заостанува со 14 отсто од гласовите.

Четвртиот кандидат за претседател, Мостафа Пурмохамади (Пурмохамади), поранешен министер за правда и внатрешни работи, според прелиминарните резултати, многу заостанува зад другите кандидати.

Исходот од изборите веројатно нема да доведе до големи промени во политиката, но може да влијае на тоа кој ќе го наследи 85 годишниот Хамнеи, врховен лидер во земјата од 1989 година.

Претседателските избори во Иран се одржуваат откако претседателот Ебрахим Раиси загина во хеликоптерска несреќа на 19 мај, заедно со министерот за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан и неколку други официјални лица. Многу Иранци го нарекуваат Касап на Техеран поради неговата наводна улога во масовното егзекуција на политички затвореници во 1988 година, кога тој беше заменик обвинител во Техеран.

Пет жртви во напад на украински дрон врз руско село, соопшти Русија

Украина - украински дрон „Вампир“, илустрација, 2 февруари 2024 година
Украина - украински дрон „Вампир“, илустрација, 2 февруари 2024 година

Пет лица загинаа, меѓу кои две деца, во напад на украинско беспилотно летало врз руско село во близина на границата на двете земји, објави на 29 јуни гувернерот на руската област Курск, пренесе АФП.

Гувернерот Алексеј Смирнов на Телеграм напиша дека беспилотно летало удрило во куќа во селото Городише, во руската област Курск, на неколку километри од границата со Украина.

Нападот е изведен со „коптер“ беспилотно летало, додаде гувернерот. Станува збор за мало летало кое може да носи гранати и други експлозиви и да ги фрли на целта.

Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, двете завојувани страни масовно користат беспилотни летала, вклучително и поголеми авиони, чиј дострел може да биде неколку стотици километри.

Украина ги засили нападите на руска територија оваа година, а се насочени кон енергетската инфраструктура за која вели дека ја снабдува руската војска, како и градови и села во близина на границата.

Минатиот месец, рускиот претседател Владимир Путин почна нова голема копнена офанзива во регионот Харков, во североисточна Украина, со цел да создаде „тампон зона“ и да ги потисне украинските сили, со цел да се заштити руската област Белгород, која граничи со Украина, од артилериски напади.

Регионот Курск, каде се случи нападот утринава, се наоѓа на север, наспроти украинскиот регион Суми, кој е под контрола на Киев.

Сообраќајот по суви коловози, нема подолги задржувања на граничните премини

Илустрација
Илустрација

Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива непречено, по претежно суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопштија од АМСМ.

Се препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони.

Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Временска прогноза - сончево и топло, температури над 30 степени

Северна Македонија - Скопје, јули 2023 година
Северна Македонија - Скопје, јули 2023 година

Времето денеска ќе биде сончево и потопло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, соопштија од Управата за хидрометеролошки работи (УХМР).

Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19 целзиусови степени, а максималната ќе достигне од 29 до 37 целзиусови степени. УВ индексот ќе изнесува 8.

Времето во Скопје ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност и со слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 целзиусови степени.

Во понеделник времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Дневните температури насекаде ќе бидат над 30 целзиусови степени.

Во вторник се очекува повторно дестабилизирање на времето со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме.

МНР: Ги почитуваме обврските од меѓународните договори

Македонското министерство за надворешни работи
Македонското министерство за надворешни работи

Македонската влада во целост ги отфрла обвинувањата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за наводно прекршување на Договорот од Преспа, обвинувања искажани на состанокот на Советот на Европската Унија.

Во соопштението од македонската Влада е наведено дека државата продолжува да ги почитува превземените обврски од Договорот од Преспа во сите негови аспекти, вклучувајќи го тука и употребата на името “Македонија”, како и името “Северна Македонија” во соодветни формати и прилики утврдени со Договорот и Уставот на државата.

Во него е посочено дека превземените обврски се двонасочна улица, и треба да се земат предвид и обврските кои ги има соседна Грција а кои не се исполнети.

“Исто така, сакаме да нагласиме дека процесот на европски интеграции продолжува да биде наш важен приоритет. Ние сме уверени дека нашиот напредок и придонес кон регионалната стабилност и безбедност, како и нашата посветеност на реформите, ќе бидат правилно оценети и вреднувани од страна на Европската унија.“се вели во реакцијата на Владата.

Оваа реакција доаѓа по соопштението од грчкото министерство за надворешни работи во кое се наведува дека македонската влада се враќа на минатите постапки кои укажуваат на иредентизам и целосно непознавање на историјата.

Покрај Мицотакис и бугарскиот вршител на должноста премиер Димитар Главчев на Самитот на ЕУ во Брисел го отворил прашањето за почитувањето на преземените обврски од страна на Северна Македонија на патот кон ЕУ.

Главчев, во Брисел, ја отворил темата во врска со случувањата во државава во последните недели. Тој, како што пренесува БТА, укажал на „сериозните предизвици што се појавуваат во однос на европската перспектива на земјата кандидат за членство во ЕУ“.

Со Договорот од Преспа од 2018 година уставното име на државата се смени од Република Македонија во Република Северна Македонија. Со тој договор се отвори патот за членството во НАТО.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG