Достапни линкови

Пред или по избори, државен обвинител ќе се избира во „подгреана“ политичка атмосфера


Државно обвинителство на РСМ
Државно обвинителство на РСМ

Понеделник е последниот работен ден на актуелниот државен обвинител Љубомир Јовевски, на неговото столче ќе привремено ќе седне обвинителката Соња Симовска. Оваа одлука ја донесе денеска Советот на јавни обвинители. Главна битка за наследник на Јовевски ќе се води во Собранието.

Советот на јавни обвинители денеска ( 22 декември) ја избра за привремен републички обвинител, Соња Симовска, која на таа позиција доаѓа на местот на досегашниот шеф на Обвинителството Љубомир Јовески. Таа на функцијата ќе биде како вршител на должност и ќе ја извршува до регуларното именување на републички обвинител, процедура која оди преку Владата и Собранието.

Симовска во понеделник ќе ја презеде функцијата од досегашниот шеф на обвинителството Јовески, чиј шестгодишен мандат истекува во понеделник. Јовески кој по функција е член на Советот, не дојде на денешната седница на која се бираше негов в.д. наследник.

Симовска дојде како предлог на претседателката на Советот, Душица Димитриеска, а едногласно беше изгласана од сите членови. Таа работела како приправник во скопското обвинителство, а потоа и како обвинителка во ОЈО Скопје. Од 2009 до 2021 била виша обвинителка во Скопје, а од почетокот на 2022 е дел од републичкото обвинителство.

"Се работи за јавен обвинител кој има долгогодишно искуство, докажан како добар јавен обвинител и со оглед на искуството може успешно да ја извршува функцијата", рече Дикитриеска.

Советот требаше да избере в.д. шеф од редот на обвинителите во републичкото обвинителство кои практично беа и заменици на Јовески.

Советот назначува в.д. обвинител бидејќи власта не ги започна процедурите за избор на нов републички обвинител на време.

Во игра за оваа позиција беа деветмина обвинители Анита Топалова Исајловска, Бешким Бесими, Исмаил Дарлишта, Соња Симовска, Ферат Елези, Џелал Бајрами, Елвин Вели, Наталија Тасевска и Љупчо Коцевски. Токму Коцевски е и еден од тројцата кандидати кои се пријавија на огласот за нов прв човек на обвинителството, и нема законска пречка да седне во оваа фотелја уште пред да биде избран од Собранието во улога на вршител на должност.

После завчерашната седница на која за обвинители во републичкото обвинителство беа избрани и Лиле Стефанова и Наум Пановски, се отвори прашањето дали и тие би можеле да влезат веднаш и во изборот за в.д. државен обвинител. Дел од членовите во Советот коментираат дека не би било добро веднаш по унапредувањето да застанат и на чело на Државното обвинителство па макар и како вршител на должноста.

Според претседателката Душица Димитриевска одлуката која е донесена е со важност од 1 јануари 2024 година, а тие немаат дадено ниту заклетва пред ова тело.

Огласот за избор на републички обвинител беше објавен на 29 ноември и траеше 15 дена. На него се пријавија тројца обвинители: Фатиме Фетаи, Лидија Раичевиќ и Љупчо Коцевски. Нивните кандидатури Владата на 19 декември ги испрати на мислење до Советот на јавни обвинители и тие утрово пристигнале по пошта до ова тело.

Советот сега има рок од 15 дена да даде образложено позитивно или негативно мислење. Од оправдани причини овој рок може да се продолжи за 15 дена.

Од оние за кои Советот дал позитивно мислење, Владата ќе треба да избере еден и да го предложи до Собранието кое на пленарна седница го избира со мнозинство гласови. Советот на јавни обвинители може и воопшто да не даде мислење, но во таков случај ќе се смета дека тоа е позитивно.

Во случај за сите кандидати да даде негативна оценка, тогаш Владата ќе треба да му предложи на Собранието да го повтори огласот и постапката да почне од почеток.

Тројца пријавени кандидати: политиката, изборите, стеснетиот круг причина за мала заинтересираност

Обвинителката од ОЈО Скопје Лидија Раичевиќ е со најдолг стаж во јавно обвинителската дејност од 2003-та година, од тројцата кандидати кои се пријавија на огласот. Таа е еден од ретките обвинители кои се речиси во секое време достапни за јавноста, а како нејзин предмет по кој е запаметена е случајот „Ровер“ во кој обвинет за помагање во убиство беше Љубе Бошковски, поранешен министер за внатрешни работи во владата на ВМРО ДПМНЕ, а сегашен соработник на актуелниот премиер Димитар Ковачевски. Единствено таа од тројцата пријавени му била противкандидат при изборот на Љубомир Јовевски.

Вториот кандидат Љупчо Коцевски во 2008 е избран за обвинител во Вишо обвинителство Гостивар, а пред две години е унапреден во републичкото обвинителство. Тој беше претседател на дисциплинската комисија на чиј предлог беше разрешена обвинителката за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска.

Третата кандидатка, Фатиме Фетаи, е најмладата од тројцата кандидати и е добро позната за јавноста како дел од Специјалното јавно обвинителство. Од таму се врати во скопското обвинителство па и покрај тоа што првично конкурираше за обвинител во организиран криминал, не беше избрана, но подоцна беше унапредена во виш јавен обвинител во Скопје. На последниот избор за прв скопски обвинител, се пријави, но потоа ја повлече кандидатурата. Нејзин е предметот „Тенк“ за набавката на луксузниот мерцедес каде се осудени поранешниот премиер Никола Груевски, ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер Ѓоко Поповски.

Ова е избор на Државен обвинител на кој има најмалку пријавени заинтересирани кандидати. За дел од познавачите ова е поради тоа што изборот се случува пред два циклуса избори парламентарни и претседателски, а досегашните искуства покажале дека по создавање на нов парламентарен состав прв на удар е државниот обвинител. За други пак политиката конечно треба да ги тргне рацете од обвинителството, па изборите не би требало да бидат пречка.

„Мислам дека сега немаат толку комоција баш туку така да си поставуваат свои луѓе. Инаку мандатот на обвинителот и на владата намерно не е ист, за да се избегне досегашното искуство секоја власт да го разреши претходниот обвинител, или пак многу често се случуваше. Сега тој простор за толку отворени влијанија после отворените критики кои доаѓаат е малку намален, стеснат. За тоа јас не гледам пречка да се изврши изборот, вели Гордан Калајџиев, професор по кривично право на Правен факултет.

Според законот за јавно обвинителство од 2020 година за Јавен обвинител на Република Северна Македонија може да биде именувано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку десет години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право. Ако на претходниот оглас имаше пријавено кандидати од адвокатурата или нотаријатот, сега се само од редовите на обвинителите, не се пријави ниту судија и покрај тоа што членот 62 го дозволува ова.

Државен обвинител пред или по избори

Според законските прописи, Собранието го именува Државниот јавен обвинител, кој ќе биде по предлог на Владата која пак во моментов се уште не испратила ниту барање за мислење за кандидатите. Советот на јавни обвинители ќе има рок од 15 денови да ги даде своите мислења со можност од дополнителни 15 денови кои ќе треба да се од оправдани причини.

Претседателката на советот Димитриевска вели дека ќе направат се за да ги запазат законските рокови и да не ја одложуваат постапката. По добиените мислења владата го доставува предлогот за именување на Jавен обвинител за кој Советот дал позитивно мислење. За кандидатот што ќе го предложи Владата го доставува и мислењето од Советот.

Но, до сега ниту власта ниту опозицијата јавно не го кажале своето мислење за тројцата кандидати кои се уште не се оценувани. Изборот се врши со просто мнозинство. Доколку пред изборите кои според политичкиот договор треба да се случат на 8 мај, но Собранието ќе се распушти на 28 февруари, не се избере обвинител, тогаш оваа задача ќе ја има новиот парламентарен состав.

Тоа значи дека в.д републичката обвинителка е можно да остане речиси до крајот на својот шест месечен мандат односно до втората половина на јуни 2025 година, а една од првите задачи на парламентот да биде избор на Државен обвинител.

Инаку актуелниот шеф Јовевски чека до последниот ден да даде свој осврт на работата на обвинителството на чие чело беше од 25 јануари 2017 година. Од таму најавија дека најверојатно преку писмено соопштение Јовевски ќе и се обрати на јавноста.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG