Достапни линкови

Сервер: Вучиќ го зазеде и прорускиот и проевропскиот простор во Србија


Даниел Сервер, професор на американскиот универзитет Џон Хопкинс, во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ)
Даниел Сервер, професор на американскиот универзитет Џон Хопкинс, во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ)

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, создаде нефер изборен систем што го фаворизира“, изјави Даниел Сервер, професор на американскиот универзитет Џон Хопкинс, во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ). Според првичните резултати, Српската напредна странка, до неодамна предводена од Вучиќ, прогласи победа на изборите.

Во републичкиот парламент, како што покажаа првите изборни резултати, тој ќе има мнозинство.

Истовремено, второрангираната опозициска листа „Србија против насилство“ побара поништување на изборите во главниот град Белград ноќта на изборите, зборувајќи за „прекројување на изборната волја“.

Коментирајќи ја убедливата победа на Вучиќ, Сервер истакнува дека дека кампањата се одвивала во услови на „силна медиумска контрола од страна на властите и искористување на државните ресурси“.

„Вучиќ успеа да го окупира и прорускиот и проевропскиот простор, иако е многу поблиску до прорускиот правец отколку до проевропскиот“, оценува Сервер за РСЕ.

„Вучиќ победи на својот референдум“

И домашната и меѓународната јавност овие избори ги оценија како референдум за владеењето на Вучиќ. Што ни покажуваат овие резултати, според кои Српската напредна партија на Вучиќ и по 10 години на власт и понатаму има мнозинство во парламентот?

Па, тој победи на својот референдум. За тоа нема сомнеж.

Очекувавте ли таков исход?

Да,очекував. Мислам дека Вучиќ немаше да распише предвремени избори доколку не очекуваше да победи.

И себеси и партијата ги помести на десно. Тој „проголта“ бројни десничарски сили. Ја искористи власта како параван за да си го зајакне гласот. Тој создаде слободен, но не и фер изборен систем, кој го фаворизира.

„Нефер избори“

Дали овој резултат менува нешто во Србија, не само внатрешно, туку и надворешно-политички односи со Русија и ЕУ?

Не очекувам ништо да се промени. Вучиќ во последните неколку месеци е исклучително наклонет кон Москва и Пекинг. Неговите „најдобри пријатели“ деновиве се сите автократи. И тој сака да биде. Тој е автократ, гласан, без сериозна конкуренција на повидок.

Кога велите дека Србија е изборна автократија, дали западните влади ќе се согласат со вас? Не сме слушнале да кажат дека Србија е изборна автократија.

Да се разбереме, ова не се први слободни, но нефер избори во Србија. Тие беа спроведени во услови на навистина силна медиумска контрола од страна на владејачката партија, експлоатација на државни ресурси, превоз на луѓе, кои се надевам дека имаа право на глас, со автобуси од Босна и Херцеговина.

Вака не се спроведуваат фер избори. Има многу злоупотреби кои се веќе документирани и очекувам повеќе. Но, не познавам никој во Вашингтон кој денес би ја нарекол Србија демократија.

„Србија не е блиску до ЕУ“

Но и тој (Вучиќ) вели дека неговата партија е силно посветена на европскиот пат, дека Србија е сериозен кандидат за членство во Европската Унија. Како ги читате тие пораки?

Прво, прочитав колку вредат овие пораки - што е всушност многу малку. Тој (Вучиќ) е долго време на власт и не ја доближи Србија до Европската Унија.

Всушност, тој и пркоси на Европската Унија - не само со спротивставувањето на санкциите против Русија, туку и за многу други прашања - вклучително и неодамна постигнатите договори со Косово, за кои премиерката Ана Брнабиќ негира дека Србија ги почитува.

Значи, можеш да кажеш дека си за ЕУ, но навистина така треба да се однесуваш, а Вучиќ не го прави тоа.

Може ли да очекуваме некаков сигнал, притисок од Брисел врз идната влада - да донесе јасна одлука за ЕУ?

Не очекувам многу од Брисел, бидејќи Србија и Унгарија, која е во ЕУ и чиј лидер (Виктор) Орбан и Вучиќ се пријатели, имаат заедничко тоа што ги водат автократи. Не очекувам дека ЕУ ќе успее да постигне консензус за нешто што би можело да изврши притисок врз Србија.

Се надевам дека САД ќе бидат поинакви. Кога ќе се вратиме на настаните од 24 септември, бунтот на северот на Косово, кој очигледно беше оркестриран од Белград - би очекувал САД да одговорат на тоа.

Сепак, досега не го направија тоа и не сум сигурен дека ќе го направат. Не гледаат алтернатива на Вучиќ.

Не постои непосредна алтернатива за Вучиќ, но мислам дека САД би добиле многу повеќе од Србија ако заземат поостар став, отколку ако продолжат да го „галат“.

Како ќе реагира Западот на изборите

Каква реакција очекувате од Вашингтон?

Не знам што да очекувам. Знаете, ова очигледно не се фер избори и тие треба да го кажат тоа. Треба да бидат многу поостри кон Србија и кога се во прашање настаните од 24 септември. Треба да му кажат на Вучиќ дека, ако сака (поранешниот потпретседател на Српската листа) Милан Радоичиќ да одговара за тие настани, тогаш мора да го предаде на Косово на судење.

Треба да бидат многу, многу поостри кон Србија, но досега не биле. И не гледам знак дека ќе се предомислат. Мислам дека ќе продолжат да се преправаат.

Белград беше категоричен дека Радоичиќ во никој случај нема да биде екстрадиран на Косово?

Ако вие (Србија) тврдите дека Косово е ваша територија, а злосторството се случило на Косово, тогаш треба да бидете подготвени да го испратите (Радоичиќ) на Косово. Тогаш за Србија тоа не е екстрадиција.

Поентата е да го испратите до надлежното судство. Косовските власти постоеја и пред (независноста). Не е дека Косово нема парламент, судство и полиција во минатото. Тие институции треба да се третираат со почит. И затоа судењето треба да се одржи таму.

Но, никој не инсистира на тоа. Никој не го притиска Вучиќ. Сите премногу се плашат дека ќе падне во скутот на (кинескиот претседател) Си Џинпинг и (рускиот претседател) Владимир Путин. Но, факт е дека тој веќе е во нивниот скут.

Кој е првиот предизвик за новата Влада?

Дали ова барање за екстрадиција го гледате како прв предизвик за идната влада на Србија?

Не би го знаел тоа. Но, за мене тоа е едноставна работа. Злосторството се случило на територијата на Косово. Во Косово има власти признати од Србија со Бриселскиот договор од 2013 година, кој исто така предвидуваше формирање на Заедница на општини со српско мнозинство.

Значи, ако ја сакате Заедницата, треба да ги исполните вашите обврски според договорот од 2013 година. А тоа значи дека на Радоичиќ треба да му судат надлежните органи на Косово. Договорот е апсолутно јасен, дека правосудниот систем на властите во Приштина важи на целата територија на Косово.

„Вучиќ не е подготвен да оди напред со Косово“

Кога сме кај односите меѓу Србија и Косово - според вас, дали овој резултат на Српската напредна странка ќе го забрза финализирањето на договорот со Косово или ќе продолжи сегашниот тренд?

Не гледам знак дека Вучиќ е подготвен за сериозен пробив во односите со Косово. Напротив, отиде во спротивна насока. Тој повторно повикува на воспоставување на суверенитет на Србија. Тој го оспорува значењето на договорите од март и февруари, за кои САД и ЕУ велат дека се правно обврзувачки.

Точно е дека Брисел ги додава одредбите од тие договори на условите за влез на Србија во ЕУ, но Вучиќ не е сериозен за влез во Унијата. Така што нема да му смени многу.

Мислам дека резултатите не се добар знак за односите со Косово.

„Срамежлива“ проевропска опозиција

Втора најсилна сила во парламентот ќе биде проевропската опозициска листа „Србија против насилството“. Според првите проценки тој ќе има 64 мандати во парламентот. Колку тие можат да бидат коректив на Српската напредна странка?

Мислам дека е многу важно што се во парламентот. Да бидам апсолутно јасен: не ги бојкотираа изборите. Бојкотот е скоро секогаш грешка.

Знаете, тие разбраа дека изборите ќе бидат слободни, но не фер, и поминаа прилично добро под овие околности. Мислам дека не би било разумно да се очекува дека можеле подобро. Опозицијата во парламентот игра важна улога и често го подготвува патот за идната влада.

И затоа треба сериозно да ја сфатат својата опозициска улога и да почнат да размислуваат што сакаат да наметнат како програма на идната влада. Да бидам искрен, до сега беа срамежливи. Немаа многу нови идеи. Проевропската платформа не е баш нова идеја.

Зошто ги сметате за плашлива политичка опција?

Секако се многу срамежливи за прашањето за Косово. Тие не сакаат да кажат ништо што би навестило дека би имале помек однос со Косово и би барале вистински договор со Косово. Мора да размислат - дали е навистина паметно да се направи тоа или не.

Тие се срамежливи и за економските прашања, усогласувањето на меѓународно ниво, проблемот со насилството: што навистина би направиле со насилството и културата на насилство во Србија?

Денешна Србија е автократија. Не беше пред десет години, но денес е. Taa e изборна автократија. Но, тоа сепак дава некои можности за ефективност на опозицијата. Би сакал да видам дали можат да ги користат.

Вучиќ има право да слави, да биде задоволен со силниот резултат. Но, опозицијата може да се гордее со постигнатото. И сега треба да докаже дека е способна да претстави платформа која би била привлечна за граѓаните на следните избори.

Три „незгодни“ прашања за власта и опозицијата пред изборите во Србија
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:38 0:00

„Силна наклонетост кон Русија“

Најголемото изненадување на изборите е листата на чело со доктор Бранимир Несторовиќ, познат по теориите на заговор. Првпат ќе биде во парламентот.

Тие претставуваат екстремно десничарска идеологија, тие се проруски: на нивната листа е Драган Станојевиќ, малку познат во Србија - но опишан како силно проруски играч, кој е под украински санкции.

Колку му придавате значење на влезот на оваа листа во Собранието?

Мислам дека тоа ги одразува десничарските чувства на добар дел од граѓаните. И не само поради историските и културните врски со Русија, туку и поради медиумското опкружување кое го обвинува НАТО за војната во Украина, кој на секој чекор го фаворизира Владимир Путин. Тоа е она што го добивате кога силно се приклонувате кон Русија: луѓе кои ја сакаат Русија, дури и откако таа изврши инвазија на друга земја.

Логиката во оваа ситуација би била сосема спротивна - дека Србија би била прилично навредена од руската инвазија на Украина, но тоа не беше случај.

Србија можеби гласаше против Русија во неколку безначајни резолуции на Генералното собрание на Обединетите Нации, но добро знаеме дека, во основа, Александар Вучиќ е на линија со Путин и кинескиот претседател Си.

„Вучиќ го окупираше и прорускиот и проевропскиот простор“

А, очекувавте ли подобар резултат од проевропските сили во Србија?

Мислам дека не очекував многу подобри резултати. Знаев дека Вучиќ ќе победи. Успеа да го окупира и прорускиот и проевропскиот простор, иако е многу поблиску до проруската насока отколку до проевропската.

Никој не треба да се залажува. Србија нема наскоро да влезе во ЕУ, бидејќи Вучиќ не направи ништо за да ја подготви земјата за влез во Унијата. И додека е на сила сегашната политика за Косово, Србија нема да влезе во ЕУ - тоа е многу јасно. Вучиќ го разбира тоа и знае дека членството во ЕУ нема да се случи наскоро.

Тој само сака да го окупира тој политички простор. Тој не сака да го даде на некој друг. Така, тој дава многу изјави кои се проевропски, а потоа не презема ништо за тоа.

„Дачиќ не е политички независен“

Дали е изненадување слабиот резултат на Социјалистичката партија на Србија, претходниот коалициски партнер на СНС на чело со министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ?

Претпоставувам дека успехот на оваа втора проруска опција е дел од објаснувањето. Тој (Дачиќ), според мене, не е сериозна политичка сила во Србија. Се додворува на владејачката партија. Неговата партија има одредена историска позадина, но нема вистинска политичка независност. Навистина е како Вучиќ, само во друго руво, со поинаков лик.

XS
SM
MD
LG