Достапни линкови

Вести

СЗО бара од Кина повеќе информации за зголемувањето на случаите со пневмонија

Децата и нивните родители чекаат преглед во болница во Пекинг на 23 ноември 2023 година.
Децата и нивните родители чекаат преглед во болница во Пекинг на 23 ноември 2023 година.

Светската здравствена организација (СЗО) упати официјално барање до Кина за обезбедување повеќе информации за потенцијално загрижувачкото зголемување на респираторните заболувања и кластерите на пневмонија кај деца во оваа земја.

Здравствената агенција на Обединетите Нации (ОН), ги цитираше неодредените медиумски извештаи и Глобалната служба за следење на заразни болести, како извештаи за групи на недијагностицирана пневмонија кај деца во северна Кина, пренесува Асошиејтед прес (АП).

Во соопштението на СЗО пак, се вели дека не е јасно дали овие случаи се поврзани со зголемувањето на респираторните инфекции пријавени од кинеските власти.

Појавата на нови видови на грип или други вируси кои можат да предизвикаат пандемија обично започнува со недијагностицирани групи на респираторни заболувања. И пандемијата со ковид-19 првпат беше пријавена како невообичаен видов на пневмонија.

Странски научници велат дека состојбата треба внимателно да се следи, но не се убедени дека неодамнешниот пораст на респираторни болести во Кина е сигнал за почеток на нова глобална пандемија.

Појавата на нови типови на грип или други вируси кои можат да предизвикаат пандемија најчесто започнува од недијагностицирани групи на респираторни болести. И последната пандемија со Ковид-19 за првпат исто така беа пријавени како необични видови на пандемија.

СЗО забележува дека властите во кинеската Национална здравствена комисија на 13 ноември пријавиле пораст на респираторните болести, за што рекоа дека е последица на укинувањето на ограничувањата за изолација поради ковид-19. Други земји исто така забележале скок на респираторните болести, токму кога престанаа ограничувањата поради пандемијата со ковид-19.

„Не е јасно дали тие се поврзани со севкупниот пораст на респираторните инфекции претходно пријавени од кинеските власти, или одделни настани“, соопшти СЗО, додавајќи дека побарала од Кина повеќе детали за тековно циркулирачките вируси.

Франсоа Балу од Универзитетскиот колеџ во Лондон, изјави дека сегашниот бран на болести во Кина веројатно е резултат на респираторни заболувања како грип или бактериска инфекција.

Тој рече дека Кина веројатно доживува значителен бран на детски инфекции бидејќи ова е прва зима откако во оваа земја е укинат карантинот, што според него веројатно го намалил и колективниот имунитет на децата.

„Доколку не се појават нови докази, нема причина да се сомневаме во појавата на нов патоген“, рече Балу.

СЗО соопшти дека северна Кина пријавила скок на случаи на грип од средината на октомври во споредба со претходните три години. Епидемии веќе наполнија неколку болници во северна Кина, вклучително и Пекинг, а здравствените власти побараа од јавноста да ги носи децата со поблаги симптоми во други установи.

види ги сите денешни вести

Бајден подготвува нови санкции за Русија пред мандатот на Трамп

Американскиот претседател Џо Бајден, Вашингтон, 8 декември 2024 година.
Американскиот претседател Џо Бајден, Вашингтон, 8 декември 2024 година.

Американскиот претседател Џо Бајден се очекува следната недела да воведе нови санкции против руската економија, според американски функционер, како дел од мерките за зајакнување на Украина соочена со агресијата на Москва, пред Доналд Трамп да ја преземе функцијата.

Санкции се очекуваат, рече функционерот кој побара да остане анонимен, бидејќи администрацијата на Бајден денеска (9 јануари) објави нова воена помош од 500 милиони долари за Украина, која се очекува да вклучи проектили за противвоздушна одбрана, муниција и опрема за поддршка на борбените авиони Ф-16.

Враќањето на новоизбраниот претседател Трамп во Белата куќа на 20 јануари ги поттикна шпекулациите за дипломатско решение за ставање крај на инвазијата на Москва, но и стравот во Киев дека набрзина постигнатиот мир може да има висока цена.

Советниците на Трамп изнесоа предлози за ставање крај на војната во Украина, со кои практично во догледна иднина на Русија би и се отстапиле големи делови од украинската територија.

Соработниците на Бајден велат дека сакаат да ја стават Украина во најсилна позиција на бојното поле за да имаат предност во можните преговори со Русија оваа година.

Засега нема детали за санкциите што Бајден би ги наметнал на Русија во своите последни денови како претседател, иако неговите соработници ги информирале соработниците на Трамп за чекорите што ги преземаат, рече функционерот.

Ројтерс претходно оваа недела објави дека три извори рекле оти САД планираат дополнителни санкции насочени кон приходите на Русија од нафтата, кои помагаат во финансирањето на нејзината војна против Украина.

Еден од изворите рече дека санкциите ќе бидат насочени кон две руски нафтени компании, повеќе од 100 танкери, трговци со нафта и руски осигурителни компании, без да прецизира за кои субјекти станува збор.

Извор: Ројтерс

МНР ја осуди изјавата на лидерот на бугарска „Преродба“ за припојување на Северна Македонија кон Бугарија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија соопшти дека „силно ја осудува објавата на лидерот на бугарска политичка партија Преродба, Костадин Костадинов, и актуелен пратеник во Народното собрание на Бугарија, на Фејсбук со која изразува јасни територијални претензии кон нашата држава“.

„Таквите злонамерни изјави на официјални личности од бугарската политичка сцена се директен напад на суверенитетот, интегритетот и независноста на нашата држава и истовремено се во директна спротивност со правилата и принципите на меѓународното право, немешањето на државите во нивните внатрешни работи и политиката на градење добри меѓусоседски односи“, македонското МНР во реакцијата.

Лидерот на ултаранационалистичката и крајнодесничарска бугарска партија „Преродба“, Костадин Костадинов, ја повика владата во Софија официјално да објави претензии за припојување на Македонија и на украинската област Јужна Бесарабија кон Бугарија.

Оваа негова изјава е дел од објавата, во која Костадинов ги поддржува изјавите на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, за Канада и Панамскиот Канал.

Изјавата на Костадинов, за македонското МНР е „недолична и непримерна“.

„Ваквата недолична изјава на Костадинов, очекуваме од официјална Софија да биде отфрлена како непримерна на духот и времето во кое живееме, европските стандарди кои силно ги почитуваме и спротивно на нашите залагања за обезбедување траен мир, безбедност и просперитет во Европа и пошироко“, стои во соопштението на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Јаневска: Мора да се запре со нарачаните магистерски и докторски трудови

Весна Јаневска, Министерка за образование и наука
Весна Јаневска, Министерка за образование и наука

Појавата на нарачана изработка на магистерски и докторски трудови мора да запре, порачува Министерката за образование, Весна Јаневска.

Според неа, Министерството веќе работи на воведување стандарди и мониторинг во високото образование.

„Веќе е јавна тајна во Македонија дека се случуваат вакви неправилности. Она што го правиме секојдневно според можностите кои ни ги дава законот и според човечките капацитети кои ни се на располагање, е да сме присутни во сите високообразовни институции и научни институции. Во неколку државни универзитети веќе се одземени неправилно стекнати звања. Одредени луѓе се отпуштени од работа“, рече Јаневска на денешната прес-конференција во Министерството за образование и наука (МОН).

Таа очекува новиот Закон за високо образование на кој работи МОН, Законот за научни истражувања и националната рамка за квалификација на полиња, подрачја и области, кои треба да се донесат како пакет, да го подобрат квалитетот на високото образование.

„Кога ќе бидат готови, уште еднаш комисија од МОН ќе ги помине сите три документи, ќе направиме повеќе јавни расправи во универзитетите, доколку има потреба овојпат ќе имаме јавна расправа и во Собрание и потоа ќе го предадеме во владина и собраниска постапка“, дополни министерката.

Јанева рече и дека Законот за високо образование е при крај, а на него го подготвува работна група формирана во новото национално координативно тело за реформи во високото образование.

Командантот на либанската армија избран за претседател на земјата

Новиот претседател на Либан, Џозеф Аун, кој претходно беше командант на либанската армија, 16 декември 2024 година.
Новиот претседател на Либан, Џозеф Аун, кој претходно беше командант на либанската армија, 16 декември 2024 година.

Либанскиот парламент денеска (9 јануари) го избра армискиот командант Џозеф Аун за претседател на земјата, откако местото беше празно повеќе од две години поради неможноста за договор.

Изборот на Аун, за што има одобрение од САД, го покажува намаленото влијание на Хезболах поддржан од Иран по разорната војна на либанската милитантна група со Израел.

Хезболах е на американската листа на терористички организации, додека само неговото вооружено крило е на црната листа на ЕУ, но не и политичката партија која има места во либанскиот парламент.

Исходот од гласањето во либанскиот парламент, според Ројтерс, ја одразува промената на рамнотежата на силите во Либан и на поширокиот Блиски Исток, каде што шиитскиот муслимански Хезболах беше разнишан во минатогодишната војна со Израел, додека неговиот сириски сојузник Башар ал -Асад беше соборен во декември.

Тоа, исто така, укажува на оживување на влијанието на Саудиска Арабија во земја кадешто улогата на Ријад долго време беше засенета од Иран и Хезболах.

Претседателската функција во Либан, резервирана за маронитските христијани според системот на верска поделба на власта, е празна откако мандатот на Мишел Аун заврши во октомври 2022 година, бидејќи длабоките поделби спречија договор за кандидат кој би можел да освои доволно гласови во парламентот со 128 места.

Извор близок до саудискиот кралски двор рече дека француските, саудиските и американските пратеници му рекле на претседателот на парламентот Набих Бери, близок сојузник на Хезболах, оти меѓународната финансиска помош - вклучително и од Саудиска Арабија - е зависна од изборот на Аун.

Изборот на Аун е првиот чекор кон заживување на владините институции во земја која нема ниту шеф на држава ниту влада со целосни овластувања откако претходниот претседател Аун ја напушти функцијата.

Либан, чија економија сè уште се опоравува од разорниот финансиски колапс во 2019 година, има огромна потреба од меѓународна поддршка за обнова од војната, која според проценките на Светска банка би ја чинела земјата 8,5 милијарди долари.

Таравари: Нема лекарска грешка во врска со смртта на седуммесечното бебе

Министерот за здравство Арбен Таравари
Министерот за здравство Арбен Таравари

Нема лекарска грешка според извештајот во врска со седуммесечното бебе кое почина на детската клиника во Скопје, изјави денеска (9 јануари), министерот за здравство Арбен Таравари.

„За среќа, професионалците констатираа дека докторите немаат никаква грешка“, рече Таравари на денешната прес-конференција.

На прашањето каде бил проблемот за смртта на седуммесечното бебе, Таравари одговори дека најверојатно бебето е донесено подоцна на Клиниката.

„Можеби болеста си го направила своето, можеби подоцна е донесено детето. Меѓутоа, констатирано е дека нема лекарска грешка“, додаде Таравари.

Седуммесечно бебе починало на 16 декември на интензивна нега на Детската клиника во Скопје.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), кој изврши вонреден инспекциски надзор на Детската клиника откако почина седуммесечно бебе, предложи Министерството за здравство да покрене постапка за стручен надзор над лекувањето на бебето.

Било донесено на Клиниката на 9 декември, а потоа и на 11 декември кога заради влошената клиничка слика, хоспитализирано е на Одделот за неврологија. Креирани му се упати за повеќе испитувања, а на 13 декември заради натамошно влошување на здравствената состојба, трансферирано на Одделот за интензивна нега и терапија.

Откако во јавноста излезе веста за смртта на бебето, директорот на Детската клиника, Реџеп Мемеди рече дека биле запазени сите процедури и третмани и дека нема лекарска грешка.

Тој тврдеше дека се работи за неоснован притисок врз Клиниката и здравствениот персонал во оваа институција.

За неколку месеци ова е четврто починато дете на Детската клиника. Последниот случај беше со петтгодишно девојче кое почина од воспаление на мозокот.

По 12 неуспешни обиди, Либан близу до избор на претседател

Генерал Џозеф Аун, врховен командант на либанската армија
Генерал Џозеф Аун, врховен командант на либанската армија

Либанскиот парламент се очекува денеска (9 јануари) да го избере генералот Џозеф Аун за нов претседател на државата, по повеќе од две години политички застој.

Аун (60), кој е врховен командант на либанската армија, е фаворит за функцијата.

Неговото именување би помогнало во надгледувањето на примирјето на југот на Либан, каде конфликтите со Израел оставија голема штета.

Либан нема претседател од октомври 2022 година, кога истече мандатот на Мишел Аун.

Дванаесет претходни обиди за избор на претседател пропаднаа поради политичките поделби.

Меѓународниот притисок за избор на претседател се зголемува, а дипломатите од САД, Франција и Саудиска Арабија бараат итно решавање на кризата.

САД најавија нов пакет воена помош за Украина од 500 милиони долари

Украинскиот претседател Володомир Зеленски и американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, 9 јануари 2025 година
Украинскиот претседател Володомир Зеленски и американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, 9 јануари 2025 година

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на состанокот на земјите кои го поддржуваат Киев во Германија најави нов пакет воена помош за Украина од 500 милиони долари.

„Пакетот вклучува „дополнителни ракети за украинската воздушна одбрана, повеќе муниција, повеќе муниција воздух-земја и друга опрема за поддршка на украинските Ф-16“, рече Остин.

Украинските сојузници и претседателот Володимир Зеленски се состанаа во американската воена воздухопловна база Рамштајн во Германија за да разговараат за континуираната поддршка за Киев во војната со Русија.

На почетокот на состанокот во Рамштајн, Остин рече дека војната на Украина против инвазијата на руските сили „ е важна за сите нас“.

„Сите ние имаме удел во осигурувањето дека автократите не можат да ги стават своите империјални амбиции пред основните права на слободните и суверени народи“, рече Остин.

На состанокот Зеленски се залагаше за распоредување на западни трупи во Украина како еден од „најдобрите инструменти“ за „присилување на Русија на мир“.

„Нашата цел е да најдеме што е можно повеќе инструменти за да ја принудиме Русија да склучи мир. Верувам дека таквото распоредување на партнерски контингенти е еден од најдобрите инструменти“, рече Зеленски, осврнувајќи се на дискусиите за можното распоредување на западните трупи.

Зеленски рече дека сојузниците на Украина ќе мора повеќе да соработуваат кога новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата, додавајќи дека новата администрација ќе донесе „нови можности“ за САД.

„Јасно е дека започнува ново поглавје за Европа и за целиот свет - за само 11 дена, време кога мораме уште повеќе да соработуваме, уште повеќе да се потпираме еден на друг и заедно да постигнеме уште поголеми резултати. Јас на тоа гледам како време на можности“, рече Зеленски.

Рамштајн е најголемата воздухопловна база надвор од Соединетите Држави и беше домаќин на слични состаноци откако Русија ја нападна Украина пред речиси три години.

На конференцијата Остин ги покани министрите за одбрана и високите воени лидери од земјите-членки на украинската Контакт група.

Британскиот шеф на дипломатијата предупредува на дестабилизирачка реторика на Трамп

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами
Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами денеска (9 јануари) изјави дека е уверен дека повторно избраниот претседател на САД, Доналд Трамп, го признава Гренланд како дел од Кралството Данска, но сепак предупреди дека неговата реторика може да биде дестабилизирачка.

„Знаеме од првиот мандат на Доналд Трамп дека длабочината на неговата реторика и понекогаш непредвидливоста на тоа што го изјавува можат да бидат дестабилизирачки“, рече Лами во интервју за Би-Би-Си радио, одговарајќи на прашањето за намерите на Трамп да го направи Гренланд дел од САД.

„Што се однесува до Гренланд, мислам дека неговата загриженост е насочена кон активностите на Русија и Кина во Арктикот, како и кон националната економска безбедност. Сепак, уверен сум дека тој признава дека Гренланд денес е дел од Кралството Данска“, нагласи министерот Лами.

Уште во својот прв мандат, новоизбраниот претседател Доналд Трамп го изрази својот интерес за купување на Гренланд, кој е полуавтономна територија на Данска, американски сојузник и една од земјите што го основаа НАТО.

Исто така, таму има и голема американска воена база.

Предложениот претставник на САД во Украина вели дека Трамп сака рамноправен крај на војната

Претставникот за Украина и Русија, номиниран од Доналд Трамп изјави дека новоизбраниот американски претседател ќе ги земе предвид интересите на Киев кога ќе почне да работи на ставање крај на војната во Украина и дека ќе се обиде да обезбеди фер решение за двете страни, објави украинскиот сервис на РСЕ.

„Луѓето треба да разберат дека тој не се обидува да му даде нешто на рускиот претседател Владимир Путин или на Русите“, рече Кит Келог, пензиониран генерал-полковник кого Трамп го именуваше како свој пратеник да ги води преговорите за завршување на војната.

„Тој всушност се обидува да ја спаси Украина и да го зачува нејзиниот суверенитет. Тој ќе се погрижи тоа да биде фер и чесно, и тоа го кажа неколку пати“, вклучително и на украинскиот претседател Володимир Зеленски“, рече Келог во интервју за Фокс њуз.

Трамп за време на минатогодишната предизборна кампања рече дека би можел да стави крај на конфликтот во Украина во рок од 24 часа по преземањето на функцијата. Сега тој вели дека се надева дека ќе ги прекине борбите во рок од шест месеци.

„Се надевам на помалку од шест месеци“, рече Трамп на прес-конференција на прашањето дали може да ја реши војната во рок од половина година.

Келог рече дека би сакал уште пократка временска рамка од 100 дена од инаугурацијата на Трамп на 20 јануари.

„Работам на тоа. Тој исто така работи на тоа бидејќи сака да заврши (војната) што е можно поскоро. Знае дека е тешко, но тој е посветен на тоа“, вели Келог.

Келог одби да ја открие содржината на неговите разговори со Трамп за војната, велејќи дека повеќе информации ќе бидат објавени по инаугурацијата.

Тој посочи дека се поставуваат основите за разговорот меѓу Трамп и Путин.

„Ние ќе ги поставиме условите и тој ќе заврши во позиција каде што ќе разговара со Путин, а исто така и со претседателот Зеленски и мислам дека тие ќе дојдат до решение во блиска иднина“, рече Келог.

Келог не одговори на прашањето за одложување на патувањето што се очекуваше овој месец во Киев и во другите европски метрополи. Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха во средата најави дека посетата ќе биде одложена.

Претставникот номиниран од Трамп го критикуваше претседателот Џо Бајден дека не разговарал со Путин, велејќи дека поминале повеќе од две години откако разговарале. Трамп, од друга страна, подеднакво разговара со американските противници и сојузници, вели меѓудругото во интервјуто, Келог.

Шведска ќе купи германски тенкови во вредност од речиси две милијарди долари

илустрација
илустрација

Шведската армија ќе купи тенкови од германскиот производител на оружје „KNDS“ за 22 милијарди шведски круни (1,97 милијарди долари), изјави денеска министерот за одбрана Пал Јонсон за шведската јавна телевизија СВТ (SVT).

Договорот, потпишан кон крајот на декември, предвидува купување на 44 нови тенкови „Леопард“ 2 А8 и модернизација на 66 постоечки тенкови.

„Ова е апсолутно неопходна инвестиција“, рече Џонсон, додавајќи дека тенковите ќе и помогнат на Шведска да ја исполни својата цел за удвојување на капацитетот на својата војска.

Новите тенкови се планирани за испорака почнувајќи од 2028 година и се очекува да продолжат до 2031 година.

Шведска, која беше воено неврзана долги години, аплицираше за членство во НАТО заедно со нејзиниот сосед Финска по руската инвазија на Украина пред речиси три години.

Таа се приклучи на западната одбранбена алијанса во март минатата година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG