Достапни линкови

СДСМ, ДУИ и Алијанса на три ума за една предизборна листа


Илустрација, избори
Илустрација, избори

СДСМ и ДУИ се блиску до договор за настап на заеднички листи пред парламентарните избори, но конечен договор нема. Во дилема дали да им се придружи е и третата партија во владејачката коалиција, Алијанса за Албанците. Во опозицискиот блок ситуацијата е појасна. Извесни се двојни избори на 8 мај.

Почна лицитирањето меѓу партиите за тоа кој со кого би се здружил пред изборите напролет. Додека се поизвесно е дека на истиот датум, 8 мај, ќе се одржат и претседателски и парламентарни избори, а техничка влада би се формирала на 27 јануари, сепак уште се тактизира кои партии со заедничка листа ќе ја бараат довербата од гласачите.

Партиите се поделија во два блока – на едната страна се владејачките СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците кои навестуваат, но не кажуваат децидно дали би настапиле на заедничка листа на изборите за пратеници. На другата страна се опозициските партии на Албанците (Демократското движење на Изет Меџити, Беса на Билал Касами и Алтернатива на Африм Гаши) кои веќе е обединија под заедничкиот назив - Европски сојуз за промени и опозициската ВМРО-ДПМНЕ која настапува самостојно.

Заедничка листа на СДСМ и ДУИ и евентуално Алијанса би подразбирала дека на пример, во изборна единица број 6 (реонот на Тетово и Гостивар), носител на листата за пратеници би бил кадар на ДУИ. На второто место би бил кадар на Алијанса за Албанците (доколку остане во коалицијата) Третото место би било резервирано за СДСМ. Во изборните единици 3 и 4 (реоните на Штип, Велес, Струмица, Прилеп, Гевгелија) носител на листата би бил СДСМ, а подолу би биле местата за партиите на Албанците.

Колку таквите коалиции би биле успешни?

„Коалициите секогаш носат подобри шанси за да се стигне до посакуваниот број пратеници. Предизборните коалиции, особено оние надетничките, се покажале успешни за партиите на локалните и претседателските избори. Освен коалицијата СДСМ-БЕСА на изборите во 2020 година, досега немаше друг случај на коалиции потпрени на граѓанскиот концепт. Ако се случи коалиција меѓу СДСМ, ДУИ и АА, тогаш ќе биде втора надетничка соработка пред изборите, која би имала шанси да го добие потребното парламентарно мнозинство. Коалициите се особено важни за нашиот изборен систем, кој ги фаворизира“, вели аналитичарот Џелал Незири за РСЕ.

Според него, ако коалициите се познати уште пред избори, „граѓаните би биле поштедени од празни фолклористички кампањи, каде наместо за конкретни проекти се троши енергија за докажување кој е најголем патриот или кој е најголем предавник.

СДСМ анкетира, ДУИ тактизира, Алијанса дебатира

Меѓу СДСМ и ДУИ нема финален договор – се разгледуваат сите опции. Во СДСМ велат дека прават анкети дали за нивното членство е прифатлива заедничка листа со ДУИ, или секоја партија да оди со своја листа. Партиски извори од СДСМ велат дека се блиску до договор, но одлуката би се зависела и од резултатите од анкетите и би била позната следната недела. Тоа што не се знае тука е како ќе се позиционира третата партија во власта, Алијанса за Албанците.

Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, изјави дека кога се прават коалиции, клучно е да се споделуваат заеднички вредности за модерно општество и модерна држава.

„Со ДУИ имаме јасен коалициски договор објавен во 2020 година, секако дека за модалитетите со нив се разговара, но целта за остварување европска коалиција која ќе предводи широк фронт е клучната работа што ќе ги обедини партиите на следните избори. Сметам дека Алијанса го има тој капацитет, да разговара на такви теми и мислам дека на таа основа може да се водат разговори во однос на идните коалиции и настапи на изборите, но да оставиме да се водат разговори и официјалните партиски тела да носат одлуки во тој дел“ изјави Ковачевски завчера, по посетата на ИКТ Центарот за чување и заштита на податоци во Прилеп (20 ноември).

Во ДУИ сè уште размислуваат за можни предизборни коалиции, но не отфрлаат можност за коалицирање и со Алијанса за Албанците доколку од тоа може да се изгради посилна политичка платформа.

„Подготвен сум за една листа. Односно, сите албански партии на една листа и денес тоа е техника. Со нас, со нас, но секој со својата автономија. Подготвени сме овој фронт за Европа, да влеземе и со македонска партија, во случајов СДСМ“ рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во интервју за ТВ 21.

Во Алијанса за Албанците се на два ума – од една страна, не сакаат да се на иста листа со ДУИ, но од друга страна, заедничкиот настап би можел да им биде покорисен. Лидерот Арбен Таравари за Радио Слободна Европа најави дека конечната одлука ќе ја донесат партиските тела.

„Разговаравме за опцијата да одиме заедно на избори, со една изборна листа. Искрено, јас сметам дека во моментов е малку проблематично за нас како партија да бидеме со ДУИ на една листа, но никако не го затвораме тоа како прашање. Ќе направиме анализа, ќе разговараме со членството и следната недела ќе донесеме одлука“, најави Таравари.

Во ВМРО – ДПМНЕ имаат јасна позиција дека не би правеле предизборна коалиција.

„Чесно е да излезете со нешто што можете после тоа да го реализирате. Јас сум убеден дека ВМРО-ДПМНЕ самостојно ќе освои мнозинство во Собранието, така што нашиот настап ќе е насочен кон она што е визија на ВМРО-ДПМНЕ. Секако, после изборите, и поради реалноста во Македонија, ние сме спремни да поразговараме со потенцијални партнери од таканареченот „албански кампус“ и да видиме дали можат да ни се спојат програмите. Секако тука предност има она што е сега таканаречена албанска опозиција“, кажа Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ во интервју за Радио Слободна Европа.

Се здружуваат и „лути“ ривали

Зошто за Алијанса е проблематично да биде на иста листа со ДУИ?

„ДУИ и Алијанса за Албанците се спротивни во нивното политичко дејствување и размислување. Во нормални услови би биле лути ривали со нула шанси за коалиција. Но во еден ваков политички и геополитички контекст, кога земјата се соочува со клучни предизвици, една коалиција меѓу двете партии изгледа целосно логична. Двете партии немаат многу алтернативи за коалиција, така што ако одат одвоено ќе изгубат многу и едната и другата“, вели Незири.

Аналитичарот Благојче Атанасоски смета дека предизборна коалиција меѓу претставници на различни етнички заедници се добри позитивни од повеќе аспекти.

„Ќе се напушти или ќе мора целосно да се маргинализираат етничките теми и тези, особено кај етноалбанските политички партии, кои се сензитивни за македонскиот електорат. Ќе се говори за суштински и реални проблеми од секојдневниот живот на граѓанинот , без разлика на неговата етничка, религиска или било која друга припадност. Односно, ќе се говори за проекти, развој, инфраструктура, заедничка европска иднина“, вели Атанасоски.

Прво искуство на создавање предизборна коалиција меѓу условно кажано партија од т.н македонски блок со партија од албанскиот блок, беше коалицијата меѓу СДСМ и БЕСА за парламентарните избори во 2020 година.

Тогаш, коалицијата предводена од СДСМ освои 46 пратенички мандати. Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ доби 44 пратеници, а ДУИ освои 15 пратенички места. Коалицијата меѓу Алијанса за Албанците и Алтернатива имаше 12 пратеници.

XS
SM
MD
LG