Г-не Николоски, власта најавува дека до крајот на годинава ќе се донесат уставните измени. Ако се остварат нивните најави дека за уставните измени ќе гласаат дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, дали раководството на партијата ќе поднесе оставка, како што најави за себе и лидерот Христијан Мицкоски?
Тоа се празни приказни, година и пол трае оваа приказна. Уставни измени под бугарски диктат нема и нема да има, така што ова е затворено прашање.
Велите дека ниту еден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за уставни измени под бугарски диктат, ниту сега ниту после избори...
„Не, не. Ова го затворивме. Уставни измени нема да има, така што мислам дека е беспредметно воопшто да влегуваме тези и хипотези коишто единствена цел имаат да се замајува јавноста од вистинските тема, а тоа е на пример како е возможно да Државна лотарија се исели од државни простории и оди во приватни простории потпише 2,6 милиони евра кирија и после таа фирма е купена од син на пратеник од ДУИ. Тоа се реалните теми во Македонија. Така што да ја затвориме темата, уставни измени под бугарски диктат ни пред, ни после избори нема да има. Тоа е затворена тема.
Но, оваа обврска е веќе дел од преговарачката рамка со ЕУ. Како вие ќе ја смените преговарачката рамка?
Тоа се веќе работи за кои треба да понесат одговорност овие коишто пифатија ваков бугарски диктат, затоа што ова е понижување за Македонија и ние секако сме спремни да разговараме за продолжување на европскиот пат на Македонија, но само доколку и Бугарија е спремна да направи чекори. Бугарија само треба да го испочитува она што е основен принцип на владеење на правото, а тоа е меѓу другото почитување на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, којшто е највисок суд за човекови права во Европа, а таму има 14 пресуди коишто Бугарија не ги спроведува. Во моментов во процедура има уште 17 други процеси коишто исто така најверојатно ќе завршат со корист на Македонците во Бугарија. Бугарија досега нема спроведено ниту една. Исто така, Македонија мора да има јасни гаранции за својот многувековен идентитет, но исто така дека нема на следната станица да има повторно вето, како што треба и граѓаните да видат прогрес во однос на преговорите со Европската унија во однос на економската благосостојба што е најзначајно за нив. Така што сите овие елементи треба да се склопат за Македонија да оди напред и евентуално да направи некаков чекор. Но, уставни измени под Бугарски диктат се уцена и затоа ние не прифаќаме и тоа не се случи затоа што пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се спротивстави и не се изгласаа. Ова прашање заврши на 18 август.
Меѓутоа според претходното искуство, имаше ситуација кога дел пратеници на ВМРО-ДПМНЕ гласаа за уставните измени за промена на името. Што доколку овие најави на власта пак се остварат?
Тоа било во некои други времиња кога одредени структури на претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ биле во соработка со СДСМ. Ги гледаме јавно кои се тие структури. Таква работа сега нема, немаше и повторувам дека ова е затворено прашање. Еве временски само да го видиме таканаречениот француски предлог се прифати во јули 2022 година, сега сме ноември 2023 година. Да имало нешто, ќе се случело.
Вие сметате дека претседателските и парламентарните избори треба да се случат во еден термин споено, а власта се залага изборите да бидат разделено. Каква е политичката математика, зошто повеќе ви одговараат вам на еден датум а на власта на два одвоени ?
Тука мислам дека не се работи за политичка математика, се работи за реалност. Ако одиме што нас би ни одговарало политички, нас ни одговараат раздвоени избори, од проста причина што ќе победиме убедливо на претседателските избори и после тоа СДСМ ќе се доведе до ситуација да не може по 20 луѓе да најдат за да ги стават пратенички листи, затоа што извесно е каков драматичен пораз ќе им се случи на парламентарни избори. Така што ако гледаме од тесно партиски интерес, нас повеќе ни одговара изборите да се раздвоени. Но, мораме да го гледаме и другиот, а тоа е државниот интерес, затоа што ние пред се се занимаваме со јавна работа. До денес, на нашиот аргумент дека само за месец и пол до два, толку е разликата помеѓу претседателските и парламентарните избори, нема логика да се трошат дупло средства, дупло да се ангажираат избирачки одбори и целата држава да е замрзната седум месеци заради другите одредби од Изборниот законик во којшто многу активности на државата запираат во време на избори, ние не добивме кредибилен контра аргумент од другата страна зошто е подобро од економски аспект пред се и од практичен аспект за Македонија да има два изборни циклуси, а не да има еден споен изборен циклус. Всушност во минатото, секогаш кога изборите, од еден или друг тип, некогаш биле локални со претседателски, некогаш биле претседателски со парламентарни и биле вака блиску, се спојувале затоа што рациото тоа го кажува. До денес не добивме ниту еден кредибилен одговор на нашите прашања зошто за Македонија е подобро да потроши дупло пари и да е шест до седум месеци замрзната со своите активности за да спроведе два изборни циклуси.
Во изминатиов период ВМРО-ДПМНЕ излегуваше со обвинувања за корупција на функционери на ДУИ. Дали тоа значи дека ако победите по изборите нема да коалицирате со, како што вие велите криминалците од ДУИ?
После изборите една работа е сигурна, а тоа е дека Влада со ДУИ нема да има. Ова раководство на ДУИ за жал се криминализираше до максимален можен степен, скоро и да нема ден во којшто нема афера во којашто дел се претставници на ДУИ. Тоа е однесување коешто никој не може го толерира и однесување кое што треба да биде истражено од органите, а не да биде дел од владина работа, затоа што ние излегуваме со наша програма и таа програма не можете да ја спроведете со луѓе коишто одат сабајле на работа и размислуваат како да злоупотребат нешто или да направат криминал.
Слично велеше и СДСМ, односно тогашниот лидер на партијата Зоран Заев пред изборите во 2016 па и тој коалицираше со ДУИ.
Мислам дека една од причините што СДСМ е со ваков рејтинг каков што е и што се пред извесен пораз на парламентарните избори, е што не го реализираа тоа свое ветување.
Ако СДСМ оди во предизборна коалиција со албанска партија, дали ВМРО-ДПМНЕ би имало храброст да направи такво нешто?
Мислам дека не се работи за храброст, се работи за поклопување на изборни програми. Чесно е да излезете пред луѓето со нешто што после тоа можете да го реализирате. Јас сум убеден дека ВМРО-ДПМНЕ самостојно ќе освои мнозинство во Собранието, односно 61 пратеник, така што нашиот настап на парламентарните избори ќе биде насочен кон она што е визија на ВМРО-ДПМНЕ. Секако после изборите, и заради реалноста во Македонија, без разлика колку пратеници ќе освоиме, ние сме спремни да поразговараме со потенцијални партнери од таканаречениот албански кампус и да видиме дали можат да ни се спојат програмите. Секако тука предност ќе има она што е сега таканаречена албанска опозиција.