Достапни линкови

Вести

Почина актерот Мето Јовановски

Мето Јовановски
Мето Јовановски

Почина актерот Мето Јовановски, еден од доајените на македонската актерска сцена. Имаше 77 години.

Јовановски се појавува во над 60-тина филмски и телевизиски наслови. Неговите незаборавни улоги се во филмовите: „Најдолгиот пат“, „Македонскиот дел од пеколот“, „Црвениот коњ“, „Пред дождот“, „Тетовирање“, „Време води“, „Пресуда“, „Оловната бригада“.

Во 1971 завршил Театарска академија во Софија, Бугарија и истата година се вработил во Драмскиот театар во Скопје. Неговата глумечка кариера започнала на сцената на Народниот театар во Штип, каде настапувал уште пред да се запише на студиите. Оттогаш, за многу кратко време, Јовановски се истакнува како еден од водечките драмски уметници во Македонија.

За своите театарски, филмски и телевизиски актерски остварувања ги има добиено највисоките државни награди „Свети Климент Охридски“, „11 Октомври“ и „13 Ноември“.

види ги сите денешни вести

Харис го покани Трамп на втора дебата во октомври

Доналд Трамп и Камала Харис
Доналд Трамп и Камала Харис

Претседателската кандидатка на американските демократи, Камала Харис, го покани републиканскиот противкандидат, Доналд Трамп, на нова, втора предизборна дебата во октомври, помалку од еден час по завршувањето на првата дебата меѓу двајцата кандидати на ТВ Еј-Би-Си Њуз (ABC News).

„Под силните светла, американскиот народ го виде изборот со кој ќе се соочи оваа есен на гласачките места, помеѓу напредување со Камала Харис и уназадување со Трамп. Тоа го видоа вечерва и што треба да го видат на втората дебата во октомври“, се наведува во соопштението на кампањата на Камала Харис.

Како што додаваат од нејзиниот табор, Харис е подготвена за втората дебата, пренесе Еј-Би-Си Њуз.

Трамп, од своја страна, во првичната реакција на поканата рече дека демократите сакаат уште една дебата затоа што ноческа „изгубиле“, додавајќи дека ќе го преиспита предизвикот.

Фокс Њуз соопшти дека предложил одржување втора претседателска дебата во октомври, додавајќи дека се испратени писма до кампањите на кандидатите пред нивната синоќешна дебата.

Следната претседателска дебата не е закажана, додека дебатата меѓу потпретседателските кандидати Џеј-Ди Венс и Тим Вaлц ќе се одржи на 1 октомври.

Демонстрантите против судските реформи насилно влегоа во Сенатот на Мексико

илустрација
илустрација

Сенатот на Мексико ја продолжи расправата за контроверзните судски реформи на алтернативна локација, откако демонстрантите упаднаа во салата на Сенатот среде седницата.

Демонстрантите насилно влегоа во зградата на Сенатот додека траеше дебатата, со што ескалираа неколкунеделните масовни протести против реформите, за кои критичарите стравуваат дека може да го поткопаат владеењето на правото во земјата.

Дебатата продолжи во 19 часот по локално време, откако беше преместена на поранешната локација на Сенатот, во зградата Ксикотенкатл.

Претходно во текот на денот, претседателот на Сенатот Хозе Херардо Фернандез ја прекина седницата и побара од пратениците да останат мирни бидејќи демонстрантите ги преплавија горните катови на салата, извикувајќи „предавници“ спротивставувајќи се на реформите.

Главните трговски партнери на Мексико, САД и Канада, предупредија дека промените би можеле да го поткопаат трговскиот пакт на трите земји и негативно да влијаат на инвестициите.

Основата на уставната реформа, предложена од претседателот во заминување, Андрес Мануел Лопез Обрадор, се директни избори со гласање од народот за повеќе од 6500 судии, вклучувајќи го и Врховниот суд.

Со реформата се предлага и намалување на бројот на судии од Врховниот суд од 11 на девет, скратување на мандатот на 12 години и намалување на потребниот работен стаж од 10 на пет години.

Лопез Обрадор и новоизбраната претседателка Клаудија Шејнбаум силно се залагаат за реформите како клучни за да се бара одговорност од судиите и да се намали корупцијата. Критичарите ги нападнаа како концентрација на моќ од страна на владејачката партија.

САД воведоа нови санкции кон Иран по наводната испорака на ракети во Русија

Санкциите претходно ги најави американскиот државен секретар Блинкен за време на неговата посета на Лондон.
Санкциите претходно ги најави американскиот државен секретар Блинкен за време на неговата посета на Лондон.

САД денеска (10 септември) воведоа нови санкции кон Иран како одговор на воената поддршка на Техеран за Русија, вклучително и наводната неодамнешна испорака на балистички ракети за употреба во руската инвазија на Украина.

Санкциите, кои ги објави американското Министерство за финансии, опфаќаат 10 поединци и шест ентитети со седиште во Иран и Русија. Санкционираните, според Министерството за финансии, му овозможуваат на Иран да и испорачува на Русија компоненти на оружје и на системи.

Оружјето за кое САД наведе дека било пренесено вклучува беспилотни летала и балистички ракети со краток дострел (CBRM).

„На крајот на 2023 година, Иран и Русија потпишаа договор за испорака на стотици проектили. Во летото 2024 година, рускиот воен персонал беше обучен од иранскиот персонал за употреба на иранскиот проект 360 CBRM“, се вели во соопштението од Министерството за финансии.

Се додава и дека Русија ја примила првата пратка на балистички ракети од Иран претходно овој месец.

Соопштението за новите санкции дојде откако САД и клучните европски сојузници го обвинија Иран за опасна ескалација поради неговите малигни активности што ја загрозуваат безбедноста на Европа.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен за време на неговата денешна посета на Обединетото Кралство, со неговиот британски колега Дејвид Лами официјално го обвинија Иран за трансфер на ракети. Блинкен, исто така, ја обвини Москва дека споделува технологија што ја бара Техеран, вклучително и нуклеарната технологија.

Потоа, и германското Министерство за надворешни работи го прозва Иран поради неговата поддршка за руската воена агресија истакнувајќи дека иранските ракети би можеле да го погодат и европското тло.

Оттаму споделија заедничка германска, француска и британска изјава во која се осудува транспортот на ракети и наведоа дека тоа е „ескалација и од Иран и од Русија и е директна закана за европската безбедност“.

Шест македонски и еден српски државјанин осомничени за криумчарење мигранти

Кривичниот суд одреди притвор за петмината приведени.
Кривичниот суд одреди притвор за петмината приведени.

Шест државјани на Северна Македонија и еден на Србија се осомничени за криумчарење мигранти во истрага што ја отвори Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Тие се сомничат дека биле дел од организирана криминална група која шверцувала мигранти низ територијата на Северна Македонија до Србија. Лицата кои ги криумчареле биле од Сирија, Ирак, Конго, Нигерија и други земји.

Петмина од осомничените се приведени во акција што денеска, 10 септември, под кодно име „Кипер“ ја спроведе полицијата под раководство на обвинител. За сите приведени, по барање на обвинителството, Основниот кривичен суд Скопје, определи мерки притвор од 30 дена.

Едно од останатите две лица е во бегство и за него има определен притвор во друг случај, додека другото лице веќе се наоѓа во затворот Идризово на издржување на друга казна.

На отворањето на истрагата од ОЈО ГОКК и на денешната полициска акција претходела предистрага која траела од септември 2023 до јуни 2024 година.

Во шемата за криумчарење, според соопштението од обвинителството, се вмешани и други лица кои не се меѓу осомничените односно еден Пакистанец и едно засега неидентификувано лице од Србија, со кои се здружил првоосомничениот и ја организирал групата во Северна Македонија.

„Првоосомничениот на организиран и претходно договорен и воспоставен начин на телефонска комуникација користејќи телефонски броеви од српски мобилни оператори и интернет комуникација, заедно со останатите двајца организатори на криминалната група го планирал и договарал бројот на мигрантите кои ќе бидат пренесени на територија на Р.С.Македонија, притоа договарајќи ги локациите каде ќе бидат пренесени, времето и местото – точната локација каде се наоѓале мигрантите подготвени за прифаќање и натамошно превезување кон кумановско-липковскиот регион“, велат од обвинителството.

Со помош на водичи таканаречени качаци, мигрантите координирано биле водени на претходно утврдени и договорени локации. Оттаму, „качаците“ им ја испраќале локацијата на организаторите.

„Првоосомничениот ги известувал останатите припадници на групата и им давал задачи за обезбедување на товарни возила и изработување на импровизирани бункери во нив за прифаќање и превезување на мигрантите, а на седмоосомничениот припадник на групата му давал задача да ги прими и подигне парите исплатени за успешно извршеното криумчарење. Откако илегалните мигранти биле превезени до претходно договорените локации, првоосомничениот во договор со организаторот Н.Н. лице од Република Србија го организирал понатамошно прифаќање и криумчарење од Северна Македонија во Србија“, наведуваат од обвинителството.

Првоосомчничениот организатор на групата обвинителството го гони за делата „организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ и за „криумчарење на мигранти“.

Петмина од останатите се товарат дека ги направиле истите дела, но како членови на групата, додека седмиот осомничен се гони за помагање во едно од двете кривични дела.

Тајани: Ако не подадеме рака на Балканот, некои како Русија и Кина ќе сакаат да не заменат

Тајани денеска (10 септември) е во официјална посета на Северна Македонија.
Тајани денеска (10 септември) е во официјална посета на Северна Македонија.

Италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи и меѓународна соработка, Антонио Тајани, денеска (10 септември) од Скопје предупреди дека Европската Унија би можела да биде заменета на Западен Балкан од други земји кои имаат интерес од тоа, како Русија и Кина.

„Треба да се подаде рака кон оние народи кои сакаат да бидат со нас европејците, особено со нашите пријатели од Балканот. Треба да се решат проблемите што не се решени, за да може да се почитуваат европските прави за пристапување. Ако не го направиме тоа, ќе има некој друг што ќе сака да не замени, мислам на Русија, Кина и други делови од светот, мислам на Турција. Ние политички сме убедени дека Балканот е интегративен дел на ЕУ“, изјави Тајани за време на посетата на Северна Македонија каде одржа заедничка прес-конференција со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

Во обраќањето пред медиумите, тој рече дека земјите на Западен Балкан се европски и не може да ги гледаат Кина и други држави како нивни соговорници.

Тој додаде дека „не треба да ја направиме грешката да исчезне сонот на илјадници млади кои гледаат на Европа како на нивна втора татковина“.

„Работиме и ќе работиме за Северна Македонија да биде ефективен член на Европската Унија во што е можно пократко време“, рече Тајани.

Тој со Муцунски разговарал за ставот на Владата на Северна Македонија за уставни измени со одложено дејство односно тие да се изгласаат сега, но да стапат на сила со влегувањето на земјава во ЕУ.

Вметнувањето на бугарската заедница во Преамбулата од Уставот на Северна Македонија е услов за земјата да го продолжи пристапниот процес со ЕУ – да ја одржи втората меѓувладина конференција и да ги отвори првите поглавја.

Тајани не коментираше детално за оваа тема одговарајќи дека треба да се почекаат предлозите што ќе ги даде Северна Македонија.

„Ќе ги почекаме предлозите и формулациите на Република Северна Македонија. Мислам дека се дискутира на оваа тема, треба секако да се најде договор со Брисел, ние секако го поддржуваме дијалогот и од стратешки аспект ќе продолжиме да го поддржуваме пристапувањето на Република Северна Македонија во што поскоро време. Секако договарањето е помеѓу двајца. Северна Македонија испрати важни пораки за да одговори на барањата на Европа така што Северна Македонија ќе одлучи како да продолжи во директниот дијалог со Брисел“, рече шефот на италијанската дипломатија.

Муцунски, пак, рече дека тој не го дели ставот дека за одложена примена на уставните измени потребни се промени на преговарачката рамка и заклучоците од Брисел.

„Не го делам целосно ставот дека за моделот на одложна примена на уставните измени се потребни промени ниту на преговарачката рамка ниту на заклучоците. Тоа е прашање на правно толкување. Јас, на пример, сум застапник на ставот е дека тоа може да се направи без никаква промена. Ние имаме за цел прво да имаме предвидлив пат кон европските интеграции, а второстепено и да ја заштитиме политиката на проширување врз основа на вредности и принципи“, рече Муцунски.

За ова потенцираше тој, разговарал и со неговите колеги од Австрија, Хрватска, Унгарија, Холандија…

Според Муцунски, со одложената примена на уставните измени Владата прво го штити националниот интерес односно државата нема да биде повторно понижена и второ „се обезбедува пат кон полноправно членство врз основа на стандарди и критериуми“.

Шефот на дипломатијата на Северна Македонија ќе биде дел од делегацијата што ќе ја предводи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова при посетата на Софија во петок, 13 септември. Со нив ќе биде и министерот за култура, Зоран Љутков.

Засега нема официјална потврда дали и со кого од бугарските функционери се предвидени средби. Неофицијално, дел од медиумите во Бугарија и Северна Македонија пренесуваат дека извесно е оти в петок ќе се одржи и првата средба помеѓу Сиљановска-Давкова и бугарскиот претседател Румен Радев.

Сиљановска-Давкова со Муцунски и Љутков во петок во Софија

Ова ќе биде прва посета на Сиљановска-Давкова на Софија по доаѓањето на функцијата (фотоархива).
Ова ќе биде прва посета на Сиљановска-Давкова на Софија по доаѓањето на функцијата (фотоархива).

Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова во петок (13 септември) ќе ја отпатува за Софија што ќе биде нејзина прва официјална посета по стапувањето на функцијата на 12 мај.

Информацијата за посетата денеска (10 август) ја потврди министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој заедно со министерот за култура, Зоран Љутков, ќе бидат дел од делегацијата што ќе ја предводи претседателката.

Дел од македонските и бугарските медиуми објавија дека тогаш ќе се одржи и првата средба помеѓу Сиљановска-Давкова и бугарскиот претседател Румен Радев, но засега официјална потврда нема.

„Сè уште сме во договарање на деталите околу форматот на средбите, но секако кога ќе имаме и ние конечна информација и вие како медиуми ќе бидеме информации за тоа“, изјави Муцунски.

Засега, и од кабинетот на Сиљановска-Давкова нема потврда дали ќе има средба со Радев.

Бугарските медиуми претходно информираа дека претседателката ќе присуствува на операта „Набуко“ од Џузепе Верди, во изведба на Националната опера и балет.

Муцунски вели дека ваквата посета доаѓа во период кога помеѓу Софија и Скопје има непотребна тензија.

„Ова е посета наменета кон афирмација на меѓусебните релации, користењето на културната дипломатија како алатка за подобро разбирање меѓу двете држави во период кога постои една непотребна тензија во билатералните односи. Треба да најдеме начин за нормализација бидејќи тоа е во интерес и на трговијата и економијата и на политичката соработка. Така што, го сметам тоа како еден афирмативен гест од страна на претседателката и од страна на Владата“, рече Муцунски.

Сиљановска-Давкова и Радев по повод одбележувањето на „Св.Кирил и Методиј“ во мај беа во Рим, но таму не одржаа средба.

Односите меѓу двете земји се заладени во последниот период. На крајот на август, Бугарија ја повика македонската амбасадорка во Софија, Агнеза Руси-Поповска, на разговор поради изјава на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој меѓу другото, рече дека во Бугарија се „толку нефункционални што не можат ни избори да закажат“ и оти нема намера да одговара на изјави на „политички маргиналци“.

Неговата изјава дојде откако претходно од македонска страна неколку пати беше посочено дека со оглед на тоа што Бугарија ја води техничка влада без политички легитимитет, нема со кого да се комуницира од таа страна, на што бугарското Министерство за надворешни работи одговори дека Софија останува отворена за дијалог без разлика каква влада ја води, но и дека нема простор за репреговарање на обврските што ги презело Скопје.

Бугарија во ноември 2020 година стави вето за преговарачката рамка за Северна Македонија со Европската Унија поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.

Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис за преговарачката рамка на Северна Македонија која прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница. Од друга страна, пак, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање. По постигнатото решение, Северна Македонија на 19 јули 2022 година ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.

Актуелната Владата на Северна Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, пак, е на став дека може да се изгласаат уставните измени, но тие да бидат со одложено дејство односно да стапат на сила во моментот кога земјава ќе влезе во ЕУ.

САД и европските сојузници го обвинија Иран дека испорачува балистички ракети на Русија

Блинкен и Лами оваа недела ќе ја посетат Украина.
Блинкен и Лами оваа недела ќе ја посетат Украина.

Соединетите Американски Држави (САД) и клучните европски сојузници го обвинија Иран за малигни активности што ја загрозуваат европската безбедност преку наводно снабдување на Русија со балистички ракети со краток дострел.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен и неговиот британски колега Дејвид Лами официјално го обвинија Иран за трансфер на ракети. Блинкен најави и нови санкции против Техеран.

Тој, исто така, ја обвини Москва дека споделува технологија што ја бара Техеран, вклучително и нуклеарната технологија.

„Русија сега прими пратки од овие [ирански] балистички ракети и најверојатно ќе ги употреби во рок од неколку недели во Украина против Украинците“, рече Блинкен.

Германското Министерство за надворешни работи потоа го прозва Иран поради неговата поддршка за руската воена агресија истакнувајќи дека како резултат на тоа, иранските ракети би можеле да го погодат и европското тло.

Оттаму споделија заедничка германска, француска и британска изјава во која се осудува транспортот на ракети и наведуваат дека тоа е „ескалација и од Иран и од Русија и е директна закана за европската безбедност“.

На 9 септември Техеран силно ги отфрли обвинувањата дека и испорачувал такво оружје на Русија.

Експертите се согласуваат дека таквите проектили би можеле да бидат поттик за воените напори на Москва во соседна Украина, која веќе има корист од набавките на беспилотни летала.

Поддршката на Украина во нејзината одбрана од руската инвазија е една од главните теми на разговор за време на посетата на Блинкен на Лондон, која вклучува и средба со британскиот премиер Кир Стармер.

Потврдувајќи ја континуираната американска и британска помош за Украина, Блинкен и Лами најавија дека ќе отпатуваат во Украина оваа недела во, како што рече британскиот министер, „прва заедничка посета од ваков вид во повеќе од една деценија“.

„Ова е загрижувачка акција што ја гледаме од Иран“, рече Лами.

Тој порача дека САД и Обединетото Кралство се „целосно координирани околу потребата да се решат злонамерните активности на Иран во регионот и пошироко“, како и дека го сметаат Техеран за одговорен за поткопување на глобалната стабилност.

Блинкен рече дека наводното снабдување на Русија со балистички ракети со краток дострел од страна Иран им дава дополнителна способност и флексибилност на руските сили и ќе им овозможи да користат повеќе оружје со краток дострел во тековната војна против Украина.

Блинкен не наведе дека ќе има некаква промена во снабдувањето со воена или друга американска помош за Украина, но вети дека САД „внимателно ќе ги слушаат“ потребите и барањата на Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и голем број членки на НАТО ги охрабрија сојузниците на Киев да ги укинат ограничувањата за тоа како и каде украинските сили можат да го користат оружјето што Западот и го испорачува на Украина.

На 9 септември, Европската унија ги оцени како „веродостојни“ информациите обезбедени од сојузниците дека Иран доставил балистички ракети со краток дострел на Русија за да и помогне на Москва да ја води војната во Украина и навести дека ќе има „брз“ одговор од Брисел.

Соопштението дојде откако Кремљ не ги негираше директно ваквите информации и наместо тоа ја истакна својата соработка со Техеран во „најчувствителните области“. Иран, пак, „остро го отфрли“ тврдењата за снабдувањето со ракети на Москва.

„Силно ги отфрламе тврдењата за улогата на Иран во извозот на оружје на една од страните во војната“, рече на прес-конференција портпаролот на Министерството за надворешни работи на Иран, Насер Канани, на 9 септември.

Портпаролот на Стејт департментот Ведант Пател изјави дека САД се „неверојатно вознемирени од извештаите за трансфер на ирански ракети во Русија“.

Украинскиот премиер се надева на втор и поголем мировен самит за Украина

Украинскиот премиер Денис Шмихал (фотоархива)
Украинскиот премиер Денис Шмихал (фотоархива)

Украинскиот премиер Денис Шмихал се надева дека ќе се одржи втор мировен самит на кој ќе учествуваат поголем број земји отколку на сличниот ваков настан што беше организиран пред три месеци во Швајцарија, а чија цел беше да се стави крај на војната со Русија.

На својата прва прес-конференција по реконструкцијата на Владата минатата недела, Шмихал денеска (10 септември) изрази надеж дека следниот мировен самит може да се одржи на крајот на годинава и на него да учествуваат најмалку 150 земји.

Како дел од напорите за прекин на огнот, на барање на Киев мировниот самит во Швајцарија се одржа во јуни и од него 80-земји учеснички повикаа територијалниот интегритет на Украина да биде основа за секој евентуален мировен договор во иднина.

На самитот не беа поканети руски претставници, кои Киев ги обвини дека се несериозни и не се подготвени за можните мировни преговори.

Кина, која дипломатски ја поддржува Русија откако нејзиното партнерство со Москва беше потпишано неколку недели пред руските трупи масовно да влезат во Украина, одби да присуствува на тој собир.

Пред настанот во Швајцарија, рускиот претседател Владимир Путин излезе со свои услови за прекин на огнот кои вклучуваа и целосно предавање на четирите региони за кои Русија тврди дека ги присвоила во 2022 година.

Се тврди дека руските сили контролираат околу една петтина од територијата на Украина, вклучувајќи го и полуостровот Крим окупиран и анектиран во 2014 година. Руските сили во неколку наврати организираа и избори во окупираните украински делови, кои меѓународната заедница не ги признава, вклучително и изборите од минатиот викенд.

Украина, пак, ја презеде контролата на околу 1.200 квадратни километри руска територија откако на почетокот на август беше извршен ненадеен упад во јужниот дел на рускиот регион Курск.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела изјави на Украина не и е потребна руска територија, но оти целта на украинскиот упад во Курск била да се заземат руска територија и војници кои во иднина би се користеле за размена со Кремљ.

Зеленски постојано ги отфрла извештаите за меѓународен притисок со кој би се натерал Киев да се откаже од надежите за враќање на контролата на целата своја територија во замена за мир.

На 10 септември, руските медиуми го цитираа поранешниот руски министер за одбрана и актуелен секретар на рускиот Совет за безбедност Сергеј Шојгу, кој рече дека нападот врз Курск имал намера да го одвлече вниманието на Москва од нејзините цели во источна Украина. Но, рече тој, руските сили ја продолжуваат својата офанзива.

Словенија во последен момент го промени кандидатот за еврокомесар

Седиштето на ЕК во Брисел (фотоархива)
Седиштето на ЕК во Брисел (фотоархива)

Словенија во последен момент го промени името на својот кандидатот за иден еврокомесар, поради што за една недела е одложено претставувањето на новата Европска комисија (ЕК).

Во понеделникот (9 септември) Словенија ја номинираше Марта Кос, поранешна амбасадорка во Германија и Швајцарија. Овој предлог е во полза на целта на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, за порамномерна родова застапеност во идната Комисија.

До понеделник, словенечкиот кандидат беше од машки пол.

Заедно со Марта Кос меѓу кандидатите за идни комесари во новиот состав на ЕК сега има 11 жени и 16 мажи, што сè уште е далеку од најавената цел дека ќе има родова рамнотежа.

Урсула фон дер Лајен требаше да ги претстави кандидатите за идни комесари и ресорите што им ги додели во среда на 11 септември.

Но, овој план се пролонгира за следната среда, 18 септември, зашто словенечкиот парламент треба да ја потврди Марта Кос како официјален кандидат од Љубљана.

Портпаролот Ерик Мамер изјави дека во петок, на 13 септември, словенечкиот парламент ќе го даде своето мислење за предложената кандидатка за функцијата комесар и дека дури по овој чекор номинацијата на кандидатот од Словенија ќе биде официјална.

Прес-службата на Европскиот парламент (ЕП) соопшти дека поради промени во листата на кандидати, Европската комисија побарала парламентот да го одложи претставувањето на новиот состав на Комисијата.

Европскиот парламент го има крајниот збор во назначувањето на новите комесари откако тие ќе бидат сослушани во соодветните комисии во зависност од ресорот што ќе им биде доделен.

Секоја комисија ја оценува стручноста на кандидатот и оценката ја испраќа до претседателот на парламентот.

За изгласување на еврокомесарите потребно е апсолутно мнозинство од Европскиот парламент, што значи 50 отсто плус еден.

Доколку кандидатот не го добие потребниот број гласови, земјите-членки мора да предложат друг кандидат во рок од еден месец.

Негативната оценка од комисијата каде се прави сослушувањето може да ги натера кандидатите сами да се повлечат од процесот, како што се случувало и претходно.

По изборите во 2019 година, Европскиот парламент отфрли две кандидатури за еврокомесари, а потоа европратениците побараа од претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, да предложи нови имиња.

Вучиќ ќе претстави барања на Србија поради „нападите врз Србите на Косово“

Вучиќ денеска одржа средба со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.
Вучиќ денеска одржа средба со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека ќе претстави барањата на Србија, поради „суштинскиот и брутален напад врз српското население на северот на Косово“.

Како што рече Вучиќ, во следните 72 часа ќе и се обрати на јавноста и ќе каже „што не исполнила таканаречената меѓународна заедница, што бара Србија и што има намера да направи“.

Вучиќ ја даде изјавата за агенцијата Танјуг по средбата со специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак. Други медиуми не присуствуваа на изјавата.

Покрај Лајчак, Вучиќ, како што рече, имал средба и со американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил.

Вучиќ истакна дека Србија е секогаш подготвена за дијалог.

„Но, Србија не е подготвена и нема да дозволи прогон на српското население и сосема е јасно дека тоа стана единствената цел на владата на Курти“, додаде српскиот претседател.

Тој, како што најави, во октомври на српскиот парламент ќе му претстави „далекосежни предлози“ во врска со Косово.

По средбата со Вучиќ, специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, не се обрати пред медиумите.

Претходно тој изјави дека доаѓа во Белград за да ја подготви следната средба во рамки на дијалогот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово.

Минатата недела по истиот повод беше и во Приштина.

Во врска со затворањето на паралелните српски институции на северот на Косово, Вучиќ рече дека тоа се „незаконски и криминални“ одлуки на Албин Курти, потенцирајќи дека од земјите на Квинтата пристигнале само зборови на осуда, но дела не се гледаат.

Европската унија, но и САД, Франција, Велика Британија и Германија го критикуваа Косово за, како што рекоа, едностраните и некоординирани акции на северот на земјата.

Овие критики дојдоа откако косовските власти на 30 август затворија пет паралелни српски институции на северот на земјата, областа каде што живеат мнозинството Срби, а за кои Приштина рече дека работат под раководство на Србија, „прекршувајќи ја уставноста и законите на Република Косово“.

Институциите што ги затвори косовската полиција на 30 август се: Косовската област Митровица, паралелната општина Митровица, паралелната општина Звечан, паралелната општина Зубин Поток и паралелната општина Лепосавиќ.

Во Косово постојат општини, јавни претпријатија, детски градинки, основни и средни училишта и јавни универзитети кои се директно финансирани од Владата на Србија, а кои се наоѓаат во градовите и населбите каде што живеат Срби.

Според законите на Косово, овие институции се нелегални.

Во 2013 година, во дијалогот за нормализација на односите во Брисел, Косово и Србија постигнаа договор за затворање на паралелните институции, но договорот сè уште не е целосно имплементиран.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG