Достапни линкови

Бајден: Хамас и Путин имаат иста цел-да ја уништат демократијата


Џо Бајден ѝ се обраќа на нацијата од Овалната соба на Белата куќа, Вашингтон, на 19 октомври 2023 година
Џо Бајден ѝ се обраќа на нацијата од Овалната соба на Белата куќа, Вашингтон, на 19 октомври 2023 година

Американскиот претседател Џо Бајден, во телевизиско обраќање до нацијата, ги осуди милитантната организација Хамас и рускиот претседател Владимир Путин, велејќи дека зад нападот врз Израел и инвазијата на Украина стои заеднички мотив.

„Хамас и Путин претставуваат различни закани, но тие имаат едно нешто заедничко – сакаат да ја уништат демократијата во соседството“, рече претседателот на САД во обраќањето од Овалната соба на Белата куќа, кое е второ такво откако е на чело на државата.

Тој и порача на американската јавност дека „се наоѓаме на пресвртница во историјата“ среде конфликтот во Израел и вети дека ќе стори сé за да ги врати американските заложници кои ги држеше Хамас.

„Како што им кажав на семејствата на Американците кои ги држи Хамас, ги бараме сите начини да ги вратиме нивните најблиски дома. Како претседател, за мене нема поголем приоритет од безбедноста на Американците кои се држат како заложници“, истакна Бајден во својот говор.

Тој истакна дека „неговото срце тагува за трагичната загуба на палестински животи“ во експлозијата во болницата во Газа, повторувајќи дека проценката на Соединетите Држави е дека Израел „не е одговорен“ за инцидентот.

„Тагуваме за секој изгубен невин живот. Не можеме да ги игнорираме невините Палестинци кои само сакаат да живеат во мир и да имаат шанса“, рече американскиот претседател.

Тој посочи дека во петок ќе испрати итно буџетско барање до Конгресот за „финансирање на американските национални безбедносни интереси за поддршка на најважните партнери, вклучувајќи ги Израел и Украина“.

„Не можеме да дозволиме ситна, палава, партиска политика да застане на патот на нашата одговорност како голема нација. Не можеме и нема да дозволиме терористите како Хамас и тираните како Путин да победат. Одбивам да дозволам тоа да се случи“, рече Бајден.

Америка најави 100 милиони долари помош за Газа и Западниот Брег, а се очекува администрацијата на Бајден да предложи дополнителни 100 милијарди долари дополнителна помош за Израел, Украина, Тајван и обезбедување безбедност на границата меѓу САД и Мексико.

Администрацијата размислува за уште 60 милијарди долари за Украина и 10 милијарди долари за Израел, наведуваат извори за Гласот на Америка. Тој пакет треба да вклучува десетици милијарди долари за приоритети, од Азија до безбедноста на границите на САД.

Пораката на Бајден за солидарност со народот на Украина и Израел треба да ја охрабри јавноста да изврши притисок врз пратениците да одобрат помош од милијарди долари за помош на две странски земји во конфликти на кои им се гледа крајот, пишува Гласот на Америка.

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес моментално е во ќорсокак додека не се избере претседател. Затоа тој не е во можност да одлучува за законите, па дури ни за предлозите на Бајден за финансиска помош.

Околу десет отсто од испитаниците во минатонеделната анкета на Ројтерс и Ипсос рекоа дека Америка треба да ги поддржи позициите на Израел, кога имаат повеќе опции.

Во посебна анкета на Ројтерс и Ипсос претходно овој месец, речиси ист процент од испитаниците се согласија дека Вашингтон треба да обезбеди оружје за Украина.

Џо Бајден истакна и дека светот не може да се откаже од решението за две држави од израелско-палестинскиот конфликт.

„Колку и да е тешко, не можеме да се откажеме од мирот. Не можеме да се откажеме од решението со две држави. Израелците и Палестинците подеднакво заслужуваат да живеат безбедно, достоинствено и во мир“, порача претседателот на Соединетите Држави.

Америкаснкиот лидер укажа дека ако Запад и посебно САД престанат сега со помошта за Украина, тогаш „сите агресори ќе почуствуваат дека им се одврзуваат рацете“ и конфликтите можат да се рашират низ целиот свет, на пример во тихоокеанскиот регион и посебно на Блискиот исток.

„Американското лидерство ја поддржува безбедноста низ целиот свет. Ние треба да ја осигураме својата безбедност. Нашите вредности се важни само за нас, не смееме да ги оставаме на ризик. Не смееме да ја оставиме Украина, не смееме да го завртиме грбот нa Израел“, рече Бајден.

Бајден, исто така, ги повика сите Американци да се обединат во борбата против антисемитизмот и исламофобијата, што може да претставуваат закана за американското општество и американските вредности денес во позадина на случувањата на Блискиот исток.

XS
SM
MD
LG