Достапни линкови

Сопки на патот до новите „антикорупционери“


Државна комисија за спречување на корупција
Државна комисија за спречување на корупција

Мандатот на членовите на ДКСК истекува за четири месеци, без право за реизбор. Од Собранието „абер нема“ за избор на нова комисија, каде треба да се селектираат новите членови. Следи година на избори, што може да го отежне процесот, во неизвесност е и составот на комисијата за селекција.

Осми февруари е денот кога ќе „заѕвони“ ѕвончето за седумтемина нови членови на државната комисија за спречување корупција (ДКСК) да седнат во столчињата од кои треба да се справуваат со коруптивните случаи. Во претстојните неполни четири месеци треба да се случат повеќе процеси кои ќе ги донесат антикорупционерите на своите функции.

Според Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси со кој е пропишан и начинот на избор на кандидатите, прво на потег е Собранието. Тоа треба да распише оглас за избор на нови членови три месеци пред престанок на мандатот на актуелните членови што би значело дека најрано огласот ќе се распише на 7 ноември оваа година.

Заинтересираните кандидати имаат рок од 10 дена за да се пријават на огласот, а исто толку време Комисијата за прашања на изборите и именувањата да создаде Комисија за селекција на кандидатите. Таа е составена од седум членови од кои двајца се пратеници од власта, двајца пратеници од опозицијата и еден номиниран од Народниот правобранител, и двајца од Советот за соработка на Владата со невладиниот сектор и со медиумите, но да се претставници од граѓанскиот сектор и од медиумите, а не од Владата.

Според законот Комисијата за селекција ја формира листата на кандидати и по пет дена започнуваат интервјуата. Интересно е тоа што на интервјуата присуствуваат претставници на повеќе институции како и невладини организации и можат да поставуваат прашања на идните антикорупционери, а се ова се пренесува на Собранискиот канал, што е еден од најтранспарентните избори.

Листа со најдобрите кандидати формира Комисијата за селекција, а Комисијата за избори и именувања ја потврдува. Законот предвидел дека ако не се случи ова Собранието да ги изгласа идните членови, се почнува одново.

„Доколку Собранието не избере претседател и членови на Државната комисија, постапката за избор се повторува во целост со објавување конкурс веднаш, а не подоцна од рок од десет дена“, пишува во законот.

Изборот на нова антикорупциска комисија во „трка“ со изборите и кавгите

Роковите, изборите и кавгите може, но и не мора да бидат пречка за изборот на новиот состав на ДСКС, велат од невладините организации кои со законот е пропишано дека треба да учествуваат во процесот за избор на кандидати. И покрај тоа што Советот за соработка помеѓу владата и граѓанскиот сектор скоро две години не функционира сепак претставници од таму за избор на членови на ДКСК ќе има.

Според Снежана Камиловска Трповска, од Македонскиот центар за меѓународна соработка, Советот ја бојкотира Владата поради тоа што надлежностите за прераспределба на буџетски пари за НВО секторот од 2022 година на нетранспарентен начин се дадени на Министерството за политички систем, а годинава и воопшто не се предвидени пари. Премиерот Димитар Ковачевски пак воопшто не комуницира со претставниците на граѓанскиот сектор и покрај дописите да се разговара за проблемот. Сепак велат дека нема да дозволат тоа да влијае врз процесот за избор на ДКСК.

„Нема да дозволиме од нас да зависи бидејќи зборуваме за процес кој е од поголемо значење за државата и не смееме да дозволиме изборот на ДКСК да биде заложник на нашата несоработка со Владата. Законот е дециден и тој не вели дека треба да се номинираат членовите од областа на владеење на право и медиуми туку ние сме свесни дека тој точно пропишува дека веќе сме членови. Повеќе од потребно е да учествуваме во изборот и нема зошто да го оспориме членството“, вели Снежана Камиловска Трповска од МЦМС.

Истиот став го дели и Никола Додов од Здружение за потикнување и промоција на информатиката, кој според законот треба да е вториот член во комисијата за избор на ДКСК, а е преставник на медиумите и информатичкото општество. И тој е на став дека „кавгата“ со Владата не треба да е причина за да се бојкотира.

„Заеднички е ставот во Советот дека мора да се учествува на изборот на антикорупциска комисија“, вели Никола Додов, од Здружение за потикнување и промоција на информатиката.

Избор пред претседателските избори?

Но, се отвора уште едно прашање, а тоа е терминот на одржување на претседателските избори, но и можноста од предвремени парламентарни што зависи од политичките фактори во земјава. Мандатот на Претседателот Стево Пендаровски е до 12 мај, но рокот за избори ќе почне да тече од 14 март. На ова претходи и предизборна кампања па Собранието би требало да ги заврши сите процедури околу избор на нови членови на ДКСК пред да се распишат претседателските избори.

Интересно е тоа што во актуелниот закон не е предвидено продолжување на мандатот на стариот состав доколку не се избере нов. Актуелната Претседателка на ДКСК за Радио Слободна Европа, потврди дека на последниот состанок со претставници на Собранието разговарале и на оваа тема.

„Посочивме дека добро е да се запазат роковите и да има избор на нова комисија, дотолку повеќе што законот ограничува односно не дозволува до изборот на нова комисија да се продолжи мандатот на стариот состав. Не би требало да се доведе институцијата да остане без комисија имајќи пред вид дека следната е изборна година, а токму една од надлежностите на комисијата е следење и на изборните кампањи и финансирањето на политичките партии“, вели Билјана Ивановска, претседателката на Антикорупциската комисија.

И покрај обидите, од Собранието на Република Северна Македонија не добивме одговор дали ќе се запазат сите рокови и дали веќе на 8 ми февруари ќе има нов состав на ДКСК. Нема одговор ниту од Владата во чии рамки работи Советот за соработка со НВО секторот и медиумите од чии редови треба да се изберат двајца претставници во Комисијата за селекција. Од канцеларијата на Народниот правобранител велат дека до сега не добиле допис за назначување на член во Комисијата од нивната институција, но кога ќе добијат се разбира дека позитивно ќе одговорат на барањето.

Сепак Ивановска потсетува дека пред пет години кога беше избран актуелниот состав тоа се случи за само десетина денови, а веднаш по тоа беа распишани претседателски избори. Според неа ризици секогаш постојат, но доколку има политичка волја тогаш не би имало пречки за новата антикорупциска да започне со работа веќе на осми февруари.

Пет години мандат на ДКСК: Успеси, но и нереализирани предизвици

Државната комисија за спречување корупција е една од ретките институции ако не и единствена каде функционерите немаат право на реизбор, со што нема можност за „поправен“ за актуелниот состав. Претседателката Ивановска смета дека решиле доволно предмети со назнаката „корупција“, но поразително е што ниту еден не е процесуиран од Државното обвинителство до надлежен суд. Втор предизвик кои Комисијата го имаше зацртано пред себе а не успеа да го реализира до крај е носењето на Закон за потекло на имот.

„Сметам дека ДКСК главно ја изврши мисијата која ја имаше, посебно ако се има пред вид со кои ресурси располагаше кога го започна, мандатот, а какви резултати постогна до крајот. Разликата е очигледна. Доколку немавме препреки и ограничувања во нашата работа и подобри услови за работа, убедена сум дека резултатите ќе беа подобри. Фактите говорат дека многу мал процент од нашите препораки се прифатени од институциите, и ниту една наша иницијатива до Државното јавно обвинителство не е проследена до суд, на што постојано предупредуваше и меѓународната заедница. Законот за потекло на имот на кој работевме се подготвува но е многу поразличен од нашиот предлог кој требаше да истражува потекло за сите граѓани. Она што сега се подготвува е Закон за конфискација без судска пресуда што за нас е проблематично, бидејќи конфискацијата ќе се изврши без истражување на потеклото на имотот“, вели Ивановска.

Инаку во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава во евроинтегративните процеси, се вели дека Државната комисија за спречување на корупцијата отвори неколку предмети, вклучително и предмети против високи функционери. Комисијата наложи заклучоците од нејзините редовни извештаи целосно да се разгледаат.

„Напорите за подобрување на функционирањето на ДКСК треба да продолжат со натамошна распределба на финансиски и човечки ресурси. Дополнителни човечки и финансиски ресурси треба да се стават на располагање на Јавното обвинителство, истражните центри и органите за спроведување на законот задолжени за истражување корупција“, напиша ЕК во извештајот.

Спротивно на ова пак комисијата беше цел на повеќе вербални напади, откако отвори повеќе предмети за актуелни високи функционери. Комисијата беше предмет на критика од вицепремиерот, Артан Груби од редовите на ДУИ, кој рече дека „ДКСК не ја бива“. Реакција за работата на антикорупциска имаше и од кабинетот на вицепремиерката задобро владеење Славица Грковска за случајот со луксузниот службен автомобил на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко. Обвинителството и Судскиот совет исто така ја нарушија соработката со ДКСК.

Државната комисија за спречување на корупција во изминатиов период имаше низа реакции и иницијативи за кривично и прекршочно гонење на функционери. Реагираше на грешките на судовите при конфискацијата на имотот на фирмата „Трансмет“ на Сеад Кочан, бараше струшкиот градоначалник Рамиз Мерко да се гони кривично за незаконско назначување на директор на училиште, а поднесе иницијативи за кривично гонење и за генералните секретари на Владата на РСМ, Драги Рашковски и Мухамед Зекири. Реагираше и дека поранешниот член на Рeгулаторната комисија, Куштрим Рамадани од редовите на ДУИ не смее да биде именуван за директор на МЕПСО поради судир на интереси.

Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси со кој се воведе новиот начин на избор на членови на ДКСК беше донесен во јануари 2019 година. Ова беше прв состав избран преку интервјуа на кандидатите кои сами се пријавуваа за функцијата член на антикорупциската комисија, а целата процедура се пренесуваше на телевизискиот собраниски канал. Целта беше да се прецизираат мерките и активностите за спречување на корупцијата во власта, јавните овластувања, службената должност и политиката, како и да се спречи судирот на интереси и да се спречи корупцијата при вршење работи од јавен интерес.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG