Парламентарните избори во Словачка, кои ќе се одржат во сабота, на 30.09.2023, би можеле да имаат одек и пошироко од оваа релативно мала централно европска држава.
Ако им се верува на анкетите, постојат големи шанси Роберт Фицо, популист од партијата Смер, да се врати на власт откако беше премиер од 2006 до 2010 година и повторно од 2012 до 2018 година. Неговото враќање може да има големо влијание за западната политика, особено кон Украина.
Водечката про-западна партија, Прогресивна Словачка, на само неколку дена до парламентарните избори, заостанува во анкетите.
Така, додека расположението на нивните митинзи изгледа опуштено, ако погледнете под површината, ќе видите дека луѓето се загрижени за идните опасности за Словачка, но и за Украина.
Еден посетител на собир на партијата Прогресивна Словачка вели:
„Малку сум загрижен. Се плашам дека, за жал, демократијата може да добие удар по овие избори, ако Словачка се приближи кон исток, до Русија итн.
Знам каков став заземаат другите партии кон Украина. Тие се многу про-руски настроени, според мене. Така што може да биде многу лошо за Украина, тоа е мое мислење“.
Партијата СМЕР-СД на поранешниот премиер Роберт Фицо е фаворит за победа на изборите на 30 септември.
Тој ги критикуваше испораките на оружје на Словачка за Украина, кои вклучуваат системи за противвоздушна одбрана и борбени авиони МиГ-29, ветувајќи дека нема да биде обезбеден ниту еден куршум повеќе.
Роберт Фицо – лидер на партијата СМЕР-СД на еден од митинзите изјави:
„Зошто не водиме мировни преговори, побогу? Зошто секогаш зборуваме за тоа каква муниција ќе испратиме во Украина, какви тенкови ќе испратиме таму, колку милијарди евра ќе бидат потрошени за дополнително вооружување? Наивно е да се мисли дека Русија ќе го напушти Крим, наивно е да се мисли дека Русија ќе ја напушти територијата што ја контролира. Па, објаснете ми, што е доброто од сето ова убивање?“
Фицо се претставува како миротворец, но неговата партија ја повтори неоснованата реторика на Кремљ за постоење фашистички режим во Киев.
Ваквите ставови го оставаат Вјачеслав Мојсеенко вчудоневиден.
Тој побегнал овде од Украина во првите денови од војната, а куќата на неговата мајка била бомбардирана и ограбена од руските војници.
Вјачеслав Мојсеенко вели: „Овие политичари треба да одат во Украина и да видат што се случува. Можеби мислат дека се измамени за тоа. Цели градови исчезнуваат. Каде што имаше град, сега нема ништо. Како е тоа можно во 21 век? Искрено, не ги разбирам овие политичари.“
Но, неодамнешните анкети покажуваат дека многу Словаци навистина ги прифаќаат политичките пораки на партијата на Фицо.
Едно истражување во март покажа дека 51 отсто го обвинуваат Западот за војната во Украина, а 66 отсто сметаат дека Вашингтон ќе ја вовлече Словачка во војната.
Во меѓувреме, пред гласањето, Словаците страдаа од високата инфлација која во голема мера се припишува на конфликтот.
Водачот на Прогресивна Словачка, Михал Симецка, останува оптимист, но го признава обемот на предизвикот со кој се соочува.
„Многу луѓе се разочарани од политиката во земјата, легитимно, може да се каже. И ако се додаде на оваа фрустрација, ако се додадат тешките социјални и економски услови, ако се додадат геополитичките нервози, а ако се додадат и дезинформациите, плус руската пропаганда, ова е многу плодна почва за секој популист.“
Исходот од изборите во Словачка во голема мера ќе зависи од тоа дали Фицо или Симецка ќе можат да формираат владина коалиција со други партии.
Надворешно-политичките импликации значат дека постизборните преговори ќе бидат повнимателно следени од вообичаено надвор од границите на земјата.