Косовската полиција соопшти дека морала да реагира во самоодбрана поради напад на „криминални групи“ на северот на Косово каде утринава загина еден косовски полицаец, а во таа прилика е убиен и еден од напаѓачите.
Претходно на пресконференција за новинарите, косовскиот премиер Албин Курти го нарече денешниот ден како „тежок ден“ за Косово, откако изутрината во пукање во Звечан загина еден полицаец, а двајца беа повредени.
„Убиството на полицајците треба да се претвори во уште поголем ангажман во борбата против илегалните структури, криминалот и тероризмот, кои ја загрозуваат безбедноста на граѓаните и уставниот поредок“, изјави Курти за медиумите.
Нападите се уште траат
Курти извести дека во местото Бањска, каде е убиен косовскиот полицаец, и натаму се наоѓаат уште најмалку 30 тешко вооружени луѓе.
Тој тврди дека станува збор за професионална полиција и војска, дека се во и околу Бањскиот манастир и дека се чека нивното предавање.
Курти информираше и дека косовската полиција ги држи овие лица под опсада.
Косовскиот премиер на новинарите им покажа и фотографии, на кои, како што тврди се наоѓаат професионални униформирани сили, но не прецизираше на која точно единица припаѓаат.
„Нашите органи за безбедност и обвинителството секако дека ќе спроведат истрага за подобро да се разјасни чии се овие униформи“, рече Курти.
На фотографиите кои им ги претставил на новинарите се гледаат блиндирани возила без јасни ознаки и вооружени лица.
Рашко-призренската епархија го осуди нападот
Рашко-призренската епархија го осуди нападот врз косовската полиција, во кој загина еден полицаец и посочи дека овој настан може да има „големи последици“ и затоа е важно да се зачува мирот.
Оттаму додаваат дека Епархијата е загрижена бидејќи „група вооружени, маскирани лица со оклопно возило упаднале во манастирот (Бањска), при што ја скршиле заклучената манастирска капија“.
„Вооружени маскирани лица се движат низ дворот и повремено се слушаат истрели. Епархијата најостро го осудува отвореното насилство што се применува во верскиот објект на Српската православна црква, повикувајќи ги сите страни што поскоро да го прекинат конфликтот“, се вели во соопштението на Епархијата.
Сепак, ниту оттаму не е прецизирано кои се „вооружените маскирани лица“.
Осуди од меѓународната заедница
Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џеф Ховениер, ги осуди, како што рече „оркестрираните, насилни напади врз косовската полиција“.
„Косовската полиција има целосна и легитимна одговорност за спроведување на владеењето на правото во Косово. Сторителите морааат да бидат и ќе бидат повикани на одговорност и изведени пред лицето на правдата“, објави Ховениер на социјалната мрежа „Х“.
На социјалните мрежи се огласи и амбасадорот на Германија во Косово, Јорн Роде, кој порача дека сторителите на убиството мора да бидат пронајдени и изведени пред лицето на правдата.
„Во Косово треба да се спроведе владеење на правото“, напиша Роде на социјалната мрежа Х.
И Бујар Османи го осуди пукањето на Косово
Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи најостро го осуди денешното пукање на сверот на Косово во кое еден полицаец е убиен, а двајца се повредени.
„Најостро го осудувам убиството на полицаец во северниот дел на Косово. Моето срце е со неговото семејство и колегите. Целосна поддршка, сторителите на овој грозоморен чин да бидат изведени пред лицето на правдата. Актите на насилство нема да ја поткопаат стабилноста на Косово. Безбедноста на граѓаните на прво место“, напиша Османи на социјалните мрежи.