Достапни линкови

Вести

Откриени македонски токсични пиперки во Хрватска

црвена пиперка, илустрација
црвена пиперка, илустрација

Токсичен пестицид бил откриен кај црвени пиперки во Хрватска, кои биле увезени од Македонија, јавуваат хрватските медиуми.

„Во пиперките од Северна Македонија откриени се остатоци од пестицидот форметанат. Ризикот е сериозен“, се наведува во известувањето од Европскиот систем за брзо предупредување за храна.

Станува збор за пестицидот „форметанат“, којшто како ефикасен инсектицид се користи во производството на овошје и зеленчук.

Но, пестицидот e забранет во Европската Унија поради сомневање дека може да влијае на здравјето на луѓето.

„Форметанат“ е високо акутно токсичен доколку влезе во организмот по орален пат, умерено токсичен е ако се вдише, а има ниска акутна токсичност ако дојде во контакт со кожата.

Клинички знаци по акутна и хронична изложеност на форметанат кај стаорци се намалена телесна тежина, а кај кучињата прекумерна саливација, отежнато дишење, тремор, повраќање, кашлање.

види ги сите денешни вести

Клучниот советник на Трамп бара нов притисок врз Иран

Кит Келог.
Кит Келог.

Специјалниот пратеник на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за Русија и Украина за време на настан на иранската опозиција во Париз, повика на враќање на „максимален притисок“ врз Техеран за да се изврши притисок да дозволи поголема демократија и да ја прекине поддршката за екстремистичките елементи во Блискиот Исток.

„Овие притисоци не се само кинетички, само не се воена сила, туку тие мора да бидат и економски и дипломатски“, рече Кит Келог, пензиониран генерал-полковник на 11 јануари пред присутните на собирот на Националниот совет за отпор на Иран ( NCRI) – која Техеран ја смета за терористичка група.

Трамп вети дека ќе се врати на политиката за „максимален притисок“ што ја водеше за време на неговиот претходен мандат, со цел да ја попречи иранската економија доволно за да ја принуди земјата да преговара за нејзините нуклеарни и балистички ракетни програми и да ги ограничи регионалните активности.

Трамп во 2018 година го повлече Вашингтон од историскиот нуклеарен договор потпишан со светските сили, со што повторно беа воведени осакатувачки санкции кон Иран. Трамп рече дека условите не се доволно строги за да се спречи Иран да развие нуклеарно оружје.

Во Париз, Келог рече дека сега има можности „да се промени Иран на подобро“, но дека „мора да ја искористиме слабоста што сега ја гледаме. Надежта е таму, исто така мора да биде и акцијата“, рече тој.

Веднаш не беше јасно дали патувањето на Келог и изјавите за политиката кон Иран биле директно синхронизирани со Трамп.

Трамп на 27 ноември го избра Келог, кој долго време служеше како врвен советник за одбранбени прашања, како негов специјален пратеник за Украина и Русија.

На почетокот на овој месец, Келог го одложи патувањето што се очекуваше да го направи во Киев и другите европски метрополи до преземањето на функцијата на Трамп на 20 јануари.

Во меѓувреме, Хусеин Салами, командант на иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ), на 11 јануари ја предупреди администрацијата што доаѓа дека стратешките погрешни пресметки може да доведат до вооружен конфликт.

Тој додаде дека војската на Техеран не е толку слаба како што некои веруваат.

„Знаеме дека таквите мислења се соништа на непријателот, а не реалност на теренот“, рече тој, според државната новинска агенција ИРНА.

„Бидете внимателни, не правете стратешки грешки или погрешни пресметки“, рече тој, без директно да го спомене Трамп.

Администрацијата на Трамп во 2019 година официјално ја назначи ИРГЦ за странска терористичка организација.

Шест лица спасени од снежна блокада во село Рајчани

Стојанче Ангелов, директор на Центар за управување со кризи (ЦУК).
Стојанче Ангелов, директор на Центар за управување со кризи (ЦУК).

Пет малолетни лица и едно возрасно лице беа извлечени од снежна блокада во село Рајчани, Општина Кочани, поради обилните снежни врнежи.

Информацијата била пријавена во Центарот за управување со кризи (ЦУК) преку бројот за итни случаи 112 во 09:53 часот.

ЦУК преку Секторот за операции и координација веднаш ги информирал СВР Штип, Полициската станица Кочани, лицето за контакт од Општина Кочани и градоначалникот на општината за да се организира спасувањето, се вели во соопштението.

Во 11:50 часот лицата биле извлечени со теренско возило обезбедено од член на Доброволната планинска спасувачка служба „Осогово“ од Кочани.

Сите лица се безбедно извлечени и предадени на нивните родители, информираа од ЦУК.

Во Белград 15 минутен молк за 15 загинати во Нови Сад

Белград - Студентите го блокираа мостот Газела и еден од најважните автопати во Белград - 10 јануари 2025 година
Белград - Студентите го блокираа мостот Газела и еден од најважните автопати во Белград - 10 јануари 2025 година

На 12 јануари, дел од студентите на Правниот, Електротехничкиот, Архитектонскиот, Машинскиот, Градежниот, Технолошко-металуршкиот факултет и граѓаните одржаа 15-минутно молчење во центарот на Белград, во чест на загинатите во уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад.

Митингот на раскрсницата на улиците Белградска и Кралот Александар помина без инциденти.

Со акцијата наречена „Запри, Србија“, граѓаните на улиците низ Србија секојдневно им оддаваат почит на загинатите на 1 ноември во Нови Сад. Комеморацијата започнува во 11:52 часот, времето кога се урна настрешницата и кога загинаа 15 луѓе, а симболично трае 15 минути во чест на 15-те жртви.

Студентите во Србија изминатиов месец и половина блокираа повеќе од 60 факултети, барајќи одговорност од властите за смртта на 15-те и тешките повреди на две лица во Нови Сад.

Студентите протестираат и бараат објавување на комплетната документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад, по што се урна настрешница.

Тие, исто така, бараат отфрлање на обвиненијата против уапсените и приведени студенти и активисти за човекови права и итно гонење на цивилите кои тепале студенти и професори за време на протестите.

Центар за граѓански комуникации: Најмалку 3,5 милиони евра за чистење снег на патиштата

Илустративна фотографија. Чистење на улиците на град Скопје од снег.
Илустративна фотографија. Чистење на улиците на град Скопје од снег.

Досега се склучени договори вредни 3,5 милиони евра за справување со снегот и мразот на патиштата и улиците низ земјава, но оваа сума ќе се зголемува бидејќи уште 13 тендери се во тек. Ова го покажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации за трошоците за зимско одржување, објавено денеска.

Истражувањето открива загрижувачки факти: Јавното претпријатие за одржување на патиштата сè уште нема склучено договор со фирма за зимско одржување, додека конкуренцијата на тендерите е речиси непостоечка. Просечниот број на понуди по тендер изнесува 1,4, а на 71 % од тендерите е доставена само една понуда.

Најголем тендер, вреден 1,3 милиони евра годишно, е за набавка на индустриска сол од страна на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта.

Градот Скопје и уште 8 скопски општини заедно ќе потрошат повеќе од 1 милион евра за улиците низ главниот град, велат од Центарот за граѓански комуникации.

Најмногу пари ќе добие фирмата Лугос ЛЦ – 2,3 милиони евра за две години, за индустриска сол за патиштата, се наведува во соопштението.

Истражувањето ги вклучува договорите кои се објавени на Електронскиот систем за јавни набавки заклучно со 10 јануари 2025 година, наведува Центарот.

Во соопштението стои дека се склучени вкупно 49 поединечни договори, коишто, покрај изнајмување возила и работници за зимско одржување, вклучуваат и набавки на сол и ризла за патиштата. Вакви тендери имаат: Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, 38 општини, Градот Скопје и Електрани на Северна Македонија.

Кога станува збор за фирмите, најголем договор имала фирмата Лугос ЛЦ од Скопје, која со Јавното претпријатие за одржување и заштита на патиштата има склучено двегодишен договор за снабдување со индустриска сол за патиштата во вкупна вредност од 2 милиони и 300 илјади евра.

Втора е фирмата Нексос Инженеринг од Скопје со договорот од 1 милион и 55 илјади евра склучен со Градот Скопје за двегодишно ангажирање на специјални возила за зимско одржување на улиците.

Трета е фирмата Анизор Драшко од скопското село Шишево која има склучено договори за зимско одржување со пет скопски општини во вкупна вредност од 342 илјади евра.

Од општините, Битола ќе потроши околу 250 илјади евра за зимско одржување, додека Кичево, Центар, Гази Баба, Гостивар и Струга имаат тендери вредни меѓу 92 и 134 илјади евра.

Истражувањето истакнува дека на повеќето тендери недостига вистинска конкуренција.

Нови 28 загинати во напади во Појасот Газа

Протести во Тел Авив, Израел, со барање на прекин на огнот и ослободување на заложниците, 11 јануари 2025 година.
Протести во Тел Авив, Израел, со барање на прекин на огнот и ослободување на заложниците, 11 јануари 2025 година.

Министерството за здравство на владата на Хамас во Појасот Газа објави дека 28 лица биле убиени во претходните 24 часа во израелските акции на палестинската територија.

Се наведува дека од 7 октомври 2023 година, кога започна израелската офанзива на Газа по нападот на Хамас врз Израел, се убиени вкупно 46.564 Палестинци, главно цивили.

Малала Јусафзаи, пакистанска активистка и добитничка на Нобеловата награда за мир, на 12 јануари изјави дека Израел го десеткувал образовниот систем во Појасот Газа.

„Тие ги бомбардираа сите универзитети, уништија 90 отсто од училиштата и неселективно ги гаѓаа цивилите кои се засолниле во училишните згради“, рече Јусафзаи на самитот за образование на девојчињата во Исламабад.

Медиумите во Израел ја пренесоа веста, наведувајќи дека палестинскиот екстремистички Хамас користи цивили како жив штит и се бори од цивилни области, вклучувајќи домови, училишта, болници и џамии.

Иако Хамас, организација која Европската унија и САД ја сметаат за терористичка, најави индиректни преговори во Катар за воспоставување прекин на огнот во Појасот Газа, резултати засега нема.

Палестинската страна најави дека исходот од разговорите треба да биде прекин на непријателствата, повлекување на израелската армија од Појасот Газа и дефинирање на механизми за враќање на бегалците.

Повеќе од една година Катар, заедно со САД и Египет, преговара за прекин на огнот и ослободување на израелските заложници држени во Појасот Газа по нападот на Хамас врз Израел.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху одобри продолжување на преговорите во Катар претходно оваа година.

Во нападот на Хамас во 2023 година, 1.200 Израелци беа убиени, а 251 заложник беа киднапирани и однесени во Газа.

Израелската страна тврди дека 96 заложници се уште се во Газа, вклучително и 34 кои војската ги прогласи за мртви.

Македонски Бугари оддадоа почит на споменикот на Мара Бунева во Скопје

Положување цвеќе на спомен-плочата на Мара Бунева во Скопје, 12 јануари 2025.
Положување цвеќе на спомен-плочата на Мара Бунева во Скопје, 12 јануари 2025.

Група од десетина граѓани кои се идентификуваат како македонски Бугари денеска ја одбележаа 97-годишнината од смртта на Мара Бунева со положување цвеќе на спомен-плочата поставена во нејзина чест на кејот на реката Вардар, во центарот на Скопје.

Настанот започна со панихида во црквата „Св. Димитрија“, по што учесниците се упатија кон спомен-плочата. Покрај плочата, тие поставија и слика на Мара Бунева, оставија цвеќе и се фотографираа заедно, по што се разотидоа.

Положување цвеќе на спомен-плочата на Мара Бунева во Скопје, 12 јануари 2025.
Положување цвеќе на спомен-плочата на Мара Бунева во Скопје, 12 јануари 2025.

Во изјава за медиумите, еден од учесниците истакна дека очекуваат македонските Бугари да бидат вклучени во Уставот на Северна Македонија, истакнувајќи дека тоа ќе придонесе за надминување на омразата меѓу балканските народи.

„Македонија си е држава, но има и македонски Бугари. Ние месните, овде што се собираме, сме македонски Бугари. Кога еден ден ќе нѐ стават во Уставот, се ќе си дојде на свое место. Очекуваме тоа да биде наскоро, тоа е природен процес, мора да биде тоа така. Само ние не сме во Уставот“, рече тој.

Панихида за Мара Бунева во Скопје, 12 јануари 2025.
Панихида за Мара Бунева во Скопје, 12 јануари 2025.

Мара Бунева (1902 — 1928), родена во Тетово, на 14 јануари 1928 на кејот на Вардар во Скопје извршила атентат врз српскиот државен обвинител Велимир Прелиќ и потоа се самоубила.

Истрага во Црна Гора против Радоје Звицер и 12 членови на кавачкиот клан

Радоје Звицер, лидер на кавацкиот клан.
Радоје Звицер, лидер на кавацкиот клан.

Специјалното државно обвинителство на Црна Гора отвори истрага против Радоје Звицер и уште 12 членови на кавачкиот криминален клан, кои ги сомничи за убиството на Ристо Мијановиќ во ноември 2020 година, објави обвинителството на 9 јануари.

Како што наведоа, убиството на Мијановиќ го наредил Звицер, водачот на кавачкиот клан, една од 11-те организирани криминални групи кои дејствуваат во Црна Гора.

Според владината проценка за закана од сериозен и организиран криминал (SOCTA), бројот на кланови се зголеми од девет на 11 во последните три години.

Во документот не е прецизирано за кои групи станува збор, но двете најмоќни се клановите кавачкиот и шкалјарскиот клан.

Тие се претежно вклучени во шверц на кокаин на меѓународно ниво и често ги здружуваат силите со криминалните групи од земјите од Западен Балкан.

Токму поради шверцот на кокаин, Радоје Звицер од средината на ноември се наоѓа на листата на 50 најбарани бегалци во Европа.

Од 2020 година, кога беше тешко ранет во Киев, му се губи секаква трага. Европските документи укажуваат дека користел најмалку 15 лажни идентитети.

Заменик-уредничката на истражувачкиот портал КРИК Бојана Јовановиќ вели дека тој и неговите соработници се нашле под бројни истраги благодарение на „кршењето“ на шифрираната апликација SKY од страна на европската полиција, која криминалците ја користеле за сигурна комуникација.

Српскиот огранок на оваа група беше целосно разбиен на почетокот на 2021 година, со апсењето на Вељко Беливук и неговите соработници.

„Звицер успеа да остане на слобода со години и покрај истрагите во Црна Гора, но и во Србија, Грција и Австрија, па фактот што тој заврши на листата на најбарани бегалци на Европол не е големо изненадување“, вели Јовановиќ.

Таа исто така смета дека зголемувањето на бројот на кланови во Црна Гора се должи на податоците од апликацијата SKY:

„Токму благодарение на овие пораки беа разбиени одредени криминални групи, уапсени нивните водачи и членови, што создаде вакуум и услови за појава и развој на нови групи кои ќе ја пополнат таа празнина.

Но, ова, предупредува таа, не значи промена на доминантната активност на овие групи – шверц на кокаин од Јужна Америка во Европа.

Шестмина загинати во пожар во Чешка

Чешка противпожарна служба.
Чешка противпожарна служба.

Најмалку шест луѓе загинаа, а осум се повредени во пожар во ресторан во Мост во северна Чешка, изјави на 12 јануари чешкиот министер за внатрешни работи Вит Ракушан.

Од осумте повредени, шестмина се пренесени во тешка состојба во болниците во Мост и во Прага.

Соопштено е дека пожарот најверојатно бил предизвикан од плинска боца кога се превртела греалка на гас.

Пожарникарите евакуирале 20 лица, а извлекле и тешко повредено лице кое било заробено во тоалетот на ресторанот.

Пожарот бил изгаснат од 12 противпожарни екипи, при што спречиле да изгори целиот објект.

Јужна Кореја потврди дека Украина заробила двајца севернокорејски војници во Курск

Украинските сили се борат за време на воените операции во областа Курск. (Архивска фотографија)
Украинските сили се борат за време на воените операции во областа Курск. (Архивска фотографија)

Јужнокорејската разузнавачка служба на 12 јануари потврди дека Украина заробила двајца севернокорејски војници на бојното поле во рускиот регион Курск.

Потврдата доаѓа откако украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата безбедносна агенција испрашува двајца припадници на силите на Пјонгјанг.

Објавата на Телеграм на Зеленски вклучува фотографии од војниците за кои вели дека биле заробени.

Тој не достави докази дека се севернокорејци, но, јужнокорејската потврда додава тежина на сметката на Киев, додека ниту Русија ниту Северна Кореја не реагираа.

Најмалку 16 загинати во пожарите во Лос Анџелес

Пацифик Палисадес, Лос Анџелес, САД, 11 јануари 2025 година.
Пацифик Палисадес, Лос Анџелес, САД, 11 јануари 2025 година.

Најмалку 16 лица загинаа во пожарите во Лос Анџелес, Калифорнија, во Соединетите Американски Држави (САД), соопштија надлежните американски власти на 12 јануари.

Петдневните пожари во вториот по големина град во САД уништија 12.000 згради и 15.000 хектари земја.

„Опасноста од пожар во округот Лос Анџелес останува на високо ниво“, рече шефот на противпожарната служба Ентони Марон.

Властите воведоа полициски час од 18 часот до 6 часот наутро во погодените области Пацифик Палисадес и Алтадина поради бројните грабежи во опустошените и евакуирани области.

Причината за пожарите се уште не е официјално објавена.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG