Достапни линкови

Вести

Бектеши- За најмалку 10 отсто ќе поефтинат 25 категории на производи

Илустрација, архивска фотографија - министерот за економија Крешник Бектеши и премиерот Димитар Ковачевски во маркет
Илустрација, архивска фотографија - министерот за економија Крешник Бектеши и премиерот Димитар Ковачевски во маркет

Цените на вкупно 25 категории на производи се очекува значително да се намалат најдоцна до 21 септември. Се очекува да поефтинат пекарските и млечните производи, некои видови на месо и овошје и зеленчук.

Новата мерка на Владата значи намалување на цените за 10 отсто во однос на нивото на цените од август, а кај некои производи и до 30 отсто. Оваа мерка ќе се спроведува до крајот на ноември.
Овие производи ќе добијат ознака „гарантирана цена“, кои во маркетите ќе се продаваат до 30 ноември.

Листа на производи со намалени цени
Листа на производи со намалени цени


Министерот за економија Крешник Бектеши денес на прес конференција соопштувајќи ги производите кои ќе поевтинети, рече дека за оние кои нема да ја почитуваат одлуката на Владата, ќе бидат преземени мерки, вклучувајќи и затворање на продавниците од страна на Државниот пазарен инспекторат, за што има и сега можности, а наредната недела ингеренциите на инспекторите дополнително ќе бидат зајакнати.

Тој додаде дека највисоките цени на овие производи се утврдуваат на нивото на цените кои се применувале на 1 август 2023 година во трговија на мало кои се намалуваат најмалку за 10 отсто.
Бектеши изјави дека очекува и намалување на инфлацијата.

„Јас ветив дека инфлацијата во однос на храната ќе биде пет проценти на крајот од годината. Во моментов е десет отсто, но очекувам овие мерки да ја намалат најмалку за четири проценти – рече министерот за економија, Крешник Бектеши на прашањето дали владината одлука за замрзнување на цените ќе ја намали вкупната инфлација во делот на храната на среден рок“, изјави Бектеши.

Двоцифрената инфлација во земјава трае скоро две години, додeка истовремено паѓаат цените на храната на светските берзи.

Минатата недела анализата на Државниот пазарен инспекторат утврди зголемување на основните млечни и месни производи за 40 проценти споредено со минатата година.

види ги сите денешни вести

Кремљ гледа „со внимателен оптимизам“ на планот на Трамп, Зеленски е скептичен за намерите на Путин

Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф (лево) со претседателот Доналд Трамп
Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф (лево) со претседателот Доналд Трамп

Кремљ соопшти дека има основа за „внимателен оптимизам“ за предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за 30-дневен прекин на огнот, бидејќи Украина ја доведува во прашање искреноста на Москва по завршувањето на војната, која сега е во нејзината четврта година.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 14 март им изјави на новинарите дека Путин му испратил порака на Трамп за неговиот предлог за прекин на огнот во Украина, откако тој доцна во ноќта одржа разговори со американскиот специјален пратеник Стив Виткоф во руската престолнина.

„Кога г-дин Виткоф ќе му ги донесе сите информации на претседателот Трамп, ние ќе го одредиме времето на разговор (меѓу Трамп и Путин). Постојат причини да бидеме „внимателно оптимистични“, рече Песков.

Путин ден претходно рече дека начелно се согласува со предлогот на САД за привремен прекин на огнот со Украина, но додаде дека „постојат одредени нијанси“, како што е испораката на оружје од Запад во Киев.

Рускиот лидер, исто така, рече дека секој договор треба да доведе до долгорочен мир и да ги елиминира причините за војната.

Во видеото објавено доцна на 13 март, украинскиот претседател Володимир Зеленски ги доведува во прашање мотивите на Путин, велејќи дека рускиот лидер се подготвува да го одбие предлогот, но се плаши да му каже на Трамп.

„Затоа во Москва ги наметнуваат овие услови на идејата за прекин на огнот - за ништо да не се случи воопшто или да не може да се случи што е можно подолго“, рече Зеленски.

Путин се соочува со дилема откако делегациите од Киев и Вашингтон претходно оваа недела на состанокот во Саудиска Арабија се согласија за 30-дневен прекин на огнот предложен од американскиот претседател Доналд Трамп, ставајќи ја одговорноста за мирот во рацете на Москва.

Трамп ја нарече првичната реакција на Путин на развојот на мировните преговори „ветувачка“, но нецелосна, иако додаде дека се надева оти Русија „ќе ја направи вистинската работа“ и ќе се согласи со договорот.

„Мислам дека Русите сакаат да не се гледаат како непопустлива страна, бидејќи тоа може да доведе до последици од Трамп, како што се санкции“, изјави за РСЕ Џон Харди, заменик-директор на Програмата за Русија во Фондацијата за одбрана на демократиите, тинк-тенк со седиште во Вашингтон.

Ставањето крај на повеќе од тригодишната целосна инвазија на Русија на Украина, Трамп го постави како главен приоритет, откако ја презеде функцијата за втор мандат пред помалку од два месеци. Тој ја користи американската моќ за да ги седне Киев и Москва на маса.

На 13 март, американската администрација го засили притисокот врз Русија со зголемување на ограничувањата на нафтата, гасот и на банкарскиот сектор во земјата.

Голем број трактори паркирани во центарот на Белград

илустрација
илустрација

Голем број трактори се паркирани околу Пионерскиот парк во центарот на Белград, каде членовите на здружението „Студенти 2.0“ кампуваат од 6 март, барајќи да престане прекинот на студентските блокади на факултетите.

Неколку десетици трактори беа паркирани ноќта меѓу 13 и 14 март. Некои се паркирани на тротоар, а некои на улица. Некои од тракторите се со регистарски таблички на Кикинда.

Неколку дена претходно на социјалните мрежи беа споделени видеа и фотографии од камиони кои превезуваат трактори од различни делови на Србија. На видеото од Крагуевац се гледа камион со грбот на градот Белград на вратата и без регистарски таблички кој превезува неколку трактори.

Студентите кои три и пол месеци ги блокираат факултетите, во пресрет на протестот закажан за 15 март, апелираа до Министерството за внатрешни работи до 14 март да ја отстрани „шаторската населба“ од Пионерскиот парк и да спречи нејзино повторно формирање до 16 март.

Тие побараа од МВР, доколку не се помести „шаторската населба“, да обезбеди највисоко ниво на безбедност во вид на полициски кордон меѓу „шаторската населба“ и учесниците на протестот на 15 март.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на 13 март ги замоли учениците во Пионерскиот парк да си одат дома во сабота и да се вратат следниот ден.

Студентите во блокадата, меѓу другото, бараат кривична и политичка одговорност за смртта на 15 лица при уривање на настрешница на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година. Нив ги поддржаа дел од просветните работници кои ја прекинаа наставата, адвокатите и дел од земјоделците и културните работници.

Масовни протести и блокади досега се одржаа во Нови Сад, Крагуевац и Ниш.

Во меѓувреме, се појави група која себеси се нарекува „Студенти 2.0“ и тие се кампуваат во Пионерксиот парк од 6-ти март. Тие се нарекуваат „студенти кои сакаат да учат“ и бараат прекин на блокадите.

Тие досега беа поддржани од ветераните на контроверзната Единица за специјални операции, осудениот воен злосторник Владимир Лазаревиќ, а поранешниот командант на жандармеријата Горан Радосављевиќ беше поврзан со убиството на браќата Битиќи, за што Стејт департментот му забрани влез во САД.

Студентите кои се противат на блокадите беа поддржани и од Павле Бихали, лидер на екстремно десничарското движење „Левијатан“ и Миша Вачиќ од ултрадесничарската српска десница. Дел од јавноста ја обвини Српската напредна партија дека стои зад организацијата на протестот, што дел од насобраните во паркот го демантираа.

Кина, Иран и Русија повикаа на укинување на американските санкции против Иран

илустрација
илустрација

Претставниците на Кина, Русија и Иран по разговорите во Пекинг, повикаа на укинување на санкциите на САД против Иран воведени поради неговата нуклеарна програма што брзо се развива и за продолжување на мултилатералните разговори за ова прашање.

Разговорите се последниот обид да се покрене ова прашање и доаѓаат откако американскиот претседател Доналд Трамп испрати писмо до иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, во обид да ги започне преговорите.

Писмото, чија содржина не беше објавена, беше испратено откако Трамп воведе нови санкции кон Иран како дел од кампањата за „максимален притисок“ во која тој ја задржува опцијата за воена акција, нагласувајќи дека сè уште верува дека може да се постигне нов договор.

„Трите земји кои се состанаа утринава „ја истакнаа потребата да се прекинат сите незаконски еднострани санкции“, рече кинескиот заменик-министер за надворешни работи Ма Жаосу, на кој му се придружија рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков и иранскиот заменик министер за надворешни работи Казем Гарибабади.

„Трите страни потврдија дека политичкиот и дипломатскиот ангажман и дијалогот заснован на принципот на взаемно почитување остануваат единствената остварлива и практична опција во овој поглед“, додаде Ма, кој ја читаше заедничката изјава на учесниците на состанокот.

Во текот на денешниот ден (14 март) се очекува и кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји да се сретне со претставниците на земјата.

Кина и Русија имаат особено блиски односи со Иран.

Соединетите Држави се повлекоа од нуклеарниот договор во 2015 година, кој наметна ограничувања на нуклеарниот развој на Техеран во замена за олеснување на санкциите. Тоа се случи за време на првиот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп.

Украина и европската одбрана главни теми на мартовскиот Самит на ЕУ

Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта

Централната тема на агендата на мартовскиот Европски совет ќе биде конкурентноста, но ќе продолжиме и со адресирање на неодамнешните случувања во врска со Украина и следните чекори за одбраната по презентацијата на „Белата книга“ за иднината на европската одбрана, наведува претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, во поканата упатена до шефовите на држави или влади на членките на Унијата за учество на Самитот на ЕУ закажан за 20 и 21 март во Брисел.

„Нашата континуирана поддршка за Украина, потребата да се инвестира во нашата одбрана и нашата конкурентност се тесно поврзани. Поконкурентна Унија ќе значи посилна Унија, која ќе биде поспособна да ги заштити своите граѓани, своите интереси и своите вредности на глобалната сцена“, посочува Кошта во поканата.

Во однос на конкурентноста, тој како приоритетни области за нејзино зајакнување ги наведува решителното напредување во поедноставување на процедурите, обезбедувањето енергетска сигурност и создавањето на Унија за штедење и инвестиции.

Покрај овие теми, предвидено е лидерите да расправаат и за подготовката на новата Повеќегодишна финансиска рамка ЕУ за периодот по 2027 година, за миграцијата, пред се за предлозите за поедноставување на постапките за депортација на мигрантите, како и за најновите случувања на Блискиот Исток.

Кошта во поканата најавува дека лидерите в четврток ќе имаат и работен ручек со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, со кога ќе разговараат за мултилатерализмот и други глобални прашања, особено за подготовките на Третата конференција на ОН за океаните и Четвртата меѓународна конференција за финансирање на развојот.

Финскиот суд осуди Русин за воени злосторства во Украина

Воислав Торден
Воислав Торден

Судот во Финска осуди Русин за воени злосторства извршени во источна Украина во 2014 и 2015 година. Рускиот ултранационалист Јан Петровски, познат и како Воислав Торден, е осуден на доживотен затвор.

Финските обвинители го обвинија Торден, поранешниот командант на диверзантската група Русич, за воени злосторства извршени во Украина во 2014 година. Тој е поврзан со смртта на 22 украински војници и со ранувањето на уште четворица.

Групата Русич се бореше против украинските сили во регионите Доњецк и Луганск во источна Украина.

Роден Јан Петровски во 1987 година во Санкт Петербург, Торден се преселил во Осло во 2004 година со неговата мајка. Потоа редовно ја посетувал Русија, каде се сретнал со поранешниот падобранец и националист Александар Милчаков.

Во 2014 година, тие отпатуваа во украинскиот регион Донбас за да ги поддржат сепаратистите поддржани од Русија во нивната борба против украинските сили.

Торден беше депортиран од Норвешка во Русија во 2016 година, каде што наместо Јан Петровски го зеде името Воислав Торден.

Тој влегол во Финска во 2023 година како член на семејството на неговата сопруга, која добила дозвола за студирање. Торден беше приведен на аеродромот во Хелсинки на 20 јули 2023 година, кога се обидел да се качи на лет за Франција.

По неговото апсење, украинските власти побараа негова екстрадиција, но Врховниот суд на Финска го одби барањето, наведувајќи ја загриженоста за условите во украинските затвори и можноста Торден да се соочи со понижување во притвор.

Поради дојава за бомби, прекинат меѓуградскиот железнички сообраќај во Србија

илустрација
илустрација

Јавното претпријатие „Србијавоз“ на 14 март објави дека ја прекинало работата на сите меѓуградски возови во Србија со цел „да ги заштити животите на патниците и екипажот на возовите“.

Како што наведуваат во соопштението објавено на нивната веб-страница во раните утрински часови во петок (14 март), компанијата добила повик со анонимна дојава дека во меѓуградските возови се поставени експлозивни направи.

„Принудени сме привремено да го прекинеме сообраќајот на сите меѓуградски возови со цел да ги заштитиме животите на патниците и екипажот на возовите“, се вели на веб-страницата на Србијавоз.

„Србијавоз“ во своето соопштение наведува дека интензивно соработува со Министерството за внатрешни работи „за разрешување на ситуацијата“.

Вонредни избори во Португалија на 18 мај

Премиерот на Португалија во оставка, Луис Монтенегро
Премиерот на Португалија во оставка, Луис Монтенегро

Претседателот на Португалија, Марсело Ребело де Соуса синоќа го распушти парламентот и распиша предвремени парламентарни избори за 18 мај, по падот на умерената десничарска влада на премиерот Луис Монтенегро.

Својата одлука Де Соуса ја оправда со желбата да се обезбеди стабилност на земјата, прецизирајќи дека 18 мај „е датумот назначен од мнозинството партии“.

Португалската влада на умерено десничарскиот премиер Моненегро, вмешана во контроверзии за потенцијален конфликт на интереси, падна на 11 март откако членовите на парламентот и изгласаа недоверба.

Главната опозициска Социјалистичка партија, екстремната десничарска Чега и екстремната левица гласаа против владата.

Левичарската Социјалистичка партија освои мнозинство на парламентарните избори во јануари 2022 година. Но, поради скандал, партијата го загуби мнозинството на предвремените избори во март 2024 година.

Лидерот на Социјалистичката партија Антонио Кошта поднесе оставка по истрагата за неговата улога во доделувањето владини договори. Тој ги негираше обвиненијата и беше назначен за шеф на Европскиот совет минатата година.

Анкетата на јавното мислење објавена во вторникот од весникот Diario de Noticias покажа дека социјалистите имаат мала предност со поддршка од околу 30 отсто. Централно-десничарската Демократска алијанса предводена од Црна Гора и неговата партија има 25,8 отсто, а по неа е крајнодесничарската партија Чега со околу 17 отсто.

Усвоен нацрт-устав на Република Српска кој предвидува формирање армија и дефинирање на ентитетот како држава

Пратениците на Народното собрание на Република Српска (РСС) го усвоија Нацртот на новиот Устав на РС, 13 март 2025 година
Пратениците на Народното собрание на Република Српска (РСС) го усвоија Нацртот на новиот Устав на РС, 13 март 2025 година

Пратениците на Народното собрание на Република Српска (РСС) синоќа го усвоија Нацртот на новиот Устав на РС, според кој овој ентитет на БиХ ќе се прогласи за држава, ќе има право на самоопределување, а Советот на народите на РС и потпретседателите на РС се укинуваат.

Според усвоениот нацрт, се укинува државјанството на Босна и Херцеговина и се споменува само ентитетско државјанство, а се занемарува можноста за влегување во воен сојуз со други држави, како и правото на конфедерација со друга држава.

Предвидено е повторно формирање на Армијата на РС, како и формирање на Високиот судски и обвинителски совет на РС, што би назначувал судии и обвинители во овој ентитет.

За усвојување на нацртот на новиот Устав на РС гласаа 50 пратеници од владејачката коалиција, од вкупно 58 присутни пратеници во собраниската сала при гласањето.

Повеќето пратеници на опозицијата не беа во собраниската сала за време на гласањето, а претходно од седницата беа отстранети сите пратеници на Српската демократска партија (СДС).

За усвојување на Нацртот на новиот Устав на РС беше потребно обично мнозинство, но за конечно усвојување на новиот Устав потребно е двотретинско мнозинство кое владејачката коалиција во РС го нема, како што призна и самиот претседател на РС, Милорад Додик.

Владејачкото мнозинство во Народното собрание на РС синоќа го усвои и Законот за заштита на уставниот поредок на РС, кој по итна постапка го предложи претседателот на РС Милорад Додик.

Со овој закон се предвидува формирање на Специјалното обвинителство на РС, кое ќе има овластување да го уапси секого кого власта ќе го означи како закана за уставниот поредок на РС.

Предвидено е специјалниот обвинител да го именува Народното собрание на РС.

Опозицијата упати низа критики на овој закон, нагласувајќи дека Додик го институционализира прогонот на политичките противници во РС.

Овој закон влегува во сила следниот ден по објавувањето во Службен весник на РС.

Гренланд гласаше за промени, победи десниот центар

Плакат на Демократите во главниот град на Гренланд, Нук, 11 март 2025 г.
Плакат на Демократите во главниот град на Гренланд, Нук, 11 март 2025 г.

Парламентарните избори на Гренланд на 11 март донесоа изненадувачки победник и две јасни пораки: отфрлање на желбата на американскиот претседател Доналд Трамп за оваа артичка територија и сигнал дека независноста од Данска може да дојде – но со побавно темпо.

Опозициските Демократи, централно-десничарска либерална партија, завршија на првото место со речиси 30 отсто од гласовите, пред партијата која цврсто се залага за независност, која освои 24 отсто.

Изненадувачки, партиите од владејачката коалиција – Народниот сојуз на премиерот Муте Егеде и партијата Напред – двете поддржувачи на независноста, но со побавно темпо од она што го бара партијата Ориентациона точка, завршија на разочарувачкото трето и четврто место, без шанси да продолжат да владеат како констелација.

Најверојатно нов премиер ќе биде лидерот на Демократската партија Јенс-Фредерик Нилсен, кој беше еден од најгласните критичари на желбата на претседателот Трамп да го направи Гренланд американски најголем остров на светот.

Откако влезе во Белата куќа, американскиот претседател изрази интерес да ја преземе контролата врз оваа стратешки лоцирана и богата со ресурси територија, што предизвика вознемиреност, особено во Данска, сојузник на САД во НАТО.

Демократите претходно беа скептични за прекинување на врските со Копенхаген, кој сè уште ја контролира надворешната и монетарната политика на Гренланд.

Меѓутоа, во последниве години тие го променија својот став, сметајќи ја независноста за долгорочна цел, под услов островот да стане економски посамостоен. Во моментов, речиси половина од населението работи во јавниот сектор, кој во голема мера е финансиран од грантови од Данска.

Нилсен се надева дека ќе ги смени политичките одлуки кои го ограничија истражувањето за нафта и гас и го забранија ископувањето ураниум на Гренланд.

Сепак, тоа ги отежнува и коалициските преговори.

Најверојатниот партнер во владата, партијата Сојуз на народите, силно се залага за заштита на животната средина и цврсто се спротивставува на ваквите потези, поради што ваквите политики станаа заштитен знак на оваа партија во последните години.

Сепак, со тесно мнозинство во 31-члениот парламент, се очекува двете партии да се согласат да го држат Вашингтон на дистанца, а да одржуваат поблиски врски со Данска – барем засега.

Ерменија и Азербејџан го финализираа мировниот договор, но пречките остануваат

Ерменскиот премиер Никол Пашинијан (лево) и азербејџанскиот претседател Илхам Алиев (фотоархива).
Ерменскиот премиер Никол Пашинијан (лево) и азербејџанскиот претседател Илхам Алиев (фотоархива).

Ерменија и Азербејџан, кои од доцните 1980-ти водеа низа војни, го финализираа текстот на долгоочекуваниот мировен договор чија цел е воспоставување формални односи. Тоа е значаен чекор кон ставање крај на децениските непријателства.

Ерменското Министерство за надворешни работи (МНР) на 13 март потврди дека Ереван ги прифатил предлозите на Азербејџан за двата преостанати члена од договорот кои беа неусогласени. Со тоа практично се завршуваат преговорите за текстот на документот.

Официјален Ереван предложи консултации со Азербејџан за датумот и местото на потпишување.

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан веднаш по објавата на МНР изјави дека нацрт-мировниот договор е компромис и оти неговата земја е подготвена да започне консултации за времето на потпишување на договорот.

„Немаме никакви тајни од нашето општество во тој текст, кој всушност беше објавен одделно, член по член. Мислам дека не може да се каже дека јавноста не е запознаена со содржината“, рече Пашинјан, нагласувајќи дека Ерменија и Азербејџан нема да распоредуваат странски сили долж границата по потпишувањето на договорот.

Азербејџанскиот министер за надворешни работи Џејхун Бајрамов, исто така, на 13 март, изјави дека „преговарачкиот процес за текстот на мировниот договор е официјално завршен“, додавајќи дека „последните две отворени клаузули се решени, а Ерменија ги прифатила предлозите на Азербејџан“.

И покрај напредокот, Азербејџан тврди дека договорот не може да се потпише додека Ерменија не ги ревидира Уставот и правната рамка за да ги отстрани сите референци за територијални претензии кон регионите во Азербејџан, главно кон Нагорно-Карабах.

„Ова е неопходен предуслов за потпишување мировен договор“, рече Бајрамов.

Ваквиот развој на настаните дојде по повеќегодишни преговори за постојан мировен договор.

Нагорно-Карабах, дом на значително ерменско население, е под контрола на етничките ерменски власти од раните 1990-ти односно по разорната војна меѓу двата соседа која следуваше по распадот на Советскиот Сојуз.

По кратката, но интензивна азербејџанска воена офанзива во септември 2023 година, сепаратистичкото раководство се предаде и регионот, сега официјално наречен Карабах, беше реинтегриран во Азербејџан.

Војната доведе до масовен егзодус на повеќе од 100.000 Ерменци од регионот, што практично стави крај на една деценија сепаратистичко владеење.

По последната војна во регионот, Ерменија и Азербејџан ги продолжија преговорите за мировен договор за формално меѓусебно признавање на територијалниот интегритет и за воспоставување дипломатски односи.

Една од клучните пречки во преговорите беше правната позиција на Ерменија во однос на статусот на Нагорно-Карабах како азербејџанска територија.

Баку долго време тврди дека Уставот на Ерменија вклучува имплицитни територијални претензии кон Нагорно-Карабах и азербејџанските власти инсистираат на тоа дека ова мора да се измени пред да се потпише договорот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG