Достапни линкови

Вести

Судската администрација продолжува со протестите

Штрајк на судската администрација, 15 септември 2023 година
Штрајк на судската администрација, 15 септември 2023 година

Судската администрација и денеска продолжи со протест со кој бараат зголемување на платите. Од Независниот сидникат на судската администрација велат дека штрајкот ќе биде во мирување, но, во случај да не им се исполнат барањата ќе го активираат, со што ќе настане блокада во судството.

„Штрајкувачкиот одбор во знак на добра намера штрајкот го стави во мирување. Сѐ со цел да се даде простор преку преговори да се најде решение за нашите барања. Но, ако надлежните не покажат слух и не одговорат на нашите барања, ќе го активираме штрајкот и ќе има тотална блокада на судството“, велат оттаму.

Од Синдикатот велат дека не бараат нешто посебно од Министерство за финансии, туку средствата „кои се доделени со закон“.

Имено, во Законот за судски буџет во член 4 е предвидено дека заради функционирање на судската власт се утврдува износ од најмалку 0,8 проценти од Бруто домашниот производ. Тие 0,8 проценти ние не ги добивме, каде отидоа тие пари? Државниот завод за ревизија излезе после нашата прес-конференција со информација дека тие пари Владата ги потрошила за себе. Од финансиите на судот, они си ги потрошиле за себе, соопштија на денешната прес-конференција од Независниот синдикат на судска администрација.

Оттаму дополнуваат дека со ниските плати нема да работат на амнестиите.

„Амнестиите нема да ги работиме ние. Со 18 000 плата записничар, со долгогодишно работно искуство, 20 000 денари доставувач со по 20 години работно искуство и 28 000 стручен соработник, ниту амнестии, ниту едно судење нема да дозволиме ако го активираме штрајкот“, велат тие.

Вработените во судската администрација бараат зголемување на нивните плати и тоа за 78 отсто на минималната плата во судската служба и за 35 отсто на додатокот за плата за судските службеници.

види ги сите денешни вести

Прва седница на новиот грузиски состав, опозицијата бојкотира

Протест пред парламентот во Грузија, 25 ноември 2024 година
Протест пред парламентот во Грузија, 25 ноември 2024 година

Новиот грузиски парламент ја одржа својата прва седница на 25 ноември, во услови на протести поради изборите за кои опозицијата тврди дека биле наместени и откако проевропската претседателка Саломе Зурабишвили побара поништување на резултатите.

Политичките превирања ја потресоа црноморската нација по гласањето на 26 октомври, на кое победи владејачката партија Грузиски сон.

Прозападните опозициски партии ги оспорија резултатите и одбиваат да влезат во новиот парламент, кој го сметаат за „нелегитимен“.

Зурабишвили во расправија со владејачката партија поднесе тужба до Уставниот суд барајќи да го поништи резултатот. Таа одби да издаде претседателски декрет за свикување на парламентот и ја обвини Русија за мешање во гласањето, што Москва го негираше.

Грузиски сон, кој обезбеди 89 места во 150-члениот совет, вели дека гласањето било слободно и фер.

Пратениците од владејачката партија се собраа напладне на инаугуративна седница која беше бојкотирана од опозицијата.

Зурабишвили ја прогласи пленарната седница за „неуставна“, велејќи дека „масовната изборна измама го поткопала нејзиниот легитимитет“.

„Одбив да ја свикам првата седница, а Уставот никого не признава за замена“, напиша таа на Фејсбук.

Водечкиот експерт по уставно право, Вакушти Менабде, рече дека „новиот парламент не може да се состане додека Уставниот суд не ја донесе својата одлука за тужбата на Саломе Зурабишвили“.

Силни полициски сили се присутни на улиците на Тбилиси, главниот град на Грузија. И покрај тоа, вечерта на 24 ноември демонстрантите почнаа да се собираат пред зградата на парламентот откако опозицијата повика на протести.

Стотици демонстранти поставија кампови, блокирајќи го сообраќајот долж главната сообраќајница во Тбилиси.

Опозицијата вели дека владата на партијата Грузиски сон ја врти надворешната политика кон Русија и ја поткопува нејзината долгогодишна амбиција за влез во Европската Унија. Од партијата ги отфрлаат овие обвинувања.

Од гласањето, десетици илјади луѓе излегоа на улиците на Тбилиси во знак на протест поради наводната изборна измама. Европската унија и САД повикаа на истрага за „нерегуларности“ за време на гласањето.

Хамнеи: Налозите за апсење на израелските лидери „не се доволни“

Иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи
Иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи

Иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи рече дека налозите за апсење издадени од Меѓународниот кривичен суд (МКС) за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за наводни злосторства против човештвото за време на конфликтот во Газа „не се доволни“.

На собирот на волонтерскиот корпус Басиџ на 25 ноември, Хамнеи истакна дека двајцата израелски лидери треба да се соочат со смртна казна.

Налогот го издаде обвинителот на МКС, Карим Кан, а судиите рекоа дека има „разумни основи“ да се верува дека Нетанјаху и Галант „намерно и свесно го лишиле цивилното население во Газа од предмети неопходни за нивниот опстанок“ како дел од „широк и систематски напад против цивилното население на Газа“.

Израел ги нарече налозите „апсурдни“.

Актуелната војна во Појасот Газа беше предизвикана од нападот врз Израел од страна на Хамас која е поддржана од Иран, а означена како терористичка организација од Соединетите Држави и ЕУ.

Околу 1200 луѓе загинаа во нападот, а уште 240 беа земени како заложници назад во Газа.

Неколку ранети и оштетена инфраструктура во руски напад на Харкив

Харкив, 25.11.2024 по рускиот напад
Харкив, 25.11.2024 по рускиот напад

Русија го гранатираше центарот на Харкив рано на 25 ноември, при што беа повредени најмалку 15 луѓе, објави на Телеграм Ихор Терехов, градоначалник на вториот по големина град во Украина.

Харкив постојано е цел на руски напади во последниве недели, претрпувајќи жртви и но и оштетувања на неговата енергетска инфраструктура.

Руските сили, исто така, ја нападнаа енергетската инфраструктура во јужниот регион Миколајев во Украина во текот на ноќта, соопштија украинските власти на 25 ноември, а пренесе регионалниот гувернер Виталиј Ким на каналот Телеграм.

Нема информации за жртви.

Русија, исто така, нападна уште еден јужен регион, Запорожје. Нападот е извршен со „десетици беспилотни летала“, пренесе регионалниот гувернер Иван Федоров, додавајќи дека едно дете е рането во нападот.

Во декември состанок на главните преговарачи на Белград и Приштина

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак
Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, најави дека, во рамки на дијалогот во Брисел, следната средба на ниво на главните преговарачи на двете страни ќе се одржи во декември годинава.

Лајчак ова го објави на Фејсбук, и потсети на како што рече „продуктивните и проникливи“ претходни две недели, во кои ги посети Женева, Тирана и Париз.

„Со моите соговорници во Меѓународниот комитет на Црвениот крст, Кеј д’Орсеј и на други места, имав важни дискусии за дијалогот и за патот напред. Овие разговори се клучни за обликување на работата што ја врши мојот тим додека се подготвуваме за претстојниот состанок на главните преговарачи во декември. Со нетрпение го очекувам следниот период“, напиша Лајчак.

На 24 октомври во Брисел се одржа последната средба на ниво на главните преговарачи на Белград и Приштина, на која имаше и трипартитна средба меѓу Лајчак и главните преговарачи Петар Петковиќ и Бесник Бислими.

Лајчак потоа по средбата рече дека се разговарало за имплементацијата на Охридскиот договор, кој, како што наведе, суштински допрва треба да започне.

Состанок на европските министри за одбрана во Берлин

Берлин, Германија
Берлин, Германија

Министрите за одбрана на Германија, Франција, Полска, Италија и Велика Британија ќе се сретнат денеска (25 ноември) во Берлин за да разговараат за мерките за зајакнување на безбедноста и одбраната во Европа.

Руското таргетирање на Украина со нова ракета со среден дострел, за која се смета дека има импликации за цела Европа, најверојатно ќе одигра голема улога за време на дискусиите, јави ДПА.

По неодамнешното одобрение од Вашингтон, Украина почна да ги користи ракетите ATACMS од САД и британските крстосувачки ракети „Сенка на бурата“ (Storm Shadow) за гаѓање воени локации во Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин потоа нареди ракетен напад врз украинскиот град Днепар кој има над милион жители, со нова ракета со среден дострел во четвртокот наутро.

Приватните автобуси повторно на скопските улици, но не со полн капацитет

илустрација
илустрација

Во јавниот градски превоз од денеска (25 ноември) се вклучуваат и приватните превозници, но не со целиот капацитет. Во сообраќај, како што најавија во саботата, ќе се вклучат оние превозници кои имаат финансиски можности.

Автобусите на ЈСП - Скопје од петокот сообраќаат во редовните термини, но Владата во четвртокот им позајми нафта само за седум дена, за колку што треба да се реализира ургетната набавка преку Бирото за јавни набавки.

Приватните превозници апелираа до градоначалничката на Град Скопје, советниците и Владата на заеднички состанок да најдат заеднички прифатливо решение за нивното барање за зголемување на цената за изминат километар.

„Приватните превозници ќе го дадат својот максимум од понеделник односно ќе се вклучиме во раните утрински часови онолку колку што можеме, не со целиот капацитет со цел за неколку дена да им излеземе во пресрет на граѓаните во градот Скопје. Воедно, ја користиме оваа прилика да се обратиме до сите советници во Градот Скопје - Ве молиме со консензус да изгласате покачување на цената за изминат километар со цел подобрување на состојбата во јавниот градски превоз. Со покачена цена се обврзуваме да го обновиме нашиот возен парк со еколошки климатизирани автобуси“, изјави Јовица Зафировски во саботата.

Приватните превозници, според него, имаат 200 автобуси и можат да го покријат недостатокот на автобуси од ЈСП доколку се најде заеднички прифатливо решение со Градот.

Проблемот со јавниот градски превоз кулминираше во четвртокот откако поради недостиг на нафта, поголем дел од автобусите на ЈСП останаа паркирани во нивните бази. Во сообраќај беа пуштени 25 автобуси кои работат на приорден гас и уште неколку кои имаат резерва на нафта.

Вонредна седница одржа Владата на која беше донесена одлука да се интервенира со нафта од државните резерви со што автобусите имаат нафта за седум дена. Вонредна седница истиот ден одржа и Советот на Град Скопје на која беше поздравена одлуката на Владата за позајмување на нафта од државните резерви за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) и воедно, побараа заедно во координација со ЗЕЛС, да продолжат разговорите со Град Скопје за нормализирање на состојбите во градот.

Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски најави можност за набавка на нови електрични автобуси.

Вучиќ за Би-Би-Си: Никогаш не сме го признале Косово, се трудиме да живееме во мир

Српскиот претседател Александар Вучиќ
Српскиот претседател Александар Вучиќ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој синоќа (24 ноември) гостуваше на британскиот јавен сервис Би-Би-Си изјави дека цел на државата е да стане полноправна членка на Европската Унија и дека никогаш не го признале Косово.

„Нашата цел е Србија да стане полноправна членка на ЕУ, но да ги има нашите традиционални пријатели и партнери на исток... На патот кон Европа не можете да постигнете ништо без мир и стабилност“, рече Вуќчиќ.

Во врска со Косово, Вучиќ изјави:

„Никогаш не сме го признале Косово. Никогаш не било кажано, никогаш не било напишано. Се трудиме да живееме во мир“.

На прашањето за резолуцијата за Сребреница, Вучиќ потсети дека бил нападнат за време на неговата посета на тој град и дека 109 земји од светот во Генералното собрание на ОН го делат мислењето на Србија за тоа дали станува збор за геноцид.

„Секогаш бев подготвен да признаам дека масакрот во Сребреница беше страшен... Секогаш сум подготвен да им оддадам почит на жртвите, но не сум подготвен да зборувам на тој начин и да поставувам нови политички прашања и нови политички проблеми “, изјави Вучиќ во интервјуто за Би-Би-Си.

На прашањето за „големосрпската идеологија“, Вучиќ рече дека тоа е „измислена приказна од луѓе кои сакаат да и нанесат штета на Србија“.

Прекин на наставата во училиштата и универзитетите во Бејрут

Последици од израелски напад на Бејрут, Либан
Последици од израелски напад на Бејрут, Либан

Либанските власти објавија дека наставата во Бејрут и околината ќе биде прекината до крајот на декември, наведувајќи ја безбедносната ситуација по серијата смртоносни израелски напади врз главниот град во изминатите неколку денови.

Министерот за образование Абас Халаби рече дека „наставата со физичко присуство“ ќе биде прекината во приватните училишта, техничките институти и високообразовните институции во и околу Бејрут.

Таквата мерка, преземена поради актуелната состојба и за гарантирање на безбедноста на учениците, ќе важи од денеска до крајот на декември.

Од октомври 2023 година, во конфликтот меѓу Израел и Хезболах во Либан загинаа 3558 луѓе, според податоците на либанското Министерство за здравство. Во вторникот, на 20 ноември, загинаа 14 лица.

Хезболах е и вооружена група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан. ЕУ не го стави на црната листа неговото политичко крило, туку само вооруженото. Политичката партија Хезболах има места во либанскиот парламент.

Повеќе од 100 луѓе се убиени во нападите на Хезболах врз северен Израел и Голанската висорамнина. Тоа вклучува повеќе од 70 војници кои ги загубија животите во овие напади и во борбите во јужен Либан, според Израел.

Германските социјалдемократи ќе го номинираат Шолц за кандидат за канцелар

Олаф Шолц
Олаф Шолц

Околу три месеци пред предвремените избори во Германија, социјалдемократите официјално ќе го номинираат Олаф Шолц за свој кандидат за канцелар и покрај неговиот исклучително низок рејтинг, јави ДПА.

Неговата формална номинација доаѓа откако партијата беше поделена со двонеделна жестока дебата за тоа дали далеку попопуларниот министер за одбрана Борис Писториус треба да биде номиниран за кандидат на местото на Шолц, за кој многумина во левичарската партија веруваат дека треба да се откаже.

Во четвртокот, сепак, Писториус отворено потврди дека не сака да биде номиниран за канцелар, со што го отвори патот за номинација на Шолц.

Министерот за одбрана е еден од триесет и тројцата членови на извршниот совет на партијата со право на глас, кои денеска ќе одлучуваат за канцеларската кандидатура.

Шолц е третиот кандидат за канцелар што ќе го предложи една од партиите за претстојните избори на 23 февруари, откако веќе се објавени кандидатурите на лидерот на ЦДУ/ЦСУ, Фридрих Мерц и на вицеканцеларот Роберт Хабек од Зелените.

Извршниот одбор на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија се очекува да ја номинира лидерката на партијата Алиса Вајдел за свој кандидат за канцелар на 7 декември. Тоа значи дека за прв пат ќе има четворица кандидати за канцелар на сојузни избори.

Крвави отпечатоци од раце на новиот протест во Нови Сад

Акција „Булеварот крвави траги“ во Нови Сад поради уривање на бетонската настрешница на Железничката станица, при што загинаа 15 лица, а двајца тешко беа повредени, на 24 ноември 2024 година.
Акција „Булеварот крвави траги“ во Нови Сад поради уривање на бетонската настрешница на Железничката станица, при што загинаа 15 лица, а двајца тешко беа повредени, на 24 ноември 2024 година.

Граѓани и активисти на 24 ноември оставаа крвави отпечатоци од раце на транспаренти и на тротоари во Нови Сад, барајќи одговорност за уривањето на бетонската настрешница на железничката станица во градот, кога загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени.

На Булеварот на ослободувањето со црвена боја е испишан натписот „Булевар на крвавите раце“.

Студентските организации „Став“ и „Свиќе“ повикаа на истоимената акција.

Овие организации бараат кривична постапка против одговорните и ослободување на преостанатите активисти уапсени по протестите на кои граѓаните бараа одговорност за уривањето на настрешницата на Железничката станица.

Активистите и граѓаните кои им се придружија се движеа по Булеварот на ослободувањето, најфреквентната сообраќајница во градот, бојадисувајќи ги улиците во црвено, како што велат, „за цел Нови Сад да види крвави траги“.

„Нема да се откажеме од улица“, рече активистката Мила Пајиќ.

„Булеварот „Ослободување“ е првото здружение на жителите на Нови Сад и на сите што доаѓаат во нашиот град во она што е Нови Сад. Секој чекор на Булеварот на ослободувањето ќе биде крвав од нивните крвави траги“, додаде таа.

Тие траги, како што велат активистите, „почнуваат од железничката станица и завршуваат во градските и државните институции“.

Народниот пратеник Срѓан Миливојевиќ од опозициската Демократска партија, пред железничката станица со црвена боја напиша „Булевар со крвави траги“.

Протест во Нови Сад подади уривањето на настрешницата на Железничката станица.
Протест во Нови Сад подади уривањето на настрешницата на Железничката станица.

Насобраните низ булеварот го носеа „крвавото“ знаме на Нови Сад и транспаренти со пораки „Одговорност, слобода, правда“ и „Сите сме под настрешница“.

Тие извикуваа „Затвор, затвор“ и „Рацете ви се крвави“.

Пред просториите на владејачката Српска напредна партија (СНС) на булеварот „Ослободување“ се собраа неколку десетици нивни приврзаници и имаше вербални конфликти кога помина колоната активисти.

Активисти застанаа и пред одделението на Безбедносно-информативната агенција (БИА) во Нови Сад.

Минатата недела докажавме дека режимот попушта пред притисоците на граѓаните, активистите и опозицијата“, велат активистите.

Тие додадоа дека нема да им веруваат на надлежните на збор, туку „ќе ги потсетуваат повторно и повторно на улица“ дека сакаат, како што рекоа, „активисти на слобода и убијци во затвор“.

20 дена по несреќата, Вишото јавно обвинителство во Нови Сад на 21 ноември соопшти дека се уапсени 12 лица, меѓу кои министерот за градежништво во оставка Горан Весиќ, поранешниот директор на српската железничка инфраструктура Небојша Шурлан и актуелната директорка во оставка Јелена Танасковиќ. За нив се определени мерки притвор.

Протест во Нови Сад.
Протест во Нови Сад.

Во меѓувреме, во Нови Сад и во Белград се одржаа неколку протести под паролите „Рацете ви се крвави“ и „Корупцијата убива“, од кои најголемиот беше одржан во Нови Сад на 5 ноември, кога по уривањето пред Градското собрание неколку активисти беа уапсени, од кои некои се уште се во притвор.

Опозициските политичари и активисти бараат ослободување на уапсените, обвинувајќи дека зад демолирањето стоеле „упаднатите елементи“, а бараат и апсење на сите одговорни за несреќата и откривање на сите тајни договори за реконструкција на Железничката станица.

Покрај оставките поднесени од Весиќ, Танасковиќ и министерот за внатрешна и надворешна трговија, кој беше министер за градежништво во времето на почетокот на реконструкцијата на станицата, Томислав Момировиќ, се бараат оставки на градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ и премиерот Милош Вучевиќ.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG