Достапни линкови

АЕК не го плати откупот од 70 илјади евра за хакерскиот напад


Акику: Тоа што сум му зет на Бејта не влијаеше да станам директор
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:55 0:00

Акику- Тоа што сум му зет на Бејта не влијаеше да станам директор

Од почетокот на годинава се забележани над 150 компјутерски инциденти, од кои 12 се сериозни со барање откуп, вели директорот на Агенцијата за електронски комуникации Јетон Акику. Признава дека по хакерскиот напад во април им бил побаран откуп, не го платиле, но тврди дека проблем брзо го решиле.

Колку хакерски напади се пријавени годинава во Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти ( МКД-ЦИРТ) кој спаѓа под АЕК?

Најголем број досега за една година е 155 пријави од кои што само 12 се сериозни инциденти, другите се пријави за малициозни меилови и спамови. Значи пријавени се 12 посериозни инциденти се пријавени до сега и таа бројка не е реална поради тоа што по закон за државни и приватни институции не е задолжително да пријават. Со тоа што не е задолжително да пријават, дел од нив и не пријавуваат. Затоа и не е реална таа слика, причината е само тоа што во законот не е наведено дека задолжително треба да пријават.

Колку е ранлив информатичкиот систем на македонските институции ?

Прилично, не сме лоши споредено со регионот, но не сме ни многу добри. Не сме во ниво на кое треба да бидеме како држава.

Министерството за финансии, Фондот за здравство, Биро за јавни набавки -институции со сериозни дата бази на осетливи информации беа хакирани и не можеа со денови, а некои и со недели, да си ги вратат системите во нормала. Зошто ?

Официјално што се случило, треба да кажат самите институции. Ако тие не излезат да кажат дека имаат ваков или таков напад, ние како ЦИРТ не можеме да излеземе со такви информации. Она што имаме ние како информации за нападите во Македонија, освен во комерцијалниот дел каде што се бараат пари (како откуп) за нападот, има и политички мотивирани напади и тие се зачестени откако ние станавме членка на НАТО.

Зборуваме за руски напади или пак за домашни хакери ?

Не, надворешни се нападите во голем дел. Руски, кинески, ирански. Светот на сајбер безбедноста е многу интересен, се користат ВПН адреси каде што реално не можеш ни точно да дознаеш од каде доаѓаат, но тоа што имаме ние како информации од сите ЦИРТ-тови од западниот свет дека голем дел од нападите се руски, кинески или ирански.


Како вие лично ја оценувате сајбер безбедноста во македонските институции имајќи в предвид дека и АЕК беше мета на хакерски напад ?

Ние имавме еден така да кажам мал инцидент со кој што се справивме брзо, без да имаме некоја последица. И кај другите институции не дека нападите беа толку страшно но најголемиот проблем општо на сите институции, државни особено е што фали кадар, човечки ресурси во смисла на справување со ова. Имаме институции каде што нема ИТ инженер воопшто вработен.

Дали вам ви беше побаран откуп и дали го плативте, каков хакерски напад беше тоа ?

Откуп ни беше побаран, не го плативме затоа што го запревме нападот многу брзо, веднаш откако дознавме.

Колкав откуп ви беше побаран ?

Мислам дека околу 70 до 80 илјади евра.

Како го коментирате тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека партискиот клуч е главниот критериум, а не компетентноста за вработување на снаата на Шефот на обвинителството за организиран криминал Абази?

Конкретно нејзиното вработување е направено преку преземање од министерството за политички систем со програмата К-5, со која се прераспределија над илјади вработени кои беа вработени во Министерството за политички систем. И Шпреса е дојдена во АЕК како дел од тој пакет. И не само Шпреса имаше десет од тие илјада и кусур кои што се прераспределија по сите институции.

Но, таа сега е дел од ЦИРТ, највисокото тело кое треба да се справува со сајбер напади и таа на позицијата советник за одговор на компјутерски инциденти, доаѓа од претходната -помлад соработник.

За претходната позиција помлад соработник не знам, ние ја преземавме по закон, што значи дека не може да се смени ни називот ни степенот на кој што се прима. Кај нас таа дојде како советник во министерството, и како советник се презема.

А во аспект на компетентноста, со оглед на тоа што таа е сега советник за одговори на компјутерски инциденти ?

Значи нејзиното преземање е стриктно законски, исполнети се сите услови кои што се побарани за тоа работно место и така е преземена на тоа работно место.

Што значи тоа исполнети се сите услови, со какво образование е на таа позиција?

ИТ, со искуство, за советник се бара најмалку три години искуство, таа има повеќе од тоа.

Во АЕК околу десетина од 120 те вработени се сопруги на сегашни или поранешни функционери, како го коментирате тој факт ?

Најверојатно во секоја институција би имал некој вработен што има некоја релација со некој функционер. Сепак сме мала држава.

Но, зборуваме за сопругата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, потоа сопругите на поранешните генерални секретари на Влада Кирил Божиновски, Мартин Протуѓер, Бујар Османи, Латас, ќерка на поранешен претседател на Уставен суд, син на поранешната директорка на здравствен инспекторат.

Тие вработувања се постари што ги спомнуваш, не можам да кажам, ама во принцип вработувањето, по мое знаење, нити еден не е вработен со прекршување на било која од законските процедури.

Нема тука непотизам ?

Сега како да го објаснам тоа дали има непотизам. Во моментот, сега кога сме административни службеници, целата процедура на вработување се одвива во Агенцијата за администрација, не само за АЕК. За сите административци таму се објавува оглас, таму се полага тест, таму се прави интервјуто и врз основа на сите показатели се прави рангирање на кандидатите, и се прима тој што е прво рангиран.

Како го коментирате тоа што ВМРО- ДПМНЕ тврди дека тоа што сте вие зет на функционер од ДУИ Невзат Бејта влијаело врз вашето унапредување од раководител на финансово одделение во директор на агенцијата?

Директор не станав со унапредување, имаше оглас на кој што конкурирав. Двајца конкуриравме, во тој оглас комисијата која што е надлежна за избор на директор одлучи јас да бидам директор.

А вашата политичка позадина ?

Не би требало да игра никаква улога, и не верувам дека има врска со тоа.

Целото интервју со директорот на Агенцијата за електронски комуникации Јетон Акику може да го погледнете на видеоснимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG