Повеќе летови во САД беа откажани откако големите телекомуникациски компании ја активираа екстра брзата 5Г мрежа. Како можен проблем беше наведено незиното влијание врз т.н. радио-висиномери кај одредени модели авиони, поради што тие може да погрешат во одредувањето на висината додека авионот се спушта на пистата при лошо време и слаба видливост. Така, во последните извештаи Федералната управа за авијација во САД (ФФА) дозволи најголем дел од комерцијалната флота во земјата да смее и при лошо време да слета на аеродромите каде има опасност од пречки поради 5Г сигналите, но посочи дека некои авиони можеби никогаш нема да добијат ваква дозвола.
„Очекуваме дека некои радио-висиномери ќе бидат премногу подложни на пречки од 5Г. За да се зачува безбедноста, на авионите со тие висинометри ќе им биде забрането да вршат слетувања при слаба видливост каде што е распоредена 5Г мрежата, бидејќи висинометрите може да даде неточни информации“, соопштија од ФФА.
Европа засега не гледа проблем бидејќи европската 5Г мрежа работи на различни фрекфенции. Сепак, уште на средината на декември минатата година Агенцијата за воздухопловна безбедност на Европската унија - ЕАСА препорача да се обрне посебно внимание за овој проблем. Во Македонија пак, каде се уште не е активирана 5Г мрежата засега само се следат случувањата во светот. Томислав Тунтев, директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство не очекува дека ова ќе влијае на нас. Прво поради тоа што ги користиме европските регулативи за фрекфенции, а второ поради тоа што и на двата македонски аеродроми воопшто нема систем за слетување на авионите при слаба видливост.
„Тоа прашање не верувам дека воопшто ќе биде актуелно во нашава држава затоа што нашите два аеродроми не се опремени со висока технологија за слетување на авиони со многу мала видливост. Значи нашите аеродроми се од прва категорија според ИКАО стандардите, сепак е потребна одредена видливост при завршниот приод, пред слетување пилотот да има визуелен контакт со полетно-слетната патека пред да слета. Така што конкретно за нашите аеродроми, ова прашање нема да биде актуелно. Меѓутоа како и да е, нашите патници патуваат и низ Европа и за САД и секаде низ светот, сакам да ја уверам јавноста дека релевантните меѓународни воздухопловни организации будно ја следат оваа работа. Сега засега такви проблеми нема“, вели Тунтев.
Не очекува ни дека во блиска иднина во земјава ќе се воведе системот за слетување при слаба видливост, поради скапата цена и релативно малиот број летови на македонска територија. Проблемот сега се решава со пренасочување на авионите, па најчесто поради скопската магла авионите слетуваат во Охрид.
„Бројот на операции - слетувања, полетувања не е толку голем, за да треба Скопје да размислува за повисока технологија во однос на ова прашање. Плус и релјефните карактеристики околу аеродромот тоа не го дозволуваат. Во иднина треба можеби да се размислува за нова локација, за нов аеродом каде што метеоролошките услови, а и релјефните услови, геолошките услови, ќе бидат подобри во однос на сегашниот. Меѓутоа сега за сега, таа опременост, и на скопскиот и на охридскиот аеродром, е сосема задоволителна за сообраќајот кој се одвива во нашата држава“, смета Тунтев.
Според статистиките од ТАВ Македонија, на двата македонски аеродроми во последните три години поради лоши временски услови имало вкупно 58 пренасочени, откажани, одложени или летови вратени на аеродромот од каде што полетале. Причина била слабата видливост, која е присутна доцна есен и во текот на зимскиот период. Од компанијата посочуват дека безбедноста на операциите на аеродромите и на воздухопловите се главниот приоритет во воздухопловниот бизнис. Затоа и внимателно ги следат последните случувања во авионскиот сообраќај.
„ТАВ Македонија, како аеродромски оператор и стручниот персонал за аеродромски операции, а особено професионалците за аеродромска оперативна безбедност во компанијата, континуирано ги следат, контролираат и проактивно одговараат на секој безбедносен аспект, прашање или потенцијален ризик за да им обезбедат на своите клиенти, авиокомпаниите, операторите на воздухоплови и на патниците, најдобри можни аеродромски услуги. Како аеродромски оператор ние секогаш ги почитуваме и ги приспособуваме аеродромските операции согласно инструкциите, упатствата и препораките за оперативна безбедност дадени од страна на националните и меѓународните воздухопловни власти“, стои во одговорот.
Американската vs европската 5Г мрежа
Американските мобилни оператори со 5Г технологија работат на фрекфенции што се поблиску до фрекфенциите на радио-висиномерите, што не е случај со европските оператори. Така, американските 5Г фрекфенции се од 3.75 до скоро 4 гигахерци, а европските од 3,4 до 3,8. Од друга страна опсегот на работа на уредите за радионавигација во авионите е од 4,2 до 4,4 гигахерци, па затоа е можно оваа 5Г мрежа да направи проблем кај одредени типови авиони. Тунтевски уверува дека Македонија ги следи сите известувања кои ги дава ЕАСА, како и дека сме подготвени да ја примениме меѓународната регулатива доколку за тоа има потреба.
Смируваат и од Агенцијата за електронски комуникации АЕК. Оттаму укажуваат дека 5Г e паметна технологија, а можноста за грешка е сведена на минимум.
„Радиофреквенцискиот простор кој е оставен помеѓу службите Мобилна и Воздухпловна радионавигација во Македонија е сосема доволен дури и при евентуални прошприцувања на неисправни предаватели од базни станици, тој несакан сигнал да не може да го афектира приемникот во леталото. Мора да се напомене и фактот дека сите базни станици на Земјата се со елевација кон Земјата, а не нагоре кон небото така што и на овој начин се прави една дополнителна заштита 5Г да не може да врши било какво влијание на уредите во леталата. Исто така, 5G e паметна технологија и значително понапредна од постоечките. Карактеристиката на 5G сигналот може да се каже дека наликува на скоро правилен правоаголник што е уште еден показател дека можноста за евентуална грешка е сведена на минимум“, стои во одговорот од АЕК.
Оттаму појаснуваат дека во Македонија согласно Националниот план за намена на радиофреквенциските опсези, кој во скоро 90% е хармонизиран со европскиот, опсегот 3.4-3.8 гигахерци е наменет за Мобилна служба во кој се предвидува воведување на 5Г. Опсегот од 3.8-4.2 гигахерци согласно македонскиот план е наменет за Фиксна-Сателитска служба, а од од 4.2-4.4 гигахерци за службата Воздухопловна радионавигација.
Македонија ја чека 5Г мрежата
Од Македонски Телеком, кои поседниве години забрзано работат на поставување на 5Г мрежата не коментираат за можните последици по авионите и потребата од подесување на мрежата во близина на аеродромите. Укажуваат дека дозволите за издавање 5Г фреквенции се во надлежност на АЕК, која во координација со соодветните државни институции се грижи за запазување и почитување на безбедносните мерки од секој релевантен аспект.
„Македонски Телеком има дозвола за користење на фреквенциите од 2100 MgHz, со кои во тек е модернизација на радиопристапната мрежа и воведување на 5G. Досега, 13 градови во Македонија се подготвени за 5Г, а до крајот на јануари 2022 година, со опрема од петтата генерација ќе бидат покриени уште 2 града. И понатаму посветено работиме согласно националниот план, законските регулативи и дозволите од АЕК како регулатор на телекомуникацискиот пазар. Во целиот тек на имплементација на новите технологии во мобилната телефонија, компанијата се води согласно овластувањата и со взаемна и транспарентна соработка со надлежните институции“, стои во одговорот до РСЕ.
Од Македонски Телеком уште додаваат дека до средината на оваа година, две третини од населението што живее во поголемите урбани средини ќе има можност да ги користи нивните 5Г услуги.
Според државните стратегиите усвоени пред неколку години, до крајот на 2023 година најмалку еден од големите градови во државата треба да биде целосно покриен со 5Г сигнал, а до крајот на 2027 година да бидат покриени сите градови. До крајот на 2029 година, пак, секој граѓанин треба да има можност за пристап до 5Г мрежа и брз интернет.
Инаку, на секои десет години се појавува нова мобилна генерација, во 1980-те беше првата мобилна генерација (која ја немаше во Македонија), во 1990-те се појави втората генерација (2Г), а кај нас стартуваше во 1996 година со првиот мобилен оператор. Во 2000-те се појавија стандардите за 3-та генерација (3Г), додека во 2010-те стандардите за четвртата генерација (4Г).Во 2020 се појави петтата мобилна генерација (5Г), мрежата која според најавите, треба да овозможи технолошки напредок за општеството и многу нови функционалности за корисниците. За нејзиното фунционирање се потребни нови инвестиции и инфраструктура како антени за да се покрие целата територија, а кои кои ќе зрачат 5Г фреквенција за поврзување на уредите. Македонското законодавство нема посебни уредби за поставување на оваа мрежа во близина на аеродромите.
Од друга страна пак, додека американските базни станици користат помоќна јачина на сигналот од другите места, Франција, на пример, ја намалува моќноста на мрежите во близина на аеродромите. Агенцијата за воздухопловна безбедност на Европската унија соопшти дека засега нема забележано никакви инциденти при работа предизвикани од пречки поради 5Г мрежата.