Четири компании се заинтересирани да учествуваат на тендерот за користење на радиофреквенции за 5Г мрежата. Со терминот 5Г се означува петтата генерација на мобилни телекомуникациски врски, која треба да овозможи побрз интернет и можност за поголемо поврзување на уреди.
Технологијата која има од 10 до 1000 пати поголема брзина од досегашната 4Г мрежа ќе може да се користи и за професионални и за аматерски цели.
Од заинтересираните компании, три ѝ се познати на јавноста - тоа се Македонски телеком, А1 Македонија и Неотел. Неотел не нуди мобилна телефонија. Четвртата компанија е Битстрим Мобиле која сака да влезе на пазарот како нов мрежен оператор. Станува збор за фирма основана на крајот на јануари годинава. Според податоците од Централен регистар, компанијата е во сопственост на Телесмарт, фирма која има повеќе од десетгодишно искуство во полето на безжичните комуникации.
Компаниите до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) испратиле писма во кои искажуваат интерес за тендерот, но и свои предлози и коментари.
Повеќе од еден месец имало јавна расправа за оваа тема, по што АЕК ќе треба да распише тендер. Треба да се спроведе јавен тендер со наддавање за издавање на одобренија за користење на радиофреквенции.
Четирите компании имаат интерес за различни фреквенции, се преклопува само интересот на А1 И Т мобиле. Двата мобилни оператори, според јавната расправа, забележуваат на цената која треба да ја платат за да ја користат фреквенцијата и бараат користењето да биде на 20 години со можност за продолжување, а не како што е во предлогот 15 плус 5 години. Тие сметаат дека е потребен поголем рок за користење за инвестицијата да биде исплатлива. Од АЕК, пак, велат дека се користени светските искуства и цената што ќе ја бараат за користење на фреквенциите е во европскиот просек.
Законски измени
За стартување на проектот 5Г мрежа треба да се променат и дел закони, а и владата треба да каже со колкава сума ќе ги субвенционира компаниите што ќе ја поставуваат мрежата.
Според државните планови усвоени пред 2 години, до крајот на 2023 година најмалку еден од големите градови во државата треба да биде целосно покриен со 5Г сигнал, а до крајот на 2027 година да бидат покриени сите градови. До крајот на 2029 година, пак, секој граѓанин треба да има можност за пристап до 5Г мрежа и брз интернет.
На секои десет години се појавува нова мобилна генерација, во 1980-те беше првата мобилна генерација (која ја немаше во Македонија), во 1990-те се појави втората генерација (2G), а кај нас стартуваше во 1996 година со првиот мобилен оператор, во 2000-те се појавија стандардите за 3-та генерација (3G), во 2010-те стандардите за четвртата генерација (4G), а во 2020 се појави петтата мобилна генерација (5G).
Професор Тони Јаневски од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во интервју за МИА, на Светскиот ден на телекомуникациите рече дека според сите предвидувања во светски рамки, до 2025 година, доминантна и понатаму ќе биде 4Г, бидејќи за новата 5Г ќе биде потребно време да се имплементира и потоа да се прошири на пазарот на мобилни услуги во дадена земја. Професорот вели дека воведувањето на новата генерација не се прави изолирано, туку во регионална и глобална хармонизација на мобилните технологии кои се користат, што значи дека ниту една земја не го оди тој пат самостојно.
Стартот на постапката за доделување на радиофреквенциите за 5Г претходно беше најавен за минатата година. Лани во февруари АЕК повика на јавна дебата пред да го објави тендерот, при што пристигнатите коментари од компаниите: Intracom Telecom, НЕОТЕЛ, Македонски Телеком, А1 Македонија и EOLO S.p.A. Двата постоечки оператори во Македонија, како што информираше тогаш АЕК, се изјасниле дека поради условите со ковид-пандемијата се за одложување на постапката за годинава.
Чиста мрежа за економски просперитет
Лани во октомври Македонија стана дел од „Чиста мрежа“, кога премиерот Зоран Заев и американскиот потсекретар за економски раст, енергија и животна средина Кеит Крач во Скопје потпишаа меморандум за разбирање за безбедност на 5Г технологии.
Со ова Македонија се приклучи на 27-те од 30 земји членки на НАТО како дел од „Чистата мрежа“.
Американскиот потсекретар Крач тогаш изјави дека безбедните мрежи се од витално значење за економскиот просперитет и за стабилност во регионот.
Програмата „Чиста мрежа“, според американскиот Стејт департмент е сеопфатен пристап на американската администрација за заштита на имотот на нацијата, вклучувајќи ја тука приватноста на граѓаните, како и најчувствителните информации на компаниите од упади на злонамерни актери, како што е, како што се истакнува, Кинеската комунистичка партија“.
5Г мрежа, според најавите, треба да овозможи технолошки напредок за општеството и многу нови функционалности за корисниците. А за функционирање на оваа мрежа потребни се инвестиции и нова инфраструктура. Потребни се антени да се покрие целата територија, но не големи антени, туку помали уреди кои ќе зрачат 5Г фреквенција за поврзување на уредите.