Достапни линкови

Грузиски борци во Украина за да ги завршат „незавршените битки“


Грузиски војник во Украина (илустрација)
Грузиски војник во Украина (илустрација)

Давид Ратиани погледна нагоре додека руски воен авион зуеше низ грузиското небо, стискајќи ја тупаницата со таков бес што ноктите му се вкопаа во кожата.

„Никогаш нема да го заборавам чувството на немоќ што ме обзеде во тој момент“, се сеќава Ја Шашвиашвили на тоа како нејзиниот сопруг во еден од ретките моменти и ги раскажал деталите од своето искуство за време на кратката, разорна војна на Грузија со Русија во 2008 година.

Во војната, која избувна во сепаратистичките региони Јужна Осетија и Абхазија, загинаа повеќе од 200 војници, 300 цивили и илјадници раселени, додека двете територии останаа во состојба на замрзнат конфликт. Петнаесет години по војната, на годишнината која се слави во Грузија на 7 и 8 август, Русија сè уште има војници стационирани во Јужна Осетија и Абхазија.

За многумина во Грузија, руската инвазија на Украина буди сеќавања на конфликтот на нивната земја со нејзиниот моќен сосед и поранешен владетел. Многу Грузијци кои се бореа во 2008 година отпатуваа во Украина за да земат оружје на страната на силите на Киев. Десетици поради тоа платиле највисока цена, пишува редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.

Се верува дека стотици етнички Грузијци се борат во Украина, главно во Грузиската легија, борбена сила формирана во 2014 година, откако Русија почна да поттикнува немири во источниот украински индустриски регион Донбас, веднаш откако Кремљ незаконски го анектираше полуостровот Крим.

Легијата, за која се вели дека има меѓу 800 и 1 000 луѓе и приближно рамномерно поделена меѓу етнички Грузијци и мешавина од други националности, е интегрирана во украинските вооружени сили.

„Незавршена битка“ која треба да се заврши

За Ратиани, со прекар Дато, немаше дилема дали треба или не треба да се бори за Украина против истиот непријател.

„Затоа отиде во Украина. Имаше незавршена битка и сакаше да ја заврши. Тоа чувство, таа болка на пораз беше закопана длабоко во неговиот ум. Се надеваше дека е дојдено времето за победа и одмазда и во првата прилика замина“, раскажува сопругата на Дато.

Давид Ратиани
Давид Ратиани

Во 2008 година, Ратиани, кој беше во грузиската армија, бил брзо распореден откако избувнаа непријателствата со Русите.

„Штом објавија на телевизија дека започнале воените операции, тој веднаш ги спакува куферите. Дури и сега го гледам пред мои очи како оди од соба во соба, трча во тоалет, фрла работи во торба и потоа ја напушта куќата“, се сеќава таа.

Во тоа време Ратиани зад себе ја оставил не само сопругата, туку и едногодишниот син, како и неговата мајка која живеела со нив.

„Застанавме пред куќата, во дворот, јас и свекрва ми, држејќи го бебето, со тажни лица, ги гледавме тие момци како излегуваат и размислувавме што да правиме“, се сеќава Шашвиашвили, додавајќи дека потоа дознала дека е бремена со друго дете.

Кога се вратил од бојното поле, нејзиниот сопруг ретко зборувал за конфликтот.

„Тој речиси и не кажа ништо. Во принцип, не сакаше да зборува за својот живот во војската. Тоа беше табу тема. Но, во тие денови тој беше уште потивок од порано“, вели таа.

Еден од ретките спомени што ги сподели беше времето кога руски воен авион му прелетал над глава во воената база Сенаки, кога ја стиснал тупаницата и викал „како мало дете“.

Ја Шашвиашвили, сопруга на војникот Ратиани
Ја Шашвиашвили, сопруга на војникот Ратиани

По војната во 2008 година, Ратиани продолжи да служи во грузиската армија, а во 2014 година бил распореден во Авганистан за да учествува во мисијата на НАТО (Resolute Support) за Одлучна поддршка во обука, советување и помагање на авганистанските безбедносни сили во борбата против тероризам. За тоа време, спасил живот на едно лице при терористички напад, вели Шашвиашвили.

Во 2019 година, Ратиани, тогаш 50-годишен, се повлекол од активна должност и започнал цивилен живот, работејќи како возач во различни приватни компании. Се интересирал и за политика, па станал член на „Силата е во единство“, опозициската фракција во грузискиот парламент.

Меѓутоа, кога Русија ја почна инвазија на Украина во февруари 2022 година, Ратиани брзо отиде да се бори заедно со Украинците. Тоа беше неговата последна битка. На 18 март 2022 година, 53-годишниот Ратиани беше убиен, наводно од руски воен минофрлачки оган на линијата на фронтот во градот Ирпин. Се смета дека тој е првиот грузиски борец што загинал во Украина.

Сместен во близина на главниот град Киев, Ирпин беше уништен од руската армија и повеќето нејзини згради беа претворени во урнатини, додека многу цивили претрпеа неверојатни тешкотии од напаѓачките руски сили.

Некогаш дом на околу 65 000 луѓе, Украина го прогласи Ирпин за „град херој“, како признание за решителноста што жителите на градот ја покажаа пред таквите неволји.

„Додека сум жив, нема да го исклучам телефонот“

На 7 август 2008 година, во четири часот наутро, кога Авто Руруа бил повикан и му било наредено да се јави во базата, тој на својата 20-годишна сопруга Елмира Иналишвили и рекол:

„Не грижи се, што и да се случи. Сѐ додека сум жив, нема да го исклучам телефонот“.

Руруа служел во грузиските вооружени сили заедно со неговиот брат и братучед.

Кога изби војната со Русија, Руруа, бегалец од Абхазија и неговата сопруга Иналишвили живееја во Абастумани, град со помалку од 1 400 жители. Тие штотуку станаа родители, со бебе старо само три недели.

Кога Руруа тргнал да се бори, соседот ги одвел Иналишвили и нивното бебе во селото Лешичина, верувајќи дека таму ќе биде побезбедно.

„До 8 август бев во телефонски контакт со Авто. Ми рече дека се е во ред, но на 8 август изгубив контакт со него. Бидејќи ми кажа дека никогаш нема да го исклучи телефонот додека е жив, мислев дека Авто умрел“, раскажува Иналишвили за РСЕ.

За време на петдневните борби, Иналишвили немала информации за судбината и каде се наоѓа нејзиниот сопруг.

„Дури и престанав да дојам бидејќи бев многу нервозна. Немаше храна за бебето и немаше вести за Авто“, објаснува таа.

Непосредно пред зори на шестиот ден од војната, додека непријателствата стивнуваат, нејзиниот телефон заѕвони.

„Се сеќавам дека го држев бебето во едната рака, а телефонот во другата. Спиев така. Никогаш нема да го заборавам неговиот глас кога рече:

"Жив сум. Наеднаш сите стравови исчезнаа. Главната работа беше дека тој беше жив“, рече Иналишвили.

Руруа исцрпен се врати дома кај своето семејство.

„Нозете му беа толку отечени од одење по шума и планина што не можеше да ги соблече војничките чизми“, се сеќава таа.

Ни додека братот на Руру исто така ја преживеа августовската војна, неговиот братучед Бадри Берадзе беше убиен.

„Авто не можеше да и прости на Русија за августовската војна. Ги загуби роднините и пријателите. Затоа замина во Украина. Кога одеше во војна, неговиот најстар син Александар го праша: „Зошто одиш, ти си Грузиец, нели војната е во Украина?“

Авто одговорил:

„Русија ни ги зеде браќата, ни ги одзеде грузиските територии“, се сеќава Иналишвили на денот кога нејзиниот сопруг заминал во Украина во 2022 година.

Авто Руруа
Авто Руруа

„Му даде на постарото момче икона да ја носи околу вратот и го замоли да не ја соблекува додека не се врати. Едноставно не можев да верувам дека оди во војна, дека се пријавува за речиси сигурна смрт. Се лутам кога слушам како луѓето велат дека тие борци одат во Украина за пари и умираат за пари. Тие луѓе мораа да ја завршат борбата и затоа тргнаа во војна“, вели Иналишвили.

Пред да замине во Украина, Руруа работел како чувар во хотел во црноморското одморалиште Батуми пред да започне да се занимава со градежни работи во главниот град Тбилиси.

На 2 декември 2022 година, Руруа беше убиен на 41-годишна возраст заедно со уште четворица грузиски борци во близина на источниот украински град Бахмут во, како што се наведува, напад на чеченските борци.

Неговиот брат, кој сега исто така се бори во Украина, вети дека нема да се врати дома без телото на Руру, кое никогаш не беше пронајдено.

„Тој беше несреќен, но не дозволи никој од нас да дознае

Едишер Кварацхелија беше член на грузиските одбранбени сили за време на војната во август 2008 година, служејќи во Четвртата механизирана бригада, која, наводно, претрпе најголема стапка на жртви за време на конфликтот. Кога Кварацхелија бил повикан во августовската војна, неговиот помлад брат Бакур сакал да му се придружи, но бил одбиен поради недостиг на искуство.

„Тој се бореше со Четвртата бригада. Кога војската се повлече, тој излезе со нив. Ако добро се сеќавам, на 14 август ги сретнав момците кога се повлекоа со сета своја опрема и тенкови. Тоа беше прв пат да видам како човек може да легне на тенк и да заспие од умор, изјави Бакур за грузиската служба на РСЕ.

По грузиската војна, Кварацхелија останал во војската и по завршувањето на неговата задолжителна служба. Студирал воено инженерство и рударство и станал специјалист.

Неговиот брат Бакур смета дека крвта што ја пролеале грузиските војници во 2008 година не била залудна. Можеби поради оваа причина, Кварацхелија отишол да се бори во Украина уште во 2014 година, кога Русија илегално ја презеде контролата врз полуостровот Крим и почна да ги поддржува сепаратистичките борци во Донбас.

"Едишер беше седум години постар од мене. Секогаш ми беше идол и пример. Кога отиде во војна во 2008 година, ми ја довери тешката задача да го зачувам мирот во семејството", вели Бакур.

„Таа мисија повторно ми дојде кога тој отиде да се бори во Украина. Кога некој оди во војна, членовите на семејството дури и потсвесно можат да се прилагодат на фактот дека можеби никогаш повеќе нема да го видат жив. Знам дека тоа е начинот на живот на воинот, но агонија е кога ќе ја изгубиш крвта“, вели брат му.

Кварацхелија беше убиен, на 44-годишна возраст, на 10 октомври 2022 година, за време на борбите кај Бахмут. Во Украина е награден со неколку медали за херојство.

XS
SM
MD
LG