Достапни линкови

Вести

Самитот за Украина во Џеда без конкретни решенија

Џеда, Саудиска Арабија, 5 август 2023 година
Џеда, Саудиска Арабија, 5 август 2023 година

Во саудискиот град Џеда, на брегот на Црвеното Море, синоќа заврши мировниот самит за Украина, на кој учествуваа високи претставници од околу 40 држави, но немаше претставник на Русија. Средбата заврши по неколкучасовни говори на делегациите и долга дискусија зад затворени врати.

Саудиска Арабија, обидувајќи се да стекне глобално влијание, беше домаќин на состанокот за Украина, на кој се очекуваа „не лесни“ разговори. Средбата, што почна попладнето заврши синоќа по неколкучасовни говори на делегациите и долга дискусија зад затворени врати, соопштија учесниците.

Како што се очекуваше, не беше објавена завршна декларација, но според неименуван европски извор, договорен е заеднички став за клучните точки, пред сè дека во мировниот договор мора да се почитува „територијалниот интегритет и суверенитет“ на Украина.

На Самитот присуствуваа и претставници на земјите-членки на БРИКС, кои не застанаа зад Украина, но не ја поддржуваат руската инвазија, што почна во февруари 2022 година.

Според неименуван европски извор, Кина активно учествувала и позитивно се изјаснила за идејата за нов состанок.

Советник на бразилскиот претседател Лула да Силва, Селсо Аморим посочи дека „во сите вистински преговори мора да бидат вклучени сите страни“, вклучително и Русија.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски истакна дека украинската делегација го претставила својот мировен план од десет точки, кој предвидува целосно повлекување на руските трупи од украинска територија.

„Разговорите не се лесни, но вистината е на наша страна. Имаме многу несогласувања и слушнавме многу гледишта“, изјави Андриј Јермак, шеф на администрацијата на украинскиот претседател кој ја претставуваше неговата земја во Џеда.

Претходно, Украина, заедно со Соединетите Држави, го критикуваа Ријад поради заедничкото спроведување на нафтената политика со Русија, чија цел е зголемување на цените на светските пазари, што е во корист на Москва, која е под санкции на Западот.

Ријад во ОН ги поддржа резолуциите со кои се осудува руската инвазија, како и руската анексија на територија во источна Украина.

види ги сите денешни вести

Романскиот десничарски кандидат Калин Горѓеску поднесе кандидатура за повторените претседатеслки избори

Калин Горгеску
Калин Горгеску

Калин Горгеску, кандидат на крајната десница, ја поднесе својата кандидатура за повторените претседателски избори во Романија, кои ќе се одржат во мај.

Горгеску ја поднесе својата кандидатура до изборната комисија, задолжителен чекор пред повторените избори, додека неколку стотици негови поддржувачи вееја знамиња и го скандираа неговото име.

„Заедно ја прифаќаме администрацијата на Трамп и Венс поради нашите заеднички вредности – мир, демократија и слобода“, им рече Горгеску на новинарите, предупредувајќи дека обидот да се блокира неговата кандидатура нема да успее.

Тој денеска претходно најави дека до Централната изборна комисија ќе ја достави својата кандидатура за претстојните претседателски избори закажани за 4 мај.

„Официјално ќе се пријавам за учество на новите избори. Иако не се откажувам од идејата да се продолжи со вториот круг. Слушнав дека сакаат да ме блокираат. Се разбира, тоа би било спротивно на волјата на романскиот народ и сигурно ќе им нанесе силен удар на демократските вредности, а да не зборуваме за нивното уништување“, рече Горгеску на телевизијата Реалитатеа плус.

Претходно, романскиот портал Диги 24, повикувајќи се на Фајненшл тајмс, јави дека и покрај притисокот и од САД и од Русија, кандидатурата на Горгеску може да биде одбиена поради кривична истрага.

Обвиненијата против него вклучуваат тешки кривични дела, како што е обид за поткопување на уставниот поредок со помош на фашистички групи, за што е предвидена затворска казна од над 10 години.

На 26 февруари, тој беше обвинет за шест кривични дела, вклучително и ширење лажни информации, како дел од истрагата за незаконско финансирање на неговата изборна кампања во есента 2024 година.

Претседателските избори во Романија се одржаа на 24 ноември минатата година. На 6 декември Уставниот суд ги поништи изборните резултати поради „утврдени нерегуларности“.

Шефот на чешката дипломатија: Поддршка на Балканот кон ЕУ и отпор кон руското влијание

Јан Липевски, министер за надворешни работи на Чешка и Ервин Ибрахимовиќ, министер за надворешни работи на Црна Гора
Јан Липевски, министер за надворешни работи на Чешка и Ервин Ибрахимовиќ, министер за надворешни работи на Црна Гора

Најголем интерес на Чешка е да се спротивстави на руското влијание и земјите кандидати за членство во ЕУ да се усогласат со нејзината безбедносна политика, изјави чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски.

„Неопходно е да се неутрализираат сите руски саботажи, информациска војна и штетно влијание. Наша примарна цел е да ја држиме Русија што подалеку од какво било влијание. Сакаме да соработуваме со балканските земји во тоа“, рече тој во изјава за Радио Слободна Европа, за време на неговата прва посета на Црна Гора.

Српскиот претседател Александар Вучиќ разговараше со рускиот претседател Владимир Путин на 7 март и рече дека се договориле да се сретнат во мај.

Според Вучиќ, тие разговарале за ситуацијата во Србија и регионот, како и за други важни прашања, вклучувајќи го и постигнувањето нов договор за гас со Русија и прашањето за американските санкции за српската нафтена индустрија.

На прашањето дали руското влијание може да ја направи ЕУ помалку атрактивна за балканските земји, Липевски одговори негативно.

„Напротив. Можеби ќе видиме посилна европска соработка на полето на одбраната. Можеби во ЕУ, можеби не. Но, зависи од балканските држави и нивните граѓани да одлучат дали сакаат да бидат дел од Унијата. Јас сум оптимист и верувам дека интеграцијата во ЕУ е клучна за просперитетот и безбедноста“, рече Липевски.

Според него, процесот на проширување мора да остане врз основа на исполнување критериуми и индивидуални заслуги.

„За Чешка е важно да види дека земјите кандидати се усогласуваат со безбедносната политика на ЕУ и дека тоа е приоритет за нив“, рече Липавски.

Чешка и дава силна поддршка на Црна Гора на нејзиниот пат кон ЕУ
Чешка ја поддржува и ќе продолжи да ја поддржува Црна Гора на нејзиниот европски пат, рече министерот Липевски.

„Ценам што сите што ги сретнав потврдија дека европската интеграција е главен приоритет на црногорската влада. Ќе споделиме искуства и знаења за поддршка на реформската агенда на Црна Гора.

Зборувајќи за глобалните предизвици, тој ја пофали Црна Гора за нејзиното доследно спроведување на санкциите против Русија. и ја истакна заедничката посветеност во борбата против империјалните амбиции на Русија.

„Заедно стоиме пред еден од најголемите предизвици на нашето време - империјалните амбиции на Русија, кои се манифестираат во нејзината брутална агресија против Украина и се закануваат на цела Европа.

Дополнително, како што рече на прес-конференцијата со неговиот црногорски колега Ервин Ибрахимовиќ, има голем простор за зајакнување на билатералната соработка во науката, образованието и културата.

Трамп се закани со нови санкции за Русија поради нападите врз Украина

Доналд Трамп
Доналд Трамп

Претседателот Доналд Трамп во петокот се закани со нови санкции и царини за Русија поради нејзиното бомбардирање на Украина, откако претходно ја суспендираше американската помош за Киев во наведен обид да ја поттикне дипломатијата.

„Врз основа на фактот дека Русија апсолутно ја „удри“ Украина на бојното поле во моментов, јас силно размислувам за големи банкарски санкции, санкции и тарифи за Русија додека не се постигне прекин на огнот и конечно решавање на договорот за мир“, напиша Трамп на својата платформа „Truth Social“.

„До Русија и Украина, дојдете на маса веднаш, пред да биде предоцна“, напиша тој.

Заканата на Трамп доаѓа откако Русија во петокот изврши големи напади со беспилотни летала и ракети врз енергетската инфраструктура на Украина.

Неколку дена претходно, администрацијата на Трамп ја суспендираше испораката на американската воена помош и споделувањето разузнавачки информации со Украина по спорот со претседателот Володимир Зеленски.

Директорот на Националниот економски совет Кевин Хасет сигнализираше дека заканата на Трамп е дел од дипломатската стратегија.

„Претседателот Трамп е категоричен дека треба да ги доведеме сите на маса, а тоа би можело да го направиме со моркови, а тоа можеме да го направиме со стапови, а тој разговара со сите“, им рече Хасет на новинарите.

Трамп оттогаш се соочи со остри критики од сојузниците и домашните противници кои велат дека застанал на страната на Русија, која ја нападна Украина во 2022 година.

Соединетите Држави гласаа заедно со Русија и против своите европски сојузници за резолуциите на Обединетите нации кои повикуваа на прекин на војната без да се нагласи територијалниот интегритет на Украина.

Трамп минатиот месец телефонски разговараше со рускиот претседател Владимир Путин како првичен чекор кон обновување на нормалните односи и укинување на сеопфатните санкции наметнати во времето на поранешниот претседател Џо Бајден поради инвазијата во Украина.

Русија е отворена за дијалог со САД за нуклеарни арсенали, вели Кремљ

Обука на екипажот за тактичко нуклеарно оружје, Бурјатија, Русија, 2020 година
Обука на екипажот за тактичко нуклеарно оружје, Бурјатија, Русија, 2020 година

Москва соопшти дека е отворена за дијалог со Соединетите Држави (САД) за нуклеарниот арсенал, откако американскиот претседател Доналд Трамп ги повика нуклеарните сили да ги намалат залихите на атомско оружје, објави Радио Слободна Европа на англиски јазик.

„Дијалогот меѓу Русија и САД за контрола на вооружувањето е неопходен, особено кога станува збор за стратешка стабилност“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков за новинарите во Москва на 7 март.

Овој став на Русија доаѓа по говорот на Трамп претходниот ден во кој тој рече дека денуклеаризацијата ќе биде цел за време на неговиот втор мандат, кој започна на 20 јануари.

„Знам дека Русија и ние имаме убедливо најмногу. Кина ќе ја има истата сума за четири до пет години. „Би било одлично сите да се ослободат од своето нуклеарно оружје“, им рече Трамп на новинарите на 6 март во Белата куќа.

Додека Трамп се осврна на нуклеарните резерви што ги чуваат Кина, Русија и САД, кои имаат најголем број нуклеарно оружје во светот, Дмитриј Песков рече дека дискусијата треба да ги вклучи и европските нуклеарни сили Велика Британија и Франција.

Москва посебно укажа на коментарите на францускиот претседател Емануел Макрон дека Париз е подготвен да го прошири својот нуклеарен чадор за да ја заштити Европа. Кремљ оцени дека понудата на Макрон содржи „елементи на нуклеарна уцена“ и дека Франција сака да бара „нуклеарно лидерство во Европа“.

Контролата на нуклеарното оружје е високо на агендите на Вашингтон и Москва, а во исто време одржува дипломатски контакт за евентуален крај на војната во Украина.

Администрацијата на Трамп се обидува да ги преобликува односите меѓу САД и Русија и да создаде мирно решение.

Ставот на Москва за нуклеарното оружје дојде пред состанокот меѓу американските претставници и украинските претставници следната недела во Саудиска Арабија, со цел постигнување мировен договор, откако Вашингтон разговараше за ова прашање со Русија во февруари.

Вашингтон го сака Иран во преговори за оружје

Коментарите на Трамп за контролата на нуклеарното вооружување следат по претходните изјави во февруари во кои тој рече дека сака да ги рестартира преговорите за тоа со Русија и Кина како дел од процесот во кој сите три земји би можеле да се согласат да ги преполоват буџетите за одбрана.

Вашингтон го има и Иран во своите планови за нуклеарни преговори. Трамп на 6 март изјави за „Фокс њуз“ дека испратил писмо до иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи во кое го информирал дека е отворен за преговори за договор за нуклеарната програма на земјата.

Русија и САД се најголемите нуклеарни сили во светот, секоја со повеќе од 5.000 нуклеарни боеви глави.

Се верува дека Кина има околу 500, залихите на Франција се 290, а на Британија 225.

Иран не поседува нуклеарно оружје и тврди дека има нуклеарна програма само за мирољубиви цели.

Контролата на оружјето беше централен фокус на првиот мандат на Трамп од 2017 до 2021 година, во кој тој сигнализираше подготвеност да разговара со Техеран за програмата на Иран по повлекувањето од претходниот договор.

Тој, исто така, се обиде да ја доведе Кина во преговори за намалување на нуклеарното оружје кога Соединетите Држави и Русија преговараа за продолжување на договорот познат како „Нов старт“.

Русија го суспендираше своето учество во договорот за време на администрацијата на поранешниот американски претседател Џо Бајден, бидејќи САД и Русија продолжија со програмите за продолжување или замена на нивните нуклеарни арсенали од времето на Студената војна.

Советот на јавни обвинители избра 31 нов јавен обвинител, пет обвинителства без кандидати

Совет на јавни обвинители
Совет на јавни обвинители

Советот на јавни обвинители денеска избра 31 нов јавен обвинител за 10 основни јавни обвинителства низ државата. Кандидатот пријавен за обвинителствата во Гостивар и Кичево, не го добил потребниот број на гласови, а во пет обвинителства воопшто немало пријавени.

Во Основно јавно обвинителство Скопје се избрани кандидатите Сашо Палчевски, Бурханедин Нухију, Ирина Црвенковска, Јана Ристеска, Милена Новеска Латиновска, Кристијан Смилевски, Бојана Ваневска, Илир Зајази, Александар Софронијовски, Динче Стојановска, Марија Секуловска Велковска, Марина Галева, Орхан Арифовски и Давид Неделков.

За јавен обвинител во Основно јавно обвинителство Битола е избрана Ангелина Ангелевска Илиевска, а за Основно јавно обвинителство Гевгелија е избран кандидатот Драгиња Аврамчева. Благој Митевски е избран во Основно јавно обвинителство Делчево, во Основно јавно обвинителство Охрид е избран Ерол Шериф, додека, за јавен обвинител во Основно јавно обвинителство Струмица е избран Кире Манински.

Во Основно јавно обвинителство Куманово се избрани кандидатите Ивана Јавнески и Лукман Салихи, а за Основно јавно обвинителство Прилеп се избрани Кирил Јовчески и Марија Шокоска. За јавни обвинители во Основно јавно обвинителство Тетово се избрани кандидатите Илзана Касами Шабани, Стефан Попоски и Блерим Бесими, а за во Основно јавно обвинителство Штип се избрани Здравко Кескинов Жежов и Луција Кашуба.

Кандидатот Арсим Адеми што се кандитирал за јавните обвинителства во Гостивар и Кичево не го добил потребниот број на гласови, а за Основните јавни обвинителства во Крива Паланка, Велес, Струга, Кочани и Радовиш воопшто немало пријавени кандидати.

За јавното обвинителство во Ресен бил пријавен само кандидатот што Советот денеска го избра за обвинител во ОЈО Охрид.

Меморијалниот центар во Сребреница затворен од безбедносни причини

Влез во Меморијалниот центар Сребреница, 07 март 2025 година
Влез во Меморијалниот центар Сребреница, 07 март 2025 година

Меморијалниот центар во Сребреница во петокот, на 7 март, објави дека „во согласност со моменталната безбедносна ситуација, ќе биде затворен до понатамошно известување“.

„Одлуката е донесена поради неможноста да се обезбедат соодветни безбедносни гаранции за вработените, соработниците, гостите и посетителите, сето тоа согласно законските прописи и актуелните околности, како и државниот удар што е во тек и е насочен против државните институции од бунтовнички групи со седиште во Бања Лука“, се наведува во објавата на социјалната мрежа „Икс“.

Меморијалниот центар е обезбеден од Дирекцијата за координација на полициските тела на БиХ од 2011 година.

Соопштението од Меморијалниот центар во Сребреница доаѓа по стапувањето во сила на неуставните закони на Република Српска со кои се забранува работата на Државната истражна агенција (СИПА), Судот и Обвинителството на БиХ во овој ентитет.

Во петокот беше затворена и зградата на СИПА во Бања Лука, а вработените во Агенцијата ги напуштија просториите во раните утрински часови.

Од Меморијалниот центар во Сребреница нагласуваат дека центарот ќе остане затворен додека не се стабилизира состојбата и не се обезбедат соодветни гаранции, додека сите вработени ќе работат од дома, „ако е можно“.

Тие исто така нагласуваат дека ќе бараат безбедносни гаранции од СИПА, Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) и ЕУФОР за продолжување на работата.

„Го повикуваме државниот врв да направи се што е можно поскоро и да ја обезбеди основната безбедност на сите граѓани на секој чекор од оваа земја, почнувајќи од Сребреница“, соопшти Меморијалниот центар во Сребреница.

Мисијата на Центарот е да го зачува споменот на жртвите на геноцидот и да едуцира за важноста на мирот, толеранцијата и човековите права.

За време на геноцидот во Сребреница во јули 1995 година, силите на Армијата на Република Српска убија приближно 8.000 мажи и момчиња во Сребреница и околината.

Повеќе од 50 луѓе се осудени на повеќе од 700 години затвор за геноцидот и злосторствата во Сребреница, кои се случија откако Армијата на Република Српска ја презеде оваа област заштитена од ОН во средината на јули 1995 година.

Досега, 6.701 жртва на геноцидот извршен во јули 1995 година се погребани во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари, додека други 237 жртви на геноцидот се погребани на други локации, според желбата на семејствата на жртвите. Сè уште се трага по околу 1.000 исчезнати лица.

Затворени маркети, аптека и увозници на овошје и зеленчук - утврдени маржи до 70 отсто

Потрошувач во маркет - илустрација
Потрошувач во маркет - илустрација

Осум компании од кои три маркети, една аптека и тројца најголеми увозници на овошје и зеленчук се затворени на 15 дена поради непочитување на владините мерки за маржите.

Како што соопшти денеска директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски, кај овие правни субјекти контролите утврдиле маржи до 70 отсто.

Според Стојкоски, освен клуч на врата, тие ќе бидат и парично казнети.

„Се работи на уште 30 предмети во кои се опфатени сите големи маркети. Инспекторите се постојано на терен, контроли спроведуваме континуирано и така ќе продолжиме“, информира директорот на прес-конференција.

Сепак, неговата генерална оценка е дека мерките на Владата се почитуваат.

Од 24 февруари до 6 март се извршени 365 надзори во трговијата на мало и 64 во трговијата на големо со што се опфатени над илјада малопродажни и големопродажни места.

Притоа се констатирани вкупно 36 неправилности и се издадени прекршочни платни налози од 42.000 евра.

Русија ги поддржува властите во Србија и Република Српска, изјави Вучиќ по разговорот со Путин

Александар Вучиќ - претседател на Србија
Александар Вучиќ - претседател на Србија

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека рускиот претседател Владимир Путин ја поддржува легитимно избраната влада во Србија и дека Москва секогаш го поддржувала Дејтонскиот мировен договор и босанскиот ентитет Република Српска.

По телефонскиот разговор со Путин на 7 март, Вучиќ изјави дека со рускиот претседател разговарал за сите важни прашања, вклучувајќи го и постигнувањето нов договор за гас и прашањето за американските санкции за нафтената индустрија на Србија, како и дека е потврдена претстојната средба на 9 мај во Москва.

Во видео-обраќање на својот Инстаграм профил, Вучиќ рече дека разговарал со Путин за „обид за обоена револуција во Србија“.

„Му се заблагодарив за фактот што руските функционери не ја поддржуваат обоената револуција и претседателот Путин имаше многу јасен став за ова прашање. Русија разбира и добро гледа што се случува и ќе продолжи да ги поддржува легално и легитимно избраните власти во Србија“, рече Вучиќ.

Тој изјави дека со Путин разговарал и за ситуацијата во регионот и ја пренел пораката од претседателот на Република Српска, Милорад Додик.

„Претседателот Путин на обидите и потезите на високиот претставник во БиХ гледа само со една цел, а тоа е соборување на Милорад Додик. Руската Федерација отсекогаш го поддржувала и Дејтонскиот мировен договор и Република Српска“, рече Вучиќ.

Тој изјави дека со рускиот претседател разговарале и како да се реши проблемот со Нафтената индустрија на Србија, со оглед на американските санкции за таа компанија.

Вучиќ не наведе детали, наведувајќи дека тој и Путин разговарале и како Србија би можела да склучи нов договор за гас со Русија пред 31 мај.

Претседателот на Србија рече дека темите што се обработуваат се и политичка и економска соработка, оценувајќи го разговорот како одличен.

Вучиќ изјави дека е потврдена неговата посета на Руската Федерација на 9 мај и додаде дека на почетокот на мај ќе ја предводи српската делегација во Москва за да ја прослави 80-годишнината од победата над фашизмот.

Зеленски ги повика сојузниците да извршат притисок врз Русија да ја прекине војната

Украински војник во Покровск во близина на зграда уништена во руски напад, 6 март 2025 година.
Украински војник во Покровск во близина на зграда уништена во руски напад, 6 март 2025 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика сојузниците да извршат притисок врз Русија да ја прекине војната против Украина, откако таа повторно ја нападна украинската енергетска инфраструктура, објави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

„Првите чекори кон воспоставување вистински мир треба да бидат принудување на единствениот извор на оваа војна, Русија, да ги запре ваквите напади врз животот“, објави Зеленски на 7 март.

Тој рече дека и станбени згради биле погодени во координиран напад на Русија со крстаречки ракети од Црното Море, хиперсонични ракети од воздух и низа борбени беспилотни летала.

Зеленски кажа дека во одбивањето на нападот, Украина користела авиони Ф-16 и Мираж-2000 што Франција му ги дала на Киев како дел од пакетот помош објавен во јуни минатата година.

По овој руски напад, Полска ги активираше системите за воздушна одбрана и борбените авиони.

Полските вооружени сили соопштија дека поради активностите на руската авијација со долг дострел, Варшава и сојузниците започнале воздушна операција за следење и одговор на заканите.

Рускиот напад доаѓа пред мировните преговори во Саудиска Арабија следната недела, каде што се очекува украинска делегација да се сретне со претставници на Соединетите Американски Држави за да подготви рамка за мировен договор.

Овој триесетти масовен напад врз енергетската инфраструктура на Украина од почетокот на руската инвазија во 2022 година и е дел од пошироката руска воена стратегија, чија цел беше објекти во областа Одеса во последните две недели.

Украинската државна компанија за гас Нафтохаз соопшти дека ова е 17-ти комбиниран напад врз нејзината инфраструктура. Извршниот директор на компанијата, Роман Чумак, рече дека производствените капацитети се погодени и дека во тек се напори за реконструкција.

И покрај постојаното негирање на Москва дека имала цел цивилна инфраструктура, Украина и меѓународните организации ги нарекоа нападите воени злосторства во кои тие рекоа дека болниците, училиштата, енергетските објекти и системите за водоснабдување низ земјата биле намерно цел.

Кремљ е загрижен за „конфронтирачката реторика“ на ЕУ

Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ
Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ

Кремљ ја осуди „конфронтирачката реторика“ на Европската Унија откако лидерите на блокот се согласија да ја зајакнат нејзината одбрана на кризниот самит кој се одржа на 6 март во Брисел.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Русија внимателно ја набљудува ЕУ, велејќи дека „ЕУ активно разговара за темата милитаризација“ и „ја позиционира Русија како главен непријател“.

„Гледаме дека Европската Унија сега активно разговара за милитаризација на ЕУ и за развојот на одбранбениот сегмент. Ова е процес што внимателно го следиме, бидејќи ЕУ ја позиционира Русија како свој главен противник“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Ова додаде Песков, би можело „ да биде тема на длабока загриженост“, што би можело да доведе до ситуација „на неопходност да се преземат соодветни одмазднички мерки“, рече Песков.

Европските лидери во четвртокот ги поддржаа плановите да се троши повеќе за одбраната и заеднички се согласија дека ја поддржуваат Украина, по промената на политиката на САД под водство на Доналд Трамп.

Портпаролот на Кремљ вели дека „конфронтирачката реторика и конфронтациската анализа на ЕУ се неусогласени со расположението да се бараат патишта за мирно решавање на тригодишниот конфликт во Украина“.

Откако Трамп упати повици за нуклеарно разоружување вклучувајќи ја тука и Русија, Кремљ рече дека немало такви разговори меѓу САД и Русија, но дека европските нуклеарни резерви мора да бидат „област на интерес“ во какви било разговори.

Песков го посочи предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон, кој во обраќањето до нацијата рече дека Франција може да го прошири својот „нуклеарен чадор“ за да ги заштити соседните земји.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG