Достапни линкови

Миленковски - Пласманот на ФК Вардар во Прва лига во тешки услови е чудо


Миленковски - За „вокреснувањето“ на ФК Вардар е потребна политичка одлука
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:42 0:00

Миленковски - За „вокреснувањето“ на ФК Вардар е потребна политичка одлука

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб ФК Вардар се враќа во прволигашкото друштво. Но, со старите финансиски проблеми. Милорад Миленковски, еден од водачите на навивачката група Комити, во интервју за Радио Слободна Европа вели дека добиле уверување дека ќе играат пак на арената „Тоше Проески“.

Господине Миленковски, со оглед на тоа дека ФК Вардар нема свој стадион, каде ќе ги пречекува гостинските екипи?

Поднесено е барање за Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор (ПУИГ), под чија надлежност е и градскиот стадион. Бидејќи имаме започнато акција за продажба на сезонски билети и во акцијата има опција да се изберат четири трибини, зачленувањето во клубот подразбира купување на сезонски билет за овој стадион. Очекуваме дека ФК Вардар ќе игра на овој стадион, меѓутоа, сега добивме информации дека теренот ќе се реновира во текот на август, поради потребите на репрезентацијата која ја пречекува Англија на 7 септември. По тој натпревар имаме добиено уверување дека ФК Вардар ќе може да игра тука под услови кои тие ќе ги пропишат, а не под условите кои ние ги баравме. Кога побаравме тука да игра ФК Вардар, имавме и други услови кои се поврзани со долгот на клубот и каматите. Побаравме да се избришат каматите, одлука која веќе ја има донесено управниот одбор на ПУИГ во 2021 година, а потоа беше потврдена истата одлука на седница на влада. Сега истата одлука бараме само да се потврди и да се избришат, кога веќе се поминати. Се работи за сума од 96.000 евра, додека основицата од 200.000 евра која дел е настаната поради преголемите цени на фактурирање на ФК Вардар кога играше во Лигата на Европа. И тука настанаа проблемите со ПУИГ. Со евентуално бришење на тој долг, ние побаравме да се трансформира долгот во влог, во таа ситуација ПУИГ ќе биде акционер во Вардар. Истото го побаравме и од Град Скопје. Тие се историски поврзани со клубот. Побаравме и ФК Вардар да игра бесплатно на стадионот, располагаме со историски факти дека во изградбата на стадионот е вклучено населението и компанијата Бетон.

Имате повратен одговор од институцијата?

Не. Барањето ни е однесено до ПУИГ на 28 јуни. Со тоа што веќе се поминати законските рокови. Ги повикуваме конечно да ни дадат одговор. Имавме административен проблем кога требаше да го пријавиме стадионот каде ФК Вардар ќе биде домаќин заради добивање на лиценца за настапи во Прва лига. Еден од условите е да се пријави домашен терен и еден резервен терен. Ние не можевме да го пријавиме стадионот бидејќи немаме договор. Но, имаме историска поврзаност и ќе се повикаме на тоа. Се сретнавме со директорот на ПУИГ, имаше добро расположение, истата одлука која веќе ја имаат донесено и оние дополнителни барања кои побаравме да се донесат – нека ги донесат. Одговорноста сепак нема да биде нивна, нека се префрли притисокот на влада бидејќи повторно таму треба да се потврди одлуката. Истото барање го доставивме и до Управата за јавни приходи, кое се однесува повторно до Влада. Тоа што го бараме не може да го донесе самата институција, потребна е политичка одлука.

Колкав е долгот на ФК Вардар во моментов и според вас кој е виновен за ситуацијата?

Според мене, виновни се институциите. Оној кој го донесе Вардар во оваа ситуација имаат име и презиме, и тоа не е само едно. На ФК Вардар континуирано му се случува ова и пред доаѓањето на Самсоненко во клубот, бидејќи претходно на некој начин беа избришани претходните долгови и беше расчистено со претходните доверители кога се даде клубот на град Скопје во 2010/2011 година. Кога го презема Самсоненко клубот во 2014 година, клубот е примен со долгови и побарувања нула. Чесно е да се врати клубот во првобитната состојба во која бил земен. Тоа на нас ќе ни завршеше работа во овие три години и ова ни претставува огромен товар. Причините поради кои го остави клубот во долг, според него се објективни, но, за нас се субјективни и поврзани се можеби повеќе со други елементи кои немаат врска со спортот. По доаѓањето на доскорешниот сопственик Слободан Крстевски, една од главните цели беше враќање на долгот кој го наследи. Тој го купува клубот со номинална вредност, за таа цел го презема долгот но добива и право на управување со тренинг кампот на Вардар во Хиподром. Таму имало договор кој го склучиле според кој ФК Вардар ќе може да тренира таму, но истовремено во рок од една година треба да го врати комплетниот долг на клубот од времето на Самсоненко, кој беше отприлика 2,5 милиони евра. Тој долг не само што не се врати, туку само се зголеми. Од доаѓањето на Крстевски ние имаме нула намалување на долгот, кој според процените изнесува околу 3 милиони евра.

Минатата година, градоначалничката Данела Арсовска истакна дека решение за спас на ФК Вардар го гледа во враќањето на клубот повторно во сопственост на градот. Како го оценувате тоа решение?

Тоа според мене е правилно, бидејќи многу клубови од нашето опкружување кои се многу успешни во своето делување се во сопственост на градовите. На Балканот таков пример е Динамо Загреб, каде градот директно стои зад клубот, иако Динамо Загреб работи профитабилно. Но, поддршката на градот дава сигурност. Еве и кај нас. Доколку не е само финансиски аспект, туку и институционален аспект, ако градот стоеше зад клубот на ФК Вардар, немаше да му се случи сега да има долг од 3 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG