Со бројни квалитетни играчи и спортски работници Фудбалскиот клуб Вардар пред само четири години го направи најголемиот успех во клубскиот фудбал од осамостојувањето на државата – пласман во групната фаза на УЕФА Европа Лигата.
Се чинеше дека тоа е само почеток на успесите и дека клубот, кој беше во врвот на македонскиот фудбал, може да стигне и до Лигата на шампионите. Но, оваа година ФК Вардар испадна од Првата македонска лига. Следната сезона треба да ја започне во понизок ранг во втората лига, а дотогаш неизвесно е каква ќе биде неговата судбина.
ФК Вардар во моментов игра со кадети и младинци на кои им е забрането да ги користат клубските простории, поради што натпреварите ги играат на терени обезбедени од ФФМ. Клубот нема раководство, има долгови од 3,5 милиони евра, блокирани сметки и финансиска помош што ја добива од неговите навивачи Комити.
Актуелниот сопственик на клубот, рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, веќе не го финансира клубот и го нуди да го врати назад на Град Скопје, како што потврдуваат градските власти. Но тие, како што велат, не се согласуваат да преземат приватна фирма со долгови.
Сергеј Самсоненко го презема ФК Вардар во јануари 2014 година како сопственик на Ракометниот клуб Вардар преку Договор за купопродажба на акциите склучен меѓу АД Ракометен клуб ВАРДАР Скопје и тогашните сопственици на фудбалскиот клуб: Град Скопје и Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката.
Самсоненко тогаш како сопственик на ФК Вардар со Договорот се обврза дека ќе вложува во клубот по 1,5 милиони евра годишно, најмалку 10 години, но и дека во истиот период секоја година до продавачите ќе доставува детален извештај за вложените финансиски средства.
ФК Вардар под раководството на Самсоненко четири пати стана шампион во домашното македонско првенство и беше единствениот македонски клуб кој се пласираше во групната фаза на Европа Лигата.
Ракометниот клуб, пак, кој во меѓувреме доби нов сопственик, два пати ја освои европската круна во ракометната Лига на шампионите. За потребите на клубовите на Самсоненко беа изградени Спортскиот центар во Хиподром и Академијата ФК Вардар.
Вардар е најуспешниот и најпознат спортски бренд на Македонија. Своевремено постоеше Спортското друштво Вардар, од кое беа дел десетици клубови од различни спортови. Фудбалскиот клуб Вардар е најтрофеен во независна Македонија со освоени 11 титули во домашното првенство. Успесите на клубот беа присутни и во поранешна Југославија. Во 1961 година ФК Вардар беше победник во Купот на Југославија и со тоа следната сезона играше во Купот на европските куп победници. Во 1986 година ФК Вардар играше и во Купот на УЕФА, а во сезоната 1987-88 беше шампион на Југославија и потоа играше во Купот на европските шампиони кога беше елиминиран од актуелниот европски првак Порто.
Но, сега клубот е банкротиран, испаднат од Првата лига со милионски долгови кон свои вработени и кон други фирми, со што се отвора прашањето за управувањето со клубот со оглед дека фудбалот е профитабилен бизнис, особено кога клубовите се натпреваруваат во европските купови.
Договор без механизми за контрола
Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов вели дека ФК Вардар е приватен клуб и дека не е негова работа како раководството стигнало до милионските долгови.
Според него, поранешната градска власт, како потписник на Договорот, треба да одговори зошто клубот бил продаден на таков начин, односно зошто во Договорот не биле побарани „никакви гаранции за одредени процеси што се случувале.“
Шилегов вели дека според потпишаниот Договор сопствениците имале обврска да даваат финансиски извештаи на Град Скопје, но дека Градот нема механизам да врши контрола врз работата на клубот.
Тој вели дека прави напори да дојдат нови инвеститори во клубот, но според него тоа ќе биде тешко поради големите долгови.
„[Нов инвеститор] веројатно дека ќе сака да го купи само ако клубот нема долгови или има доволно добра гаранција дека долговите ќе бидат наплатливи од сопственикот на клубот на друг начин“, вели Шилегов.
На прашањето на Радио Слободна Европа дали Град Скопје ќе го земе клубот без долгови, тој одговара дека „тоа е многу спорно“ бидејќи станува збор за приватна фирма.
„Ако нема долгови сопствениците веројатно нема да го нудат“, вели Шилегов.
Самсоненко нуди да ги подмири долговите?
Од друга страна Сергеј Самсоненко, пак, неодамна го известил Градот дека ќе ги подмири долговите на клубот.
Во писмо до градоначалникот Шилегов од 16 април оваа година, Самсоненко наведува дека сака да го врати клубот на претходните сопственици бидејќи повеќе не е во можност да ги исполнува обврските од склучениот договор поради економско-финансиската криза која се продлабочила со ковид пандемијата.
Во писмото Самсоненко оценува дека условите за раскинување на Договорот се исполнети со оглед дека во изминатата 2020 година биле вложени средства од најмалку 1,5 милиони евра.
„Изјавувам дека сум согласен да ги исполнам сите обврски кои настанале заклучно со 31 декември 2020 година за Друштвото за спортски дејности „ФУДБАЛСКИ КЛУБ ВАРДАР“ кон играчи, тренери и други доверители, при што се обврзувам најдоцна во рок од една година да ги исполнам истите“, се вели во писмото на Самсоненко.
Ова не е единствено писмо до Град Скопје. ФК Вардар претходно во мај 2020 година го известува Градот дека сопственикот на клубот Самсоненко повеќе не е во можност да финансира.
„[Пандемијата] погоди големи светски клубови, сведоци сме дека државите прават сѐ да ги зачуваат спортските клубови од комплетно уништување. Во една таква состојба како одговорни субјекти и спортски работници, каде главната парола секогаш била фер-плејот, убедени сме дека ФК Вардар сега е потребен на Градот Скопје, а Град Скопје е потребен на ФК Вардар“, се вели во писмото.
Како Вардар стигна до дното?
Радио Слободна Европа водеше разговори со луѓе кои биле или сѐ уште се дел од ФК Вардар. Некои од нив, иако долго време беа на раководни позиции, не сакаа да даваат детали за случувањата во клубот. Сепак, според разговорите може да се заклучи дека никој не може да каже каква ќе биде судбината на клубот по почетокот на следната натпреварувачка сезона којашто ФК Вардар треба да ја почне во втората лига.
Некои од нив раскажуваат дека проблемите започнале веднаш по постигнатите успеси со пласманот во групната фаза на Европа Лигата, кога Вардар е сѐ уште на врвот во македонскиот фудбал.
Клубовите кои се натпреваруваат во Европа Лигата добиваат приходи од милиони евра, каков што беше случајот и со Вардар. Но, и покрај тоа се случуваат проблеми од типот играчите и други вработени да не добиваат официјално плати преку државниот систем. Така некои фудбалери почнуваат да го напуштаат клубот, а некои за долговите поднесуваат и тужби преку УЕФА.
Ваквата ситуација во ФК Вардар ја потврдува УЕФА со одлуката за забрана за играње во Европа, со оглед дека услов за лиценците за играње меѓународни натпревари се клубовите да немаат долгови кон играчите.
По завршувањето на сезоната 2019-2020 ФК Вардар се соочува со двегодишна суспензија за настап во Европа, а неговото место го презема ФК Силекс.
Одлуката е донесена на 6 декември 2018 година откако Судскиот совет на Телото за финансиска контрола на УЕФА утврдува дека Фудбалскиот клуб Вардар прекршил два члена од регулативите за финансии и лиценцирање на клубовите.
Поради заостанатите обврски за исплата УЕФА го суспендира ФК Вардар од учество во европските натпреварувања во период од две години, освен доколку клубот до 31 јануари 2019 година докаже дека ги исплатил задоцнетите износи од 1.116.000 илјади евра, стои во документот.
Што се случи последнава сезона?
Денес ФК Вардар се натпреварува со младинци, кадети и со само неколку поискусни играчи, без потребните сили за борба во Првата лига.
Пред започнувањето на последнава сезона неизвесно беше дали Вардар ќе може да игра. Младите играчи кои го почнаа првенството играа до полусезона до кога освоија 24 бода, но поради финансиските проблеми заминуваат и тие.
Мирко Спасевски кој беше претседател на ФК Вардар до крајот на 2020 година, вели дека неизвесно било дали ФК Вардар воопшто ќе ја започне последната сезона.
„Сега е уште полошо, затоа што нема фонд на фудбалери, со млади деца не може се игра во прва лига“, вели Спасевски.
Никола Илиевски – Џиџи пред три месеци стана актуелен тренер на ФК Вардар. Тој вели дека дошол да помогне, но дека не знаел во каква состојба се наоѓа клубот.
Илиевски потврдува дека играчите сега тренираат на терени на ФФМ, бидејќи не им е дозволено да го користат Тренинг центарот во Хиподром.
„Вардар нема ни управа, едноставно ако не беа Комитите кои собраа некои средства, прашање беше дали воопшто ќе настапуваше во пролетниот дел во Македонската прва лига“, вели Илиевски.
Тој додава дека Вардар во моментов е „препуштен сам на себе“, посочувајќи дека клубот немало да ја започне сезоната без помош од навивачката гупа Комити.
„Во клубот нема ниту директор, ниту претседател, нема ништо. Сите се во оставка заминати. Превозот и другите работи го организираат Комитите“, вели Илиевски.
Комитите – Должност е да му се помогне на Вардар
Финансиската помош за ФК Вардар во моментов ја обезбедуваат навивачите на клубот, кои за разлика од луѓето кои биле на раководни позиции, имаат повеќе желба и поотворено зборуваат за состојбите во клубот.
Милорад Миленковски е претставник на навивачката група „Комити“ кој вели дека во изминативе три месеци навивачите целосно финансиски го покриваат клубот, освен официјалното давање на плати преку УЈП за играчите поради блокираната сметка на клубот.
Причините поради кои ФК Вардар се наоѓа во актуелната состојба, Миленковски меѓу другото ги гледа во Договорот за купопродажба потпишан меѓу Град Скопје и Самсоненко, што споед него е штетен и непрецизен, со дадени права, но без обврски за сопственикот.
„Јас не верувам дека таа грешка е ненамерна“, вели Миленковски.
Тој посочува дека актуелното раководство на ФК Вардар од 1 јануари 2021 година нема ефективна контрола врз клубот, откако клубскиот директор Самоил Симев и претседателот Спасевски поднесуваат оставки, но според него, зад нерешавањето на проблемите во клубот стои и политиката.
„Како двете страни свесно да го тонат Вардар. И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Затоа што знаеме дека Самсоненко беше струја на ВМРО-ДПМНЕ, а моментално се СДСМ и градоначалникот Шилегов. Се добива слика дека и двете партии го туркаат Фудбалскиот клуб Вардар надолу“, вели Миленковски.
Вардар второлигаш! Звучи неверојатно за овие балкански спортски простори. Не така одамна Вардар беше на врвот, а денеска е на дното. Потона брзо, незапирливо, предизвикувајќи бројни коментари исполнети со разочарување, тага и носталгија.
Пред неполна деценија во ова исто време Вардар го допре истото дно, но беше спасен. Поради неговата историја, минатото, бројните приврзаници, напливот на емоции во јавноста, кои придонесоа да ја добие спасоносната вајлд-карта и да остане во Првата лига.
Во случајов, услови за слично извлекување веројатно нема! Вардар од вчера ја дели судбината со клубови великани и во меѓународни рамки кои се соочиле со ваков момент, како Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити, Глазгов Ренџерс кои се спуштија на пониски гранки, но се вратија уште посилни. Сандерленд, Нотингем Форест, Депортиво Ла Коруња отидоа во заборав.
Со каква иднина и судбина се соочува Вардар? Во моментов тоа е прашање за милион долари!