Достапни линкови

Вести

Бизнисменот Орце Камчев ставен на „црна листа“ на САД поради корупција

Орце Камчев пред суд како сведок за случајот „Рекет“
Орце Камчев пред суд како сведок за случајот „Рекет“

Американската Канцеларијата за контрола на странски имоти при Департментот за финансии на САД (OFAC – ККСИ) го назначи Орце Камчев на листата лица кои ја поткопуваат или загрозуваат стабилноста на Западен Балкан преку корупција или друго дестабилизирачко однесување, се вели во денешното соопштение на оваа институција. Овие санкции значат дека на Камчев му се замрзнува имотот во САД и му се забранети трансакции.

„Г. Камчев ја злоупотребил својата позиција, ангажирајќи се во коруптивни активности и спроведувајќи самопослужувачка агенда на сметка на демократските институции и граѓаните на Северна Македонија“, рече потсекретарот на Министерството за финансии за тероризам и финансиско разузнавање Брајан Е. Нелсон.

„Трезорот останува посветен на повикување на одговорност на сторителите на корупција“, додаде тој.

Информацијата на Твитер ја потврди и американската амбасадорка во Скопје Анџела Агелер. Таа наведе дека САД ќе продолжат да таргетираат корумпирани лица кои го поткопуваат владеењето на правото и стабилноста во Северна Македонија. - „Корупцијата има последици“, напиша Агелер.


Во соопштението се вели дека Камчев повеќе од една деценија интензивно бил ангажиран во корупција, вклучително и злоупотреба на службената положба, перење пари и други прекршоци, почнувајќи од раните 2000-ти.

„Во 2022 година, Камчев беше осуден во судскиот процес „Парцели на Водно“ за учество во шема за перење пари поврзана со незаконско купување земјиште. Во одвоено судење, Камчев се изјасни за виновен за тешка злоупотреба на службената положба во „Случајот Империја“, во кој беше осомничен за злосторничко здружување, измама, перење пари и други кривични дела поврзани со неговите бизниси“, се вели во соопштението.

Исто така се додава дека дополнително, Камчев го искористил своето коруптивно влијание и богатство за да манипулира со судскиот систем на Северна Македонија во негова корист.

„Во 2020 година, главниот обвинител на Специјалното обвинителство (СЈО) беше обвинет за примање поткуп од Камчев и сведочеше дека Камчев платил пари во замена за поволни услови за апсење и исход на случајот. Камчев подоцна покрена граѓанска постапка против главниот обвинител и другите, тврдејќи дека го изнудувале. Граѓанскиот суд во Скопје пресуди дека Камчев не е жртва и нема право на надомест на штета“, се вели во соопштението.

Исто така се додава дека после скандалот, СЈО пропадна и дека како резултат на тоа, многу случаи на корупција на високо ниво кои СЈО ги разгледуваше, останале нерешени и со тоа била одложена одговорноста за многу поединци кои се занимавале со корупција слична на Камчев.

Импликациите од ваквата акција се целиот имот и интереси во имотот на Камчев во Соединетите Држави, или кои се во сопственост или контрола на лица од САД, се блокирани и мора да се пријават на OFAC.

Деновиве и други лица, но и компании беа ставени на црната листа на САД. Вчера македонската компанија за шпионски софтвери „Сајтрокс“, се најде на американската црна листа, а претходно и градоначалникот на Струга Рамис Мерко.

види ги сите денешни вести

Предлог за измени во Законот за медиуми, порталите да се воведат во него

Илустрација
Илустрација

Владата на денешната 57. седница ги усвои Предлог-измените на Законот за медиуми со кои се очекува да се зајакне конкурентноста на медиумскиот простор и да се стават онлајн медиумите во законска рамка.

„Со оглед на фактот дека резултатите од последните истражувања покажуваат дека над 70 проценти од јавноста се информира на интернет, со што онлајн медиумите стануваат важен чинител во медиумскиот простор, се наметна потребата од нивно воведување во Законот за медиуми, што ќе придонесе и за поинтензивно поттикнување на саморегулацијата како битен сегмент за професионалното новинарско работење и зајакната конкурентност во медиумскиот простор, се наведува во владиното соопштение.

Минстерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вчера во телевизиско гостување соопшти дека овој закон како идеја потекнал од два аспекти.

„Едниот е патоказот за владеење на правото и Поглавјето 23 кое утврдува дека мора да имаме поголема јасност и транспарентност во уредувањето на медиумите и препознавање заради гарантирање на конкурентност и гарантирање на квалитетот и професионализмот на медиумите, признавање и препознавање на онлајн медиумите. Вториот аспект е дека во разговори со Здружението на онлајн медиуми и останатите онлајн медиуми, тие истакнаа подготвеност да предложат и иницираат ваков тип измени што ќе значат нивно препознавање како медиум, работа што ја вршат долги години, а никогаш не беше препознаен нивниот ангажман како медиум, рече Андоновски во дебата во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.

Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Зоран Трајчевски нагласи дека Агенцијата двапати дала забелешки коишто се внесени во Нацрт-измените.

„Сега зборуваме за суштинските забелешки што ги дадовме. Сите се прифатени и претпоставувам дека во таа форма и ќе биде усвоен законот во Парламентот, рече Трајчевски.

Според извршниот директор на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Драган Секуловски, овие Нацрт-измени во голема мера ги исполнуваат нивните очекувања. ЗНМ, како што истакна Секуловски, има две забелешки на содржината на Нацрт-измените и дополнувањата на Законот за медиуми. Првата забелешка, е во однос на минималниот услов да има три лица во редовен работен однос за да се влезе во регистарот на онлајн медиуми што ќе го води Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услови. Според ЗНМ, со ова помалите онлајн медиуми ќе бидат доведени во подредена улога, особено оние што работат надвор од Скопје и имаат скромни примања за еден или двајца вработени. Предлогот на ЗНМ е да се направи исклучок, односно да се има разбирање за нив.

Предлог-измените треба да бидат испратени на усвојување во Собранието.

Влдата избра Комисијата која ќе пресуди кој синдикат е репрезентативен

Илустрација
Илустрација

Владата на денешната седница ги утврдила членовите во Комисијата за утврдување на репрезентативност која треба да ја утврди репрезентативноста кај Сојузот на синдикати. Екипирањето на оваа Комисија е важно за да може да се продолжат преговорите меѓу социјалните партнери меѓу кои и барањето на синдикатите за зголемувањето на минималната плата.

Од владината прес-служба попладнево информираа дека во Комисијата се предложени по еден претставник од Министерството за економија и труд, Министерството за социјална политика, демографија и млади и Министерството за правда, без повеќе детали.

Премиерот Христијан Мицкоски во изјава за медиумите неколкупати досега рече дека прво мора да се утврди репрезентативноста на синдикатите, а потоа на седница на Економско-социјалниот совет да се разговара за минималната плата.

Комисијата која го утврдува прашањето на репрезентативност ја сочинуваат по три претставници на Владата, синдикатите и работодавците. Владините ќе бидат назначени утре, по еден од министерствата за економија и труд, за правда и за социјална политика, демографија и млади.

Комплетирањето на оваа комисија е важно затоа што откако таа ќе утврди репрезентативност, Економско-социјалниот совет (ЕСС), треба да го направи усогласувањето на минималецот. А, дел од ЕСС се токму синдикатите кои се утврдени како репрезентативни.

Од ССМ тврдат дека Владата намерно ги повлекла членовите на оваа комисија за да го минира процесот на преговори за минималната плата. Претседателот на Сојузот, Слободан Трендафилов, вели ќе биде изненаден ако Владата утврди нови членови на комисијата бидејќи неколку недели наназад го најавува тоа.

Еден синдикат е репрезентативен ако неговото членство брои 10 отсто од вработените во државата, несметајќи ги назначените и именуваните лица. И ССМ и КСС уверуваат дека го исполнуваат условот, а ако тоа и се формализира, двете организации ќе бидат вклучени во идните преговори во рамки на Економско-социјалниот совет.

Минималната плата треба да се зголеми овој месец, но за колку, не е познато. Согласно законот, зголемувањето би требало да биде околу 1.800 денари, а Сојузот на синдикати бара зголемување за 6.000 денари и придонесите за разликата до 30.000 денари, колку што би изнесувала минималната плата, да ги субвенционира Владата. Оттаму пак изјавија дека пари во Буџетот за оваа намена не се планирани. Се согласуваат со секое решение што ќе го договорат синдикатите и работодавачите, но со целосно подмирени трошоци од страна на работодавачите.


Трамп ги удвојува царините за челик и алуминиум од Канада на 50 отсто

Доналд Трамп, Белата куќа, Вашингтон, САД, 3 март 2025 година.
Доналд Трамп, Белата куќа, Вашингтон, САД, 3 март 2025 година.

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе ги удвои планираните царини за канадскиот челик и алуминиум од 25 на 50 отсто, со што ескалира трговската војна со северниот сосед.

Трамп вели дека зголемувањето на царината, кое ќе стапи на сила во среда, е одговор на царните наметнати од провинциската влада на Онтарио за електричната енергија продадена на САД.

„Му наложив на мојот секретар за трговија да додаде дополнителни 25 отсто царини, на 50 отсто, за целиот челик и алуминиум што доаѓаат во Соединетите држави од Канада, една од државите со највисоки царини насекаде во светот“, објави Трамп на својата социјална мрежа „Вистина“.

Американските берзи веднаш паднаа по најавата на Трамп.

Трамп минатата недела прво воведе царини од 25 отсто на увозот од Канада и Мексико, но потоа ги паузираше до 2 април. Тој тврди дека тарифите се одговор на неприфатливиот проток на илегални дроги и недокументирани мигранти во САД од двете соседни земји.

Премиерот на Онтарио, Даг Форд, во понеделникот објави дополнителна извозна такса за 1,5 милиони американски домови и бизниси што Онтарио ги снабдува во Минесота, Мичиген и Њујорк.

„Ќе извршиме максимален притисок за да го зголемиме нашето влијание“, рече тој.

Според Форд, се проценува дека доплатата ќе чини до 400.000 канадски долари, или околу 277.200 американски долари дневно, а ќе додава околу 100 канадски долари месечно на сметката на секој американски клиент.

„Да бидам јасен, нема да се двоумам да ја зголемам оваа такса доколку е потребно. Доколку САД ја ескалира ситуацијата, јас нема да се двоумам целосно да ја прекинам струјата“, додаде тој.

Минатата недела американскиот претседател ги зголеми царините за кинеските производи на 20 отсто, додека го погоди и увозот од Мексико и Канада со нови царини од 25 отсто.

Сепак, администрацијата иззеде многу производи од овие мерки, што дополнително ја зголеми неизвесноста на пазарот.

Кина одговори со контрамерки во понеделникот, воведувајќи нови царини од 10 до 15 отсто на американскиот извоз на пилешко, говедско, свинско месо, пченица и соја.

Потврдата на Трамп дека претходно ќе воведе царини ги потресе финансиските пазари, а канадскиот долар и мексиканскиот пезос паднаа во однос на доларот.

Шефот на НАТО во Приштина: Флексибилност и компромиси за напредок во дијалогот со Србија

Косово: Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте и косовската претседателка, Вјоса Османи, на прес-конференција во Приштина. 11 март 2025 година
Косово: Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте и косовската претседателка, Вјоса Османи, на прес-конференција во Приштина. 11 март 2025 година

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте изјави дека дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија е единствениот начин за решавање на отворените прашања, додавајќи дека се неопходни флексибилност и компромиси.

„За овој дијалог да продолжи напред, двете страни мора да покажат флексибилност и да ги направат потребните компромиси“, рече тој во Приштина на 11-ти март, по средбата со косовската претседателка Вјоса Османи.

Руте нагласи и дека нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија придонесува за поголема стабилност и безбедност во целиот регион.

Тој додаде дека стабилноста во регионот на Западен Балкан зависи од тоа дали сите страни ќе изберат „дипломатија наместо насилство“.

„Решението за долгорочен мир е политичко“, заклучи Руте на прес-конференција.

Косовскиот претседател Вјоса Османи ја обвини Србија за „поткопување на напорите за мир и стабилност“, додавајќи дека се обидува да го дестабилизира Косово со помош на Русија и други фактори.

Во овој контекст, Османи ги спомена нападите што се случија во претходниот период на северот на Косово, вклучително и конфликтот меѓу локалните Срби и припадниците на КФОР во мај 2023 година, кој се случи за време на протестите против доаѓањето на власт на албанските градоначалници.

Присуството на војниците на НАТО на Косово не е само гаранција за нашата безбедност, туку и одбрана од секој обид за поткопување на мирот и стабилноста, за кои толку долго се жртвувавме“, рече Османи.

Претседателката на Косово оцени и дека немањето одговорност за нападите на северот, за кои смета дека стојат зад Србија, „го охрабрува Белград да продолжи со нападите преку своите паравоени структури“.

„Затоа е важно заеднички да го зголемиме присуството и на персоналот и на средствата за заштита на границите, за да спречиме влез на терористички групи и нивното оружје, кои имаат за цел да создадат конфликт во нашиот регион“, рече Османи.

Руте во интервју за Ал Џезира Балканс еден ден претходно рече дека Косово е важна земја во која НАТО има значително присуство преку својата мисија КФОР.

Тој изјави дека останува да се види како ќе се формира владата по изборите на 9 февруари и дека Алијансата прави континуирани напори Косово да биде во „најдобра можна ситуација“.

Шефот на НАТО, исто така, пред неколку дена изјави дека стабилноста во Косово, Босна и Херцеговина и Србија е во интерес на сите и дека не верува дека може да има некаква драматична промена во однос на посветеноста на Америка кон НАТО.

Иван Вејвода од Институтот за хуманистички науки во Виена во изјава за Радио Слободна Европа изрази уверување дека Руте ќе ја искористи оваа посета за да понуди гаранции дека европскиот контингент во КФОР ќе остане, без разлика што ќе се случи со американските воени сили.

Преиспитувањето на позицијата на САД за воено присуство во Европа беше ажурирано во февруари по изјавата на американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет, кој рече дека Европа не може да очекува американското воено присуство на континентот да трае вечно. Тој ги повика европските земји да ги зголемат инвестициите во одбраната.

Американскиот претседател Доналд Трамп, исто така, претходно ја повика Европа да почне да доделува повеќе средства за одбранбениот сектор и праша дали во моментов е подготвена да ги брани Соединетите држави, како што се бара со членот 5 на НАТО.

САД имаат околу 100.000 војници во Европа, од кои 600 се стационирани во Косово како дел од мисијата КФОР, која има вкупно 4.600 војници.

Министерството за одбрана на САД минатата недела за РСЕ изјави дека во моментов нема планирани промени во позиционирањето на нивните сили.

Пред посетата на Косово, Марк Руте ја посети Босна и Херцеговина, од каде рече дека Алијансата нема да дозволи да биде загрозен „тешко стекнатиот мир“.

Паолучи: Фискалните совети се важни за земјите кои сакаат да влезат во ЕУ

Илустрација
Илустрација

Фискалните совети се алатка која им помага на земјите да управуваат со своите буџети и се особено важни за земји како што е и Република Северна Македонија кои се на својот пат кон пристапување во Европската Унија, истакна денеска во Скопје директорот на Канцеларијата на Светска банка за Косово и Северна Македонија, Масимилијано Получи.

„Претходните години беа години на криза кои доведоа до зголемување како на дефицитот, така и на долгот, а токму улогата на Фискалниот совет е да ги советува власите и да препорачува насоки како да се вратат кон јасно утврдените фискални цели. Токму затоа денеска сме тука за да видиме како да се спроведат фискалните правила, која е улогата на Фискалниот совет, што е она што другите земји го имаат направено за да функционира добро и да има совршен ефект, изјави Получи пред почетокот на конференцијата „Фискално управување во Европската Унија и улогата на Фискалниот совет“, организирана од Фискалниот совет на Северна Македонија заедно со Светска банка.

Нагласи дека фискалните правила и Фискалниот совет се есенцијални, но, посочи, уште поважно е да има политичка заложба за да се изоди патот кон фискална консолидација.

„Ја поздравуваме сериозната работа која ја направи Министерството за финансии преку изготвување на стратегии кои одат во вистинска насока, рече Паолучи и додаде дека без поддршка на Европската Унија немаше да може да се донесат значајни говорници на денешната конференција.

Кристијан Вајс, раководител на националната единица за фискални рамки и претставник на ЕУ за работа со нашиот Фискален совет рече дека имаат позитивно искуство со независните фискални институции и фискални совети и додаде дека ја поддржуваат нивната работа преку регулаторна законодавна рамка.

Силни, компетентни фискални совети ги засилија фискалните политики во рамките на ЕУ и со тоа и нивниот кредибилитет. Фискалните совети треба да бидат проактивни и да делуваат по сопствена иницијатива. Многу е полезно доколку од самиот почеток се инволвирани во донесувањето на одлуките од страните на владите и на парламентите. Токму затоа овој настан е многу значаен, рече Вајс пред почетокот на конференцијата.

Претходно евроамбасадорот Михалис Рокас потсети дека во ЕУ, целта на фискалните совети е да вршат независен надзор и да го следат придржувањето кон фискалните правила што значи, како што истакна, да се избегнуваат преоптимистичките владини проценки или неодржливите планови за јавните трошоци кои може да доведат до фискални дисбаланси.


Штрајкуваат грчките новинари

Илустрација
Илустрација

Новинарите во Грција, организирани од Грчката федерација на новинарски асоцијации во која учествуваат сите новинарски здруженија, од пет часот утрово започнаа 24-часовен штрајк со што земјата денеска ќе биде без вести и информативни емисии, јави дописничката на МИА од Атина.

Главното барање е потпишување на колективни договори во сите медиумски сектори, односно телевизии, весници, списанија, интернет, радија, но и зголемување на платите, подобрување на условите за работа и обезбедување на сите институционални барања.

Освен колективни договори, вработените во медиумите бараат и: почетна плата од 1.250 евра во сите медиуми; зголемување на платите за 10 отсто врз основа на последните колективни договори за работа; загарантирана плата за работа за време на викендите (плус 25 отсто и слободен ден за сабота и плус 100 проценти во недела); зголемување на надоместокот за испраќање на терен вон градот каде што се наоѓаат; дневници од 350 евра за испраќање во воени зони и 250 евра во подрачја погодени од елементарни непогоди.

Дополнително, меѓу барањата се и вклучени и етичките принципи во договорите, договор за регулатива за тужбите; обврзувачки правила за вештачка интелигенција во медиумите; заштита на авторските права на новинарите итн.

Во 24-часовниот штрајк освен приватните медиуми учествуваат и државната телевизија ЕРТ и државната новинска агенција АНА-МПА.

Ова е втор штрајк на медиумските работници во Грција за помалку од еден месец, со оглед на тоа што на 18 февруари, истото така 24-часа прекинаа со работа.

Оружје, муниција, пари и документи заплени полицијата во акцијата за нафтените компании

Илустрација
Илустрација

Документација, 5 мобилни телефони, околу 1.500 парчиња муниција од различен калибар, два пиштоли и три патнички моторни возила. Ова го запленила полицијата во координираната акција на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал (ОЈО за ГОКК). Од вчера вечерта започнаа претресите на неколку локации во Скопје, Битола и во Кичево. Во соопштението на МВРсе вели дека акцијата е поврзана со сомнителни набавки на деривати.

„Во рамки на акцијата, лишени од слобода се 11 лица, едно лице е недостапно за органите на прогонот, додека едно е веќе во притвор. До ОЈО за ГОКК е поднесена кривична пријава за ‘злоупотреба на службена положба и овластување’ и ‘перење пари и други приноси од казниво дело’ против 13 физички лица и едно правно лице. Осомничени се: В.К. (55) од Битола, А.М. (44) од Скопје, Н.С. (61) од Општина Маврово и Ростуше, Е.П. (52) од Скопје, М.Н. (60) од Скопје, Б.М. (51) од Скопје, Р.Р. (48) од Општина Желино, Д.С.Ј. (43) од Куманово, Д.С. (66) од Скопје, Д.С. (43) од Велес, Р.К. (38) од Скопје, Е.С. (43) од Кичево, А.Ј. (40) од село Пласница и правно лице со седиште во Скопје. МВР, по насоки на надлежниот јавен обвинител, продолжува со истрагата и со преземање на дополнителни активности за обезбедување на докази поврзани со други потенцијални кривични дела“, се вели во соопштението.

Од обвинителството информираат дека кривичната пријава веќе е поднесена и дека се постапува по неа. Како што вчера објавија медиумите се работи за голема акција во која меѓу другите се уапсени сопстваникот на фирмата РКМ, Ратко Капушевски и син на поранешен пратеник и градоначалник од ДУИ на општина Пласница Исмаил Јахоски, Алија Јахоски. Тој е сопственик на нафтената компанија Пуцко претрол која во последните пет години од македонските институции добила тендери во вредност од речиси 9 милиони евра. Според податоците од Бирото за јавни набавки, нафтената компанија РКМ ја снабдувала со гориво Топланата на Балкан Енерџи Груп. Податоците покажуваат дека од 2020 година до 2023 година, склучила договори во вкупна вредност од над 60 милиони евра.

Сомнежите се дека се набавувал сомнителен мазут за загревање на државни институции.


ОН: Во немирите во Сирија, убиени се цели семејства

Сириската армија се собира во Латакија за да се приклучи во борбата против борците поврзани со соборениот водач на Сирија Башар ал-Асад, во Алепо, Сирија, 7 март 2025 година.
Сириската армија се собира во Латакија за да се приклучи во борбата против борците поврзани со соборениот водач на Сирија Башар ал-Асад, во Алепо, Сирија, 7 март 2025 година.

Цели семејства, вклучувајќи жени и деца, се убиени во сирискиот крајбрежен регион за време на операцијата на безбедносните сили на новите власти против бунтовниците, лојални на соборениот претседател Башар Асад, соопштија денеска (11 март) Обединетите Нации.

„Канцеларијата за човекови права на ОН соопшти дека документирала 111 цивилни жртви, но очекува реалната бројка да биде значително повисока“, изјави портпаролот на Канцеларијата на ОН за човекови права Тамиен ал Хитан на брифинг за медиумите во Женева.

Според невладината мониторинг организација Сириски центар за мониторинг на состојбата со човековите права, над 1000 луѓе се убиени.

„Многу од документираните случаи се егзекуции по брза процедура. Се чини дека тие се извршени на верска основа“, им рече ал Хитан на новинарите.

Во меѓувреме, Русија соопшти дека сака да види обединета и пријателска Сирија, бидејќи таму нестабилноста може да влијае на целиот Блиски Исток, наведе денеска Кремљ.

Повеќе од 1000 луѓе, главно цивили, беа убиени во судирите меѓу приврзаниците на поранешниот претседател Башар Асад и новите исламистички владетели во земјата.

Москва беше главен поддржувач на Асад, кој побегна во Русија во декември откако беше соборен од власт. Русија има две стратешки важни воени бази во Сирија, кои се надева дека ќе ги задржи по падот на Асад, забележуваат агенциите.

Вучиќ се сретнал со синот на Трамп во Белград

Доналд Трамп Јуниор (архивска фотографија)
Доналд Трамп Јуниор (архивска фотографија)

Српскиот претседател Александар Вучиќ се сретнал со Доналд Трамп Јуниор, синот на претседателот на САД, Доналд Трамп.

Како што објави Вучиќ на својот Инстаграм профил, тие разговарале за билатералните односи меѓу Србија и САД и за актуелните теми кои ја обликуваат глобалната политичка и економска сцена.

„Ја истакнав важноста на економските и политичките односи меѓу Србија и САД и ја истакнав важноста на стратешката соработка меѓу двете земји и заедничките проекти во наредните години. Оваа средба ја симболизира посветеноста за зајакнување на билатералните односи и заедничката работа за решавање на глобалните предизвици“, напиша Вучиќ.

Трамп Јуниор беше и во Белград во септември 2024 година, кога разговараше за потенцијалните инвестиции со група бизнисмени од Србија.

Зетот на Трамп, Џаред Кушнер, веќе има деловни потфати во Белград. Со неговата компанија во мај 2024 година беше потпишан договор за изградба на деловен и станбен комплекс на местото на поранешниот Генералштаб, чии делови беа уништени во интервенцијата на НАТО во 1999 година.

Вучиќ пред средбата во своето обраќање на Инстаграм ги повика и сите актери на српската политичка сцена да не користат насилство во својата борба.

„Да не се однесуваат противуставно, да не ги запираат движењата на другите луѓе, да не предизвикуваат заложнички кризи спречувајќи некого да работи и живее, да не ја напаѓаат полицијата, како што синоќа брутално ја нападнаа полицијата пред РТС, која никого не допре, туку да се однесуваат цивилизирано и во согласност со законите на оваа земја“, рече Вучиќ.

Во понеделникот вечерта студентите ги блокираа влезовите во зградата на Радио и телевизија на Србија. На собирот дојде до пресметка со полицајци.

Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека полицијата не дејствувала против демонстрантите, туку била нападната, иако на снимките објавени на социјалните мрежи јасно се гледа дека полицијата со палки тепа студенти и граѓани.

Во метежот е повреден еден полицаец, а српскиот претседател Александар Вучиќ тврди дека тешките повреди на окото му ги нанеле демонстранти кои ги нарече „болшевички пленумци“.

Сепак, на видеата објавени на социјалните мрежи се гледа дека повредениот полицаец бил во цивилна облека на протестите, се движел меѓу студенти, а бил повреден од сопствените колеги во униформа.

Нема да биде потпишан договорот со фирмата што требаше да стопанисува со паркингот на Клинички

Универзитетски клинички центар „Мајка Тереза“, Скопје
Универзитетски клинички центар „Мајка Тереза“, Скопје

Министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека нема да биде склучен договор со „Ѓока констракшн“, фирмата од Албанија која требаше да стопанисува со паркингот на Клинички центар.

Таравари посочи дека се разгледуваат две опции за стопанисување со паркингот.

„Првата е ЈП Градски паркинг да изгради две катни гаражи и да ги управува, а втората е тоа да го направи Службата за општи и заеднички работи при Клинички центар“, рече Таравари.

Медиумите минатата недела објавија дека приватниот оператор од Албанија „Ѓока Констракшн“ е единствена компанија која се јавила на повикот за јавно-приватно партнерство.

Ако го добие договорот, ќе биде обврзана да инвестира во катни гаражи, но ќе може да наплаќа паркирање по цена од 50 наместо 30 денари од час, а за возврат на државата ќе треба да и префрли само 1 отсто од годишните приходи.

Владата на седница на 20 август минатата година донесе одука да се градат монтажни катни гаражи на Клинички центар со јавно-приватно партнерство и формираше Комисија за спроведување на постапката. Со паркингот на Клиничкиот центар моментно стопанисува ЈП „Градски паркинг“ – Скопје.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG