За македонската компанија за шпионски софтвери „Сајтрокс“, која се најде на американската црна листа, од Агенцијата за разузнавање за Радио Слободна Европа кусо коментираат дека се запознаени со оваа компанија, но дека не може да споделат информации оти се класифицирани.
Од Јавното обвинителство, пак велат дека нивната надлежност за постапување за кривични дела е само за оние кои се сторени на територијата на државава.
„До овој момент нема индиции дека со производството на софтверот било извршено кривично дело санкционирано согласно македонскиот Кривичен законик“, се вели во одговорот за РСЕ од Јавното обвинителство.
Што направиле македонските разузнавачки агенции ќе треба да реферираат и пред Собранието. Во врска активностите на оваа фирма ќе се разговара на редовната седница закажана за 21 јули на собраниската Комисија за надзор над работата на разузнавачките агенции.
Претседателот на Комисијата Љупчо Пренџов за Радио Слободна Европа вели дека за сè што пишуваат медиумите тие бараат одговори од разузнавачките агенции.
„Ве уверувам дека сите случувања и сите пишувања во медиуми кои се поврзани со работата на агенциите за разузнавање ги отвораме на седница“, изјави Пренџов, додавајќи дека не може повеќе да зборува затоа што седниците се затворени за јавноста поради класифицирани информации.
Од Министерството за внатрешни работи до објавување на овој текст не одговорија на прашањата за тоа дали нивниот Сектор за компјутерски криминал има отворено некаква постапка за оваа фирма.
Македонската фирма е ставена на „црната листа“ бидејќи учествувала во трговија со сајбер податоци добиени од шпионски софтвер, при што се загрозува приватноста и безбедноста на луѓе и на компании.
Според Стејт Департментот македонската „Сајтрокс“ заедно со други три фирми Интелекса во Грција, Интелекса Лимитед во Ирска и Сајтрокс Холдинг во Унгарија се третираат како безбедносен ризик за САД, поради злоупотреба на софтвер за шпионирање.
Овие четири фирми кои се на американската црна листа, во изминатиот период беа посочувани како дел од иста групација кои го развивале и продавале малициозниот софтвер „Предатор“, со кој се инфицираат и следат телефонски уреди низ светот.
Оваа фирма, покрај на американската пред две години беше ставена и на „црната листа“ на социјалната мрежа Фејсбук, за шпионирање на корисниците на оваа платформа со малициозен софтвер.
Фирмата Сајтрокс вмешана во шпионските афери Пегас и Предатор
Улогата на македонската „Сајтрокс“ во светските скандали со прислушување нималку не е мала. Новосанкционираната групација, во која дел е и македонската Сајтрокс, ја водат бизнисмени со сериозен воен бекграунд во Израел кои соработуваат со влади на различни држави.
Сопственичката структура на оваа компанија е испреплетена со израелски имиња кои се менуваат низ последните две години.
Основна дејност на скопската фирма и е компјутерско програмирање. Нејзин управител при основањето беше Иво Малинковски кој од оваа позиција е сменет во октомври 2022 година.
Името на Малинковски се споменува во извештајот на Комитетот што го формираше Европскиот Парламент по скандалот со шпионскиот софтвер Пегас. Во него се вели дека иако Малинковски бил „фронтменот“, сепак лулката е во Тел Авив.
„По откритијата на проектот Пегаз, Малинковски се обиде да ги избрише сите траги што го поврзуваат со Сајтрокс“, стои во извештајот на комитетот, објавен во мај годинава.
Дејствијата во извештајот се поклопуваат со времето кога Малинковски ја напушта фирмата. Пред две години Амнести Интернешнл и светски медиуми објавија список на наводни цели на „Пегаз“ на кој се наоѓаат 180 новинари, 600 политичари, 85 активисти за човекови права и 65 бизнисмени.
Малинковски во меѓувреме во 2019 и 2020 година станал сопственик на уште две други фирми кои се занимаваат со производство на компјутерски софтвери покажуваат податоците од Централен регистар. Сега управител на „Сајтрокс“ е Силвиа Јастрзберска од Полска.
Сопственик на компанијата „Сајтрокс“ е 72 годишниот Израелец Меир Шамир, кој со правото на сопственост се стекнал во април 2021 година, покажува дата базата на вистински сопственици на Централниот регистар.
Станува збор за извршен директор и главен акционер во компанијата „Мивтач Шамир Холдингс Лтд“ (Mivtach Shamir Holdings Lt). Тој е поранешен ветеран на воздухопловните сили на Израел и според пишувањата на израелските медиуми го носи епитетот на контроверзен бизнисмен.
Во декември 2016 година, израелските медиуми објавија дека Меир Шамир во два наврати бил мета на атентат. На 8 декември 2016 година, бомба експлодирала во близина на автомобилот на Шамир. При експлозијата немало повредени. Вториот пат, неуспешниот обид за негова ликвидација се случил на 21 декември истата година, кога била активирана бомба на улицата каде Шамир живее со неговото семејство.
Сајтрокс дел и од друга мрежа
Израелци во македонската „Сајтрокс“ доаѓаат неколку месеци пред сопственикот на социјалната мрежа Фејсбук ,Мета да ја објави информацијата дека оваа компанија е ставена на нивната „црна листа“ поради злоупотреба на мрежата за шпионажа на корисници.
Сајтрокс, тогаш е дел од една друга шема со седум фирми кои беа обвинети дека ја користеле платформата на Фејсбук за да шпионираат над 50 илјади луѓе во 100 земји.
Во декември 2021 година Мета, која покрај Фејсбук, е сопственик и на социјалните мрежи Инстаграм и Ватсап, им забрани на седум компании пристап до нејзината платформа.
Сајтрокс – Од унгарски основач, до израелски сопственик
Сајтрокс е основана во Скопје во март 2017 година од унгарска компанија „Сајтроск Холдингс Командитно Акционерско друштво, со седиште во Будимпешта.
Унгарската фирма со паричен влог од 25 илјади евра ја основа македонската Сајтрокс. И двете сега се наоѓаат на американската црна листа.
Но, само неколку месеци по основањето на фирмата во Северна Македонија, како акционери во неа влегуваат петмина Израелци со купени акции по цена од едно евра за акција, покажуваат податоците од Централен регистар.
Дел од нив, како што е членот на извршниот Управен одбор, Аврахам Рубинстеин, кој поседува пола од акциите, доаѓа од израелската фирма „Инпедио“. Таа фирма, според нивното портфолио е основана од тим ветерани од сајбер безбедноста и долгогодишно искуство во мобилната безбедност и методите за сајбер-напад.
Рубинстеин ја напуштил „Сајтрокс“ во јуни 2020 година заедно со другите акционери од Израел. По него главен сопственик станува Израелецот Меир Шамир.
Две години македонската Сајтрокс работи со загуба
Во изминативе две години македонската „Сајтрокс“ во завршната сметка доставена до Централниот регистар покажува нула приходи од работењето. Во 2021 година оваа фирма евидентирала загуба од над 165 илјади евра, додека лани пак, загубата била помала во вредност од 90 илјади евра. Според податоците кои ги објавија дел од медиумите во 2020 година фирмата пријавила приход од 1,5 милиони евра.
Откако е ставена на американската црна листа, Сајтрокс нема да може да тргува со САД во области на компјутерски софтвери и дигитална технологија, а има и минимален речиси непостоечки пристап до можност за финансиски трансакции со фирми во САД.