Достапни линкови

Шефови на држави - цел на израелскиот шпионски софтвер Пегаз


Шпионскиот софтвер Пегаз злоуптребен за прислушување државници
Шпионскиот софтвер Пегаз злоуптребен за прислушување државници

Размерите од истрагата за употребата на израелскиот шпионскиот софтвер „Пегаз“ се зголемија кога се покажа дека повеќе од десетина сегашни или поранешни светски лидери се наоѓале меѓу илјадниците потенцијални цели.

Францускиот претседател Емануел Макрон, казахстанскиот претседател Касим-Зомарт Токаев и претседателот на Пакистан Имран Кан се меѓу 14 сегашни или поранешни шефови на држави кои можеби биле цел на хакирање од страна на клиенти на израелската фирма за шпионирање, Групацијата НСО.

Според Амнести Интернешнл и конзорциумот од 17 глобални медиумски организации кои го истражуваат скандалот, на списокот биле и претседателите на Јужна Африка и на Ирак Цирил Рамафоза и Салах Бахрам, како и кралот на Мароко, Мохамед Шести.

Американската служба за безбедност шпионирала европски политичари со помош на Данска

Телефонските броеви на светските лидери од 2016 година се наоѓале на списокот од 50.000 телефонски броеви за кои се верува дека биле идентификувани како луѓе од интерес од страна на клиентите на Групацијата НСО.

На списокот има 189 новинари, повеќе од 600 политичари и владини службеници, најмалку 65 деловни директори, 85 активисти за човекови права и неколку шефови на држави, пишува „Вашингтон пост“.

Новинарите работат за организации, вклучувајќи ги Радио Слободна Европа, Асошиејтед Прес, Ројтерс, Си-Ен-Ен, Вол Стрит Џурнал, Ле Монд и Фајненшл Тајмс.

„Одамна знаевме дека активисти и новинари се цел на овој телефонски упад - но дури и оние на највисоки нивоа на власт не можат да избегаат од мрачното ширење на шпионскиот софтвер на НСО“, напиша шефицата на Амнести Интернешнал Агнес Каламар на Твитер, додавајќи:

„Пегаз е оружје што ги загрозува правата и слободите, правдата и владеењето на правото. Исто така е оружје што го користат владите за да следат поединци на територијата на друга држава“.

Голем број автократски режими, но и демократски влади го користеа „Пегаз“ за да ги хакираат паметните телефони на новинари, службеници и активисти за човекови права ширум светот.

„Мајкрософт“: Бајден и Трамп цел на хакери поврзани со Русија и Кина

Според извештаите на конзорциумот, клиенти на Групацијата НСО вклучуваат влади на Азербејџан, Бахреин, Унгарија, Индија, Индонезија, Казахстан, Мексико, Мароко, Руанда, Саудиска Арабија, Того и Обединетите Арапски Емирати.

НСО негираше каков бил криминален акт, наведувајќи дека неговиот софтвер е наменет против криминалци и терористи и им бил достапен само на воените и органите за спроведување на законот, како и на разузнавачките агенции од земјите со добра евиденција за човекови права.

Иако присуството на телефонскиот број во податоците не значи дека е направен обид за хакирање на уредот, конзорциумот соопшти дека верува оти податоците укажуваат на потенцијални цели на владините клиенти на НСО.

Изгледа дека повеќето политички лидери биле избрани за потенцијално хакирање од ривалските држави, иако во некои случаи, како на пример во Казахстан, тие можеби биле избрани од извор во нивните сопствени земји.

Меѓу првите луѓе на списокот во Казахстан беа Токаев, актуелен претседател на земјата и премиерот Аскар Мамин. Беше избран и Бакитжан Сагинтаев, премиер до февруари 2019 година. Нејасно е дали нивните телефони навистина биле хакирани со помош на шпионскиот софтвер или само биле идентификувани како цели.

Доказите од телефонските записи исто така укажуваат на тоа дека премиерот на Пакистан бил избран од ривалската Индија, објави конзорциумот. Не е јасно дали потенцијалното шпионирање на Кан продолжи и откако тој стана премиер во 2018 година.

„Епл“ нуди милион долари за тој што ќе го хакира ајфон

Во Индија опозицијата повика на истрага за извештаите за следење на политичари со израелскиот софтвер. Шактисин Гохил, портпарол на најголемата опозициска Конгресна партија рече дека владата на премиерот Нарендра Моди треба јасно да каже дали го користи „Пегаз“ за да шпионира десетици политичари, новинари, активисти и критичари, меѓу нив и главниот политички ривал на Моди, Ганди. Индиската влада ги негираше обвинувањата.

Во Франција, обвинителите отворија истрага во врска со наводите дека новинарите на локалната веб-страница за истражувачки вести биле шпионирани со користење на програмата „Пегаз“.

Франција ќе истражи 10 различни обвиненија, вклучително и дали имало нарушување на личната приватност, недозволен пристап до лични електронски уреди и злосторничко здружување, соопшти обвинителството во Париз.

Истрагата доби поголема итност откако весникот Ле Монд објави дека претседателот Макрон и неколку други високи владини службеници биле цел на потенцијален надзор од Мароко.

Објавувањето за истрагата доаѓа еден ден откако веб-страницата „Медијапарт“ поднесе правна жалба, обвинувајќи ги тајните служби на Мароко дека го користеле шпионскиот софтвер за да ги следат мобилните телефони на двајца репортери. Рабат ги отфрли обвинувањата како „неосновани и лажни“.

Унгарските опозициски пратеници на 19 јули повикаа на слично испитување на извештаите дека десничарската влада на премиерот Виктор Орбан можеби го искористила моќниот софтвер за да шпионира новинари, политичари и деловни луѓе.

Орбан е обвинет од ЕУ за нарушување на демократијата со низа закони што се сметаат за ограничување на слободниот печат и човековите права. Неговата влада, сепак, негираше каква било употреба на софтверот Пегаз „на кој било начин“.

Пегаз инфицира iPhone и Android уреди за да им овозможи на операторите да снимаат телефонски повици, да пристапуваат до текстуални пораки, фотографии, електронска пошта и лозинки, да следат GPS податоци и да активираат микрофони и камери.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG