Претседателот на ентитетот на Република Српска, Милорад Додик, останува фокусиран на укинување на Дејтонскиот мировен договор и Уставот на Босна и Херцеговина, рече на 18 јули во Вашингтон Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар на САД.
Обраќајќи им се на членовите на Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом на Соединетите Држави, Ескобар зборуваше за стабилноста и безбедноста на Западен Балкан и за позициите на американската политика.
„Упорните, сецесионистички и антидемократски активности на Додик ја загрозуваат стабилноста, безбедноста и просперитетот на земјата и поширокиот регион“, нагласи тој, обраќајќи се пред членовите на Поткомитетот за европски прашања на Комисијата за надворешни работи.
Тој посочи дека САД ќе продолжат да бараат одговорност од сите оние кои го поткопуваат Дејтонскиот мировен договор или го загрозуваат суверенитетот, територијалниот интегритет и мултиетничкиот карактер на Босна и Херцеговина.
„Остануваме цврсто во нашата поддршка за Канцеларијата на високиот претставник во користењето на овластувањата во Бон за борба против заканите за Дејтонскиот мировен договор“, рече Ескобар, кој е и специјален пратеник на американскиот Стејт департмент за Западен Балкан.
Обраќањето на Ескобар во Вашингтон доаѓа во моментот на една од низата политички кризи во БиХ, откако владата на РС усвои закони за неспроведување на одлуките на Уставниот суд на БиХ во тој ентитет на Босна и Херцеговина, како и за необјавувањето на одлуките на високиот претставник во БиХ.
Додик, кој е под санкции на Соединетите Држави и Велика Британија, ги потпиша спорните закони и покрај тоа што високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, користејќи ги овластувањата во Бон, ги поништи на 1 јули.
Зошто нема посериозни санкции против Додик?
Инаку, ова е првпат Ескобар да се обрати пред Долниот дом на американскиот Конгрес по речиси две години.
Едно од прашањата што конгресмените му го поставија на Ескобар се однесува и на тоа зошто нема посериозни санкции за оние кои го загрозуваат територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина.
Конгресменката Ен Вагнер потсети дека САД се гарант на Дејтонскиот мировен договор, нагласувајќи дека „мирот во БиХ е скап и оние кои му се закануваат мора да одговараат“.
Таа потсети дека Додик уште еднаш најави одржување референдум за статусот на РС, поставувајќи го прашањето како САД имаат намера да се позиционираат во тој поглед.
Ескобар рече дека работи со одредени европски и меѓународни финансиски институции за да се запре финансирањето на оние кои и штетат на државата, порачувајќи дека е неопходно да се смета и на американската реакција во Босна и Херцеговина.
На прашањето зошто ЕУ не воведува санкции за сецесионистичката политика, тој посочи дека за тоа е потребен консензус од сите земји-членки.
Томас Кин, претседател на Поткомитетот за европски прашања, исто така предупреди дека Додик и неговата политика на сецесионизам претставуваат напад на Дејтонскиот мировен договор и дека се очекува американски одговор.
„Потребни се санкции и тоа сега“, рече Кин, говорејќи на почетокот на седницата.
Косово и Србија да ги исполнат своите обврски
Значителен дел од извештајот на Ескобар, претставен во Вашингтон, беше посветен на односите меѓу Косово и Србија и тензиите на северот на Косово.
„Заедно со нашите европски партнери остануваме ангажирани во Косово и Србија, повикувајќи ги двете страни да ги исполнат сите свои обврски, кои се од суштинско значење за континуиран напредок на европскиот пат“, нагласи тој.
Тој потсети дека во февруари и март, со силна поддршка на САД, Европската унија (ЕУ) постигна напредок со постигнување на Договор на патот кон нормализација на односите меѓу двете земји.
„Клучниот елемент е исполнувањето на обврските на Косово во однос на формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство“, рече тој.
Ескобар, исто така, истакна дека Косово и Србија се согласиле меѓусебно да ги признаат документите и националните симболи.
„И што е важно, според овој договор, Србија повеќе нема да лобира против Косово во членството во меѓународните организации“, нагласи тој.
Тој потсети и дека има сериозни провокации, ескалација на тензиите и неприфатливо насилство од страна на српските демонстранти против КФОР, полицијата и новинарите на северот на Косово.
„Со ЕУ повикавме на итна деескалација, која вклучува одржување нови општински избори во четири општини на северот на Косово, со учество на Срби и фокусирање на спроведувањето на договорот постигнат во дијалогот со посредство на ЕУ. “, нагласи тој.
Еден од учесниците на дискусијата за односите меѓу Косово и Србија, претседателот на Поткомитетот Кин, рече дека Косово е важен американски партнер, но и дека е потребен притисок врз Приштина и Белград да ги исполнат обврските од постигнатиот договор.
„Не гледам друг начин да се обезбеди спроведување на мирот и безбедноста. Нема ништо слично на нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово. Сегашниот пристап на Соединетите Држави не успеа да ги намали тензиите. Сакам да знам дека има притисок од ЕУ и САД за Албин Курти да ја исполни обврската за формирање Заедница на општини со српско мнозинство, а исто така да престане и притисокот за Косово да не се приклучува кон меѓународните тела“, рече Кин.
Потсетуваме дека припадниците на српската заедница во ноември минатата година ги напуштија косовските институции на северот на Косово за да го спречат процесот на пререгистрација од српски на косовски таблички.
Оттогаш има кризи и протести, а во април тие ги бојкотираа изборите и не ги прифаќаат резултатите, односно новите градоначалници кои доаѓаат од редовите на албанската заедница.
Тензиите се кренаа на крајот на мај кога новоизбраните градоначалници со помош на полицијата влегоа во општинските згради, на што се спротивстави локалното српско население.
За Црна Гора, Албанија и Северна Македонија
Осврнувајќи се на ситуацијата во Црна Гора, Ескобар рече дека во таа земја има обновен моментум кон европската иднина.
Тој оцени дека неодамнешните претседателски и парламентарни избори биле слободни и мирни, а на гласачите им бил понуден широк избор.
„Исходот ја зајакна желбата на Црна Гора да постигне интеграција во ЕУ и реформи кои ќе овозможат напредок“, рече тој меѓу другото.
На прашањето на конгресменот за апликацијата „Скај“ и за корупцијата во таа земја, тој изјави дека „Црна Гора се уште е ранлива членка на НАТО, но дека е голем поддржувач на борбата против корупцијата“.
Ескобар посочи дека Албанија и Северна Македонија ги отвориле преговорите за влез во ЕУ, истакнувајќи дека двете земји се сојузници во НАТО.
„Владата на Северна Македонија се обврза да ги унапреди своите аспирации кон ЕУ со усвојување на уставните промени со кои ќе се признае бугарското малцинство“, нагласи тој.
Како што рече, САД силно го поддржуваат овој тежок, но неопходен чекор. САД, исто така се ангажирани да обезбедат Владата на Бугарија да не поставува нови барања откако Северна Македонија ќе ги исполни своите обврски од постоечките договори.
Руско и кинеско влијание
Ескобар рече дека политиката на Соединетите Држави на Западен Балкан се заснова на продолжување на евроатлантските интеграции во регионот.
„Интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија и НАТО ја зајакнува Европа како геостратешки партнер, го зајакнува владеењето на правото и го прави Западен Балкан побезбеден и попросперитетен“, рече тој.
Тој нагласи дека пречките во евроатлантските интеграции на земјите од Западен Балкан се огромни, но не и непремостливи. Тие вклучуваат застој во демократизацијата, корупција, зависност од руски енергетски извори, етнонационалистичка политика, како и штетно странско влијание и дезинформации.
Ескобар оцени дека земјите од тој регион мора да ги преземат неопходните чекори за да се квалификуваат за членство во ЕУ.
„Нашето вклучување им помага во борбата против корупцијата и дезинформациите, кои ја зајакнуваат подложноста на малигно влијание од авторитарни држави како Русија и Кина“, нагласи тој.
Одговарајќи на прашањето како Кина преку иницијативата „Појас и пат“ се обидува да влијае на земјите од Западен Балкан, Ескобар одговори дека тоа се прави преку „очигледно поволни, но нетранспарентни заеми и инвестиции“.
Атлантските и европските интеграции, како што наведе, се од суштинско значење за намалување на „штетното влијание на актерите, како што се Русија и Кина, но и на корумпираните локални актери кои сакаат да го дестабилизираат регионот и да ја попречат интеграцијата во ЕУ, притоа ширејќи го сопственото влијание.
„Русија сè уште е ексклузивен снабдувач на природен гас за некои земји од Западен Балкан и сериозна закана за регионалната безбедност“, рече тој.
Зборувајќи за зависноста од руските енергетски извори, тој рече дека повеќето земји од Западен Балкан се обидуваат да воспостават одржливи независни енергетски потенцијали и оти Албанија има постигнато најголем напредок на овој план.
Како што рече, „Кремљ шири дезинформации, често на српски јазик“, и се обидува да создаде поделби, недоверба и меѓуетнички тензии.
„Руското влијание се шири на два начина преку дезинформации и енергија, бидејќи тие немаат ништо друго“, нагласи Ескобар.
Санкции против Србија поради руско оружје?
Учесниците на дискусијата во Вашингтон се интересираа и дали САД ќе ја санкционираат Србија за, како што беше речено, увоз на оружје од Русија. Но, Ескобар одговори дека тоа не е во негова надлежност.
Се спомна и Александар Вулин, директор на Безбедносно-информативната агенција (БИА) на Србија, кој неодамна е под санкции од Соединетите Држави. Беше посочено дека одлуката за негово санкционирање е потсетување дека нема да се толерира „руското злобно влијание во Србија“.
Во одлуката на Министерството за финансии на САД, се наведува дека Александар Вулин е вмешан во транснационален организиран криминал, нелегални активности поврзани со дрога и злоупотреба на јавна функција, како и поради неговите врски со Русија.