Се договоривме за најдеталните и најсилните одбранбени планови на НАТО од Студената војна, ја зајакнавме нашата посветеност на инвестициите во одбраната, рече Столтенберг на завршната прес-конференција на самитот на НАТО кој се одржа во Вилнус, Литванија.
„Се договоривме да ја приближиме Украина до Алијансата и да ја засилиме поддршката на долги патеки. И уште повеќе ги продлабочивме нашите партнерства низ светот“, рече Столтенберг.
Лидерите на земјите-членки на НАТО на 11 и 12 јули во Вилнус разговараа за многу теми, меѓу кои приемот на Шведска и напорите на Украина да стане членка на најголемата воена организација.
Столтенберг денеска рече дека штотуку претседавал со инаугуративниот состанок на Советот НАТО-Украина и дека отсега НАТО и Украина ќе се среќаваат во Советот за да разговараат и да одлучуваат како рамноправни.
„Ова е значаен чекор за приближување на Украина кон НАТО. Исто така, ги поздравувам главните нови најави за воена поддршка од сојузниците на НАТО на овој Самит“, рече Столтенберг.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг исто така рече дека сојузниците веќе обезбедиле воена помош од десетици милијарди долари за да помогнат да се победи инвазијата на Русија.
„Десетици илјади украински војници се обучени и опремени од сојузниците на НАТО. И додека Украина продолжува да ослободува територии, ние ќе стоиме покрај нив колку што е потребно“, изјави Столтенберг.
Вчера, сојузниците се согласиле за нов повеќегодишен пакет помош за Украина за да ѝ помогнат во транзицијата од советско време кон опрема и стандарди на НАТО и да ги направат нивните сили целосно интероперабилни со НАТО.
„Украина сега е поблиску до НАТО од кога било досега“, рече Столтенберг.
„Ќе издадеме покана за Украина да влезе во НАТО кога сојузниците ќе се согласат дека условите се исполнети. Ова испраќа јасна, силна и обединета порака од нашиот самит во Вилнус“, додаде тој.
Тој исто така изјави дека членките мора да се погрижат кога ќе заврши војната во Украина да има веродостојни аранжмани за безбедноста на земјата, „за да не се повтори историјата.“
„Го поздравувам тоа што многу сојузници сега се обврзаа да обезбедат долгорочна безбедносна помош за Украина. Ова ќе помогне да се одврати каква било идна агресија од Русија по завршувањето на оваа војна“, изјави Столтенберг.
Тој исто така наведе дека безбедносна ситуација е најсериозна во последните децении, но дека сојузниците се соочуваат со предизвикот.
Самитите на НАТО се одржуваат секоја втора година, но ова е четврти собир од ваков вид во последните 18 месеци, односно од руската инвазија на Украина, која започна на 24 февруари минатата година.
Еден самит веќе се одржа буквално, ден по почетокот на војната во Украина, по што следеа средби во Брисел и Мадрид.