Иднината на Украина е внатре во НАТО, но воената алијанса ќе упати покана до Киев само кога „членките ќе се согласат и ќе се исполнат условите“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на 11 јули во Вилнус, каде се одржува дводневниот Самиот на Алијансата.
Изјавата на Столтенберг доаѓа откако украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди неуспехот на Алијансата да постави временска рамка за членство на Украина.
Пакет од три мерки за приближување на Киев кон НАТО
Лидерите на НАТО се договорија за пакет од три мерки за приближување на Украина до Алијансата, изјави Столтенберг.
„Првата мерка вклучува нова повеќегодишна програма за помош за Украина. Да се овозможи транзиција од советско време кон стандардите, обуката и доктрините на НАТО, да помогне во обновата на безбедносниот и одбранбениот сектор на Украина и да ги покриеме критичните потреби, како што се гориво, опрема за деминирање и медицински материјали“, рече Столтенберг.
Втората мерка, како што нагласи, е формирањето на новиот Совет НАТО-Украина, замислен како форум за кризни консултации и одлучување, каде што двете страни ќе настапат како рамноправни партнери, кој утре ќе го има својот прв состанок на кој ќе присуствува и украинскиот претседател.
Трето, рече Столтенберг, потврдивме дека Украина ќе стане членка на НАТО и се согласивме да го изоставиме барањето за Акциски план за членство.
Акцискиот план за членство вклучува економски и политички реформи што една земја кандидат треба да ги преземе на патот кон членство во НАТО.
Столтенберг - Не е поставена временска рамка за членство на Украина, Зеленски разочаран
Самитот во главниот град на Литванија започна со дискусии фокусирани на воената поддршка на НАТО за Украина во нејзината одбрана од руската агресија и нејзините идни врски со Алијансата, вклучувајќи ги и нејзините изгледи за членство.
Иако многу членки на НАТО испратија оружје и муниција до украинските сили, не постои консензус меѓу 31 земји членки на Алијансата за прием на Украина во редовите на НАТО.
Наместо тоа, лидерите на Алијансата решија да ги отстранат пречките на патот на членството на Украина за да може побрзо да се приклучи штом ќе заврши војната со Русија.
Зеленски остро се спротивстави на таа одлука.
„Тоа е без преседан и апсурдно кога не се поставува временска рамка ниту за поканата, ниту за членството на Украина“, напиша Зеленски на Твитер пред да пристигне во Вилнус на Самитот.
Тој заклучува дека нема подготвеност да ја поканат Украина во НАТО или да ја направат членка на Алијансата“.
Запрашан за загриженоста на Зеленски, Столтенберг рече дека најважното нешто сега е да се осигура дека неговата земја ќе победи во војната, бидејќи „додека Украина не победи, нема воопшто да се разговара за членство“.
Украинскиот претседател вели дека од нејасноста на Алијансата корист ќе има само Русија и вети дека ова прашање ќе го покрене лично на Самитот.
Зеленски – Украина ќе ја направи Алијансата посилна
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во говорот во Вилнус се заложи Украина да се приклучи на НАТО.
„НАТО ќе ѝ даде на Украина безбедност, Украина ќе го направи НАТО посилен“, рече Зеленски, стоејќи покрај литванскиот претседател Гитанас Науседа на церемонијата на кревање на украинското знаме донесено од Бахмут.
Овој град беше предмет на долга опсада и епицентар на борбите со руската војска во источна Украина.
Зеленски, потврди дека на 12 јули во Вилнус ќе се сретне со американскиот претседател Џо Бајден на маргините на Самитот.
Кремљ - Внимателно следиме што се случува во Вилнус
Кремљ се огласи за самитот, велејќи дека Алијансата ја третира Русија како да е „непријател“, што ја влошува веќе нестабилната безбедносна ситуација низ светот.
„Русија е сфатена од нив (лидерите на НАТО) како непријател, како противник. Токму во таа насока ќе се водат дискусиите (во Вилнус)“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков на брифингот во Москва.
„Го следиме ова многу внимателно бидејќи голем дел од она што е кажано ќе биде предмет на длабинска анализа со цел да се преземат мерки за да се обезбеди нашата сопствена безбедност“, додаде тој.
Ветувања за нова воена помош за Украина
Пред самитот, Франција и Германија најавија нови пакети воена помош за Украина.
Претседателот Емануел Макрон по пристигнувањето во Вилнус рече дека Франција ќе започне со испорака на ракети со долг дострел на Украина, што ќе им овозможи на силите на Киев да се бранат.
„Одлучив да ги зголемам испораките на оружје и опрема за да им овозможам на Украинците да имаат капацитет да удрат длабоко додека ја одржуваме нашата доктрина за да и дозволиме на Украина да ја брани својата територија“, рече тој, без да даде дополнителни детали за тоа колку или типови на проектили. .
Но, неименуван француски воен извор им изјави на новинарите во Вилнус дека Париз веќе почнал да испорачува значителен број крстосувачки ракети„скалп“ на Украина.
Скалп е француско име на ракета со долг дострел развиена заеднички од Франција и Британија и позната во Обединетото Кралство како „шторм Шадоу“.
Овие ракети кои имаат домет од 250 километри, ќе се користат само во меѓународно признаените граници на Украина и ќе бидат лансирани од незападни авиони, рече изворот.
Велика Британија веќе испорача голем број ракети „Сторм шадоу“ на Украина во мај.
Германското Министерство за одбрана, пак, на 11 јули соопшти дека Германија, исто така, ќе и даде на Украина воени оклопни возила и муниција во вредност од 700 милиони евра (768 милиони долари).
Столтенберг - Со нетрпение очекуваме да и посакаме добредојде на Шведска
На Самиот на НАТО во Вилнус доминира и темата за приемот на Шведска во Алијансата.
Шефовите на држави или влади на членките на НАТО на Самитот во Вилнус донесоа важни одлуки во критичен момент за нашата безбедност, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
„Ја пречекавме Финска како полноправна членка на Алијансата и со нетрпение очекуваме да и посакаме добредојде на Шведска како полноправна членка на Алијансата, врз основа на договорот што го постигнав синоќа со (турскиот) претседател (Реџеп Тајип) Ердоган и (шведскиот) премиер (Улф) Кристершон, изјави Столтенберг на прес-конферецијата на првиот ден од дводневниот Самит на НАТО, што денеска започна во Вилнус.
Шведска ќе стане 32-та членка на НАТО. Темата за Шведска беше практично завршена на 10 јули, во пресрет на самитот на Алијансата, кога турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се согласи да ја проследи кандидатурата на Шведска за членство во НАТО до парламентот.
Шведска, заедно со Финска, беа традиционално неутрални земји, но тие побараа прием во Алијансата по руската агресија врз Украина.
Финска стана полноправна членка на Алијансата во април годинава, а приемот на оваа земја ја удвои границата меѓу НАТО и Русија, бидејќи Финска има најдолга гранична линија со Русија.