Достапни линкови

Што ќе одлучат лидерите на НАТО на самитот во Вилнус?


Борбени авиони над Вилнус на денот на независноста на Литванија, 11 март 2022
Борбени авиони над Вилнус на денот на независноста на Литванија, 11 март 2022

Лидерите на НАТО ќе се состанат во Вилнус на 11 и 12 јули за да се осврнат на широк спектар на теми, од поделбите околу обидот Украина да стане членка на Алијансата и пристапувањето на Шведска, но и да разговараат за првите одбранбени планови после неколку децении.

Тоа ќе биде четврти самит на НАТО по руската инвазија на Украина, а првиот се одржа на 25 февруари 2022 година, само еден ден по почетокот на војната, по што следеа средби во Брисел и Мадрид, пишува агенцијата Ројтерс.

Вонредниот самит е во спротивност со претходниот ритам на годишните самити на НАТО и покажува како војната која е на прагот на земјите-членки ја вратила Алијансата во фокусот.
Безбедноста во Вилнус ќе биде на високо ниво, со три германски противвоздушни единици Патриот распоредени за да го заштитат местото каде што ќе се одржува, што се случува за прв пат на еден самит од неговото постоење.

Дополнителни борбени авиони ќе патролираат на небото над Литванија, која се наоѓа помеѓу рускиот Калининград и Белорусија и долго време се смета за ранлива точка на источното крило на НАТО.

Следува списокот на главните прашања што треба да се дискутираат во Вилнус.

Членство на Украина

Се чини дека начинот на кој НАТО ќе ги дефинира своите идни односи со Украина ќе доминира на самитот, во услови на постојаните повици на претседателот Володимир Зеленски Киев да биде поканет во Алијансата во Вилнус.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг јасно стави до знаење дека Украина нема да стане членка додека трае војната и дека од самитот во Вилнус нема да биде испратена официјална покана до Киев.
Сепак, сојузниците се поделени околу тоа колку брзо на Украина треба да и се дозволи да се приклучи на НАТО по завршувањето на војната.

Додека источноевропските земји велат дека самитот треба да му понуди на Киев патна карта, САД и Германија се претпазливи од каков било потег што би можел да ја доближи Алијансата до војна со Русија.


Пред самитот, неколку земји го поддржаа британскиот предлог да му се дозволи на Киев да ја прескокне таканаречената програма Акционен план за членство (МАП), која ги поставува политичките, економските и воените цели што кандидатите мора да ги исполнат и кои ги имаа другите земји од Источна Европа пред влез во НАТО.

Со таков потег, алијансата би можела да одговори на барањата да се оди подалеку од декларацијата на самитот во Букурешт во 2008 година, во која се вели дека Украина на крајот ќе стане членка, без да му понуди на Киев вистинска покана или низа чекори.

НАТО, исто така, најверојатно ќе најде посилна формулација од онаа од 2008 година, што ќе ја нагласи перспективата на Киев за пристапување во алијансата.

Лидерите би можеле да се договорат за нешто како „местото на Украина во НАТО“, повторувајќи ги забелешките на Столтенберг за време на неговата посета на Киев во април, или да нагласат дека „трансатлантската безбедност не би била целосна без Украина“.

Безбедносна гаранција за Украина

Се очекува лидерите да разговараат за тоа какви безбедносни гаранции треба да добие Киев во повоениот период, иако тие ветувања ќе бидат билатерални и нема да бидат издадени од самата алијанса.

Веројатно ќе вклучи ветување за континуирана воена и финансиска помош за Киев за да се одврати Русија од повторен напад откако војната ќе заврши.
Столтенберг подвлече дека НАТО - според член 5 од Вашингтонскиот договор - ќе обезбеди целосни безбедносни гаранции само за полноправните членки на алијансата.

Зајакнување на источното крило на НАТО

Лидерите ќе ги разгледаат првите одбранбени планови на алијансата, изготвени од членките за прв пат по Студената војна, со детали како НАТО ќе одговори на руски напад.

Заживувањето на таканаречените регионални планови означува суштинска промена. Заедно со плановите, алијансата им дава на нациите насоки како да ги подобрат своите сили и логистика.

НАТО со децении нема потреба од големи одбранбени планови, но со најкрвавата војна во Европа од 1945 година која беснее веднаш до границите на алијансата, во Украина, сега предупредува дека мора да има планови во случај на конфликт со рамноправен противник, како Москва.

Турција го блокира одобрувањето на плановите поради формулацијата на географските локации како Кипар. Тоа прашање ќе им биде оставено на лидерите на земјите, доколку сојузниците не постигнат договор пред самитот.

НАТО, исто така, ќе постави повисоки цели за зголемување на резервите на муниција бидејќи Киев ги троши гранатите многу побрзо отколку што можат да ги произведат западните земји, а по повеќе од една година конфликт во Украина, резервите на сојузниците се сериозно исцрпени.

Истовремено, сојузниците ќе покажат дека целта им е да го спроведат договорот за НАТО од минатогодишниот самит во Мадрид, да стават на подготвеност над 300.000 војници, наспроти 40.000 во минатото, за да се спротивстават на Русија

Шведска

НАТО имаше намера да ја пречека Шведска како 32-ра членка на алијансата во Вилнус, но Турција продолжува да го блокира приемот на Стокхолм.

Сојузниците се надеваат дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе го повлече своето противење на самитот, но не е јасно дали тоа ќе се случи.

Анкара ја обвинува Шведска дека засолнила членови на милитантни групи на нејзина територија и бара таа да се справи со нив пред да влезе во НАТО.

Зголемување на воените трошоци

Столтенберг има за цел да ги постави сегашните воени трошоци на НАТО од 2 отсто од националниот БДП како минимум, а не цел кон која треба да се стреми.

Сепак, во 2022 година, дури и старата цел беше исполнета од помалку од една четвртина од тогашните 30 членки на алијансата, според проценките објавени од НАТО во март. Целта беше поставена во 2014 година, кога лидерите на НАТО се согласија да ги зголемат трошоците за одбрана на два отсто од нивниот БДП во рок од една деценија.

Годишниот извештај на НАТО покажа дека Грција, САД, Литванија, Полска, Велика Британија, Естонија и Летонија ја исполниле целта.

На дното на листата се Белгија, Шпанија и Луксембург, чии трошоци за одбрана беа под 1,2 отсто од БДП.

XS
SM
MD
LG