Мајка на новороденче кое треба да биде прегледано од ортопед треба да чека два месеца за тој преглед. Кога матичниот педијатар и кажал дека првиот слободен термин е после два месеци, се одлучила да закаже контрола во една од приватните болници.
„Кога докторката ми кажа дека треба да чекам најрано до септември за бебето да ми го прегледа ортопед, не ми се веруваше. И она што е најстрашно, е дека нема друго решение освен приватен преглед или да си чекаш. Матичната нема како да ми помогне, особено затоа што не се работи за некоја итна состојба па да ми даде приоритетен упат, туку се работи за рутински преглед. Јас нема да чекам и веќе закажав на приватно, но не сум сигурна дека секој може да си дозволи да плати најмалку 1200 денари за преглед во приватна ординација“, раскажува скопјанката Светлана.
Проблем со закажување термини има и за други специјалистички прегледи на Детската Клиника, посочуваат педијатрите.
„Дефицитарни се термините и за нефролози, невролози и гастроетеролози. Но, дефинитивно најмногу се чека кај ортопедите и физијатрите во Мајчин дом, минимум 2 до 3 месеци се чека за преглед“, вели доктор Билјана Христова, матичен педијатар.
Слична е ситуацијата и на други клиники. Пациенти со месеци чекаат термин за снимање магнетна резонанса, компјутерска томографија и мамографија. Термини нема ниту за ехо на дојка, колоноскопија и спирометрија. Оној кој може да си дозволи, не чека, туку се лекува приватно. Тие кои немаат друг избор, чекаат.
Министерот за здравство Фатмир Меџити признава дека има проблеми со функционирањето на овој систем и најавува засилени контроли и интервенција во Мој термин за да се отворат повеќе термини.
„Ние праќаме контрола во секоја здравствена установа и укажуваме прво со опомена, со добро, да отвораат повеќе термини за пациентите. Во случај тоа да не го направат ние како министерство имаме ингеренции ако одреден колега не отвори термин, да интервенираме во Мој термин и да отвораме 20 нови термини“, вели министерот Меџити во неделното интервју за радио Слободна Европа.
Уште една ситуација на која укажуваат пациентите е дека преглед и не е толку тешко да закажеш, ако тоа е надвор од работното време на лекарот во амбуланта, туку во попладневните часови, кога за истата таа услуга се плаќа приватно. Пациенти се прашуваат како е можно докторот да има термин за приватен преглед, а за истиот тој преглед на државна сметка, да се чека со месеци.
За можните „злоупотреби“ на системот Мој термин, првиот човек на здравството најавува санкции.
„Значи ова е кратко време, нас целата не ни е да ги казнуваме колегите и здравствените работници, туку да апелираме, даваме до знаење, па бараме од менаџерот на клиниката да оди на дисциплинска комисија и ако пак не се промени ништо, ќе се санкционира и менаџерот на здравствената установа и самиот лекар. И тука нема да престанеме, ќе се оди до крај, но знаете за четири месеци, толку можевме“, вели Меџити во интервјуто.
Од август хронична терапија ќе препишуваат матичните лекари
Една од мерките со која се очекува да се стави ред во системот „Мој термин“ е таканареченото дисперзирање на хроничната терапија. Според проценките на ресорното министерство 30 до 40 проценти од пациентите доаѓаат на клиниката само за да препишат хронична, конзилијарна терапија, а тоа ги полни термините. Затоа од следниот месец ќе им се дозволи на сите матични лекари да препишуваат хронична терапија.
Веќе од август ќе може кај матичните лекари да се препише лекот, зошто дигиталната ера дозволува тоа така да се организира, најавуваат здравствените власти.
Матичниот лекар Лиридон Диша, кој има своја ординација во Тетово, очекува овој потег да ги намали гужвите во секундарното здравство и да ги намали нервозите околу закажување термини.
„Пациентите во најголем број случаи бараат термини за здравствени услуги кои може да ги нуди и матичниот лекар. Во повеќето случаи тоа е причина поради која термините се зафатени и тоа оневозможува овие термини да ги користат пациенти на кој навистина им се потребни. Најавата матичните лекари да може да препишуваат хронична терапија е добредојдена, но сметам дека треба да се ограничи само на специјалисти по семејна медицина. Исто така убеден сум дека специјалистите по семејна медицина се добро обучени за дозирање и препишување на адекватна хронична терапија“, вели доктор Диша.
Покрај тоа што има голем број пациенти кои сакаат да добијат здравствена услуга, докторот е убеден дека една од причините за немање термини е и недостигот на медицински персонал по клиниките.
Електронскиот систем за закажување прегледи “Мој термин“ беше воведен во 2014 година за да го олесни пристапот на пациентите до здравствените услуги и да се води евиденција за нивната здравствена состојба.