Достапни линкови

Расте осудата за руската агресија на Украина


Протест против војната во Украина во Скопје, 28.12.2022
Протест против војната во Украина во Скопје, 28.12.2022

Се зголемува процентот на испитаници во Северна Македонија кои ја осудуваат руската агресија на Украина, покажува истражувањето на Фондацијата Конрад Аденауер. За разлика од лани сега испитаниците имаат појасни ставови за војната во Украина, се наведува во истражувањето.

Бројот на граѓани во Северна Македонија кои сметаат дека руската воена агресија врз Украина е неоправдана е во пораст, но во исто време е зголемен е бројот на оние кои ја оправдуваат, покажува истражувањето на Фондацијата Конрад Аденауер, насловено „Меѓународни предизвици 2023.

Сепак процентот на оние кои ја осудуваат е далеку повисок.

Истражувањето на јавното мислење е спроведено кон крајот на мај 2023, на 14 месеци по почетокот на руската агресија на Украина.


Авторот на истражувањето, професор Александар Спасеновски, од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, вели дека истражувањето покажало оти 53,7 отсто од испитаниците ја оценуваат руската воена агресија врз Украина како неоправдана и неприфатлива, наспроти 29,3 отсто кои ја оцениле како оправдана и прифатлива, што претставува разлика од 24,4 проценти во корист на првата група

„Споредено со истражувањето од минатата година има раст кон оваа осуда од 3,3 проценти. Вкупно земено можеме да земеме дека апсолутно мнозинство од граѓаните има негативен однос, ја осудува, не ја одобрува руската воена агресија врз Украина“, вели Спасеновски за Радио Слободна Европа.

Споредено со минатогодишното истражување за 3,1 процент е зголемен и бројот на испитаници кои ја оправдуваат руската агресија врз Украина. Зголемувањето на првата и на втората група е на сметка на оние што лани одговориле дека не знаат или немаат одговор. Лани тој процент изнесувал 23,4 проценти, а годината е 17 отсто.

„Тоа покажува дека денес испитаниците имаат појасни ставови за војната во Украина“, се наведува во истражувањето.

Спасеновски: Мнозинство од граѓаните ја осудуваат руската агресија врз Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:58 0:00


По руската агресија на Украина, на 24 февруари 2022, Северна Македонија, како членка на НАТО и аспирантка за членство во Европската унија, се приклучи кон земјите кои ја осудија агресијата и воведоа санкции кон Руската федерација. Северна Македонија во неколку наврати и додели и воена помош на Украина.

Податоците од истражувањето на Фондацијата Конрад Аденауер покажуваат и дека поддршката на членството на Северна Македонија во НАТО од 2021 година континуирано се зголемува и денес таа изнесува 65,7 отсто. Истовремено 56,1 од испитаниците сметаат дека државата со зачленувањето во Северноатлантската алијанса е побезбедна и постабилна.

„Ако податоците за континуираниот раст на поддршката на членството на државата во НАТО, и осудата на руската воена агресија ги ставиме во еден регионален или европски контекст ќе можеме да заклучиме дека македонските граѓани во ништо не се разликуваат од другите граѓани на останатите држави членки на Европската унија и НАТО“, вели Спасеновски.

Северна Македонија донесе осум одлуки за воена помош за Украина, а за најновото барање за донација, што пристигнало пред неколку недели, е донесено негативно мислење.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска вели дека голем дел од донираната опрема на Украина Армијата веќе да не ја употребувала оти не ги исполнувала стандардите.

„Паѓаат во вода обвинувањата дека сме земале опрема буквално од рацете или од поседување на Армијата и сме ја дале на Украина. Факт е дека дадовме огромна количина на опрема и наоружување, меѓу кои се и авионите, хеликоптерите, тенковите...и друго вооружување армиско и пешадиско, меѓутоа тоа не значи дека сме ги намалиле капацитетите на македонската армија“, рече Петровска во интервју за ТВ 24.

Лидерите на Европската унија на Самиот кој се одржа на 29 и 30 јуни ветија дека ќе ја поддржуваат Украина сè додека е потребно. Тие, исто така, рекоа дека „се подготвени да придонесат, заедно со партнерите, во идните безбедносни обврски кон Украина, кои ќе и помогнат на Украина да се брани долгорочно, да ги одвраќа актите на агресија и да се спротивстави на напорите за дестабилизација“.



Русија започна инвазија на Украина во февруари 2022 година, а во последните недели Украина започна контраофанзива. Глобалниот индекс за мир, кој го објави Институтот за економија и мир на 28 јуни, покажува дека руската инвазија на Украина однела најмалку 82.000 жртви. Експертите на Институтот проценуваат дека 65 отсто од украинските мажи на возраст меѓу 20 и 24 години или побегнале или биле убиени во војната. Повеќе од 30 отсто од украинското население станале бегалци или во својата земја или во странство.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG