Достапни линкови

Има ли надеж за забрзана интеграција со новиот пристап за проширување на ЕУ?


Безбедосен форум на ГЛОБСЕК, Брастислава, 31 мај 2023
Безбедосен форум на ГЛОБСЕК, Брастислава, 31 мај 2023

Европската Унија најави нов развоен план кој би требало да ја забрза интеграцијата на земјите од Западен Балкан. Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски е убеден дека новиот пристап на Унијата нема да ја забрза еуинтеграцијата на земјава. Аналитичарот Сефер Селими пак гледа сигнал за зголемено влијание на Унијата врз регионот во однос на идното проширување.

Не верувам во нови форми на асоцирање и членување во Европска Унија, изјави македонскиот претседател Стево Пендаровски како реакција на пораките кои ги упатија дел од европските лидери на безбедносниот форум ГЛОБСЕК во Братислава. Пендаровски во интервју за радио Слободна Европа кое вo целост ќе биде објавено в недела вели дека македонските граѓани се заморени од нови и нови методи според кои треба да се приклучи државата во оваа организација.

„Францускиот претседател Макрон пред 3 години побара нова методологија, која тврдеше дека ќе биде поефикасна и далеку покуса. Велеше како ќе напредувате кластер по кластер, веднаш ќе чувствувате придобивки под членство, нема да чекате до последен момент кога ќе станете полноправна членка. За жал, до овој момент и двете држави од Западен Балкан, Србија и Црна Гора кои се во процес на преговори повеќе од деценија, не почнале практично преговори во новата методологија. Не ни се потребни нови форми на соработка во тоа поле за да станеме членка на ЕУ еден ден“, вели Пендаровски во интервјуто.

Според премиерот Димитар Ковачевски пораките на претседателката на Европската Комисија, Урсула вон дел Лајен и франуцскиот претседател Емануел Макрон, се во насока на изнаоѓање начини како државите кои се дел во преговори со ЕУ да можат и пред влегување во ЕУ да ги користат бенефитите од членството во ЕУ. Во контекст на тоа Ковачевски ги наброја либерализираниот визен режим со ЕУ, како и договорот за намалување и укинување на роамингот меѓу земјите од ЕУ и Западен Балкан.

„Сега се разговара за секторско вклучување коешто би се направило врз основа на взаемна анализа помеѓу државите кандидати и ЕУ за тоа да може да биде на обостран бенефит. Тоа не е никава замена за зачленување во ЕУ, туку само отворање можности што ќе овозможат поголема мобилност на луѓето, поголема вклученост на нашите компании на европскиот пазар и користење на погодностите кои ги имаат државите членки на ЕУ“, изјави Ковачевски по Самитот во Молдавија.

Дел од домашните аналитичари тие пораки ги толкуваат како охрабрувачки, додека други пак сметаат дека се веќе слушнати и без суштина. За политичкиот аналитичар Сефер Селими новиот пристап во однос на проширувањето кој вчера го најави првата жена на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен е охрабрување за земјите од западен Балкан по подолго време, но и сигнал дека влијанието на Унијата кон овој регион ќе се зголемува.

Презентирајќи ги четирите столба кои ги опфаќа овој план, Фон Дер Лајен рече дека до некој степен ова е нов пристап на ЕУ, односно деоа таа не сака само да бара од своите партнери да прават големи чекори кон неа, туку и таа да преземе големи чекори кон нив.

Селими вели дека и ЕУ, но и главните лидери во Унијата сфаќаат дека проширувањето и пристапниот процес на земјите од ЗБ не може да се толкува само како бирократски процес каде што земјите од западен Балкан само ќе ги исполнат условите и ќе имаат прогрес кон ЕУ.

„Се чини дека и лидерите и ЕУ сфаќаат дека моментумот, посебно под притисок на војната која се случува во Украина ги разбуди да мислат на овој процес како на политички, а не само како на бирократски. Тоа подразбира дека вниманието на ЕУ кон овој регион ќе се осврне не само од аспект на дипломатијата, туку нивниот ангажман ќе биде уште поголем и политички концентриран во овој регион. Не само пораките од Макрон и Фон дер Лајен, туку ние гледаме и засилено присуство на европските претставници во земјата кои не ги штедат своите критики кон она што треба да се направи, вели Селими.

Францускиот претседател, Емануел Макрон, побара проширувањето на Унијата да се случи што е можно побрзо. Тој рече дека Унијата мора да избегне грешки во поглед на проширувањето кои би влијаеле на нејзината безбедност.

Но, за професорот Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања, овие изјави не се ништо поразлични од оние кои, како што вели, ги слушаме веќе 20 години.

„Гледаме дека за 20 години ништо не е сменето. Ниту една од тие држави на кои им беше ветувано, ништо не е сменето. Многу ветувања кои досега беа кажани останаа само ветувања. Сега ни е потребно суштина, не само демагогија. Ако после 20 години имаш само пораки, а ништо не се менува, тогаш и пораките ја губат својата смисла“, вели Божиновски.

Но она што е сега поразлично е актуелната војна во Украина. Но, Божиноски е повторно песимист дека тоа би можело да ја забрза интеграцијата на земјите од западен Балкан кон е ЕУ.

„Тоа можеби ќе влијае на некакво придвижување во Унијата, но прашањето е дали војната во Украина ќе биде доволен стимул за да ја поттикне ЕУ посериозно да се занимава со државите од Западен Балкан. Конкретно нема суштински напредок во еуинтеграциите. За да не остане сето ова само на ветување мора да имаме нешто поопипливо, а тоа е само датум. Сега има само некакви паушални изјави дека 2030 ќе влезете во ЕУ, ама тоа се само изјави, ништо конкретно нема,“ изјави Божиновски.

Претседетелката на ЕК најави нов развоен план на Европската унија за Западниот Балкан кој, како што рече, има за цел денес да донесе некои од бенефитите од членството во Унијата поблиску до граѓаните на Западниот Балкан.

„Има огромна потреба од инвестиции во Западен Балкан. И овие инвестиции ќе го подобрат животот на луѓето и исто така ќе го изедначат патот кон нашата Унија. Заради оваа причина, треба да ги зголемиме ресурсите посветени на Западен Балкан“, рече Фон Дер Лајен.

Секоја финансиска помош е добредојдена, дециден е Селими додавајќи дека новиот развоен план на ЕУ ќе биде поголем импулс во економскиот и енергетскиот развој на земјите.

„Од друга страна ограничениот пристап до фондовите на ЕУ, иако ЕУ е најголемиот донатор во овој регион, влијае овие земји да не можат да чекорат со иста брзина со која чекорат земјите во ЕУ, така што јазот помеѓу стандардите во тие земји и нашите земји е станува се поголем, а треба да е обратно за да се доближиме до европските стандарди“, вели Селими.

Нашите соговорници сепак предупредуваат дека фокусот треба да биде на начинот на кој власта и надлежните располагаат и ги трошат тие пари, односно на спречување на корупцијата која пак, велат, директно влијае на стандардот на граѓаните.

Во меѓувреме меѓународните претставници се сѐ погласни во пораките дека уставните измени се условот кој Северна Македонија мора да го исполни за да продолжи во следната фаза од евроинтеграцискиот процес.

Вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за продолжување на преговорите на земјава за членство во Европската Унија. Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство во 120-члениот парламент во Скопје, но засега мнозинството ги нема потребните гласови.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG