Водачот на приватната платеничка група Вагнер, Евгениј Пригожин, изјави дека им наредил на своите сили веднаш да го прекинат маршот кон Москва и да се вратат во нивните бази во Украина.
Одлуката доаѓа само неколку часа откако силите на Вагнер ја презедоа контролата врз воените постројки во јужна Русија и почнаа да се упатуваат кон главниот град за, како што рече претходно Пригожин, го соборат военото раководство на земјата.
„Ги вртиме нашите колони и се враќаме во полските кампови“, рече Пригожин во аудио објава на Телеграм, додавајќи дека не сака да „пролее руска крв“.
Колоната од војници, рече Пригожин, била на околу 200 километри од Москва кога ја донел одлуката.
Тој не кажа дали разговарал со Кремљ или со руската војска пред да го објави потегот.
Кабинетот на белорускиот претседател Александар Лукашенко објави дека лидерот на Вагнер, Евгениј Пригожин, го прифатил предлогот „да се запре движењето на вооружените лица од компанијата Вагнер на територијата на Русија и да се преземат дополнителни чекори за деескалација на тензиите“, соопшти кабинетот на претседателот на Белорусија, пренесува британски Гардијан.
Во соопштението се наведува дека Владимир Путин утрото го известил Лукашенко и со негово одобрение Лукашенко преговарал со Пригожин.
„Преговорите продолжија во текот на денот. Како резултат на тоа, тие постигнаа договор за неприфатливоста да се изврши крвав масакр на територијата на Русија“, се вели во соопштението.
Претходно во Москва беа суспендирани сите масовни настани на отворено до 1 јули, соопштија властите.
Што претходеше на одлуката за повлекување?
Претходно на 24 јуни беше објавено дека руската војска, наводно, пукала врз силите на Вагнер кои напредувале на главниот автопат кон Москва, откако приватната платеничка група на чело со Евгениј Пригожин ја презела контролата врз југозападниот руски град Ростов на Дон.
Дописникот на Ројтерс на 24 јуни, извести дека бил сведок дека хеликоптери на руската армија отвориле оган врз вооружена колона на Вагнер, само неколку часа откако Пригожин објавил дека неговите сили ја презеле контролата врз Ростов на Дон, воен логистички центар и појдовна точка за руската војна против Украина.
Вооружената колона на Вагнер, наводно, била нападната откако го поминала градот Вороњеж, кој се наоѓа на речиси 600 километри северно од Ростов на Дон и повеќе од половина пат до руската престолнина. Според Ројтерс, во колоната имало транспортери и најмалку еден тенк на камион со рамно лежиште.
Вонредно обраќање на Путин по бунтот на Пригожин
Пригожин, во раните утрински часови, објави дека Вагнер ја презел контролата врз воените и цивилните објекти во Ростов на Дон, град со повеќе од 1 милион жители, најавувајќи го најсериозниот предизвик за руската држава во последниве години.
Бунтот на Вагнер уследи откако на 23 јуни Пригожин повика на „марш на правдата“ за соборување на руското воено раководство по тврдењата дека руските трупи пукале кон неговите платеници кои се бореле во Украина.
Случувањата го поттикнаа рускиот претседател Владимир Путин да и се обрати на нацијата во телевизиско обраќање во кое рече дека ќе стори „сè за да ја заштити земјата“ и повика на национално единство додека Русија „се ангажира во својата најтешка борба за својата иднина“.
Путин ја опиша окупацијата на Ростов на Дон од страна на приватната платеничка група Вагнер како „вооружен бунт“ и рече дека ќе бидат преземени „одлучни дејствија“ за стабилизирање на ситуацијата во југозападна Русија.
Путин рече дека Пригожин ја „издал“ својата земја од „лична амбиција“.
Пригожин веднаш одговори на наводите на Путин за предавство, велејќи, во аудио порака, дека рускиот претседател „длабоко погрешил“ и дека тој и неговите сили „се патриоти на татковината“.
Во своето обраќање до нацијата, Путин вети дека ќе ги казни сите „предавници“ вклучени во акцијата на Вагнер, за која рече дека е „удар во грб“.
„Тоа е удар за Русија, за нашиот народ. И нашите активности за одбрана на татковината од таква закана ќе бидат остри“, рече Путин.
„Сите оние кои намерно зачекориле на патот на предавството, кои подготвиле вооружен бунт, кои тргнале по патот на уцените и терористичките методи, ќе претрпат неизбежна казна, ќе одговараат и пред законот и пред нашиот народ“, рече Путин.
Високи руски претставници и јавни личности, вклучувајќи го и поранешниот претседател Дмитри Медведев, поглаварот на Руската православна црква, Патријархот Кирил и претседателот на русската Државна Дума Вјачеслав Володин го повторија повикот на Путин до руските граѓани да демонстрираат и до војниците на Вагнер да прекинат со она што нашироко се опишува како бунт.
„Борците на Вагнер мора да го направат единствениот вистински избор – да бидат со својот народ, да ја заштитат безбедноста и иднината на нашата татковина и да ги следат наредбите на врховниот командант“, напиша Володин.
„Сè друго е предавство“, напиша тој.
Кремљ исто така соопшти дека Путин му се јавил на белорускиот лидер Александар Лукашенко, кој ја поддржа руската агресија против Украина и дозволи неговата земја да се користи како појдовна точка за руските воени операции, како и на претседателите на Узбекистан и Казахстан да ги информира за актуелната ситуација.
Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, близок сојузник на Путин, кој е на чело на републиката во рускиот регион Северен Кавказ од 2007 година, рече дека распоредува чеченски трупи за „да го зачува единството на Русија и да ја заштити нејзината државност“.
Внимателно се следат настаните во Русија
Земјите ширум светот внимателно ги следат настаните во Русија, по бунтот на приватната воена платеничка група Вагнер против руските власт.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека бунтот на Вагнер покажа дека Русија е слаба.
„Слабоста на Русија е очигледна. Целосна слабост. Колку подолго Русија ги држи своите војници и платеници на нашата земја, толку поголем хаос, болка и проблеми ќе добие подоцна“, објави Зеленски на Телеграм.
Високиот советник на Зеленски, Михајло Подољак ги опиша постапките на Пригожин како „антитерористичка операција“ која јасно ги изложи несогласувањата кои тлеат меѓу руското раководство.
„Поделбата меѓу елитите е премногу очигледна. Согласувањето и преправањето дека сè е решено нема да успее“, напиша Подољак денеска на Твитер.
„Некој дефинитивно мора да изгуби: или Пригожин... или колективниот анти-Пригожин“, напиша тој.
Американскиот претседател Џо Бајден беше информиран за ситуацијата во Русија и Вашингтон „ќе се консултира со сојузниците и партнерите за овие случувања“, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност Адам Хоџ.
Претходно и шефовите на ЕУ соопштија дека внимателно ја следат ситуацијата во Русија. “
Портпаролката на НАТО Оана Лунгеску само рече дека Алијансата „ја следи ситуацијата“.
Британскиот премиер Риши Сунак ги повика „сите страни да бидат одговорни и да ги заштитат цивилите“.
„Ние сме во контакт со нашите сојузници додека ситуацијата се развива. Ќе разговарам со некои од нив подоцна денеска и најважно е сите страни да се однесуваат одговорно“, изјави тој за Би-Би-
Си.
Пожар во складиште за гориво во Вороњеж
Новинската агенција Ројтерс, цитирајќи извори од руските безбедносни сили, денеска објави дека борците на Вагнер презеле контрола врз воени објекти во градот Вороњеж, на 500 километри јужно од Москва. Ројтерс и Радио Слободна Европа не беа во можност независно да ги потврдат овие тврдења.
Шефот на регионот Вороњеж Александар Гусев ги отфрли извештаите за „наводно движење на колони воена опрема на територијата на регионот Вороњеж“ како „лажни информации“.
Гусев подоцна рече дека руската армија ги презема „неопходните воени мерки“ во регионот додека се шират непотврдени информации на социјалните мрежи дека руските воздушни сили нападнале конвој на Вагнер на главниот автопат кој го поврзува југозападниот дел на Русија, кој се граничи со Украина, со Москва.
Кратко потоа, Гусев рече дека пожарникари работат на гаснење на пожарот во складиште за гориво во регионот.
Антитерористички мерки во Москва
Градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин рече дека во главниот град ставил на сила „антитерористички мерки“, вклучително засилени сообраќајни проверки и ограничувања за големи настани.
Во Санкт Петерсбург, седиштето на Вагнер груп е опколено, објави руската новинска агенција ТАСС.
Пригожин, кој отворено го предизвика военото раководство на Русија во последните неколку недели, среде тешките борби во Украина, исто така рече дека сеопфатната инвазија на Русија на Украина во февруари 2022 година е оправдана врз основа на „лаги“.
„Војната беше потребна... за Шојгу да стане маршал... за да може да го добие вториот медал „Херој“ [на Русија]“, рече Пригожин.
„Војната не беше потребна за демилитаризација или „денацификација“ на Украина“, рече Пригожин, мислејќи на често наведените причини на Путин за започнување на војната против Киев.
Министерството за одбрана одговори дека изјавите „не одговараат на реалноста“, нарекувајќи ги „провокација“.