Нема простор за поголем оптимизам дека Северна Македонија наскоро, ниту пак во наредните години ќе се интегрира во Европската унија (ЕУ), рече поранешниот премиер и претседател на државата, Бранко Црвенковски на трибина организирана од Советот на амбасадори.
ЕУ нема јасен план што да прави со себе, а како резултат на тоа и што да прави со Западен Балкан, вели тој, па за да се надмине статус-кво ситуацијата, тој предлага нов пристап, кој ќе им овозможи на земјите од регионот полесно да стигнат до пазарот и до фондовите на ЕУ.
На патот кон Унијата, таму каде што бевме лани, таму сме и денес, без видлив и сериозен напредок, рече Црвенковски, кој беше на чело на државата како премиер осум години, а во еден мандат беше и претседател на Македонија.
Но работите треба да се гледааат и од поширок контекст, односно да не се сведува само на проблемот со Бугарија, бидејќи не само земјава, цел Западен Балкан не направи значаен напредок во преговорите, вели Црвенковски.
Поранешниот претседател вели дека за него се прилично нелогични и без реална поткрепа изјавите дека ако сега земјава почне преговори, за 4,5 или 7 години ќе стане полноправна членка или дека војната во Украина создава нов моментум кој ќе го забрза процесот на проширување.
Актуелната власт, пак, смета дека земјата може да стане полноправна членка до 2030 година. Дека тоа не е невозможна мисија смета и претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел.
„Тој рече не е невозможна мисија, напротив возможна мисија е, и може да се оствари“, рече евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир во интервју за ТВ 24, пренесувајќи ја пораката од Мишел дадена во видео обраќање на неодамнешниот Преспа форум.
Но, за да се постине тоа, вели Гир, треба да има забележително забрзување на напорите околу реформите и консензус кај партиите.
Евроскептични граѓани - неодговорни политичари
Црвенковски вели дека предолгото чекање, неиполнетите ветувања од страна на ЕУ кон земјите од регионот, и постапувањето услови и уцени, доведуваат и до намалување на поддршката на интеграцијата во ЕУ.
Невладините организации во земјава, кои го следат расположението на граѓаните за интеграцијата во ЕУ, во своите истражувања нотираат дека опаѓа поддршката за членство во ЕУ.
Чудо или заеднички регионални иницијативи
Во состојба на статус-кво, изборот е меѓу две опции, вели Црвенковски – да останеме пасивни и да се надеваме на чудо или да даваме иницијативи, вели тој.
Но напоменува дека ЕУ нема да разгледа иницијативи ако дојдат само од една држава, па затоа предлага тие да дојдат како усогласен предлог од земјите од регионот. Може да се искористат постојните форми на регионална соработка или да се креира нова.
Иницијатива што ја предлага не би била никаква замена за полноправно членство во ЕУ, но треба да овозможи пристап до заеднички пазар и до европски фондови, со што земјите би ги подобриле економските перформанси и би биле поподготвени за полноправно членство.
Нема гаранција дека иницијативата би била прифатена од сите земји од регионот, ниту пак дека ЕУ ќе ја прифати.
„Но ако не се обидеме никогаш нема да дознаеме каков би бил исходот. На крајот на краиштата нема што да изгубиме“, вели Црвенковски.
Двете варијатни на Црвенковски
Прва варијанта е да се искористи постојната Европска економска област, со која на пример им се овозможува на Исланд, Лихтенштајн и Норвешка да учествуваат во внатрешниот пазар во ЕУ и без членство во ЕУ. А за возврат тие се обврзани да ги усвојат и спроведуваат сите закони на ЕУ кои се поврзани со единствениот пазар освен законите поврзани со земјоделство и рибарство.
Втора варијанта, според Црвенковски, е ЕУ истовремено да потпише нов посебен договор со сите земји од Западен Балкан со кој би се овозможило учество на заедничкиот европски пазар и можност за користење на европските фондови.
Иницијативата да не добие партиски печат
Но, каков и да биде одговорот на иницијативата, и да се прифати и да се одбие, Црвенковски од политичките фактори во земјата бара да не и ставаат партиски печат и да не ја користат за своите дневно политички конфронтации.
Иницијативата на поранешниот претседател за приближување на Западен Балкан во ЕУ, доаѓа во време кога од земјата се очекува да усвои уставни измени, неопходни за да продолжи процесот на интеграција во Европската унија. Во јули минатата година Северна Македонија одржа меѓувладина конференција со ЕУ, но за да почне да се отвораат поглавја во преговорите, земјава треба да ги внесе Бугарите во Уставот. За да се случи тоа потребно е двотретинско мнозинство во 120-члениот парламент, за што засега власта нема поддршка од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.
Иако премиерот и лидер на СДСМ и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на 7 јуни имаа средба за уставните измени и начелно произлегоа опции за договор, во следните денови работите се разводенија, па сега лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека преговорите со СДСМ за уставни измени се завршена тема.
Црвенковски ретко има јавни обраќања, откако не е активен во политиката. За интегрирањето во ЕУ, зборуваше и пред една година, на настан исто така во организација на Советот на амбасадори. Тогаш порача дека јавноста треба да се подготви дека блокадата од Бугарија може да потрае и дека заради тоа нема да ги почнеме преговорите со ЕУ.