Вести
НАТО ја притиска Турција да го одобри членството на Шведска во Алијансата
НАТО на 1 јуни го засили притисокот врз својата членка Турција да се откаже од своите приговори за членството на Шведска, бидејќи воената организација се обидува да се справи со ова прашање до својот самит следниот месец.
Шведска и Финска аплицираа за членство во НАТО по руската инвазија на Украина. Финска стана 31-ва земја членка на НАТО во април.
Турската влада ја обвинува Шведска дека е премногу попустлива кон терористичките организации и безбедносните закани.
„Време е Шведска да се приклучи сега“, рече норвешката министерка за надворешни работи Аникен Хуитфелд во Осло за време на состанокот со нејзините колеги од НАТО. НАТО мора едногласно да се согласи земјите да се приклучат.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека Алијансата сака да и посака добредојде на Шведска до средбата на лидерите на земјите членки во Литванија следниот месец. Тој додаде дека сојузниците се надеваат дека ќе постигнат напредок во однос на долгорочното финансирање и безбедносниот план за Украина на истиот настан.
Тој рече дека сојузниците продолжуваат да се согласуваат дека Украина ќе стане членка на НАТО, но дека во меѓувреме алијансата треба да и обезбеди безбедносни обврски и значително ново финансирање.
„Нашиот фокус денес беше на тоа како можеме да ја доближиме Украина до НАТО каде што припаѓа“, рече тој.
Никој не знае кога војната ќе заврши, но мораме да се погрижиме кога ќе заврши, да имаме кредибилни аранжмани за да ја гарантираме безбедноста на Украина во иднина и да го прекинеме рускиот циклус на агресија“, рече Стојтенберг.
Плашејќи се дека би можеле да бидат мета по инвазијата на Русија во Украина минатата година, Шведска и Финска ги напуштија своите традиционални позиции на воена неусогласеност за да побараат заштита под безбедносниот чадор на НАТО. Финска стана 31-ва земја членка на НАТО во април.
Унгарија, исто така, го одложи своето одобрување за Шведска, но причините зошто не се јавно објавени.
Столтенберг најави дека ќе отпатува во Анкара „во блиска иднина за да продолжи да се осврнува на тоа како можеме да обезбедиме најбрз можен пристап на Шведска“. Тој рече дека неговиот и персоналот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган работат на датумите за патувањето.
„Мојата порака е дека Шведска испорача и дојде време да се ратификува“, им рече тој на новинарите на крајот од дводневните неформални разговори меѓу министрите за надворешни работи на Алијансата за да се подготват за самитот на НАТО на 11-12 јули во Литванија.
види ги сите денешни вести
Деспотовски: Не сум приведен
Поранешниот потпретседател и поранешен директор на ТИРЗ Јован Деспотовски ги демнатира тврдењата во дел од медиумите дека бил приведен по налог на Управата за финансиска полиција (УФП). Според него објавената информација во дел од медиумите дека е приведен поради сомневање за проневера од 2 милиони евра ја смета за намерно дезинформирање на јавноста.
„Во моментов, ги преземам сите потребни правни чекори за заштита на мојата чест и углед. Навистина очекувам медиумите да ја проверат точноста на информациите пред нивно објавување, со цел да избегнат понатамошно ширење на дезинформации“, се вели во писмената реакција на Деспотовски.
Според извори од Управата за финансиска полиција предмет е отворен против Деспотовски, но приведување не е спроведено.
Претходно, во текот на минатиот месец Телма објави дека Финансиската полиција веќе работи на истрага за фирма која имала 5 тендери во ТИРЗ за изработка на инфраструктура во економските зони во Штип и Струмица, а била учесник и добитник на договори за набавка на јаглен за РЕК Битола.
За „зделки“ во ТИРЗ, минатата година обвинуваше и ВМРО-ДПМНЕ. Во октомври минатата година по ваквите обвинувања Деспотовски кој беше и директорт во тоа време, ги демантираше тврдењата на тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ.
Грузискиот милијардер Иванишвили на американската црна листа
Соединетите Држави соопштија дека воведоа нови санкции за грузискиот милијардер и пријател на Русија, Бидзина Иванишвили. Тој е поранешен премиер и основач на владејачката партија Грузиски сон. На американската црна листа се најде поради поткопување на демократијата во Грузија во „придобивка на Руската Федерација“.
„Под водство на Иванишвили, Грузискиот сон ги унапреди интересите на Кремљ со попречување на евроатлантската траекторија на Грузија,во директна спротивност со она што беше предвидено од грузискиот народ и грузискиот устав“, се вели во изјавата државниот секретар Антони Блинкен на 27 декември.
Блинкен додаде дека „дејствата на Иванишвили и Грузискиот сон ги еродираа демократските институции, овозможија кршење на човековите права и го ограничија остварувањето на основните слободи во Грузија“.
„Силно ги осудуваме дејствијата на Грузискиот сон под водство на Иванишвили, вклучително и неговата тековна и насилна репресија врз грузиските граѓани, демонстрантите, членовите на медиумите, активистите за човекови права и опозициските личности. Новите мерки ќе ги блокираат трансакциите во кои се вклучени субјекти во сопственост на Иванишвили“, се вели во соопштението.
Ббогатството на Иванишвили се проценува на 7,5 милијарди долари, а голем дел од него доаѓа преку метали, банкарство и телекомуникациски средства во Русија во текот на 1990-тите, се вели во анализата на Блумберг њуз.
Премиерот Иракли Кобахиџе ја нарече американската акција „уцена“ и дека тоа е „награда“ за Иванишвили поради, како што вели, заштитата на националниот интерес на Грузија.
Американската одлука за санкции за Ивинишвили беше поздравена од опозицискиот грузиски лидер Гиорги Вашадзе, според кој грузискиот милијардер е носител на хаос и мизерија во земјата.
Во претходната акција, Соединетите Држави на 12 декември рекоа дека „ќе го забранат издавањето визи на оние кои се одговорни или соучесници во поткопувањето на демократијата во Грузија“.
Со таа одлука беа погодени околу 20 лица, „вклучувајќи поединци кои служат како владини министри и во парламентот, службеници за спроведување на законот и безбедност и приватни граѓани“.
Во ова соопштение не беа посочени имињата на опфатените со американски санкции.
Грузија, која некогаше беше и близок сојузник со САД, ги налути Вашингтон и Брисел откако во знак на наклоност кон Русија се откажа од евроатланските интеграции и потоа презема насилно мерки за задушување на домашните демонстрации кои настанаа по одлуките на новиот проруски премиер.
Полицијата во Тбилиси се судри со прозападните демонстранти во изминатите неколку недели, при што беа приведени десетици и повредени голем број луѓе кои ја обвинуваат владата на партијата Грузиски сон дека ја оддалечува земјата од Европската унија и се приближува до Москва.
Политичката криза избувна откако Грузискиот сон ја објави победата на парламентарните избори во октомври, за кои Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) рече дека биле нарушени со случаи на купување гласови, двојно гласање, физичко насилство и заплашување.
Два италијански аеродрома мета на проруска хакерска група
Проруски хакери го нападнаа компјутерскиот систем на двата аеродроми во северниот италијански град Милано, јавува германската новинска агенција ДПА.
Хакерската група Нонеим057 ( Noname057 ) ја презедоа одговороста за нападот во соопштение објавено на социјалната платформа „Телеграм“. Во него нападот е опишан како „заслужен одговор на италијанските хејтери на Русија“.
По хакерскиот напад веб-страниците каде што може да се следат полетувањата и слетувањата не се достапни.
Аеродромскиот оператор соопшти дека летовите продолжиле да функционираат нормално. Во истрагата за случајот се вклучи и италијанската Агенција за заштита од компјутерски криминал.
Според дел од италијанските медиуми и неколку други италијански веб-страници, вклучително и почетната страница на Министерството за надворешни работи, биле мета на хакерски напади.
Талибанците погодиле цели во Пакистан
Авганистанската влада предводена од Талибанците соопшти дека талибанските сили биле насочени кон, како што тврди, „центри и засолништа за злонамерни елементи“, за кои рече дека биле вклучени во неодамнешниот напад во Авганистан, додека продолжува порастот на прекуграничните борби.
Изјавата на Министерството за одбрана на талибанците следи по извештаите за смртоносните судири во раните утрински часови на 28 декември меѓу талибанските сили и пакистанските граничари.
Тоа се случи неколку дена откако владата соопшти дека пакистански авиони бомбардирале цели во Авганистан во напад, кој според неа, уби десетици цивили.
Талибанските власти дадоа неколку детали за нападите, за кои, како што велат, биле извршени врз цели во неколку области зад „хипотетичката линија“, повикувајќи се на дел од границата со Пакистан што авганистанските власти долго време ја оспоруваат.
Локалните извори за Радио Азади, авганистанскиот сервис на Радио Слободна Европа, изјавија дека три лица во провинцијата Пактија биле убиени, а двајца се ранети од истрели од пакистанските граничари, а дека судири имало и во провинцијата Хост. Извештаите не можеа да бидат независно проверени.
Засега нема коментар од пакистанската влада.
Но, шефот на заедницата во областа Курам за Радио Машаал на РСЕ изјави дека талибанските сили истрелале ракети врз две безбедносни пунктови во близина на границата околу 6 часот, по што започнале борбите кои продолжиле неколку часа.
Министерството за одбрана на Талибанците сугерираше дека нападите врз Пакистан се одмазда за, како што рече владата предводена од Талибанците, пакистански воздушни напади во кои загинаа 46 цивили во провинцијата Пактика, која исто така се граничи со Пакистан, на 24 декември.
Пакистан вели дека милитантите од исламистичката група Техрик-е Талибан Пакистан (ТТП) се кријат преку границата во Авганистан, а Исламабад постојано барал од авганистанските талибанци да преземат акција против нив. Авганистанските талибанци велат дека ТТП е во Пакистан.
Има постојан пораст на нападите на ТТП во северозападната пакистанска провинција Хајбер Пахтунхва откако Талибанците се вратија на власт во Кабул во август 2021 година по повлекувањето на силите предводени од САД од Авганистан.
Путин:Руската воздушна одбрана беше активна кога се урна азербејџанскиот авион
Рускиот претседател Владимир Путин му се извини на азербејџанскиот претседател Алиев за смртоносната несреќа на патнички авион која настана на 25 декември.
Путин на азербејџанскиот лидер Илхам Алиев на 28 декември му рекол дека руската противвоздушна одбрана била активирана за да се одбие наводниот напад со украински беспилотни летала додека авион на Азербејџан ерлајнс се обидел да слета во рускиот град Грозни.
„Во ова време Грозни, (градот) Моздок и Владикавказ беа нападнати од украински борбени беспилотни летала, а руската воздушна одбрана ги одбиваше овие напади“, се наведува во соопштението од Кремљ за тоа што му рекол Путин на Алиев.
Меѓутоа, во него не е наведено дека Путин спомнал оти руската воздушна одбрана е одговорна за соборувањето на авионот, поточно дали руски проектил го соборил авионот.
Кога патничкиот авион со 67 луѓе се урна на брегот на Каспиското Море во Казахстан рано на 25 декември, руските власти и државните медиуми беа брзи во посочувањето на можните причини: густа магла, удар од птица и потоа се појавија снимки кои покажуваат оштетување на моторот пред несреќата и експлозија на резервоар за кислород во кабината.
Но, сè повеќе докази покажуваат дека авионот на Азербејџан ерлајнс, кој се движеше од Баку за Грозни - главниот град на руската област Чеченија, можеби бил погоден од противвоздушна одбранбена ракета која бранела наводен украински напад со беспилотно летало врз Чеченија, пред да го премине Каспиското Море и да се урне во близина на Актау, Казахстан, при што загинаа 38 патници и членови на екипажот.
Доказите, од кои голем дел не се потврдени од властите во Азербејџан, Казахстан или Русија, вклучуваат снимки од внатрешноста на авионот пред падот, слики по несреќата од делот од опашката на авионот со дупка, коментари на преживеан и профили кои укажуваат дека имало сомнителен напад со дрон околу времето кога авионот очигледно се обидел да слета во Грозни.
Извештаите за напад со беспилотно летало врз Грозни околу времето кога авионот бил во областа, беа објавени и на каналот на Телеграм на чеченската опозиција и од База - руски медиум со врски со безбедносните служби. База, исто така наведе дека аеродромот во Грозни престанал да прифаќа дојдовни летови поради наводниот напад.
Казахстанските, руските и азербејџанските власти рекоа дека нема да коментираат за причината за несреќата додека не заврши истрагата, а портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, ги повика другите да не објавуваат „хипотези“.
Скопјани на протест бараат чист воздух
Скопјани по втор пат месецов изглегоа на протестен марш против загадувањето на воздухот по иницијатива на „Зелен Хуман Град“. Протестот започна пред Министерството за животна средина и просторно планирање, продолжи кон Собранието, па кон Владата, а предвидено е да заврши пред бараките на Град Скопје.
Демонстрантите носеа пароли во рацете на кои пишуваше „Сакаме чист воздух“, „воздухот ни е отров, власта ни е глува“, „од смогот не се гледа иднината“.
Тие заедно со „Зелен Хуман Град“ поставија четири барања за борба против аерозагадувањето во Скопје. Бараат јавен континуиран мониторинг на индустриските објекти за да се знае точно кој и како загадува.
„Второто барање се однесува на еколошко загревање на објекти како Детската клиника во Козле, која сè уште се загрева на мазут. Третото барање е решавање на автоцентричноста во градот, со приоритет на јавниот превоз и велосипедите над автомобилите и четвртото барање е подобро управување со отпадот, изјави Борјан Јовановски од иницијативата „Зелен хуман град“.
Организаторите на протестот рекоа дека поминале две недели откако ги доставиле барањата по одржувањето на првиот протест, но одговор од институциите нема.
„ Ги полниме болниците и ги оставаме своите пари по аптеките“, посочија од „Зелен хуман град“ во најавата за протесот.
Скопје честопати се наоѓа меѓу десетте најзагадени градови во светот, но единствената мерка која често се применува е бесплатен јавен превоз кога воздухот е најзагаден три дена по ред.
Организаторите на маршот, минатиот пат соопштија дека протестот се организира бидејќи секоја година од 3.828 до 5000 луѓе во државава ги губат своите животи како директна последица на изложеноста на штетните честички PM2.5.
„Секој деветти смртен случај кај новороденчињата во Северна Македонија е поврзан со загаден воздух“, објави агенцијата на Обединетите нации во септември годинава.
Со концентрации кои во континуитет го загрозуваат здравјето на граѓаните, Северна Македонија со години е рангирана на врвот меѓу земјите со најзагаден воздух во Европа.
Официјалните податоци на државниот мониторинг секоја година покажуваат дека градовите како Скопје, Битола и Тетово имаат високи концентрации на ПМ2,5 и ПМ10 честички, особено во зимските месеци. Во февруари 2024 година, Скопје повторно се најде меѓу првите десет најзагадени градови во светот, а просечните нивоа на ПМ10 или ПМ2,5 честички ги надминуваат дозволените граници повеќе од 100 дена во годината.
Муртезани: Мора да го заштитиме пристапниот процес во ЕУ од билатеризација
Мора да го заштитиме пристапниот процес кон Европската Унија (ЕУ) од билатеризација затоа што тоа сега е и проблем на Унијата, тврди министерот за европски прашања Орхан Муртезани во интервју за новинската агенција МИА. Неговата изјава доаѓа по говорот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова во Собранието во кој таа посочи дека сериозна е опасноста од преседаните да се претворат во пракса.
„Билатерализацијата на процесот на пристапни преговори во Европската Унија не станува проблем само за земјите кандидати, туку почнува да станува сериозен проблем и за самата Унија, особено сега кога при затворањето на поглавјата на Црна Гора и Хрватска најави одредени блокади. Исто така, и за други земји кандидати во најава има одредени блокади и билатерализацијата на процесот на пристапување во Европската Унија не создава штета само за земјите кандидати, туку и за Европската Унија“, вели Муртезани.
Тој тврди дека европските институции се свесни за овие проблеми и ги слушаат македонските аргументи со големо внимание.
„Ние на неколку наврати заедно со премиерот сме се обиделе да објасниме дека преземените обврски во однос на спроведувањето на уставните измени стојат како такви, постои политичка волја и спремност тие да се носат, меѓутоа притоа мора ние да го заштитиме процесот од понатамошна билатерализација, особено од една дополнителна причина бидејќи дизајнирањето на процесот на пристапување е при спроведување на одредени реформи и одредени европски стандарди“, вели Муртезани за МИА.
Според него, нема никаква смисла ако овој процес ние го тераме врз основа на одредени историски случувања во 11, 12 или 13 век. Тој се надева дека последните избори во соседна Бугарија ќе завршат со солидна стабилна политичка влада со која ќе седнат да разговараат затоа што билатералните договори создаваат обврски за двете страни.
„А со Договор за добрососедство и пријателство Бугарија е обврзна да не’ поддржува, а не да не’ блокира“, додава тој.
Новата еврокомесарка за проширување Марта Кос во изјава за медиумите по одобрувањето на новиот состав на Европската комисија на 27 ноември изјави дека очекува Северна Македонија да го промени Уставот.
„Тоа е нешто на коешто сметаме. Ништо помалку, ништо повеќе. Верувам дека тоа е можно, и после тоа навистина да го забрзаме процесот“, порача Кос.
Првата меѓувладина конференција со ЕУ, Северна Македонија ја одржа на 19 јули 2022 година. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.
Предизборен молк во Хрватска пред претседателските избори
Во Хрватска од полноќ стапи на сила изборниот молк пред претседателските избори кои ќе се одржат в недела, а на кои ќе учествуваат осум кандидати.
Според досегашните политички анкети фаворит е актуелниот претседател Зоран Милановиќ (58), кој повторно влезе во трката за нов петгодишен мандат како кандидат на опозициската Социјалдемократска партија (СДП) и партнер од централно-левичарските и централните партии, јавува новинската агенцијата Бета.
Предизборните анкети предвидуваат дека Милановиќ во недела нема да може да освои повеќе од 50 отсто од гласовите кои излегле на гласање, што е неопходно за победа во првиот круг, но дека во вториот круг ќе се соочи со кандидатот на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ), Драган Приморац.
Право на глас имаат речиси 3,8 милиони гласачи, од кои околу 250.000 се активно регистрирани во странство.
За изборите ќе бидат отворени над 6.750 избирачки места.
Изборниот молк ќе трае до затворање на гласачките места во недела во 19 часот, кога се очекуваат првите резултати од излезните анкети.
Државната изборна комисија од 20 часот ќе почне да ги објавува првите нецелосни резултати.
Владејачката партија во Косово ја оспорува одлуката за учество на Српската листа на изборите
Косовската владејачка партија, Движењето Самоопределување, во петокот поднесе жалба до Врховниот суд против одлуката на Избирачкиот совет за жалби и претставки, со кој се наложува на Централната изборна комисија (ЦИК) да го потврди учеството на Српската листа на изборите на 9 февруари.
На 23 декември ЦИК одби да ја верификува изборната листа на Српската листа, најголемата партија на Србите во Косово која има поддршка од српските власти, бидејќи претставниците на владејачката партија, Движењето Самоопределување во Комисијата се спротивставија верификацијата на истата партија, наведувајќи дека не ја признава државата Косово.
Во своето решение објавено на 25 декември, Избирачкиот совет за жалби и претставки наведува дека Управата за регистрација, верификација и финансиска контрола на политичките субјекти препорачала проверка на Српската листа во согласност со Законот за општи избори и другите правила на ЦИК.
Според одлуката на Избирачкиот совет за жалби и претставки, Српската листа ги исполнила критериумите по доставување на „политичка изјава“, листа на кандидати и пријава за секој кандидат.
Меѓутоа, во петокот заменик-министерот за правда Блерим Салах поднел жалба до Врховниот суд во име на движењето Самоопределување на одлуката на Избирачкиот одбор за жалби и претставки, јавуваат локалните медиуми.
Претставниците на владејачката партија го оправдаа своето противење да се потврди учеството на Српската листа на изборите, велејќи дека партијата не ја признава државата Косово и продолжува да ја нарекува автономна покраина Србија, „Косово и Метохија“.
На состанокот одржан во понеделникот за проверка на Српската листа гласаше само претседателот на ЦИК, Крешник Радониќи.
Двајца членови на Самоопределување, Сами Куртеши и Албан Красниќи гласаа против, а останатите беа воздржани.
Аријанит Елшани од опозициската партија Демократска партија на Косово го оправда својот воздржан при гласањето, нагласувајќи дека проверката на Српската листа била препорачана од Канцеларијата за регистрација на политички партии.
Одлуката на Избирачкиот совет за жалби и претставки ја поздрави Српската листа, која одлуката на ЦИК ја окарактеризира како обид за „елиминација на Српската листа“ од изборниот процес.
Сето ова, според оваа партија, е направено со цел „да се фаворизираат Србите кои се подобни за (премиерот на Косово, Албин) Курти, бидејќи се било реализирано директно по негова наредба и било политички мотивирано.
Познавачите на политичките настани во Косово по одлуката на ЦИК за РСЕ изјавија дека одлуката да не се верификува списокот на Српската листа е дел од предизборната кампања.
САД, Германија и Европската Унија изразија загриженост поради одлуката на ЦИК да не ја верификува изборната листа на Српската листа.
Српската листа најави дека ќе учествува на изборите на 9 февруари по периодот на бојкот на политичките процеси на Косово.
Во 2022 година, членовите на таа партија колективно поднесоа оставки од институциите на Косово, како знак на противење на одлуките на косовските власти за проширување на јурисдикцијата на целата територија на земјата.
Трамп бара од Врховниот суд да се одложи забраната за ТикТок
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп побара од Врховниот суд да го одложи спроведувањето на законот со кој може да се забрани социјалната мрежа ТикТок или да се принуди да се продава.
Трамп тврди дека му е потребно време по преземањето на функцијата за да се обиде да го реши ова прашање политички. Врховниот суд планира да ги слушне аргументите на Трамп за случајот на 10 јануари.
Законот ќе бара од кинескиот сопственик на ТикТок, БајДанс (ByteDance), да ја продаде платформата на американска компанија или ќе се соочи со забрана.
Американскиот Конгрес во април гласаше за забрана на ТикТок освен ако кинеската компанија одлучи да ја продаде апликацијата до 19 јануари.
Основачот на социјалната платформа ТикТок, кој има повеќе од 170 милиони корисници во САД, се спротивставуваат со тужба на ова законско решение пред Врховниот суд.
Меѓутоа, ако судот не пресуди во нивна корист и продажбата не се реализира, апликацијата може ефективно да биде забранета во САД на 19 јануари, ден пред Трамп да ја преземе функцијата.
„Претседателот Трамп не зазема став за основаноста на овој спор“, се наведува во писмото на новоизбраниот американски претседател до Врховниот суд.
„Наместо тоа, тој со почит бара од Судот да размисли за одложување на продажбата на ТикТок до 19 јануари 2025 година, во очекување на одлуката за основаноста на овој случај, што ќе и овозможи на новата администрација на претседателот Трамп политички да го реши ова прашање.
Писмото на Трамп го испрати неговиот адвокат Џон Саур и кандидат за државен обвинител на САД.
Поддршката на Трамп за ТикТок претставува пресврт од 2020 година, кога тој се обиде да ја забрани апликацијата во САД и да ја принуди нејзината продажба на американски компании поради нејзината кинеска сопственост.
За време на претседателската кампања во 2024 година, Трамп се приклучи на ТикТок, а неговиот тим ја користеше апликацијата за да се поврзе со помладите гласачи. Во декември, Трамп се состана со главниот извршен директор на ТикТок, Шо Зија Шев, по што изјави дека Тик ток треба да продолжи да работи во САД барем на некое време. Трамп за време на претседателската кампања добил милијарди прегледи на оваа платформа.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете