Достапни линкови

Организаторите тврдат- на свој трошок носиме македонски граѓани на собирот на Вучиќ


Претседател на невладината организација која организира бесплатен автобуски превоз во петок до Белград, Димитрије Недиќ
Претседател на невладината организација која организира бесплатен автобуски превоз во петок до Белград, Димитрије Недиќ

Македонски граѓани во петок ќе отпатуваат во Србија да му дадат поддршка на српскиот претседател Александар Вучиќ. Луѓето кои го организираат превозот тврдат дека тоа го прават без поддршка од партии и влади. Комуниколот Петар Арсовски смета српските власти работат на силна промоција во регионот.

Најмалку 300 граѓани од Тетово, Неготино, Куманово и Скопје се подготвуваат в петок рано наутро да заминат со вкупно 6 автобуси во Белград откако се одѕваа на повикот на српскиот претседател Александар Вучиќ, велат за РСЕ организаторите на бесплатниот превоз од Северна Македонија. Во Србија на 26 мај ќе се одржи собир за поддршка на политиката на Вучиќ. Српскиот претседател организира ваков собир откако во изминатиов месец се одржуваат протестите против насилство во земјата по двете масовни убиства со повици за оставка за Вучиќ и министерот за внатрешни работи.

Организацијата на бесплатниот превоз до Белград на овој собир засега се одвива во Скопје и Куманово, а и двајцата организатори јавно негираат дека добиле поддршка од српската влада.

Пријавувањето е во Скопје и Куманово

Едната е невладина организација од Скопје „Мир, слога и стабилност“, која организира 4 автобуси за околу 200 луѓе, а втората е, како што вели, советникот во општината Куманово од коалицијата на ВМРО- ДПМНЕ Мирослав Тричковиќ, приватна режија за еден до два автобуса.

Претседателот на здружението во Скопје кое е основано во јуни минатата година, Димитрије Недиќ вели дека ова патување го организира по барање на членството, а парите предвидени за најверојатно четири автобуси, кои тој ги организира, вели дека доаѓаат од членарината и од донации од неколку поединци. Тој е тврди дека за активностите на здружението не добил поддршка од српската влада.

„ Како може ние да имаме да имаме поддршка од српската влада кога ние сме правен субјект во Северна Македонија. Но, неспорно е дека ова што го организираме доаѓа од потребата на луѓето тука да се организира нешто вакво аполитично. Ние можеме да дадеме поддршка на секој што го штити интересот на српскиот и македонскиот народ. Фала богу, моментално е Вучиќ. Ова е негов последен мандат, може да биде и за следниот претседател кој може да чекори по истиот пат на Вучиќ, ние и на тој претседател ќе му дадеме поддршка“, вели Недиќ во разговор за РСЕ.

Организаторите не откриваат од каде им се финансиите

Тој додава дека за организацијата немаат поддршка ниту од српските партии во Македонија

“Никаква поддршка немаме, баш спротивно. А зошто, треба нив да ги прашате. Ние сме аполитични, но го задржуваме правото да се однесуваме кон нив критички“ вели Недиќ и додава дека тие слабо си ја вршат работата во заштита на правата на етничките Срби во земјава.

Бесплатен автобуски превоз до Белград организира советникот во општината Куманово, Мирослав Тричковиќ, кој тврди дека сам ќе го плати превозот, не откривајќи колку пари од џеб планира да одвои за еден до два автобуса.

„Јас и мои пријатели изнајмивме автобус и ќе одиме во Белград, нема што да се криеме, ништо тајно. Да имав било каква било поддршка од СНС или од српската влада, или од кој било од Србија, од Македонија не два, туку ќе појдоа двесте автобуси. Ако ги погледнете анкетите претседателот Вучиќ утре да се кандидира во Македонија ќе победи на изборите, така што, толкава е неговата популарност“ вели Тричковиќ.

Цената на автобуска карта во еден правец од Скопје до Белград изнесува 25 евра, што значи дека за бесплатното патување на сите до Белград во петок ќе се потрошат најмалку 15.500 евра.

Претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија Иван Стоиљковиќ својата поддршка ја испраќа електронски од Москва. Тој за Радио Слободна Европа вети повеќе информации кога ќе се врати од патот.

Партиите на македонските Срби со поддршка за Вучиќ

На неговата фејсбук страна Стоиљковиќ вели дека актуелните протести во Србија и политичките барања на срспката опозиција ги гледа како „македонско сценарио“, што, според него во превод значи доаѓање на власт без избори, со помош на дел на меѓународната заедница.

Според комуниколог Петар Арсовски невообичаено е граѓани од една земја да се приклучат на протести за условно речено „локални прашања“, но не е реткост. Потсетува дека имало случаи кога Албанци од Македонија се приклучувале на митинзи во Косово или Албанија но и обратно.

Арсовски: Влијанието на Вучиќ во Северна Македонија е силно

Арсовски објаснува дека српското влијание во Македонија е силно од најмалку три причини, првата е традиционална и се однесува на сеќавањата на Југославија, втората е односот кој Вучиќ во воспостави со иницијативата „Отворен Балкан“, но и со вакцинацијата против ковидот за време на пандемијата, а третата е можеби споделувањето на еден вид културна врска која доаѓа преку српските телевизиски канали кои се емитуваат во земјава.

Протести против насилство во Србија
Протести против насилство во Србија

Кабловските оператори во земјава ги пренесуваат речиси сите телевизиски канали од регионот меѓу кои и од Србија телевизиите Пинк и Хепи. За овие две телевизиски станици со национална фреквенција, ТВ Пинк и ТВ Хепи, демонстрантие во Белград бараат да бидат укинати поради,на како што велат, „ ширење зло и се фабрики на омраза“.

Дополнително некои македонски национални телевизии пренесуваат програми на овие телевизии, за кои Арсовски смета дека придонесуваат за зголемување на српското политичко влијание во земјава.

„ Секако дека тоа влијае. Вие ако ја следите сцената во соседна држава, се чувствувате како да сте дел од таа сцена, тоа е ефект кој што сериозно влијае“, вели Арсовски.

Промоција на српската политика во регионот

Тој додава дека во моментов српската владејачка партија работи на силна промоција во регионот.

„Во моментов владејачката партија во Србија е многу активна во условно речено ПР во околните земји, не само во Македонија. И тоа во северниот дел на Косово, Црна Гора, Босна и тоа е дел од нивната државна политика во која своето политичко влијание се обидуваат да го прошират насекаде низ регионот. Некои држави се поподложни на тоа, некои помалку. Ние имајќи в предвид дека се наоѓаме во една ситуација на долготрајна системска политичка криза, ние сме поподложни на тоа“ вели Арсовски.

Македонската агенција за аудио и аудиовизуелни услуги до сега немаше јавна реакција за спорните програми на српските канали кои се емитуваат во земјава. Причина за тоа, како што велат оттаму, е законската обврска да се гарантира слобода на прием и ремеитување на медиумски услуги од земји членки на Европската унија и другите земји потписнички на Европската конвенција за прекугранична телевизија на Советот на Европа на македонска територија.

По протестот в петок за подршка на Вучиќ, во Белград в сабота продолжуваат протестите „Србија против насилството“. На повик на дел од српската опоцизија досега десетици илјади граѓани три пати излегоа на улиците на Белград незадоволни од реакцијата на власта по двете масовни убиства во почетокот на мај во кои беа убиени 18 луѓе.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG