Настаните на денот низ фотографии - 22 мај 2023
Пари, пасоши, политика...

1
МАКЕДОНИЈА - Просечната нето плата исплатена во март изнесувала 34.925 денари, покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика. Во бруто-износ, пак, мартовскиот просек е 52.318 денари. Според статистиката, растот произлегува од зголемувањето на просечната нето-плата во секторите градежништво (19,8%), образование (15.0%) и објекти за сместување и сервисни дејности со храна (14,9%).

2
МАКЕДОНИЈА - Само 40 проценти од граѓаните кои поседуваат патни исправи имаат извадено пасош со новото име на државата „Република Северна Македонија“, одговори македонското Министерство за внатрешни работи на прашањата на Радио Слободна Европа. За осум месеци од сега, истекува рокот до кој македонските граѓани имаат обврска да извадат нов пасош со новото име „Република Северна Македонија“. Според податоците на МВР во моментов има околу еден милион и 736 илјади важечки македонски пасоши, но над 60 проценти од нив се со старото име „Република Македонија“ и треба да бидат променети.

3
ЕУ - Актуелните состојби во земјите од Западен Балкан и нивните евроинтегративни процеси во контекст на неоправданата руска агресија врз Украина, била главната тема на неформалниот состанок во Брисел на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија и земјите од Западен Балкан во рамките на Советот за надворешни работи, со кој заседаваше високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел.

4
РУСИЈА - На руско-украинската граница избија жестоки судири. Москва обвинува дека украинската „група за саботажа“ се обидела да изврши упад во земјата, додека Киев тоа тврдење го демантира. Експлозии и спорадични пукотници можеа да се слушнат на 22 мај во регионот Белгород, при што локалниот гувернер изјави дека борбите се прелеале во Русија во областа Граиворон, која граничи со Украина. Засега нема информации за жртви.