Достапни линкови

Ердоган и Киличдароглу одат во втор круг


Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пристигнува да гласа за време на претседателските и парламентарните избори, во Истанбул, Турција, 14 мај 2023 година.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пристигнува да гласа за време на претседателските и парламентарните избори, во Истанбул, Турција, 14 мај 2023 година.

На претседателските избори во Турција води досегашниот претседател Реџеп Таип Ердоган, но на 28 мај ќе има втор круг. По гласањето е забележан пад на турската лира. Шефовите на ЕУ им честитаа на турските гласачи за големата излезност. Од Москва порака дека ќе ја почитуваат волјата на турскиот народ.

Во Турција на Анкара на 28 мај ќе се одржи вториот круг од претседателските избори. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за нов мандат во вториот круг од изборите ќе се бори со лидерот на опозицијата, Кемал Киличдароглу, соопшти на 15 мај турската државна изборна комисија.

Претседателот на Врховниот избирачки одбор, Ахмет Јенер, изјави дека ниту еден од кандидатите нема да освои апсолутно мнозинство на првиот круг од претседателските избори, дури и кога ќе се пребројат преостанатите 35.874 гласови од странство.

Според прелиминарните резултати, Ердоган освои 49,51 отсто, Киличдароглу го зазеде второто место со 44,88 отсто, а третиот кандидат Синан Оган освои 5,17 отсто, рече Јенер.

„Доколку сите непреброени гласови беа за Ердоган, тој ќе имаше 49,54 отсто“, додаде Јенер.

Киличдароглу, од секуларистичката Републиканска народна партија (ЦХП) се соочува со тешка борба да го спречи Ердоган да го продолжи своето дводецениско владеење со земјата членка на НАТО, на вториот круг од гласањето на 28 мај.

Народната алијанса, која ја сочинуваат партијата на Ердоган – партија за правда и развој (АК), која има исламистички корени и националистички партнери, се чини дека ќе освои мнозинство во новиот парламент, со освоени 321 пратеничко место од вкупно 600 колку што има во Парламентот. Со тоа дополнително се зголемуваат неговите шанси во вториот круг од претседателските избори.

Човек гледа вести додека се потстрижува кај локален бербер
Човек гледа вести додека се потстрижува кај локален бербер

„Победникот несомнено беше нашата земја“, рече Ердоган во говорот пред расположените поддржувачи во седиштето на неговата владејачка партија АК во главниот град Анкара во текот на ноќта.

Пад на турската лира

Во понеделникот се бележи пад на турската лира и на берзата, по навестувањата за победа на Ердоган, оти неговата победа ќе значи продолжување на досегашните политики поради кои земјата западна во повеќегодишна економска криза.

Турската валута го достигна најниското ниво во последните два месеца. За еден долар се добиваат 19,70 лири, што не е далеку од најниското ниво постигнато оваа година по смртоносните земјотреси во февруари. Се бележи пад и на турската берза.

Третиот националистички претседателски кандидат Синан Оган, чиј глас, според аналитичарите, може да биде одлучувачки во вториот круг, во понеделникот рече дека може да го поддржи Киличдароглу само доколку главниот опозициски кандидат не и понуди никакви отстапки на прокурдската партија.

„Ќе се консултираме со нашата избирачка база за оваа одлука во вториот круг. Но, веќе јасно ставивме до знаење дека борбата против тероризмот и враќањето на бегалците се нашите црвени линии“, изјави Оган за Ројтерс во понеделникот.

Менувачница во Анката, Турција.
Менувачница во Анката, Турција.

На претседателските избори, не се одлучува само кој ќе ја води Турција, туку и дали таа ќе се врати на посекуларен, демократски пат, како ќе се справи со тешката криза со трошоците за животот и како ќе управува со клучните односи со Русија, Блискиот Исток и Западот.

Киличдароглу, кој рече дека ќе победи во вториот круг, ги повика поддржувачите да бидат трпеливи и ја обвини партијата на Ердоган дека се меша во пребројувањето и известувањето за резултатите.

Сепак, Ердоган се претстави подобро отколку што предвидуваа предизборните анкети, изгледајќи самоуверено и борбено додека им се обраќаше на поддржувачите.

Земјата со 85 милиони жители, која веќе се бори со вртоглаво растечката инфлација, сега се соочува со две недели неизвесност што може да ги расипе пазарите, при што аналитичарите очекуваат промени на локалната валута и берзата.

Знамиња на Турција и на ЕУ
Знамиња на Турција и на ЕУ

Честитка од ЕУ за „масовната“ излезност

Шефовите на ЕУ Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел им честитаа на турските гласачи за големата излезност на парламентарните и претседателските избори, поздравувајќи го ова како победа на демократијата.

„Тоа е многу јасен знак дека турскиот народ е посветен да ги искористи своите демократски права да оди и да гласа и дека ги цени демократските институции“, рече фон дер Лајен.

Мишел, исто така, им честиташе на турските граѓани за нивниот одѕив.
Анкара поднесе барање за приклучување кон Европската унија во 1987 година, во 1999 беше прогласена за квалификувана да започне формални преговори за членство, а почна преговори во 2005 година.

Европските лидери имаа тензични односи со Ердоган, кој владее со Турција од 2003 година, и во 2018 одлучија дека разговорите се во застој, наведувајќи го назадувањето во демократските и судските реформи.

Киличдароглу вети дека ќе ги подобри врските со Брисел со цел повторно да ја обнови амбицијата за членство, но шефовите на ЕУ беа претпазливи да не бидат вовлечени во тесната трка.

„Изборите се уште се отворени. Мораме да видиме за вториот круг, следиме многу внимателно“, рече фон дер Лајен.

Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега Реџеп Таип, Москва, 5 март 2020 година.
Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега Реџеп Таип, Москва, 5 март 2020 година.

За изборите во Турција пораки од Кремљ

Турција е способна да одржи транспарентни избори и да спречи какви било неправилности, рече на 15 мај, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков. Тој вели дека Москва внимателно ги следи изворите во Турција и дека ќе ја почитува волјата на турскиот народ.

„Во секој случај се надеваме дека нашата соработка ќе продолжи, продлабочи и прошири“, изјави тој.

XS
SM
MD
LG