Достапни линкови

Учебната година пред крај, дел од учебниците уште ги нема


Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

Учебната година завршува за еден месец, а дел од учебниците и натаму ги нема. Од МОН велат дека прават напори и покрај долгите законски процедури, но засега е неизвесно и дали ќе ги има сите учебници и за следната учебна година. Учебници по англиски јазик не се одобруваат веќе три години.

Учебникот по македонски јазик за петто одделение учениците се уште го немаат добиено, а до крајот на учебната година им останува уште неполн месец. Наместо од учебник и натаму учат од наставни материјали.

„Моето дете, кое е ученик во петто одделение се уште нема учебник по македонски јазик. Знаете кога ќе им го дадат? - Кога ќе завршат со школо, за распуст да си учат. Имаме среќа што имаат добра наставничка, оти до скоро немаа учебници и по други предмети“, вели родител на петтоодделенка во скопско училиште.

Првооделенците пак, пред само две недели ги добија учебниците по предметот Општество.

„Најдоцна пристигна учебникот по општество, иако не гледам дека нешто им недостасуваше на децата, бидејќи наставничката убаво го пренесуваше предметот преку наставни материјали, не гледам дека децата нешто испуштија“, раскажува Кристина, чија што ќерќа е првоодделенка.

Но, проблем вели биле учебниците по македонски и математика кои исто така доцнеа и учениците од прво одделение ги добија дури на почетокот на второто полугодие.

„Кога нема учебник каде што може да пишува е потешко, беа доделени работни листови, практично учебникот беше многу лош, поубаво е да си има учебник за секој предмет, а ова беше се во едно“, додава таа.

Учебниците по англиски јазик пак, исто како и лани така и годинава ги нема, а воопшто нема ни да стигнат до крајот на учебната година.

„По англиски јазик нема ниту еден учебник, но англиски и лани немаше. Учениците работат од старите учебници и на час им ги даваат, потоа им ги земаат“, вели директорка на едно скопско училиште.

Учебници по англиски според новите програми веќе три години не се одобруваат, а смените на министрите само го продлабочуваат овој проблем.

МОН - Се прават напори следната година да бидат готови учебниците

Од Министерството за образование и наука (МОН) велат дека учебниците по македонски јазик за петто одделение ги нема бидејќи на конкурсот за изработка на учебник не е доставен ниту еден ракопис за овој предмет и неколку пати Педагошката служба објавувала јавен повик за авторски тим. Од МОН велат дека учебникот сега е во завршна фаза и истиот ќе биде во употреба, но без да прецизираат кога.

Проблем има и со учебниците по македонски јазик за учениците од другите заедници за четврто одделение, бидејќи авторите во завршната фаза го повлекле и сега треба да се формира нов авторски тим за изработка на учебникот. Учебникот по македонски јазик за учениците од другите заедници за петто одделение пак, е доставен кај претседателката на рецензентска комисија и таа треба да достави мислење. Потоа на седница на Национална комисија за учебници ќе се донесе одлука за одобрување или неодобрување.

За учебниците по странски јазици од прво до деветто одделение од МОН велат дека се во постапка на одобрување.

„Се вложуваат напори и покрај долгите законски процедури на постапки за одобрување , превод и печатење на учебниците истите да видат доставени до училиштата пред почетокот на учебната година“, велат од ресорното министерство.

На почетокот на учебната 2022/2023, поради доцнење на учебниците, учениците добија привремени материјали за учење, за што министерството потроши 640 илјади евра. Парите беа заем од Светска банка, кој ќе треба да се врати.

Досега на бирото за јавни набавки не е објавен оглас ниту склучен договор за откуп на учебници за основно образование за следната учебна година 2023/2024. Според податоците на Министерството за образование, во годишниот план е наведено дека во април ќе се спроведе постапка за преговарање без објавување на оглас за основно и средно образование.

Во меѓувреме МОН најави дека се подготвува и нов закон за учебници.

Како што велат оттаму, една работна верзија веќе е изработена од страна на работната група задолжена за достава на предлог нов закон за учебници и по усогласување на ставовите со експертската јавност истиот ќе оди во понатамошна процедура. Но не се знае колку тоа ќе трае.

Неизвесно е и кога учениците ќе ги добијат свидетелствата

Проблемот со тоа што нема учебници за четири одделенија почна со воведувањето на новата концепција во основното образование, за што беше потребно да се креираат нови учебници и да се напуштат оние од Кембриџ системот, кои не се покажаа како најдобро решение. Лани на овој начин почнаа да учат учениците од прво и четврто одделение, за годинава концепцијата да се прошири и на второодделенците и петтодделенците.

Идната година со нови наставни програми ќе бидат опфатени трето и шесто одделение, а министерот Шаќири неодамна изјави дека сите учебници ќе бидат доставени на 1 септември односно ќе бидат запазени роковите.

Во меѓувреме, неизвесно е и дали навреме ќе стигнат свидетелствата за завршена учебна година. Тендерот за свидетелствата засега е во жалбена процедура, а Комисија за жалби по јавни набавки на 17 мај ќе одлучува, дали ќе се повтори тендерот или која фирма е најдобриот понудувач.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, од 2013 до 2019 година договорите за печатење на свидетелства се склучувани најдоцна до 12 мај, но во годините потоа станува пракса за пролонгирање на тој датум за неколку недели.

Минатата година најголем дел од учениците од основно и средно образование ги добија свидетелствата на 31 август.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG