Достапни линкови

Крунисувањето на Чарлс Трети историски ден за Велика Британија


Позлатената кочија со која пристигна кралот Чарлс Трети во Вестминстерската Опатија
Позлатената кочија со која пристигна кралот Чарлс Трети во Вестминстерската Опатија

Свечената церемонија за крунисување на Чарлс Трети е славење на традиција стара над илјада години во британската монархија. Пред 100-тина светски лидери, надбискупот од Кентербери, ја постави 360-годишната круна на Свети Едвард на главата на Чарлс во Вестминстерската опатија.

Со кралска позлатена кочија до Вестминстерската Опатија пристигнаа Чарлс Трети и неговата сопруга кралицата Камила во последната милја од седумдецениското патување од наследник до монарх.

„ Не дојдов за да ми служат, туку за јас да служам“ беше првата порака што Чарлс ја испрати за време на чинот на крунисувањето.

Крунисувањето на кралот од прва рака го следеа 2300 официјално поканети гости од целиот свет.

Околу 100 шефови на држави се во Вестминстерската Опатија, а од земјава присуствува и претседателот Стево Пендаровски со неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска.

Американскиот претседател Џо Бајден, кој нема да присуствува на денешното крунисување на Чарлс Трети, изјави дека ќе се сретне со британскиот крал во јули. На крунисувањето присуствува првата дама на САД, Џил Бајден, затоа што од независноста на САД ни еден претседател не присуствувал на чин на крунисување на крал на монархија, известуваат од Си-Ен-Ен каде во живо се пренесува крунисувањето.

Илјадници воени лица во Лондон учествуваат на церемонија и безбедноста е подигната на највисоко ниво.

Чарлс Трети стана крал на Обединетото Кралство во септември кога кралицата Елизабета почина по 70 години поминати на тронот.

Најважен момент на церемонијата е ставањето на круната од Стеви Едвард на главата на кралот Чарс Трети што е одбележано со ѕвонење на ѕвоната од опатијата и поздравно пукање со пиштол.

И неговата сопруга Камила е крунисана, по што официјално, по долга и често контроверзна врска со престолонаследникот, официјално стана кралица.

Кој е Чарлс Трети ?

Чарлс се соочува со овие предизвици на 73-годишна возраст, како најстар монарх кој го презел тронот во лозата која трае 1 000 години, со својата сопруга Камила, која сè уште предизвикува поделби во јавноста.

Чарлс Филип Артур Џорџ е роден во Бакингемската палата на 14 ноември 1948 година, во 12-тата година од владеењето на својот дедо, кралот Џорџ Шести.

Имаше само три години кога стана наследник на тронот откако неговата мајка беше крунисана за кралица во 1952 година. За време на студиите и формално е крунисан за принц од Велс, титулата која традиционално ја носи престолонаследникот, на голема церемонија во 1969 година. Следната година станал првиот британски престолонаследник кој добил диплома.

Како и многумина други членови на кралското семејство пред него, и тој им се придружил на вооружените сили, прво во Кралското воздухопловство во 1971 година, а потоа во морнарицата, каде што станал командант на воениот брод „Бронингтон“, пред да ја заврши активната служба во 1976 година.

Како млад принц негуваше спортска фигура посветувајќи се на скијање, сурфање и нуркање. Беше пасиониран играч на поло и се појавуваше и како џокеј на многубројни коњски трки.

Крунисувањето - светски спектакл

На церемонијата присуствува и принцот Хари, и ова е неговото појавување во јавноста заедно со неговиот брат Вилијам, по објавувањето на неговите мемоари.

Сведоци на крунисувањето се светски лидери како францускиот претседател Емануел Макрон, канадскиот премиер Џастин Трудо, осум актуелни и поранешни британски премиери, како и Џуди Денч, Ема Томпсон и Лајонел Ричи.

Илјадници луѓе од цела Британија и ширум светот кампуваа преку ноќ по патека долга 1,6 километри. Толпата се зголеми во текот на утрото, на повремен дожд, долж трасата.

Колоната во која кралот и кралицата по крунисувањето ќе се вратат во Бакингемската плата по крунисувањето ќе биде долга 1,6 километри и во неа ќе има 19 воени бенда. Новиот крал и кралица низ неа ќе поминат со позлатена кочија стара 261 година придружена од 4.000 војници, формирајќи ја најголемата воена парада во Британија во изминативе 70 години.

XS
SM
MD
LG