Њујоршките обвинители минатиот четврток направија историски исчекор поднесувајќи обвинителен акт против Доналд Трамп, што е првпат тоа да му се случи на поранешен американски претседател.
Тој денеска стана првиот претседател што излезе пред суд за да се соочи со обвинението.
Одлуката на окружниот обвинител во Менхетен да го обвини Трамп за тајни исплати на порно ѕвездата Сторми Дениелс за време на претседателската кампања во 2016 година за да молчи за нивната наводна афера, е само една од многуте истраги со кои се соочува републиканецот, кој најави повторна кандидатура за Белата куќа. Тој наводно ѝ плаќал на Дениелс да не излезе во јавност за аферата, која наводно ја имала со него во претходните години.
Истрага за изборна измама во Џорџија
Обвинителот во американската сојузна држава Џорџија ги истражува наводните напори на Трамп да го поништи изборниот пораз во оваа држава на изборите во 2020 година.
Истрагата делумно се фокусира на телефонскиот разговор на Трамп со државниот секретар на Џорџија, републиканецот Бред Рафенспергер на 2 јануари 2021 година. Трамп побарал од Рафенспергер да „најде“ доволно гласови неопходни да се поништи изборниот пораз на Трамп во оваа држава.
Фани Вилис, окружна обвинителка на округот Фултон и демократ, која на крај треба да одлучи дали да покрене обвинение против Трамп или кој било друг, на 24 јануари му кажа на судијата дека специјалната голема порота ја завршила својата истражна задача и дека одлуките се „неизбежни“.
Правните експерти велат дека Трамп можеби извршил најмалку три кривични дела поврзани со изборите во Џорџија – заговор за извршување изборна измама, поттикнување на изборна измама и намерно мешање во извршувањето на изборни должности.
Трамп може да спори дека неговите разговори се уставно загарантирана слобода на говор.
Нападот врз американскиот Капитол
Американското Министерство за правда води истраги против Трамп, и за неговите постапки за изборите во 2020 година и за неговото задржување на високо доверливи документи по заминувањето од Белата куќа во 2021 година.
Двете истраги ги надгледува Џек Смит, обвинител за воени злосторства, кој е политички независен. Трамп, без докази, го обвини Федералното биро за истраги (ФБИ) за покренување на истрагите поради политичка одмазда.
Специјална комисија на Претставничкиот дом (Долниот дом на американскиот Конгрес), која го истражуваше крвавиот напад на поддржувачите на Трамп врз американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, го повика Министерството за правда да го обвини Трамп за попречување на службена постапка, заговор за измама на Соединетите Американски Држави (САД), заговор за давање лажна изјава и поттикнување или помагање на бунт.
Само Министерството за правда може да одлучи дали ќе го обвини Трамп, кој истрагата предводена од демократите ја нарече политички мотивирана измама.
Исчезнати владини документи
Американскиот државен обвинител Мерик Гарланд исто така го назначи Смит да истражи дали Трамп неправилно задржал доверливи документи на неговиот имот во Мар-а-Лаго во Флорида откако ја напушти функцијата во 2021 година, а потоа се обидел да ја попречи федералната истрага.
Гарланд исто така го назначи поранешниот американски обвинител Роберт Хур да го истражи отстранувањето на класифицирани документи што ги поседувал претседателот Џо Бајден, кои датираат од времето додека бил потпретседател. Незаконско е намерно отстранување или задржување на класифицирани материјали.
Во случајот на Трамп, ФБИ заплени 13 илјади документи од Мар-а-Лаго во претресот на 8 август. Околу 100 документи биле означени како класифицирани, некои и како државна тајна, највисокото ниво на класификација.
Трамп го обвини Министерството за правда за партиски лов на вештерки.
Прекршочна тужба од главната обвинителка на Њујорк
Главната обвинителка на Њујорк Летиција Џејмс во септември го тужеше Трамп и неговата „Трамп организација“ за измама.
Џејмс соопшти дека нејзината канцеларија пронашла повеќе од 200 примери на погрешна проценка на вредноста на имот од 2011 до 2021 година и оти Трамп го надувал своето богатство за милијарди долари.
Обвинителката рече дека шемата имала за цел да му помогне на Трамп да добие пониски каматни стапки и подобро осигурување.
Таа исто така рече дека нејзината истрага открила докази за кривично дело, кои ги проследила до федералните обвинители и до Службата за јавни приходи.
Тужбата има за цел трајно да им забрани на Трамп и на неговите три возрасни деца да водат компании во државата Њујорк и да вратата најмалку 250 милиони долари стекнати со измама.
Републиканецот Трамп ја нарече тужбата на демократката Џејмс лов на вештерки, а другите обвините оценија дека се работи за неосновани тврдења.
Судија во Њујорк нареди независен набљудувач да ја надгледува организацијата Трамп пред закажаното судење во октомври 2023 година.
Тужби за клевета
Е. Џин Керол, поранешна колумнистка на магазинот Ел, поднесе две тужби во кои го обвини Трамп дека ја наклеветил со негирањето дека ја силувал во соблекувалната во стоковната куќа Бергдорф Гудман во Њујорк кон крајот на 1995 или на почетокот на 1996 година.
Керол прво го тужеше Трамп, откако тој на новинар во Белата куќа во 2019 година му изјавил дека не ја познава Керол, дека „не е мој тип“ и дека лажела за да ја зголеми продажбата на нејзините мемоари.
Втората тужба произлезе од објава на социјалните мрежи од октомври 2022 година, во која Трамп ги нарече тврдењата за силување „лага“ и „целосна измама“.
Трамп и Керол чекаат одлука од Апелациониот суд во Вашингтон за тоа дали Трамп има имунитет од првата тужба на Керол.
Втората тужба може да дојде на судење на 25 април, откако американски судија во јануари го нарече „апсурдно“ барањето на Трамп да ја отфрли.