Достапни линкови

Политичката некултура репер за квалитетот на парламентарниот состав


Собраниска седница за реконструкција на Влада
Собраниска седница за реконструкција на Влада

Навреди, клевети, обвинувања за криминал и семејни квалификации, кои се главна тема за дискусија на собраниската седница за реконструкцијата на Владата, се показател за политичка некултура и опаѓање на квалитетот на парламентниот состав, велат поранешни пратеници за РСЕ.

Демонстративното напуштање на Собранието на пратеничките на владејачката СДСМ по како што велат, сексистичките изјави на нивниот колега од опозициската ВМРО-ДПМНЕ е само „јагода врз шлагот“, по неколку неделните партиски препирки на седниците наменети за дебата за реконструкција на владиниот кабинет.

Од навреди кои алудираат на машкоста на премиерот до тоа дали пратениците користат дрога, преку мерење на интелигенција па до семејни врски, криминални „групировки“ и говор на омраза. Ова е само дел од темите за кои се надвикуваа пратениците во изминативе десетина дена од собраниската говорница, додека јавноста чекаше да бидат избрани новите министри кои треба да ги вратат во функција обезглавените министерства.

Пазарски кавги во Собрание
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:26 0:00

Пратениците во своите говори се ужаснуваат од репликите на своите колеги опоненти, ама во исто време возвраќаат со иста мера, па дури и во стилот на детската позната фраза „ Кој си вика за себе си вика“.

Поранешните пратеници со кои разговаравме се разочарани од нивото на култура кои нивните наследници избрани од народот го презентираат од собраниската говорница. За поранешната пратеничка од редовите на ВМРО ДПМНЕ во два мандати во 90- тите, Ѓулистана Марковска, нивото на дискусија е на толку ниско ниво, што наликува на недостиг на домашна култура во најмала рака. Таа вели дека кога ги слуша пратениците добива впечаток дека во земјава се гради некој нов вредносен систем во кој навредите, клевети и обвинувања заземаат главна улога кај членовите на партиите.

„Колку е по некултурен, или условно речено колку повеќе навреди ќе искаже кон претставникот од спротивната страна, толку тој себе си во своите очи или во очите на партиските водачи може да се гледа како храбар или смел. Тоа во некои средини, каде што условно речено е необразован народот можеби вреди и носи одредени популистички поени, но за широкиот граѓански слој, зборува за една општа некултура која што се надевам дека нема да стане некој нов вредносен систем по кој ќе се бираат пратениците кои што ќе не претставуваат нас граѓаните“, вели таа.

Директен линк

Минатата година, кога пратениците во периодот по летните одмори до почетокот на годинава дебатирале за закони за владеење на право, човекови права и демократија, една третина од пратениците кои застанале зад говорницата, немале аргумент во рака.

Ова го покажа истражувањето на Институтот за демократија финансирано од швајцарската влада. Во него е нотирано дека само 7 проценти од говорниците пред јавноста се послужиле со еден или повеќе аргументи во дискусијата. Останатите имале слаби аргументи, но и дека тема на дискусија најчесто биле лични карактеристики на опоненти, наместо суштинско разгледување на аргументите и подобрување на предложените закони.

Во овој период на известување, во набљудуваните дискусии не беше забележана промена на став кај пратениците, ниту поради подобри аргументи кај соговорниците, ниту поради други причини, се вели во Извештајот.
За поранешниот долгогодишен пратеник Тито Петковски аргументот во пратеничка дискусија е мисловна именка.

„Колку порационални беа дебатите во првиот парламентарен состав, дали знаете колкава е разликата меѓу првиот парламентарен состав и овој, како подножје на Хималаи и самите Хималаи. Луѓето тогаш доаѓаа со убедување дека сакаат нешто да променат, со конкретни дебати, посочуваа аргументи, даваа идеи. Денеска имате само плукање, вие повеќе крадевте, па другите во обратна насока е најпросто кажано само расправии, кавги и лични дискредитации“ вели тој.

Додава дека таквото однесување остава сериозни последици врз перцепцијата на граѓаните, но и надворешниот фактор за развој на парламентарната демократија, и на демократијата во целина.

Истражувањето покажува дека шест месеци собраниски дискусии само 14 говорници користеле 2 аргумента, додека во набљудуваните дискусии, говорниците користеле повеќе од два аргумента за да ја поткрепат својата позиција во 0,1% од набљудуваните излагања.

Впечатокот во јавноста е дека секоја нареден парламентарен состав е полош од претходниот. Марковска вели дека таквиот впечаток е последица на тоа што политиката не е на ниво на професија туку најчесто се разбира како фискултурна акција од 4 години.

„Првиот парламентарен состав во кој учествував можеби по основ на образованието, беше меѓу по необразовани луѓе кои беа избрани за пратеници, но можам да кажам дека немало навреди од никаков степен и можам да истото и за вториот, па и третиот парламентарен состав. Но, оттогаш па наваму нивото на политичка култура многу опаѓа, а тоа се гледа по составот кој се избира, по начинот на кој ги презентираат нивните политики, ако воопшто станува збор за политики, кога имаме вокабулар кој е повеќе присутен на нашите улици, и пред се тоа не е одраз на нов вредносен систем од кој граѓаните ќе добијат нешто, “ тврди Марковска.

Дополнително ако една седница која во минатото чинела околу 20 илјади евра, сега достигна цена од 80 илјади евра државни пари, за кои што граѓаните не добиваат ниту подобри закони, нити подобри проекти кои ќе им го олеснат животот на граѓаните, објаснува таа.

Во меѓувреме 104-тата седница за реконструција на владиниот кабинет не е завршена. Од 13-ти февруари кога беше закажана прв пат седницата за реконструкцијата, до сега се завршени само две точки, а тоа се разрешувањата на министрите кои доаѓаа од редовите на Алтернатива, и избор на нови министри од новиот владин партнер Алијанса за Албанците. На дневен ред сега се предлозите за избор на замениците министри во министерствата за одбрана, земјоделство и образование.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG