Најголемите закани доаѓаат од странски терористички организации, вклучувајќи ги и оние во САД, кои се стратешки партнер на Европа во борбата со тероризмот, од расни или етнички мотивирани насилни екстремисти, како и од терористи од ИСИС.
ИСИС иако не контролира територија, го докажува своето идеолошко влијание и проектира моќ со регрутирање од европските земји и поттикнува напади врз цели и јавни простори во Европа. Во повеќето терористички инциденти се користеше лесно оружје како ножеви, пиштоли или возила за да се повредат или убиваат цели како во Франција, Германија, Турција, Англија. Во ниту една земја на Балканот во 2021 немало терористички напад. Каква е ситуацијата со терористичките нападади на Балканот според извештајот на американскиот Стејт Департмент?
Северна Македонија
Главниот антитерористички проблем со кој се соочи Северна Македонија беше враќањето на странски терористички борци од Сирија и Ирак.
Властите оценија дека нивото на терористичка закана е „просечно високо“ или средно, бидејќи има присуство на членови и симпатизери на ИСИС во земјата.
Според проценките, 143 граѓани на Северна Македонија во последните години патувале или се обиделе да отпатуваат во Сирија, во Ирак или во двете земји за да им се придружат на терористичките групи.
Ниските казни за дела поврзани со тероризам остануваат предизвик, но се подобрени, во споредба со претходните години, а казните генерално се подолги отколку во другите земји од Западен Балкан.
Во јули, властите вратија четворица возрасни мажи, пет жени и 14 деца од Сирија. Двајца ја признаа вината и добија казни од три и пет години затвор за учество во странска војска. Одделно, апелациониот суд ги продолжи затворските казни на три лица уапсени во 2020 година за планирање домашен терористички напад, бидејќи сите тројца обвинети претходно беа осудени за учество во странска војска.
Србија
Главна загриженост за тероризам во оваа земја остана движењето на пари и оружје низ регионот како и враќањето на терористичките борци и членовите на нивните семејства од Сирија.
Кривичниот законик на Србија ги криминализира делата поврзани со тероризам, вклучувајќи меѓународен тероризам, поттикнување, регрутирање, употреба на смртоносна направа, уништување и оштетување на нуклеарен објект, финансирање тероризам и терористичко здружување.
Измените на Кривичниот законик во 2019 година воведоа доживотен затвор за дела на тероризам кои биле смртоносни, и ја проширија примената на финансирањето на тероризмот на други кривични дела.
Кодексот, исто така, го забранува неовластено учество во странска војна или вооружен конфликт, пропишувајќи затвор од шест месеци до 10 години за такви активности. Србија осуди поединци за учество во активности поврзани со терористите во Сирија и за учество во руско-украинскиот конфликт во источна Украина.
Способноста на Србија за спроведување на законот треба да се подобри, но напредува.
Српските служби формирале четири локални тимови составени од полиција, психолози и социјални работници во градовите Белград, Нови Пазар, Смедерево и Врање, кои ќе ги поддржат напорите за реинтеграција и социјална поддршка на екстремистичките поединци.
Албанија
Оваа земја според Стејт Департментот вложила меѓународни напори за борба против тероризмот, враќајки 19 свои граѓани ( пет жени и 14 деца) од камповите за раселени лица во Сирија и се ангажираше во процесот на нивна реинтеграција и рехабилитација.
Трористичката закана во Албанија се состои од заканите на Странските терористички организации (FTOs) да ја радикализираат албанската младина на насилство, како и државните активности на Иран кои се насочени кон нивната опозициска група Муџахедин-е Калек, чии членови се преселиле во Албанија.
Законите за антитероризам на Албанија ги криминализираат терористичките акти. Незаконски е да се приклучите на терористичка организација, да добивате обука поврзана со тероризам, да обезбедите материјална поддршка (вклучувајќи финансирање) на терористичка организација, да патувате или да имате намера да патувате за да се борите во име на терористичка организација или да учествувате во странска армија. На 1 јуни, во согласност со амандманот на албанскиот устав, Специјалната структура за борба против корупција и организиран криминал доби единствена надлежност за кривични дела за тероризам.
Босна и Херцеговина
Босна и Херцеговина остана кооперативен партнер во борбата против тероризмот, иако нејзиниот капацитет останува ограничен и е постигнат мал напредок во правните и регулаторните реформи поради тековната политичка криза.
Насилната екстремистичка идеологија и насилните регионални националистички групи остануваат потенцијални извори на тероризам во Босна и Херцеговина. Во 2021 година, политичката криза во земјата донесе невидена реторика на поделби од страна на етнонационалистичките политички лидери во земјата.
Истата година, петмина странски терористички борци кои се вратија во Босна во 2019 година, беа осудени на меѓу една и шест години.
Дополнително, судството во Босна и Херцеговина сè уште има тенденција да ги третира наводните терористи лесно. Ова е особено точно за обвинетите жени кои властите на Босна и Херцеговина речиси универзално ги игнорираат како можни криминалци.
Косово
Во јули 11 косовски граѓани беа вратени во земјата од затворите и камповите во Сирија. Шест машки странски терористички борци, една жена и четири деца. Возрасните беа обвинети за тероризам. Но бројни Косовари остануваат во кампови, затвори или се водат како исчезнати на боиштето во Сирија.
Кратките казни во Косово за терористички дела останува предизвик, како и реинтеграцијата и рехабилитацијата на странски терористи и членовите на семејствата. Исто така и предвременото или условно ослободување од затвор на лицата кои помагале во терористички активности или учествувале во странски војни.
Кога е во прашање тероризмот во остатокот во светот, заканата е и понатаму присутна, а лидер во финансирање на тероризмот и други недозволени активности низ целиот свет, продолжува да биде Иран.
Подготви Тамара Дичоска