Вести
Алтернатива ја напушта владината коалиција
Алтернатива излегува од владината коалиција и ќе делува како опозиција, најави претседателот на партијата Африм Гаши по состанокот вечерва на Централно собрание во партиското седиште во Тетово.
„Донесовме конечна одлука. Одлучивме дека Алтернатива со сите функционери ќе биде опозициска партија“, рече Гаши.
На новинарско прашање тој најави дека ќе гласат за уставните измени. Одлуката на Алтернатива доаѓа по предлогот за реконструкцијата на Владата кој вчера го достави премиерот Димитар Ковачевски во Собранието.
Гаши денеска рече дека нивните довчерашни партнери ја преминале и последната етичка линија и немале трпение да ја почекаат одлуката на Централното собрание, а нивната забелешка е поради тоа што сметаат дека во јануари 2022 Алтернатива придонесе за стабилизација на Владата предводена од СДСМ.
„Тоа доволно говори за нивниот политички морал, ние денеска се собравме да ја донесеме нашата конечна одлука во однос на новонастанатите околности. Како што јавноста знае, во јануари 2022 година, Северна Македонија беше пред Хамлетовиот предизвик на својот пат кон Европската Унија“, рече Гаши.
Од СДСМ вчера порачаа дека Алтернатива и натаму е добредојдена да дава придонес во владината коалиција.
„Упатуваме порака до Алтернатива дека вратата за соработка е отворена и понатаму. Овие времиња се важни за европската иднина и за економските реформи и ги повикуваме да се издигнат над теснопартиските интереси и да размислат уште еднаш“, наведоа од СДСМ.
Алијанса за Албанците влегува во Владата по преговорите со Ковачевски и СДСМ. Овие партии се договорија Алијанса за Албанците да ги преземе министерствата кои досега го водеа министри од Алтернатива.
Претседателот на Собранието Талат Џафери за утре на 13 февруари ја свика 104 седница за реконструкција на Владата, како што соопшти собраниската прес-служба.
На дневен ред на седницата се предлог за разрешување на членови на Владата, предлог за избор на членови на Владата, како и за разрешување и именување на заменици министри.
Премиерот Ковачевски денеска изјави дека очекува конструктивна дебата утре во Собранието за реконструкцијата на Владата.
„Очекувам предлогот да биде усвоен од страна на мнозинството во Собранието и Владата да продолжи на остварувањето на програмата којашто ја има зацртано до редовните избори во 2024 година“, изјави Ковачевски.
За влезот во влада Алијанса за Албанците добива три министерства: Министерството за здравство, Министерството правда и Министерството за информатичко општество и администрација. Партијата исто така ќе ги добие заменичките министерски места за одбрана и за земјоделие, како и повеќе директорски позиции.
За влезот на Алијанса за Албанците во Владата се зборуваше повеќе месеци. Откако првично беше негирано, потоа и од владејачката коалиција и од самата партија информираа дека имало вакви разговори.
Влезот на партијата во влада доаѓа во период кога треба да се носат уставни измени кои се услов за продолжување на преговорите со Европската унија.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека претеничката група на опозицијата утре во 10 часот ќе има координација на која ќе одлучат како ќе настапат на собраниската седница за предлогот за реконструкција на Владата.
види ги сите денешни вести
ДКСК поведе постапка против поранешната министерка за култура Стојчевска
Државната комисија за спречување на корупција денеска (8 ноември) донесе одлука да иницира постапка до надлежните органи во врска со употреба на буџетски средства за приватни цели на поранешната министерка за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска.
На денешната седница од Комисијата информираа дека ги потврдуваат наводите за употреба на буџетски средства за приватни цели при службеното патување на поранешната министерка во Велика Британија и Ирска по повод 30 години дипломатски односи.
„Наводите за употреба на буџетски средства за приватни цели се потврдуваат, со што се констатира дека биле потрошени средства за приватни цели. ДКСК ќе постапи во рамки на своите надлежности и ќе иницира постапка до надлежните органи“, рече членот Зоран Богоевски.
Според извршениот увид во документацијата, од ДКСК велат дека министерката за култура во 2023 година остварила билатерална посета со трошоци од 1 300 британски фунти аванс, од кои 229 фунти се признаени како трошоци за репрезентација, а 600 фунти за сместување. Од 292 фунти, 280 се трошоци кои ДКСК смета дека не може да се квалификуваат како трошоци за репрезентација. Дополнително, 528 фунти биле подмирени со службена картичка на Министерството за култура, од кои 485 фунти се трошоци кои, како што дополнуваат од ДКСК, не може да се квалификуваат како направени за службени цели.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ неодамна излезе со обвинувања кон пратеничката на СДСМ и поранешна министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која, како што соопштија од партијата, додека ја извршувала функцијата во Владата трошела пари од буџетот за лични потреби и луксузирања.
На денешната седница меѓудругото, ДКСК бара поништување на одлуките за назначување на членови на УО на АСЈО од Судски совет и Совет на јавни обвинители.
Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да преземат мерки со кои ќе ги стават вон сила своите одлуки за назначување на членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), порачаа антикорупционерите.
Според нив, одлуките се спротивни на Законот за спречување на корупција и судир на интереси и Закон за АСЈО.
Оттаму истакнаа дека согласно членот 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители не смеат да вршат функции во органи на управување кои располагаат со државен капитал. Судирот на интереси се јавува бидејќи Управниот одбор на Академијата одлучува по жалби на кандидатите за судии и јавни обвинители.
Италијански брод со осум мигранти пристигна во Албанија
Брод на италијанската морнарица пристигна во пристаништето Шенѓин во петок (8 септември) носејќи осум мигранти заглавени во меѓународните води во Албанија, кои ќе бидат задржани во прифатните центри додека не се разгледаат нивните барања за азил.
Ова е втор пат Италија да испраќа мигранти во Албанија откако во октомври беа отворени два прифатни центри, според договорот меѓу двете земји.
Италија првично испрати група од 16 мигранти од Бангладеш и Египет во Албанија минатиот месец. Четворицата се вратиле во Италија истиот ден бидејќи биле малолетни или имале здравствени проблеми.
Останатите 12 беа вратени три дена подоцна, откако судот во Рим нареди да не се држат во Албанија бидејќи нивните земји на потекло, Бангладеш и Египет, не се безбедни земји.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони одлучи да го ажурира правниот статус на списокот на безбедни земји и да го направи законски акт наместо министерски декрет, верувајќи дека тоа ќе им отежне на судовите да ја оспорат неговата валидност.
Бродот на италијанската морнарица „Либра“ во петокот околу 8 часот се закотви на пристаништето Шенѓин, а мигрантите се сместени во прифатниот центар, каде што ќе им биде извршена верификација и лекарски преглед, пред да бидат испратени во кампот Ѓадра.
Бродот, кој може да превезе и до 200 луѓе покрај екипажот, исплови од островот Лампедуза во средата со само осум мигранти на него, јавуваат италијанските медиуми.
Портпаролот на италијанското Министерство за внатрешни работи Франческо Камел го потврди полетувањето на бродот за Албанија, но не даде повеќе детали. Тој не кажа кога ќе пристигне бродот и колку луѓе превезувал.
Италијанските медиуми јавуваат дека од 1200 мигранти кои пристигнале на островот Лампедуза во изминатите два дена, само осум возрасни лица кои патувале без своите семејства ги исполнуваат албанските критериуми, вклучително и оние од земји кои се сметаат за безбедни за репатријација.
Албанија и Италија во ноември минатата година постигнаа договор за сместување на мигрантите.
Договорот, кој беше критикуван од организациите за човекови права, предвидува Албанија да прифаќа до 36000 мигранти годишно, а барањата за азил на овие мигранти ќе се обработуваат во два центри во Албанија. Се проценува дека петгодишниот договор ќе ја чини Италија 160 милиони евра годишно.
Непроменета состојбата на тројцата повредени во несреќата во Нови Сад
Состојбата на тројцата тешко повредени во уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември се уште е непроменета, изјави вршителката на должност директор на Клиничкиот центар на Војводина, Весна Туркулов.
„Седми ден од борбата за живот, состојбата се уште е непроменета. Тие се уште витално загрозени, секој ден контролираме, секој ден Советот се состанува неколку пати во текот на денот“, изјави Туркулов.
Таа додаде дека внимателно се следи нивната здравствена состојба, се прават дополнителни наоди, лабораториска дијагностика и се одлучуваат понатамошните чекори.
Во уривањето на бетонската настрешница пред влезот на главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември загинаа 14 лица, а тројца беа тешко повредени.
Засега не се познати причините за уривањето на бетонската настрешница. Од самиот почеток, официјалните лица тврдат дека настрешницата што се урна не била вклучена ниту во реконструкцијата на зградата на станицата, која официјално беше отворена во јули 2024 година по тригодишна реконструкција.
Тројца загинати во израелски напад врз либанскиот град Сидон
Во израелски напад врз јужниот либански град Сидон загинаа тројца либански граѓани и беа ранети тројца војници, соопшти во четвртокот либанската армија, а малезиската влада соопшти дека шест членови на нејзините сили УНИФИЛ се повредени.
Во нападот бил удрен автомобил додека минувал на контролен пункт, а три лица кои биле во возилото загинале, се наведува во соопштението на армијата.
„Ранетите војници служеле на контролниот пункт, додека погодените припадници на УНИФИЛ биле во мировно возило на ОН кое во тој момент минувало низ контролниот пункт“, се наведува во соопштението на армијата.
Израелските сили и милитантната група Хезболах се судираат повеќе од една година, откако Хезболах почна да истрелува ракети преку границата кратко по смртоносниот напад на Хамас врз јужен Израел што ја предизвика тековната војна во Газа во октомври минатата година.
Хамас е прогласен за терористичка организација од страна на САД и ЕУ. Хезболах е и вооружена група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан. ЕУ не го стави на црната листа неговото политичко крило, туку само вооруженото. Политичката партија Хезболах има места во либанскиот парламент.
Војната на либанскиот фронт значително ескалира од средината на септември, кога Израел започна масовно воздушно бомбардирање и копнена инвазија.
Најмалку 3000 луѓе загинаа, а околу 13500 се ранети во Либан, од кои околу четвртина се жени и деца, соопшти Министерството за здравство.
Во извештајот на либанската единица за одговор на кризи се наведува дека 361300 Сиријци и над 177800 Либанци преминале во Сирија меѓу 23 септември и 1 ноември за да избегаат од борбите.
Хезболах продолжува да испраќа десетици ракети и беспилотни летала кон Израел. Ракетите досега убиле 72 лица во Израел, од кои 30 војници, соопшти канцеларијата на Нетанјаху.
Мртви и ранети по новите руски напади на Харкив
Русија го продолжи притисокот врз градовите во Украина рано на 8 ноември, погодувајќи го јужниот регион Одеса и Харкив, вториот по големина град во земјата.
Најмалку едно лице загина, а најмалку 38 други, меѓу кои и едно бебе, се ранети, според регионалните власти.
„Во масовниот напад со беспилотни летала во текот на ноќта врз Одеса едно лице загина, а девет други се ранети“, соопшти Украинската служба за вонредни ситуации, додавајќи дека биле оштетени и станбени згради, деловни објекти, магацини и училиште.
„Харкив беше погоден втор ден по ред на 8 ноември“, објави градоначалникот Ихор Терехов.
Руски проектил погоди висококатница во градскиот кварт Салтив, при што беа повредени најмалку 25 лица, меѓу кои и едно 3-месечно бебе, рече Терехов.
Тој додаде дека биле оштетени и станбени згради и историски објекти.
Во регионот на Киев, при паѓање на остатоци од руска ракета повредени се четири лица, од кои две потешко, изјави регионалниот гувернер Руслан Кравченко.
Неколку израелски навивачи повредени во судирите во Амстердам
Пропалестински напаѓачи повредиле 10 израелски фудбалски навивачи во Амстердам, по што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди испраќање спасувачки авиони за израелските граѓани во Холандија, пишува „Тајмс оф Израел“.
Напаѓачи кои извикувале „Ослободете ја Палестина“ вчера ги нападнале навивачите на Макаби од Тел Авив во Амстердам, од кои двајца се исчезнати, а 10 се повредени, соопшти израелското Министерство за надворешни работи.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди да се испратат два спасувачки авиони за помош на израелските граѓани по нападот во Амстердам.
Министерството за национална безбедност на Израел ги повика Израелците во Амстердам да останат во хотелските соби по насилните инциденти, соопшти канцеларијата на Нетанјаху во посебна изјава.
Според израелскиот министер за безбедност Итамар Бен-Гвир, нападите биле мотивирани од антисемитизам, а жртвите, како што навел, биле нападнати „со голема суровост само поради нивната еврејска и израелска припадност“.
Реагираше и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Револтирана сум од синоќешните гнасни напади насочени кон израелски граѓани во Амстердам. Најстрого ги осудувам овие неприфатливи дела. За антисемитизмот нема апсолутно никакво место во Европа. И ние сме решени да се бориме со сите форми на омраза“, напиша Лајен на платформата X.
Засега не е познато што точно го поттикнало нападот, а израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар побарал од холандските власти да им помогнат на израелските граѓани безбедно да стигнат до аеродромот.
ДПА претходно јави дека по фудбалскиот натпревар во Лига Европа меѓу холандскиот прволигаш Ајакс Амстердам и Макаби Тел Авив синоќа се случиле жестоки судири меѓу пропалестински демонстранти и израелски навивачи.
Локалната полиција соопшти дека привела 57 лица, но не е откриена нивната националност или дали се фудбалски навивачи.
Путин му честиташе на Трамп за изборната победа
Рускиот претседател Владимир Путин денеска, 7 ноември, му честиташе на Доналд Трамп за неговата победа на претседателските избори во САД и рече дека Москва е отворена за разговори со новоизбраниот републикански претседател.
„Би сакал да ја искористам оваа прилика да му честитам за неговиот избор за претседател на САД“, рече Путин по неговиот говор на меѓународната конференција во црноморското одморалиште Сочи.
Трамп за време на кампањата рече дека може брзо да ја заврши војната во Украина доколку биде избран за претседател, но не наведе детали. Путин, пак, оцени дека изјавата заслужува внимание, додавајќи дека Русија е подготвена да разговара доколку Трамп сака да ги обнови контактите.
Путин, исто така, рече дека е импресиониран од тоа како Трамп, кој убедливо ја победи потпретседателката Камала Харис на изборите на 5 ноември, се справи со моментите по обидот за атентат во јули, опишувајќи го како храбар човек.
Трамп рече и дека е подготвен да разговара со Путин.
„Мислам дека ќе разговараме“, рече тој во интервју за NBC News.
Трамп изјави дека од утрото на 6 ноември односно откако прогласи победа, разговарал со „веројатно“ 70 светски лидери, но дека Путин не е меѓу нив.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно денеска рече дека не може да ја исклучи можноста за разговори меѓу Путин и Трамп пред неговата инаугурација во јануари.
На новинарско прашање дали може да ја исклучи можноста за такви комуникации, Песков одговори: „Зошто? Не е исклучено. (Трамп) рече дека ќе му се јави на Путин пред инаугурацијата. Тоа се негови зборови“.
Тој мислеше на претходните изјави на Трамп за контакт со Путин пред да ја преземе функцијата.
Песков негираше дека имало каков било контакт меѓу руските власти и штабот на Трамп по изборите во САД.
„Не. Зошто би контактирале со нив“, одговори тој, дополнително појаснувајќи дека руската администрација не направила чекор за таков контакт.
Руски генерал-мајор почина во Украина
Генерал-мајорот во руската армија, Павел Клименко, почина во четвртокот во Украина, потврдија неговите сестри за публикацијата „Важни приказни“ на Телеграм.
Први веста за 47-годишниот Клименко ја пренесоа провоените блогери, иако сè уште не се познати околностите за неговата смрт, пишува рускиот сервис на Радио Слободна Европа.
Клименко беше обвинет дека организирал логор за измачување војници и дека земал пари од своите подредени во замена за нивно тргање од првите линии на фронтот.
Во истражувањето што го спроведе порталот Астра во август, беше наведено дека логорот за тортура организиран од Клименко бил за руски војници и се наоѓал на територијата на напуштен рудник во Доњецк.
Руските војници испратени таму биле принудени да се согласат да се борат во групи за напад, а офицери, задолжени за логорот, меѓу кои и Клименко, од нив изнудувале пари, објави Астра.
Клименко е осмиот руски генерал убиен во војната во Украина, чија смрт е потврдена од независни истражувачи или новинари.
Мицкоски: Со Макрон отворено разговаравме за одблокирање на патот кон ЕУ
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека „продуктивна средба“ со претседателот на Франција, Емануел Макрон, денеска (7 ноември) во Будимпешта, на која разговарале за евроинтеграциите на Северна Македонија.
Средбата била одржана на маргините на самитот на Европската политичка заедница, чиј домаќин е Унгарија.
„Отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон Европската Унија. Оптимист сум за нашата иднина, се бориме за нашите аргументи и вистината која е незаобиколива. Ќе дадеме се од себе да ги зачуваме државните и националните интереси“, напиша Мицкоски на социјалните мрежи по средбата со Макрон.
Во делегацијата со премиерот во Будимпешта се и министрите за надворешни работи и надворешна трговија и за европски прашања, Тимчо Муцунски и Орхан Муртезани.
Како што беше најавено од владината прес-служба, Мицкоски на самитот учествува и со обраќање на сесијата посветена на темата економска сигурност и меѓусебно поврзување.
Европската политичка заедница беше основана во 2022 година како меѓувладин форум за политичка и стратешка дискусија за иднината на Европа.
Првиот самит се одржа во октомври 2022 во Прага со учесници од 44 држави, како и претставници од Европскиот совет и Европската комисија.
Поделени најголемиот дел од ваучерите за инвертер клими
Во текот на денот (7 ноември) доделени се најголем дел од ваучерите за инвертер клима, тврдат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Претходно денеска, кај спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје можеа да се забележат долги редици од граѓани како чекаат за да го подигнат ваучерот.
„Во рамки на процесот на доделување до 16 часот, само во Скопје беа доделени над 1.400 ваучери или над 75 отсто од вкупниот број. Иако на почетокот на денот беше забележана зголемена посетеност на граѓани, доделувањето се одвиваше непречено и во поголемиот дел од денот немаше долги редици“ велат од Министерството.
За ваучери аплицираа над 18.000 граѓани, а вкупно се предвидени само 6.182 ваучери. Граѓаните кои ги добија, можат да ги искористат најдоцна до 30 ноември.
Покрај во спортскиот центар „Борис Трајковски“, ваучерите се делеа и на други 30 локации низ државата.
„Според првичните информации од тимовите на Министерството, во повеќето градови како Струга, Радовиш, Штип, Кичево и други, граѓаните подигнале над 90 отсто од ваучерите, што е доказ за успешноста на овој начин на дистрибуција на ваучерите“, потенцираат од Министерството.
Министерката за енергетика Сања Божиновска претходно во изјава за медиумите рече дека е овозможена дополнителна флексибилност за граѓаните кои нема да можат да ги подигнат своите ваучери веднаш, тоа да го направат директно во просториите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Таа твдеше и дека ова е најдобар начин на доделување на ваучерите бидејќи граѓаните добитници треба да потпишат и договор, па ќе се изгуби многу време доколку се препраќа преку пошта.
Ваучерите се делеа преку два јавни повици – едниот за ранливи категории граѓани, а другиот за енергетска ефикасност. Повиците беа распишани уште во февруари и предизвикаа голем интерес кај граѓаните. Процесот го започна Министерството за економија, а доделувањето сега го организира новоформираното Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Дел од граѓаните претходно, како што пишуваше и Радио Слободна Европа, реагираа дека се доцни со доделувањето на ваучерите. Делумно, застојот се должеше и на реорганизацијата на министерствата со која надлежноста за ваучерите се префрли од секторот економија во Министерството за енергетика.
Во Северна Македонија изминатите неколку години се спроведуваа проекти и од централната власт, но и во дел од општините, во рамки на кои се доделуваа субвенции за поставување клими и печки на пелети, со цел да се намали загадувањето на воздухот и да се мотивираат граѓаните да не се греат на дрва или на други материјали кои загадуваат.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете