Достапни линкови

Вести

Србија повторно единствена во регионот која не се усогласи со санкциите на ЕУ против Русија

Високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
Високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

Србија повторно не се усогласи со новите одлуки на Советот на Европската унија за рестриктивни мерки против Русија.

Во соопштението на високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, за усогласување на другите земји со одлуките на ЕУ, е наведено дека од земјите кандидати, Северна Македонија, Црна Гора, Албанија, Украина и Босна и Херцеговина се усогласиле со одлуките на ЕУ за санкции.

Покрај нив, со одлуките на ЕУ тоа го направија и земјите од Европската економска област, меѓу кои и Исланд, Лихтенштајн и Норвешка.

„Тие (земјите кои се усогласиле) ќе се погрижат нивните национални политики да бидат во согласност со оваа Одлука на Советот. Европската унија ја забележува оваа посветеност и ја поздравува“, се вели во декларацијата на шефот на европската дипломатија.

Станува збор за серија пакети нови санкции што ЕУ ги воведе против Русија во декември минатата година.

Србија се сметаше за лидер во пристапниот процес. Таа е единствената земја во регионот која досега не се усогласила на ниту една одлука на ЕУ во врска со санкциите против Русија, кои се одговор на агресијата врз Украина која започна на 24 февруари 2022 година.

Поради цврстиот став и одбивањето да воведе санкции кон Русија, официјален Белград не направи ниту еден чекор во претходната година во однос на напредокот во процесот на евроинтеграциите.

ЕУ редовно ја повикува Србија да ја усогласи својата надворешна политика со политиките на ЕУ.

види ги сите денешни вести

Белата куќа: Бајден ќе остане во претседателската трка

Американскиот претседател Џо Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден „апсолутно не“ се повлекува од претседателската кампања во 2024 година. Ова го изјави портпаролката на Белата Куќа Карин Жан Пјер на 3 јули.

Во меѓувреме, прашањата за способноста на 81-годишниот актуелен претседател и кандидат за втор мандат продолжуваат да се дебатираат во јавноста по неговиот лош настап на претседателската дебата.

Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, изјави дека Бајден „останува во трката.

"Тоа е она што претседателот вети дека ќе го направи... тој сака да продолжи да работи на успесите што ги постигнал“, изјави таа.

Најмалку еден актуелен демократ во Конгресот го повика Бајден да се повлече од трката, а партиските лидери се размислуваат како да се справат со последиците од дебатата, јавува новинската агенција Франс прес.

Бајден закажа средба со сите 23 демократски гувернери на 3 јули и најави дека ќе одговара на прашања на интервју за ABC News на 5 јули.

Туркменистан преку Иран ќе го снабдува Ирак со природен гас

Илустрација
Илустрација

Туркменистан и Иран на 3 јули потпишаа договор за испорака на 10 милијарди кубни метри туркменистански природен гас годишно, кој Иран потоа ќе го испраќа во Ирак.

Министерството за надворешни работи на Туркменистан го објави договорот, но не соопшти колку вреди договорот.

Во соопштението на Министерството се вели дека иранските компании ќе изградат нов гасовод од 125 километри меѓу Иран и Туркменистан за да го прошират капацитетот за испорака на оваа централноазиска земја.

Министерството соопшти дека Туркменистан, кој во голема мера се потпира на продажбата на своите огромни резерви на природен гас, исто така планира да ги зголеми своите испораки на гас за Иран на 40 милијарди кубни метри годишно.

Руското МНР прогласи романскиот дипломат за персона нон грата

Илустрација
Илустрација

Руското Министерство за надворешни работи прогласи за персона нон грата вработен во романската амбасада во Москва. Ова е објавено на веб-страницата на руското МНР.

Во кусото соопштение е посочено дека руското министерство за надворешни работи го повикал на разговор романскиот амбасадор Кристијан Истрате кому му била врачена нота. Романскиот дипломат, чие име не се соопштува, ќе биде протеран од Русија.

Руското Министерство објасни дека ваквите постапки се одговор на романските власти кои прогласија за персона нон грата вработен во руската амбасада во Букурешт. Руското МНР смета дека тоа е „немотивирана одлука“.

Романското Министерство за надворешни работи на крајот на мај прогласи за персона нон грата дипломат од руската амбасада во Букурешт. Тој беше осомничен за „активности што се во спротивност со нормите на Виенската конвенција за дипломатски односи“.

Претходно, полицијата во Романија соопшти дека бил уапсен локален жител кој е осомничен за шпионирање за Русија. Според истражителите, тој од почетокот на 2022 година, ги надгледувал воените објекти на Романија и на НАТО лоцирани на границата со Украина. Според соопштението уапсениот, наводно, ги пренел информациите што ги собирал на руските дипломати.

Во април 2024 година, Врховниот совет за национална одбрана на Романија објави дека руски шпиони влегле во земјата под маската на украинските бегалци. Тие, наводно, се вклучиле во дезинформации, обидувајќи се да добијат информации за помош за Украина, воени вежби и војници стационирани во земјата.

Гроси: Напади во близина на нуклеарната централа Запорожје мора да престанат

Напад со беспилотно летало во близина на нуклеарна централа Запорожје
Напад со беспилотно летало во близина на нуклеарна централа Запорожје

Нападите со беспилотни летала насочени кон нуклеарна централа Запорожје контролирана од руските сили во Украина мора да престанат, изјави на 3 јули шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, откако руското раководство на централата извести за напади во близина на објектот и за повредени осум вработени во нуклеарната централа.

„Нуклеарната централа во Запорожје ја информираше Меѓународната агенција за атомска енергија за неколку напади со беспилотни летала, повредени работници во електричната трафостаница Енерходар и подметнување пожари во шума во близина на разводната постројка на централата “, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) на социјалната платформа X порано позната како Твитер.

Во соопштението не е прецизирано чии беспилотни летала го извршиле нападот.

Шефот на руската нуклеарна управа, Алексеј Лихачев, изјави дека бил извршен украински напад врз трафостаница во близина на нуклеарната централа во Запорожје и овој напад, како што вели, е „наметливо кршење“ на прописите на МААЕ за нуклеарна безбедност.

Од украинската страна засега нема коментар.

Претходно денеска Гроси изјави дека ситуацијата во украинската нуклеарна централа Запорожје „останува несигурна“ и би било небезбедно да се рестартира објектот.

Нуклеарната централа е под контрола на руските сили откако Москва ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Убиен поранешен пакистански сенатор

Луѓето го носат ковчегот на поранешниот сенатор Хидајатула Кан откако тој беше убиен во експлозија на бомба во областа Баџаур во пакистанската провинција Хајбер Пахтунхва на 3 јули 2024 година.
Луѓето го носат ковчегот на поранешниот сенатор Хидајатула Кан откако тој беше убиен во експлозија на бомба во областа Баџаур во пакистанската провинција Хајбер Пахтунхва на 3 јули 2024 година.

Поранешниот сенатор Хидајатула Кан и четири лица во неговата придружба беа убиени на 3 јули во експлозија во северозападната пакистанска провинција Хајбер Пахтунхва.

Полицијата во областа Баџаур изјави за Радио Машаал, сервис на Радио Слободна Европа дека возилото на поранешниот сенатор Хидајатула Кан било нападнато во нестабилната област Дамадола.

Тој беше придружуван од неговите двајца чувари и двајца членови на семејството, кои беа убиени во нападот.

Поранешниот сенатор Хидајатула Кан бил на патување во кампањата кога неговото возило било цел на напад со бомба на далечинско управување.

Засега нема преземено одговорност за нападот.

Хидајатула Кан се приклучи на Пакистан Техрик-е Инсаф (ПТИ) во 2018 година, откако беше избран во Сенатот. Тој припаѓа на влијателно политичко семејство, а неговиот брат Шаукатула Кан е поранешен гувернер на провинцијата Хајбер Пахтунхва.

Шест факултети и 15 луѓе обвинети за продажба на дипломи во БиХ

Илустрација
Илустрација

Обвинителството на Босна и Херцеговина на 3 јули поднесе обвинение против 15 луѓе меѓу кои ректори, декани и професори на универзитети и шест приватни високообразовни институции.

Тие се обвинети дека тргувале со најмалку 49 дипломи за високо образование, најмногу од стопанска, правна, техничко-инженерска и здравствена струка, како и од менаџмент.

Обвинителството на БиХ наведува дека заедно со Полициската агенција за истраги и заштита (СИПА) собрале докази дека лицата кои незаконски купиле дипломи, не студирале, односно во мала мера, а некои и воопшто не учествувале во процесот на образование на високообразовните институции.

„За набавка на незаконски дипломи најчесто плаќале суми од неколку илјади евра“, соопшти Обвинителството на БиХ.


Од Обвинителството наведуваат дека ќе бараат поништување на тие дипломи и на обвинетите да им биде изречена забрана за работа во високообразовните институции во Босна и Херцеговина.

„Извршувањето на кривични дела нанесе голема штета на системот на високото образование во БиХ, како и загрозување на сите граѓани со работата и активностите на лица со незаконски стекнати универзитетски дипломи“, соопшти Обвинителството на БиХ.

Сите обвинети се товарат за кривичните дела „здружување заради извршување кривични дела, злоупотреба на службената положба или овластување, недозволена трговија, фалсификување исправа и други сродни дела“.

Истрагата во оваа операција, која беше наречена „Кластер“, траеше две години.

Моќниот ураган Берил се упати кон Јамајка

Последици од ураган во Сент Винсент и Гренадини, држава во Средна Америка, дел од Карипските Острови.
Последици од ураган во Сент Винсент и Гренадини, држава во Средна Америка, дел од Карипските Острови.

Моќниот ураган Берил во средата се префрли кон Јамајка со опасни ветрови, при што жителите на островот се обидуваа да се подготват, откако силната бура од 4-та категорија претходно уби најмалку шест лица и предизвика значителна штета на југоисточниот дел на Карибите.

Ураганот кој е невообичаено силен толку рано во сезоната на Атлантикот, се очекуваше да помине во близина или над Јамајка до пладне како бура од 4-та категорија опасна по живот, велат метеоролозите.

Се прогнозира дека Берил малку ќе ослабне во текот на следниот ден или два, но сепак ќе биде блиску до јачината на големи ураган кога ќе помине близу или над Јамајка, се вели во прогнозата на американскиот Национален центар за урагани.

Доцна во понеделникот, Берил стана најраната бура која се разви во ураган од петта категорија на Атлантикот и достигна максимални ветрови од 270 км/ч во вторникот, пред да ослабне до сè уште деструктивна категорија 4.


Се очекуваше Берил да донесе опасни по живот ветрови и бури на Јамајка, каде што властите ги предупредија жителите во областите подложни на поплави да се подготват за евакуација.

„Ги охрабрувам сите Јамајканци да го сфатат ураганот како сериозна закана“, рече премиерот Ендрју Холнес во обраќањето до јавноста во вторникот.

„Сепак, сега не е време за паника“, додаде тој.

Во Мајами, директорот на американскиот Национален центар за урагани Мајкл Бренан изјави дека Јамајка изгледа дека е на директниот пат на Берил. Тој ги повика жителите да најдат безбедно место за засолниште и да останат таму до среда.

Предупредувањето за тропска бура беше во сила за островите што ги делат Хаити и Доминиканската Република.

Хамнеи: Тие што не гласале во првиот круг на изборите не се против системот на Иран

Иранскиот Врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи
Иранскиот Врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи

Иранскиот Врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, се пожали во јавноста за рекордно нискиот одѕив во првиот круг од претседателските избори во Иран минатата недела. Тој во неговото јавно обраќање на 3 јули истакна дека таквата слика не е одраз на популарноста на Исламската република.

Хамнеи рече дека вториот круг од изборите на 5 јули меѓу реформскиот кандидат Масуд Пезешкијан и тврдокорниот кандидат Саид Џалили е „многу важен“ и ја охрабри јавноста да учествува во изборите.

„Оние кои го сакаат исламот и исламската република и напредокот на земјата мора да го покажат тоа со учество на изборите“, рече 85-годишниот Врховен лидер, кој го има последниот збор за сите државни прашања.


Хамнеи рече дека излезноста од 40 проценти во првиот круг од гласањето на 28 јуни е „не како што се очекуваше“, но додаде дека е „целосно погрешно да се мисли дека оние што не гласале во првиот круг се против системот“.

Меѓутоа, во говорот во 2001 година, Хамнеи го исмеа учеството на гласачите од 40 проценти во западните земји, велејќи дека тоа е „срамно“ и знак дека „луѓето не веруваат, не се грижат и не се надеваат на политичкиот систем“.

Пезешкијан доби околу 42,5 отсто од гласачките ливчиња во првиот круг од гласањето, додека неговиот ривал Џалили заврши на второто место со 38,6 отсто.

Конзервативните гласови беа поделени меѓу Џалили и парламентарниот спикер Мохамад Бакер Калибаф, кој беше трет со околу 13,8 отсто од гласовите. Мостафа Пурмохамади, поранешен министер за правда, заврши на последното место со нешто помалку од 1 процент.

ДУИ загрижени поради новите директори на ФЗО

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, архивска фотографија
Лидерот на ДУИ Али Ахмети, архивска фотографија

Опозициската ДУИ изрази длабока загриженост во однос на владината одлука за именување на два директора во Фондот за здравствено осигурување кои се од македонска етичка припадност. На вчерашната владина седница беше донесена одлука со која за времен вршител на фунцијата директор на Фондот за здравствено осигурување, е назначен Сашо Клековски. Негов заменик е Бранко Аџигогов. Досегашните директори Магдалена Филиповска Грашкоска и Асаф Абдурамани на денешната средба во ФЗО им ја предадоа должноста на новите в.д директори.

Според опозициската ДУИ, оваа одлука претставува систематски обид за отстранување на Албанците од најчувствителните и витални институции на државата, создавајќи опасен преседан за нивно исклучување од процесите на донесување одлуки на државно ниво.

„Овој чин е во целосна спротивност со духот на Охридскиот договор и заштитните механизми за еднаква претставеност на сите етнички заедници. Ние веруваме дека отстранувањето на Албанците од клучните институции не е само неправда кон нашата заедница, туку и закана за стабилноста и меѓуетничката хармонија во Северна Македонија“, се вели во реакцијата на ДУИ.


Претходно, на 28 јуни, ДУИ изрази „неверување и длабока загриженост“ за одлуката на власта да го промени фунционирањето на „балансерот“ со измена на пресметкат за правичната застапеност во институциите.

ДУИ обвинува дека оваа Влада врши директен напад на принципот на правична застапеност, еден од главните столбови на Охридскиот договор.

Според Рамковниот договор потпишан во Охрид во 2001 година, со кој се стави крај на конфликтот во Македонија меѓу припадниците на Ослободителната народна армија-ОНА и македонските вооружени сили, една од главните промени беше вработувањето по етнички клуч во јавната администрација.

По 17 години затвор добија тројца Руси поради намерата да им се приклучат на украинските сили

Илустрација, војник на фронт во Украина
Илустрација, војник на фронт во Украина

Воениот окружен суд во Русија ги осуди на над 17 години затворски казни тројцата синови на руски свештеник затоа што, според судот, требало да заминат за Украина и да се борат на страната на украинските вооружени сили.

Станува збор за синовите на православниот свештеник Игор Ашчеулов кои се прогласени за обид за велепредавство, обид за илегално преминување на границата и обид за влез во терористичка организација.

Јоан Ашчеулов доби 17 и пол години затвор, додека неговите браќа, Алексеј и Тимофеи беа осудени на по 17 години затвор под обвинение за обид за предавство и намера да се приклучат на терористичка група.

Браќата во судот тврдеа дека се невини.

Во своите завршни зборови во судницата, Јоан Ашчеулов истакнал дека пресудата и затворската казна ги доживува „како плаќање за тоа што не бил соучесник во злосторствата што ги прави владата на нашата земја, за задржување на слободата на својата личност“.

Тие беа приведени во јули 2023 година во близина на украинската граница додека се обидуваа да се приклучат на таканаречената легија на „Слободата на Русија“, составена главно од руски државјани, која се борат заедно со украинските вооружени сили против инвазијата на руските трупи.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG