Вчера од Софија, а денеска од Скопје, министерот за надворешни работи Бујар Османи ја повтори пораката дека Северна Македонија ќе преземе мерки за забрана за влез во државата на секој кој ќе се осмели да ги вознемири граѓаните со изјави за територијални претензии или негирање на идентитетот. Сепак Османи не конкретизира што подразбира таквата постапка и што ќе биде пресудно за Владата да забрани некому влез во државата.
На прашањето дали последната изјава на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски кој од Скопје порача дека „Македонија е бугарска“, е доволен мотив за да биде прогласен за персона нон грата, Османи со одговор:
„Нашата цел е да не дадеме тежина на политичари кои дури и таквите провокации не ги прават дури и за убедување. Не е дека тие се патриоти, или националисти, тие се класични политички профитери кои своето општество ги има маргинализирано. За мене беше важно бугарското МНР да излезе со став и да каже дека тоа не е став на нашето општество и бугарската влада. Каков однос понатаму ние ќе имаме кон тие маргинални политички профитери, тоа ќе зависи како ќе го калкулираме нашиот интерес“, изјави денеска Османи во интервју за „Студио 10“ на телевизија 24.
Во меѓувреме на социјалните мрежи бугарската фондација „Македонија“ веќе повика на организирана посета на Бугари на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје на 4-ти февруари. Виктор Стојанов од оваа фондација ги повика сите Бугари, бугарските политички партии и невладини организации да ја прослават 151-годишнината од раѓањето на Делчев во Скопје.
По ваквите најави, реагираше Александар Пандов од ВМРО-ДПМНЕ кој на својот фејсбук профил порача дека уште од утринските часови Македонци ќе бидат во црквата „Свети Спас“, а и од Светскиот македонски конгрес апелираа на масовно присуство на Македонците на 4 февруари во црквата.
Во односите меѓу двете земји повторно се чувствува тензија, откако пред една недела во Охрид беше претепан генералниот секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ , Христијан Пендиков. Бугарските политичари сметаат дека причина за нападот е тоа што Пендиков се декларира како Бугарин. Откако со владин авион од Бугарија, Пендиков беше пренесен во болница во Софија, Османи го посети и порача дека Северна Македонија ќе има нулта толеранција за насилството, особено кога тоа е меѓуетничко.
Ковачевски: Треба да бидеме мирни и разумни, но не и наивни
Премиерот Димитар Ковачевски е свесен дека има тензии, но смета дека овие настани се намерно испровоцирани со цел како што вели да се отргне вниманието од европската иднина на државата. Тој ја обвини опозицијата за вмешаност во немилите настани од минатата недела.
„Мора да останеме мирни и разумни, но не треба да сме наивни. Ова е класична дистракција на еден навистина перфиден начин како да се одвлече вниманието од европската иднина. Сето ова што се случува има импликации. Нема да дозволам да се одвоиме од европскиот пат на државата и ќе инсистирам овој проблем да се реши на најбрз можен начин и можеме ние да поставиме уше 100 прашања со детали за ова, но најважно е дека тие коишто ги иницирале настаните од минатата недела и оние кои претходеа не сакаат да ја видат Македонија во ЕУ. Треба и опозицијата да се преиспита. Нивни членови и симпатизери од нивни редови се споменуваат дека се поврзани со настаните кои е случија минатиот викенд и претходно,“ изјави денеска премиерот Ковачевски.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ овие денови немаше никаква реакција ниту за инцидентот со Пендиков во Охрид, ниту за реториката на некои бугарски политичари.
Во меѓувреме напаѓачот на Пендиков е приведен, а Основното јавно обвинителство Охрид донесе Наредба за спроведување истражна постапка против него, за кривичното дело - тешка телесна повреда.
Бугарскиот амбасадор Ангелов повикан на консултации во Софија
Бугарија пак денеска го повика својот амбасадор во Република Северна Македонија, Ангел Ангелов, на консултации во главниот град.
„Причината за неговото привремено враќање во земјава е сериозната состојба во однос на правата на Бугарите во Македонија и ескалацијата на дејства и злосторствата од омраза против нив во последните месеци: подметнување пожар во културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола во јуни 2022 година, три последователни напади на зградата на организацијата „Цар Борис Трети“ во Охрид, вклучително и пукање со огнено оружје на 24 ноември 2022 година, агресивната антибугарска кампања на социјалните мрежи во Северна Македонија, бруталниот напад на 19 јануари, 2023 година на Христијан Пендиков, секретар на организацијата „Цар Борис Трети“ во Охрид, како и донесување во ноември 2022 година на дискриминаторскиот Закон за фондации и здруженија во Северна Македонија“, соопшти Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.
Од бугарското МНР додаваат дека целта на консултациите е да се разговара за можностите за запирање на опасниот тренд на зголемен притисок врз граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест и за изгледите за понатамошен развој на билатералните односи.
Османи пак во однос на спречување на говорот на омраза, во интервју за БНТ вели дека се преземаат неколку мерки во таа насока, како на пример, да има посебен обвинител за говор на омраза, народниот правобранител ќе има канцеларија која ќе се фокусира на овие прашања, а во Министерството за односи со заедниците е планирано да има и претставник од бугарската заедница кој ќе го следи говорот на омраза
Тој ,меѓу другото, најави дека следната недела ќе ги покани бугарските здруженија на собир, за да се направи план како да и се овозможи на бугарската заедница да ја декларира својата припадност, нејзиниот идентитет и културна припадност, да се интегрира во општеството.
Инаку Македонија и Бугарија имаат нарушени односи по двегодишното бугарско вето за Македонија да почне преговори за влез во ЕУ, бидејќи Бугарија не го признава македонскиот јазик и делови од историјата и се жали на дискриминација на свои граѓани во Македонија.
Бугарија пред неколку месеци го укина ветото за почеток на преговорите со ЕУ откако го прифати францускиот предлог, кој меѓу другото, предвидува бугарските услови да станат дел од обврските на Македонија кон ЕУ. Во јули годинава документот го одобри и македонскиот Парламент, кој значи внесување на Бугарите во Преамбулата, но и борба против говорот на омраза, ревизија на учебниците по историја и гаранции дека земјава нема територијални претензии.
За внесување на Бугарите во македонскиот устав потребно е двотретинско мнозинство во парламентот, кое уште не е обезбедено. Ако тоа не се направи, можна е повторна блокада на преговорите за влез на земјава во ЕУ.