Вести
Кај Панчево од цистерна истече амонијак

Вечерта на 12 јануари од цистерна истече амонијак на товарната линија во населбата Топола кај Панчево, јави јавниот сервис Радио телевизија на Србија (РТС). Едно лице од тоа место било префрлено во болницата во Панчевац на кислородна терапија, а неколку други од околните куќи биле прегледани и пуштени дома. РТС соопшти и дека пожарникарите и полицијата се на терен и дека жителите на десетина околни куќи се евакуирани. Министерството за внатрешни работи на Србија се уште јавно не го објави инцидентот. И локалните медиуми јавуваат дека нема поголема опасност за граѓаните.
Вонредна состојба во Пирот - затворени се училиштата и градинките
Кон крајот на декември кај Пирот, четири од 20 вагони-цистерни кои превезувале амонијак излетале од шините. По несреќата, повеќе од 50 лица беа хоспитализирани поради симптоми на труење. На 26 декември, ден по несреќата, министерот за транспорт Горан Весиќ изјави дека причината е лошата инфраструктура.
види ги сите денешни вести
Папата Франциск не е во животна опасност, но не е целосно излечен

Папата Франциск, кој се лекува во болница од билатерална пневмонија, не е во животна опасност, но не е целосно закрепнат и неговата состојба може да се промени, изјави денеска (21 февруари) еден од неговите лекари во болницата „Агостино Џемели“ во Рим, Италија, јави агенцијата Ројтерс.
„Ако прашањето е 'дали е надвор од опасност', одговорот е 'не'“, рече Серхио Алфиери на денешната прес-конференција во Рим. „Но, ако потоа не прашате дали во овој момент неговиот живот е во опасност, одговорот е (исто така) 'не'“, додаде тој.
Фрациск во болницата беше примен на 14 февруари, откако неколку дена се бореше со тешкотии со дишењето.
Билатералната пневмонија е сериозна инфекција која може да ги воспали двете белодробни крила и да остави лузни, што го отежнува дишењето. Ватикан ја опиша инфекцијата на папата како „комплексна“ бидејќи е полимикробна, што значи дека е предизвикана од два или повеќе микроорганизми.
Неговиот медицински тим рече дека папата можел да стане од креветот и да седне на стол за да заврши некоја работа, но предвиде дека ќе остане во болница „барем“ до следната недела.
Докторот Алфиери рече дека имајќи предвид дека папата има 88 години, со веќе постоечки здравствени проблеми, тој очигледно е кревок пациент.
Тој им рече на новинарите дека папата немал сепса, состојба која е потенцијално опасна по живот кога телото реагира на инфекција со оштетување на сопствените ткива и органи.
Сепак, Алфиери додаде дека папата сè уште е во опасност неговата инфекција да се прошири од респираторниот тракт на другите делови од телото.
Петочната прес-конференција беше прва со медицински тим откако папата беше примен во болница минатата недела.
Ниту една фотографија од папата Франциск не е објавена поради почитување на приватноста на папата, рече Алфиери.
Коментарите на лекарот дојдоа откако Ватикан во четвртокот (20 февруари) вечерта соопшти дека состојбата на папата „малку се подобрува“ втор ден по ред.
Келог го пофали Зеленски среде зголемени тензии меѓу Трамп и Киев

Претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина и Русија, Кит Келог, денеска (21 февруари) објави дека имал „обемни и позитивни разговори“ со украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека Белата куќа продолжува да ги истражува опциите за мировен договор и исто така се обидува да постигне договор со Киев за пристап до вредни минерали во замена за американска помош.
„Долг и интензивен ден со високото раководство на Украина“, напиша Кит Келог во објава на платформата Х, како негов прв коментар за средбата со Зеленски откако новинарите се собраа за прес-конференција на 20 февруари, за таа да биде откажана во последен момент.
Келог го нарече украинскиот претседател „борбен и храбар водач на нацијата во војна“, додека Зеленски рече дека средбата „ја враќа надежта“ по јавниот раскол меѓу Киев и Вашингтон, при што Трамп го нарече украинскиот претседател „диктатор без избори“, а Зеленски го обвини за повторување на руската пропаганда.
Помирувачките коментари дојдоа на последниот ден од повеќедневната посета на Келог на Украина и неколку дена по разговорите на САД и Русија во Саудиска Арабија за ставање крај на тригодишната војна во Украина.
Од тие разговори, Трамп и Зеленски разменија јавна критика среде зголемените тензии меѓу Киев и Вашингтон.
Трамп денеска (21 февруари) продолжи со критиките, велејќи дека „нема потреба да се вклучува Зеленски во мировните преговори“ и дека украинскиот лидер досега не успеал да ја заврши војната.
„Го гледав како преговара без адути. Тој нема адути и тоа станува неподносливо. Доста е“, изјави Трамп за радиото Фокс њуз.
Покрај разгледувањето на опциите за мировен договор, посетата на Келог дојде во време на разговори меѓу Киев и Вашингтон за постигнување можен договор што ќе им овозможи на САД пристап до профитабилните украински минерални наоѓалишта како компензација за претходната американска помош по руската инвазија која започна во февруари 2022 година, потенцијално обезбедувајќи и идна американска помош.
Не се познати точните услови на американската понуда и останува нејасно дали е постигнат некаков напредок за време на патувањето на Келог.
И Ројтерс и Аксиос објавија дека американските власти му претставиле на Киев нов, поедноставен договор за минерали за време на посетата на Келог, откако Зеленски ја отфрлил првичната понуда презентирана од американскиот секретар за финансии Скот Бесент, која би им дала на САД 50 отсто удел во природните ресурси на Украина, вклучувајќи минерали, метали, нафта и гас.
Новата американска понуда, наводно, има за цел брзо да постигне нов договор со Киев, а подоцна да се преговара за деталните услови.
Кога ја одби понудата минатата недела, Зеленски изрази загриженост за некои од одредбите, вклучително и недостатокот на безбедносни гаранции за Украина. Ројтерс и Аксиос известуваат дека новата понуда на САД внесе „подобрени“ модификации во споредба со претходната.
Американскиот советник за национална безбедност, Мајк Волц, за време на Конференцијата за политичко дејствување на конзервативците (CPAC) во Вашингтон на 21 февруари рече дека очекува Киев да го потпише договорот и дека тоа ќе биде добро за Украина, додавајќи дека ќе ги „надокнади стотиците милијарди долари инвестирани во оваа војна“ за американските даночни обврзници.
„Претседателот Зеленски ќе го потпише тој договор“, рече тој. „И тоа ќе го видите за многу кратко време.
Американскиот државен секретар Марко Рубио, исто така, го обвини Зеленски дека почнал да се повлекува од разговорите за договорот за минерали за време на интервју на 21 февруари. Тој рече дека е постигнат начелен договор со Зеленски дека Соединетите Држави ќе земат дел од украинските наоѓалишта на ретки минерали. во замена за претходната и идната помош.
„[Зеленски] рече: „Секако, ние сакаме да го направиме овој договор, има совршена смисла, само треба да помине низ нашиот законодавен процес – тие треба да го одобрат“, рече Рубио.
„Два дена подоцна прочитав дека Зеленски вели „Го одбив договорот, им реков дека нема шанси, не го правиме“, иако тоа не се случи на состанокот. Така, почнувате да се нервирате“, рече американскиот државен секретар.
Трамп повeќе пати изјавуваше дека сака некаков вид компензација за помошта што Вашингтон ја инвестираше во одбраната на Украина и рече дека сака договор за ресурси пред да одобри поголема американска воена поддршка.
Пристапот до украинските ресурси, особено ретките минерални наоѓалишта во земјата, би можел вкупно да вреди трилиони долари.
Германското министерство предупредува на руска кампања за дезинформации пред изборите

Германското Министерство за внатрешни работи предупреди на руска операција за дезинформирање чија цел е да се влијае на изборната кампања во земјата со лажни видеа кои се шират на социјалните мрежи во Хамбург и Лајпциг.
Министерството денеска (21 февруари), соопшти дека има индиции дека кампањата е поврзана со таканаречената „Бура-1516“, операција на проруско влијание, претходно забележана на претседателските избори во САД во 2024 година, а која беше истражена од американските власти.
Безбедносните агенции во Лајпциг и Хамбург идентификуваа повеќе псевдо-медиумски страници и профили на социјалните медиуми како дел од мрежата, истакнувајќи ја загриженоста за руското мешање во демократските процеси.
Руската амбасада во Берлин не одговори на барањето за коментар.
Снимка која кружеше во источниот град Лајпциг остави впечаток дека кандидат на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија недостасува на изборниот список и дека таму не може да се даде втор глас за таа партијата, се наведува на официјалната веб-страница на градот.
Мрежата „Бура-1516“ шири погрешна или лажна содржина преку социјалните медиуми и сопствените веб-страници, користејќи сензационалистички извештаи за да го зголеми својот досег, соопшти Министерството.
Најпрво создава неавтентични сметки на социјалните мрежи и псевдо-медиумски сајтови како „спијачи“, првично пополнувајќи ги со неутрална и проруска содржина пред да ги активира за дезинформации.
„Градот моментално испитува какви правни чекори треба да се преземат како резултат на овие видеа“, се вели во соопштението на градските власти на Лајпциг.
Вчера (21 февруари), истражувачите кои работат со германската фондација „Роберт Бош“ рекоа дека мрежа од повеќе од 700 лажни сметки на социјалните мрежи се појавила во последната недела од германската изборна кампања, промовирајќи проруски наративи и демонизирајќи го конзервативниот фаворит, Фридрих Мерц.
Филипче без противкандидат на изборите за претседател на СДСМ

Актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, е единствен кандидат за претседател на партијата на редовните внатрепартиски избори кои ќе се одржат на 16 март 2025 година, утврдила Централната изборна комисија.
Комисијата одржала седница за разгледување на поднесените кандидатури за претседател на СДСМ и утврдување на листа кандидати за редовните внатрепартиски избори.
„Врз основа на Статутот на СДСМ како и врз основа на Член 9 од Правилникот за критериумите, начинот и постапката за кандидирање и избор, Централната изборна комисија утврди единствена листа на потврдени кандидати за претседател на СДСМ: 1. Венко Филипче“, соопштија денеска (21 февруари) од СДСМ.
СДСМ, велат оттаму, е единствената партија во земјата во која што членството бира претседател на директни внатрепартиски избори што, како што нагласуваат, говори за демократскиот капацитет и на партијата и на членовите.
Давкова: Химната не треба да се менува

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова смета дека химната на државата не треба да се менува и се плаши „да не влеземе во нови страсни конфликти“ со промена на државните симболи.
Ова го изјави за време на нејзината денешна (21 февруари) посета на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Оваа изјава доаѓа по минатонеделната потврда на премиерот Христијан Мицкоски дека со коалицискиот партнер ВРЕДИ разговараат за промена на државниот грб, како и по изјавата на вицепремиерот Изет Меџити дека може да се разговара и за промена на химната.
„Апсолутно мислам дека нема потреба од промена на химната. Химната никогаш не одразува сегашност, секогаш одразува историска меморија, генеза. И ние немаме право, замислете јас не сум чула да менуваат луѓе дури и, ако се сеќавате, во рамките на ЕУ, во обидот да се донесе Уставот во 2005 на ЕУ, беше предвидена химна. Не дојде до тоа. Значи целата историја сите народи низ историјата креирале песни или химни коишто се најважниот државен симбол впрочем и затоа незнам колку знаете, текстовите на химните во најголемиот број држави се во Уставот“, рече претседателката.
Таа посочи и дека знамето и грбот во некои држави се опишани во Уставот.
„Имам само една дилема околу моментот на отворањето на прашањето. Не негирам дека низ историјата најприсутен симбол бил црвениот лав на златна заднина. Но, мојата дилема е следната – секогаш кога почнуваме да разговараме за вакви етнички прашања, симболи, со таква страст го правиме тоа, што не ни останува време за соочување со вистинските дилеми. Ако денеска зборуваме за драматични промени, треба ние да се адаптираме на драматичните промени“, рече претседателката.
Претседателката додаде дека се плаши да не влеземе во нови страсни конфликти, а „симболите би требало да обединуваат, не да разединуваат“.
Претседателот на МАНУ, академикот Живко Попов, смета дека во овој момент менувањето на државните симболи не треба да биде најактуелно прашање, бидејќи земјата се соочува со многу други круцијални прашања.
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски на 12 февруари рече дека партиите од владејачката коалиција, ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, го отвориле прашањето за промена на државниот грб.
Но, една недела подоцна вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити изјави дека не се водат преговори во однос на химната и грбот, но и дека нема ни табу теми. Тој во интервју за емисијата „Дијалог во Лајм“ изјави дека ако се отвори темата за промена на грбот како остаток од комунистичкото минато, тогаш треба да се разгледа и промена на химната, велејќи дека „може да биде химна само со музика, без текст, или текстот може да биде изменет“.
Кремљ негира дека побарал НАТО да ги повлече трупите од источното крило

Кремљ денеска (21 февруари) ги негираше наводите дека руски официјални лица побарале од Соединетите држави да побараат повлекување на трупите на НАТО од земјите во близина или на руската граница.
„Не, тоа не е точно, тоа не одговара на реалноста. Нашиот став е дека сме заинтересирани за подобрување на воената инфраструктура кон нашите граници“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Неговата изјава уследи по наводите на советникот на романскиот претседател, кој се чини дека изјавил оти руските власти го поднеле барањето за време на разговорите во Ријад меѓу делегациите од Москва и Вашингтон, објави редакцијата на РСЕ на англиски јазик.
Романскиот функционер Кристијан Дијаконеску, говорејќи на романската телевизија, подоцна ја повлече својата изјава, објаснувајќи дека Москва тоа го побарала порано - во 2021 година, пред почетокот на инвазијата на Украина во февруари 2022 година.
Со години Русија изразува незадоволство од присуството на трупите на НАТО во земји како што се трите балтички држави и Полска. Таа гласно се пожали и на поставувањето на ракетната одбрана на НАТО во Полска и Романија. А проширувањето на НАТО кон исток - прво во 1997 година, а потоа во два круга во 2000-тите - многу „руски јастреби“ го гледаат како суштински непријателски чин и делумно изговор за инвазија на Украина.
Откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп сигнализираше радикално нов пристап кон европските односи - тој повеќе пати се пожали дека членките на НАТО не трошат доволно пари за алијансата - во Европа се засилува алармот дека Белата куќа на Трамп може да ги прифати руските барања.
Претходно овој месец, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет ја вознемири 32-члената алијанса кога го отфрли членството на Украина во НАТО, како и можноста американските трупи да се приклучат на потенцијалните мировни напори во Украина. Тој исто така рече дека НАТО нема да и помогне на ниту една европска земја вклучена во случај на напад од Русија.
Говорејќи во интервју за Антена 3 на Си-Ен-Ен на 19 февруари, два дена по состанокот на делегациите на САД и Русија во Ријад, Дијаконеску се чини дека сугерираше оти Москва повторно бара повлекување на НАТО.
„Нивните (руски) очекувања се дека, во одреден момент, САД ќе ги принудат европските партнери во НАТО да ги повлечат безбедносните гаранции на НАТО на трасата од 1997 година“, рече тој.
Во следните коментари за други романски телевизиски станици, Дијаконеску ја повлече изјавата, велејќи дека мислел на претходните барања на Москва. Американците и Европејците „ниту тогаш, ниту сега“ ги прифаќаат руските барања, рече тој.
Полскиот претседател, чија земја беше една од најгласните во поддршката на Украина и го поддржа распоредувањето на трупите на НАТО долж источното крило на алијансата, оваа недела рече дека добил гаранции од САД дека нема да има намалување на американските војници.
НАТО ги зајакна своите источни сили по руската инвазија на Украина, настојувајќи да ги смири своите членки, особено оние кои беа под советска контрола за време на Студената војна.
Ќе се менуваат пет закони за да профункционира „Безбеден град“

Потребна е промена во пет закони за да профункционира системот „Безбеден град“. Ова го истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешната (21 февруари) јавна трибина за измените на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата и Законот за прекршоци за проектот „Безбеден град“.
„Во наредните месец дена ќе работиме интензивно на целокупната легислатива којашто е потребно да се промени, и се надевам дека до крајот на месец март ќе имаме првична верзија на сите закони коишто треба да влезат во процедура се со цел во април да влезат во владина процедура, а се надевам до крајот на месец април да влезат и во собраниска процедура“, изјави Тошковски.
Тој посочи дека треба да се изменат Законот за безбедност на патиштата, Законот за прекршоци, Законот за возила, Кривичниот закон и Законот за извршување на санкции.
Имплементацијата на системот официјално треба да стартува од 1 јануари 2026 година.
„Неколку месеци, граѓаните преку пораки ќе бидат известувани кога ќе сторат одреден прекршок, а притоа истиот ќе биде констатиран. Ќе се уверат дека системот функцонира. А од 1.1.2026 ќе ги овозможиме потребните законски предуслови тоа да биде онака како што треба да биде“, уверува министерот.
Дел од системот „Безбеден град“ ќе бидат и возила опремени со паметни камери кои при движење на конкретни сообраќајници и улици ќе ги констатираат сите погрешно паркирани возила.
Јавни дебати за безбедноста во сообраќајот како и масовни протести на граѓаните уследија по сообраќајната несреќа во која загина 22-годишната студентка Фросина Кулакова, на 29 јануари.
ДКСК: Патувањето на сопругата на Гаши во САД не е противзаконско

Запрена е постапката по пријавата за незаконска исплата на трошоци за патување во странство на сопругата на претседателот на Собранието, Африм Гаши. По овој предмет постапуваше Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Антикорупционерот Сервет Демири на денешната (21 февруари) седница, рече дека не се потврдени и утврдени повреди на одредби од законот за спречување на корупција и судир на интереси.
Пријавата која ДКСК ја разгледуваше се однесува на покривање на трошоци за патување реализирано во период од 8 јули до 11 јули 2024 година на парламентарниот самит на НАТО во Вашингтон (САД).
Демири побара да се достави препорака за доуредување на упатството на собранието кое ги регулира службените патувања со одредби по примерот на Кодексот на Владата за етичко однесување. Комисијата утврди дека актуелното Упатство за реализирање на службени патувања во странство, содржи правна празнина и недореченост.
“Утврдено е дека сопругата на претседателот патувала во странство, како дел од делегацијата, врз основа на решение донесено од секретарот на собранието. Анализата покажа дека трошоците се покриени од буџетот на собранието и дека постоела програма за брачните партнери и дека тоа е вообичаено при вакви настани“, рече Демири.
Според него, за носителите на оваа функција треба да се применуваат истите стандарди како и за премиерот како носители на највисока функција на извршната власт кои се содржани во Кодексот за етичко однесување.
Во него предвидено е, и дозволено со државни средства да бидат покриени трошоците за брачниот другар или другарка кога патуваат како дел од официјална делегација.
ДКСК утврди дека нема основ за натамошно постапување во случајот.
Полска осуди Украинец за планирање саботажа во име на Русија

Полскиот суд денеска (21 февруари), изрече казна од осум години затвор зa Украинец осуден за планирање саботажа и палење во име на Русија, јави агенција АП.
Судот во југозападниот град Вроцлав го прогласи 51-годишниот маж, идентификуван само како Серхиј С, за виновен бидејќи припаѓал на криминален синџир и подготвувал палење на различни објекти во градот.
Службениците на полската државна безбедност го уапсија во јануари 2024 година и тој остана во притвор. Полската агенција за внатрешна безбедност соопшти дека тој дејствувал во име на Русија. Властите соопштија дека се подготвувал да запали фабрика за бои во сопственост на САД и други објекти.
Осудениот ги негираше обвиненијата, но призна дека прифаќал онлајн наредби од непознато лице да подметне пожар во замена за пари.
Во случајот се обвинети уште четири лица, а десетици други од полска, украинска и белоруска националност се уапсени во врска со други акти на саботажа или шпионажа.
Полската влада вели дека земјата е цел на Русија како дел од хибридната војна на Москва против западните земји кои го поддржуваат полскиот сосед Украина во нејзината војна против руската инвазија.
Одобрени првите кредити на компаниите од унгарскиот заем

Дел од кредитите се веќе одобрени, а поднесени се и барања до Развојната банка за префрлање на средствата, рече денеска (21 февруари) министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во врска со унгарскиот заем.
По средбата со претставниците од Сојузот на стопански комори (ССК), таа повтори дека компаниите кои ќе инвестираат во опрема и производство имаат предност кај банките.
Според ССК, унгарскиот кредит е еден од најповолните и претставува скромна, но голема поддршка за фирмите.
На средбата во ССК, како што изјавија министерката и претседателот на Сојузот Трајан Ангелоски, било договорено бизнисот да подготви листа со царински стапки за нивно хармонизирање со европските.
„Побаравме даночните процедури да се поедностават, а за царинските стапки кои мора да ги хармонизираме, наидовме на големо разбирање“, истакна Ангелоски на заедничката прес-конференција.
ССК пред министерката го повторил ставот дека данокот за солидарност беше неоправдано воведен и како што рече Ангелоски, укажал дека треба да се вратат средствата од оние што се земени, со одреден надомест.
Димитриеска-Кочоска е категорична дека Владата не планира промени на даночните стапки за да нема пореметувања во приватниот сектор, истакнувајќи дека бизнисот треба да биде слободен и да инвестира, како и да има поволно деловно опкружување.
За унгарскиот заем, Собранието на 17 септември изгласа посебен Закон по што на 8 октомври во Будимпешта следуваше потпишување на договорот меѓу министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и претставници на унгарската Експорт-импорт банка.
Кредитите за компаниите се дел од 500 милиони евра заем кој Северна Македонија го доби од Унгарија. Половина од парите се за инфраструктурни проекти на општините, а половина ќе одат како кредити за фирми. Двесте и педесет милиони евра за компаниите ќе одат преку Македонската инвестициска банка и ќе се пренесат во комерцијалните банки каде што фирмите ќе аплицираат за кредити.
Македонскиот премиер Мицкоски и неговиот унгарски колега, Виктор Орбан, го договорија кредитот на маргините на НАТО самитот во Вашингтон, во јули 2024 година.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете