Вести
Мексико домаќин на Северноамериканскиот самит
Претседателите на САД, Канада и Мексико Џо Бајден, Џастин Трудо и Андрес Мануел Лопез Обрадор денеска во Мексико Сити ќе одржат сверноамерикански самит на кој ќе разговараат за прашања во интерес на тој регион. Американскиот претседател Џо Бајден ја остварува својата прва официјална посета на Мексико по речиси две години на функцијата. Бајден кој беше пречекан од мексиканскиот претседател Обрадор претходно ја посети американско-мексиканската граница.
Канада ќе прима половина милион имигранти годишно
По посетата на границата, Бајден на Твитер изјави дека „проблемите на границата не настанале преку ноќ и нема да се решат преку ноќ“. Како што додаде тој, расипаниот систем може да се поправи заедно за да се направи границата безбедна, а процесот на имиграција уреден, фер, безбеден и хуман.
види ги сите денешни вести
Ден на жалост во Хрватска по нападот во училиштето каде беше убиено дете
Во Хрватска денеска – 21 декември, е Ден на жалост за нападот врз учениците и наставниците во основното училиште „Пречко“, во кој загина едно дете, а три лица беа тешко повредени, меѓу кои и наставничката која се обиде да го спречи 19-годишниот напаѓач.
Момчињата на возраст од 7 и 11 години се стабилни и ноќта ја поминале мирно. Тие сè уште се на одделението за интензивна нега, јави Хрватската радио-телевизија (ХРТ).
Клиничкиот болнички центар (КБЦ) во Загреб соопшти дека детето кое е оперирано по нападот е добро и дека неговиот живот не е во опасност.
Повредената учителка која се наоѓа во болницата „Свети Дух“ е во стабилна состојба, иако сè уште е на респиратор.
Во стабилна состојба е и 19-годишникот кој го изврши нападот. Докторот рече дека е потребна дополнителна дијагностика.
Мотивите на напаѓачот сè уште не и се познати на полицијата, но штом ќе закрепне, ќе биде сослушан.
На 20 декември вечерта граѓаните се собраа на игралиштето во Пречко, палеа свеќи, остава кадифени играчки и пораки. Граѓаните палеа и свеќи пред блискиот Здравствен дом, а во црквата во Пречко се одржа молитвено бдение за убиеното дете и сите повредени.
По нападот, напаѓачот побегнал во блискиот Здравствен дом и се обидел да се самоубие, но полицијата го спречила во тоа. Познато е дека насилникот одел во основното училиште каде го извршил нападот и дека се лекувал од психички проблеми.
Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ и градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, попладнето на 20 декември, по заедничката итна средба, најавија дека веднаш по училишниот распуст ќе бидат покренати безбедносните мерки во училиштата.
Албанија го блокира Тик-ток
Властите во Албанија денеска (21 декември) го блокираа пристапот до платформата Тик-ток, еден месец по убиството на 14-годишниот ученик во Тирана.
Албанската министерка за образование Огерта Манастирлиу ја објави одлуката на завршниот состанок од националните консултации со наставниците и родителите за мерките против Тик-ток и за безбедноста на децата.
„Со цел да ја зголемиме физичката и дигиталната безбедност во училиштата и влијанието што го носат социјалните медиуми и детскиот ангажман, решивме да го блокираме Тик-ток“, рече министерката.
Таа додаде дека одлуката е донесена врз основа на пакет мерки на кои работат Националната управа за сајбер безбедност и Националната агенција за информатичко општество.
На 18 ноември ученик во деветолетката „Фан Ноли“ Мартин Цани беше избоден од негов врсник во центарот на Тирана.
По неговото убиство, на Тик-ток кружеа видеа од малолетници кои се изјаснуваа за убиството.
Исто така, по неговото убиство, беше објавена фотографија од насилникот, кој е уапсен, на која се гледа раната што ја добил на раката и како ја крева раката високо.
Тој ја испратил фотографијата на група пријатели на социјалната платформа Снепчет. Неколку дена пред злосторството, на истата социјална мрежа објавил уште една фотографија со нож во рака.
Неколку дена подоцна, Владата на Албанија отвори јавна дискусија за предлозите за борба против влијанието на Тик-ток и Снепчет врз децата.
Арсовска: Заврши санацијата на градскиот водовод во Скопје
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, изјави дека заврши санацијата и реконструкцијата на градскиот водовод во Скопје и во следните три часа се очекува нормализирање на состојбата.
„Би сакала да им се заблагодарам на техничките и стручните лица од ЈП ’Водовод и канализација‘ за храброста што ја имаа и што ја истакнаа својата експертиза и стручност за овој повеќедецениски проблем кој го завршија во рекордно време“, рече Арсовска.
Таа посочи дека во реконструкцијата учествувале повеќе од 160 лица технички персонал, како и 150 административен персонал.
„Отпочнувајќи од два часа наутро, кога практично отпочна престанокот на вода од магистралниот цевковод, до пред неколку часа е целосно санирано успешно и стручно од страна на службите на Јавното претпријатие и веќе е отпочнато со пуштање на водата, полека, за притисокот којшто во овој момент се креира, практично, не би предизвикал некакво оштетување на нашата мрежа“, рече Арсовска.
Со полнење на магистралниот водовод, посочи градоначалничката, е започнато пред околу два часа и потребни се дополнителни три часа за нормализирање на состојбата – целосно полнење и враќање на притисокот во нормала.
Денеска (21 декември) повеќето скопјани остана без вода поради сериозен зафат за санирање на главниот цевковод. Беше затворен еден од двата главни вентили со што беше прекината водата за најголемиот дел од населбите од десната страна на реката Вардар.
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) излезе со препорака до граѓаните да не ја пијат веднаш водата од чешма бидејќи „контактното време на резидуалниот хлор и водата во мрежата во услови на пониски амбиентни температури може да потрае и до 1 час“.
Како што наведоа, може да се очекува водата за пиење по пуштањето во водоводната мрежа да ја промени бојата, да добие невообичаен мирис, да има видлива заматеност или евентуално страни тела, како ситни зрнца песок или инсект и сл.
И во таков случај, здравствените власти препорачаа да не се пие водата додека не се стабилизира бојата, мирисот и вкусот.
Србија ќе субвенционира станови за млади
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска (21 декември) презентираше програма за субвенционирање на купување станови за млади и истакна дека мерката не е дизајнирана да стави крај на студентските блокади на факултетите ширум земјата.
Како што рече, обезбедени се 400 милиони евра за купување на 5.500 станови за млади од 20 до 35 години. Од нив, додаде, 130 милиони евра се „директен државен подарок“.
Вучиќ изјави дека невработените и студентите ќе можат да купат станови.
„Ќе може да се купат регистрирани објекти во стари или нови згради. Програмата се однесува за лица кои сакаат да купат куќа, стан, делови од станбена зграда, гаражен простор доколку е заедно со стан, како и земјиште за изградба на објект и објекти во изградба“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека највисоката цена за метар квадратен за која државата ќе дава субвенции ќе биде 2.200 евра, но дека ќе се зголеми.
Како што рече, реализацијата на програмата ќе започне во март 2025 година.
Оваа програма, тврди тој, не е создадена за да ги „угаси пожарите“ предизвикани од студентските протести во Србија.
„Не ми падна на памет поради никакви пожари, не се плашам од пожари“, изјави Вучиќ.
Во Србија блокирани се повеќе од 50 факултети на четири државни универзитети, неколку ректорати и десетици средни училишта.
Студентите бараат да се објави целосната документација за падот на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 15, а две лица беа тешко повредени.
Тие бараат и да се идентификуваат и кривично да одговараат лицата кои напаѓаа демонстранти за време на протестите.
Студентите инсистираат и да се ослободат активистите кои беа уапсени на протестите и да се запрат постапките против нив.
И додека надлежните тврдат дека ги исполниле сите нивни барања, студентските претставници велат дека објавената документација не е целосна и не одговара на прашањето кој е одговорен и што се случило.
Бетонската настрешница на зградата на железничката станица во Нови Сад се урна само неколку месеци по свеченото отворање на станицата која три години се реконструираше. 13 лица беа уапсени поради сомневање за пропусти при реконструкција.
Меѓу нив беше и поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ, кој по неколку дена излезе од притвор.
Предупредувања за нови воздушни напади низ Украина
Во сите региони на Украина е објавено предупредување за воздушен напад поради можни истрели со балистички ракети, соопштија украинските воени власти.
Според податоците на украинските воздухопловни сили од денеска (21 декември), Русија продолжила со редовните напади врз украинските градови и инфраструктура во текот на ноќта, лансирајќи 113 дронови. Од нив, 57 биле соборени, а останатите 56 не успеале да стигнат до своите цели, соопшти военото воздухопловство.
Украинските воздухопловни сили, исто така, објавија дека Русија истрелала една ракета С-400 кон централна Украина, но таа не предизвикала никакви штети и нема жртви.
Украинскиот сервис на РСЕ јави дека во источниот украински регион Запорожје и во Харкив соборени беспилотни летала оштетиле станбени згради, предизвикувајќи жртви.
Вчера (20 декември) Украина неколку часа беше под општа тревога за воздушен напад откако Русија започна ракетни и напади со дронови врз главниот град Киев и неколку други региони низ земјата.
Во нападот беше погодена и зградата каде е сместена македонската амбасада.
Руското напредување
Последните напади доаѓаат додека украинските сили се борат да го запрат брзото напредување на Русија на истокот од земјата.
Руското Министерство за одбрана на 21 декември објави дека руските сили ја презеле контролата врз селото Костјантинополске во источниот украински Донецк.
Тврдењето за заземањето селото, кое Русија го нарекува Островски, новинската агенција Ројтерс наведува дека не може да го потврди од независни извори.
Во меѓувреме, Ројтерс го цитираше Александар Хинштајн, вршител на должноста гувернер на руската област Курск, кој рече дека шест лица, меѓу кои едно дете, загинале во украинскиот ракетен напад на 20 декември врз градот Рилск.
Украина зазеде територии во регионот Курск со ненадеен упад во август, но потоа се откажа од околу половина од своите територијални придобивки.
Беспилотни летала, за кои се смета дека се од Украина, исто така погодија висококатници во Казан, главниот град на руската република Татарстан што предизвика тамошниот аеродром привремено да ги прекине летовите. Нема информации за жртви.
Бројот на загинати во Магдебург се искачи на пет, повредени најмалку 200 лица
Бројот на загинати во нападот на божиќниот пазар во германскиот град Магдебург на 20 декември, се искачи на пет, додека на повредени на најмалку 200 лица, изјави премиерот на покраината Саксонија-Анхалт, Рајнер Хаселоф.
Говорејќи пред новинарите на местото на нападот на 21 декември, тој рече дека денеска ќе биде ден на тага и жалост.
Канцеларот Олаф Шолц, исто така го посети Магдебург, при што изјави дека речиси 40 луѓе се „толку сериозно повредени што мораме да бидеме многу загрижени за нив“.
„Тоа е страшен, трагичен инцидент“, рече Шолц и ја пофали професионалноста на службите за итна помош и оние кои ги лекуваа повредените.
„Важно е ништо да не остане неистражено, секој камен да биде превртен“, додаде тој.
Утрото на 21 декември, полицијата во Магдебург ги повика сведоците на терористичкиот напад на божиќниот пазар во тој град, да ги дадат сите информации за нападот.
Полицијата во објава на мрежата Икс побара сведоците да испратат информации, фотографии и видеа од инцидентот.
Воспоставена е и телефонска линија за помош на луѓето кои бараат информации за нивните роднини.
Во меѓувреме, градските власти ги советуваа граѓаните да ја избегнуваат областа на нападот.
Според објавените информации, „целата област“ околу божиќниот пазар сè уште е опколена од безбедносните служби.
Полицијата го уапси осомничениот за нападот, кој со изнајмен автомобил со полна брзина влета во толпа луѓе.
Германските власти го опишаа осомничениот како лекар од Саудиска Арабија кој дејствувал сам. Осомничениот наводно има 50 години и со години живее во Германија.
Тамара Зиешанг, министерка за внатрешни работи, рече дека човекот бил во Германија од 2006 година и бил постојан жител.
Градскиот советник за јавен ред во Магдебург, Рони Круг, изјави дека божиќниот пазар ќе остане затворен и оти „Божиќ во Магдебург заврши“, пренесува германскиот јавен радиодифузен сервис МДР.
Властите во Берлин објавија дека го зголемиле присуството на полицијата на тамошниот божиќен пазар по нападот во Магдебург.
Државните објекти во покраината Саксонија-Анхалт, чиј главен град е Магдебург, денеска ги симнаа знамињата на половина копје во спомен на загинатите.
Властите на Саудиска Арабија, исто така, го осудија нападот. Во соопштението на Саудиска Арабија не се споменува осомничениот, кој не бил ни регистриран како радикален исламист во германските записи.
Осуди стигнаа и од Европската унија, САД и други земји.
ИЈЗ: Водата од чешма да не се пие веднаш кога ќе биде пуштена
Граѓаните да не ја пијат веднаш водата по нејзиното пуштање во водоводната мрежа, препорачува Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) откако денеска (21 декември) најголемиот дел од Скопје остана без вода поради сериозен зафат за санирање на главниот цевковод.
Препораката да не се пие веднаш водата, ИЗЈ ја дава затоа што, наведува, „контактното време на резидуалниот хлор и водата во мрежата во услови на пониски амбиентни температури може да потрае и до 1 час“.
Од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, во 12 часот денеска објавија дека санацијата е во завршна фаза.
„Операција се движи во рамки на предвиденото и очекувано е да заврши во предвидениот рок со вкупно време од помалку од 15 часа, во кои најмногу време се одвојува за празнење и полнење на магистралниот водовод. Полнењето веќе е започнато и се очекува притисокот да се стабилизира за неколку часа“, велат од Јавното претпријатие.
Од Институтот наведуваат дека може да се очекува водата за пиење по пуштањето во водоводната мрежа да ја промени бојата, да добие невообичаен мирис, да има видлива заматеност или евентуално страни тела, како ситни зрнца песок или инсект и сл.
И во таков случај, здравствените власти препорачуваат да не се пие водата додека не се стабилизира бојата, мирисот и вкусот.
„Непосредно после доаѓањето на водата во водоводните цевки во домовите, потребно е да се испуштат СИТЕ чешми во домот да истечат неколку минути, па да се провери дали органолептичките својства се во ред, па дури потоа да се пие. По добро истекување на водата, потребно е почесто и добро да се исчистат мрежичките на чешмите“, велат од ИЈЗ.
Ако граѓаните, сепак одлучат да ја пијат водата лекарите препорачуваат таа се преврие една до две минути, потоа да се разлади, па да се пие.
„Во однос на водата за капење, препорачуваме после доаѓањето на водата во водоводната мрежа, задолжително да се зголеми температурата на водата во бојлерите со цел дополнително превентивно термичко уништување на бактериите доколку потенцијално навлегле во водоводната мрежата“, препорачува ИЈЗ.
Оттаму додаваат дека најдобро е температурата на топлата вода во чешмите да биде над 55 степени Целзиусови, но да се внимава да не дојде до изгореници кај мали деца и повозрасни лица.
Денеска (21 декември) во утринските часови беше затворен еден од двата главни вентили со што беше прекината водата за најголемиот дел од населбите од десната страна на реката Вардар.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во пресрет на оваа операција уверуваше дека прекинот на вода ќе биде како и при секоја редовна санација.
„Техничките лица на јавните скопски претпријатија се подготвени согласно планот да направат што е можно во пократок рок, така што за истото нема да има никаква потреба од дотур на вода, затоа што нема да трае ништо повеќе од една редовна санација на кој било дефект што го имаме во градот“, рече Арсовска.
Таа посочи дека ваква санација се случува една на 50-60 години и обвини дека претходните градски власти го одложувале овој зафат повеќе од една деценија.
Фицо предупреди на гасна криза ако прекине транзитот на руски гас низ Украина
Премиерот на Словачка Роберт Фицо предупреди на можноста од гасна криза бидејќи Украина одбива да го продолжи договорот за транзит на природен гас низ нејзина територија кој истекува со крајот на оваа година, пренесува Ројтерс.
Украина постојано најавуваше дека нема да го продолжи договорот со Русија за транзит на гас, бидејќи двете земји се во војна.
Словачка, која има долгорочен договор со рускиот гасен гигант Газпром, се обидува да продолжи да добива гас преку Украина, бидејќи тврди дека купувањето на друго место ќе ја чини 220 милиони долари повеќе за транзит.
Фицо ова прашање го покрена и на самитот на Европската унија во Брисел, каде присуствуваше и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој повтори дека неговата земја нема да дозволи понатамошен транзит на руски гас низ нејзината територија.
„Јасно е дека се соочуваме со гасна криза благодарение на претседателот Зеленски“, рече Фицо на 20 декември на прес-конференција во Братислава.
Фицо претходно го отфрли предлогот на Зеленски кој кажа дека Киев би можел да размисли за продолжување на транспортот на руски гас, но под услов Москва да не добива профит за испорака додека не заврши војната.
Европската комисија соопшти дека нема интерес рускиот гас да продолжи да тече низ Украина.
Фицо ја посочи можноста неговата земја да разгледа „реципрочни мерки“ доколку не продолжи транспортот на гас преку Украина.
Во последниве години, Словачка и дава енергија на Украина, како што се струја и гориво, а обезбедува и хуманитарна помош за својот сосед.
Но, владата во Словачка се смени. Новиот премиер Фицо ја откажа државната воена помош за Киев и смета дека нема решение за војната во Украина. Тој ги критикува и санкциите против Москва.
Саудиска Арабија го осуди нападот на божиќниот пазар во Германија
Властите на Саудиска Арабија го осудуваат нападот на божиќниот пазар во германскиот град Магдебург што се случи на 20 декември, соопшти саудиското Министерство за надворешни работи.
Најмалку две лица загинаа во нападот, од кои едно дете, додека повеќе од 60 лица се повредени. Од нив, 15 претрпеле многу сериозни повреди, рекоа официјални лица.
Полицијата го уапси осомничениот за нападот, кој со изнајмен автомобил со полна брзина влетал во толпа луѓе.
Германски функционер го опиша осомничениот како лекар од Саудиска Арабија кој дејствувал сам. Осомничениот наводно има 50 години и со години живее во Германија.
Тамара Зиешанг, министерка за внатрешни работи, рече дека човекот бил во Германија од 2006 година и бил постојан жител.
Во соопштението на властите од Саудиска Арабија не се споменува осомничениот, кој не бил ни регистриран како радикален исламист во германските записи.
Германскиот канцелар Олаф Шолц, кој изрази загриженост за инцидентот, денеска (21 декември) ќе го посети Магдебург.
Напад со дронови во рускиот град Казан
Во напад со беспилотни летала погодени се висококатници во Казан, главниот град на руската република Татарстан, што предизвика привремен прекин на летовите од тамошниот аеродром.
Татарско-башкирскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) јави дека властите на Татарстан соопштија оти утрото на 21 декември Казан бил нападнат со осум дронови, а најмалку пет од нив погодиле станбени згради.
Руското Министерство за одбрана тврди дека беспилотните летала биле од украинско потекло, додека украинските власти не дадоа никаков коментар.
Според соопштението од канцеларијата на градоначалникот на Казан објавено на апликацијата Телеграм, дроновите гаѓале станбени области во три делови на градот.
Снимките на социјалните мрежи покажуваат неколку случаи како беспилотни летала удираат во висококатници, по што избувнува пожар.
Евакуирани училишта
Учениците биле евакуирани од училиштата во Казан и во градот се слушаат сирени, пренесува татарско-башкирскиот сервис на РСЕ.
Нема официјално соопштение за евентуални жртви.
Според информациите на Интерфакс, градоначалникот на Казан, Илсур Метшин, изјавил дека луѓето од погодените згради се евакуирани и им се обезбедува сместување и храна.
Казан се наоѓа на околу 800 километри источно од Москва.
Во соопштението, руското Министерство за одбрана наведе дека „украинско беспилотно летало е уништено над територијата на Република Татарстан од страна на дежурните сили за воздушна одбрана“.
Руската Федерална агенција за воздушен транспорт објави дека „на 21 декември утрото на аеродромот во Казан биле воведени привремени ограничувања со цел да се обезбеди безбедност на цивилните летови. Пристигнувањата и полетувањата се прекинати“.
Украинските напади со беспилотни летала претходно беа насочени кон руски воени и индустриски локации во регионот.
Претходно, на 15 мај локалните власти исто така на неколку часа затворија два главни аеродроми – еден во Казан и друг во градот Нижнекамск, „од безбедносни причини“ откако беше извршен напад со дронови. Руското Министерство за одбрана и тогаш соопшти дека е соборен „украински дрон“ над Татарстан.
Во април, украински беспилотни летала погодија рафинерија за нафта во Татарстан и студентски дом во специјалната економска зона Алабуга во Јелабуга, каде што се сместени повеќе од 20 индустриски претпријатија, вклучувајќи хемиски, машински инженеринг и фабрики за обработка на метали. Таму, наводно, се наоѓа и објект за производство на дронови.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете