Достапни линкови

Вести

МОК – Остануваат на сила санкциите за Русија и Белорусија

УКРАИНА - Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах и претседателот на Украина Володимир Зеленски , Киев, 3 јули 2022 година
УКРАИНА - Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах и претседателот на Украина Володимир Зеленски , Киев, 3 јули 2022 година

Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) Томас Бах повтори дека санкциите против Русија и Белорусија во врска со руската инвазија на Украина мора да останат на сила.

Бах, исто така, во новогодишната порака објавена на 30 декември рече дека МОК ќе продолжи да ја поддржува олимписката заедница на Украина. МОК воведе санкции за руските и белоруските влади и држави веднаш по почетокот на инвазијата кон крајот на февруари.

Со санкциите се забрануваат меѓународни спортски настани во двете земји и истакнување на симболи на МОК.

„Овие санкции против руските и белоруските држави и влади мора и ќе останат цврсто на место“, рече тој.

Бах додава дека сакаат да видат силен тим од Украина на Олимписките игри во Париз 2024 година и на Зимските Олимписки игри Милано Кортина 2026 година.

И додека остануваат на сила санкциите против Русија и Белорусија, неодамнешниот Олимписки самит ја отвори вратата спортистите од двете земји повторно да се натпреваруваат.

Ова уследи по предлогот на Олимпискиот совет на Азија да се разгледа можноста дали руските и белоруските спортисти би можеле повторно да се натпреваруваат на настани на МОК, под услов да ги почитуваат санкциите и Олимписката повелба и да се натпреваруваат без национални симболи.

види ги сите денешни вести

Поради недостиг на гориво, редуциран јавниот градски превоз во Скопје

Северна Македонија - Автобус на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) во Скопје
Северна Македонија - Автобус на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) во Скопје

Во Скопје попладнево сообраќаат само 25 автобуси, а останатите се паркирани во автобазите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) во Автокоманда и Ѓорче Петров поради недостиг на гориво. Од синдикатот на возачите велат дека состојбата е алармантна, а Град Скопје соопшти дека “се работи за смислено сценарио од страна на ВМРО-ДПМНЕ со цел пропаѓање на претпријатието“.

Африм Муча, претседател на Независниот синдикат на возачите во ЈСП „Скопје“ за МИА изјави дека состојбата е многу сериозна бидејќи, како што рече, речиси 70 отсто од возилата се паркирани.

„Одговорот е едноставен, нема нафта. Утрово возачите беа повикани да дојдат на работа, но тие се во базите во Автокоманда и во Ѓорче Петров заедно со автобусите бидејќи нема нафта и ТНГ. Низ градот сообраќаат мал број двосменски автобуси кои имаат наточено нафта пред два дена, како и возилата со ТНГ. За нормално функционирање на ЈСП на дневна основа се потребни 25 тони нафта, што не ја добиваме. Нафтата вообичаено ни ја доставува „Пуцко Петрол“ во базите на ЈСП „Скопје“, но бидејќи должиме поголема сума на пари, деновиве не ни доставуваат нафта“, рече Муча.

Тој најави дека е можно утре воопшто да не сообраќаат автобусите доколку во теков на денов не добијат гориво.

Од Град Скопје соопштија дека „кризата е креирана“ од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

„Кадарот на шефот на ВМРО-ДПМНЕ во Бирото за јавни набавки, Маре Богева, креира криза во ЈСП за гориво, со тоа што за првпат од постоењето на претпријатието ја поништи редовната јавна набавка за гориво во ЈСП како смислено сценарио“, соопштија од Град Скопје.

Од таму велат дека „од моментот кога Мицкоски отпочна да преговара со компанија за набавка на 100 електрични автобуси, кое како и ветувањето за вкупно 250 нови автобуси од програмата за Скопје, отпочна и голготата на претпријатието. Во исто време почнаа и шпекулации за урнисување на ЈСП поради можно сценарио за негова приватизација“.

Приватните превозници во Град Скопје преку соопштение апелираа до надлежните веднаш да се направи проширен состанок за да се реши проблемот со јавниот градски превоз.

Градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, ги повика жителите на протест в петок на 22 ноември затоа што немаат редовни автобуски линии.

Проблеми во ЈСП има подолго време. Вработени протестираа поради неисплатени плати, автобуси на улиците има помалку од потребните за да ги опслужат граѓаните на Скопје, кои се жалат дека автобусите доцнат, дека често се расипуваат и дека условите за возење се лоши поради гужвите што се прават во нив.

Во Советот на Град Скопје не може да се изгласа проектот за купување еко - автобуси на актуелната градоначалничка Данела Арсовска, ниту да продолжи проектот за брз автобуски превоз на нејзиниот претходник Петре Шилегов.

Арсовска стана градоначалничка со поддршка од сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија има има мнозинство во Советот на Град Скопје. Откако им се разидоа патиштата уште во првата година од мандатот на Арсовска поради несогласување за пречистителната станица, сега меѓусебно се обвинуваат кој ги кочи проектите за да се нормализира јавниот превоз во Скопје.

Иран користи егзекуции за да ги потисне етничките малцинства, велат организации за човекови права

Варише Моради, курдска политичка затвореничка, осудена на смрт од иранскиот револуционерен суд во Техеран
Варише Моради, курдска политичка затвореничка, осудена на смрт од иранскиот револуционерен суд во Техеран

Иранските власти ги користат егзекуциите како „алатка за страв“, особено насочена кон етничките малцинства, дисидентите и странските државјани, објави меѓународната организација за човекови права „Хјуман рајтс воч“ (ХРВ) на 20 ноември.

Од организацијата го истакнаа неодамнешниот пораст на смртните казни против овие групи, истакнувајќи дека пресудите се носат во услови на неконтролирано прекршување на правичната постапка.

Според Иранска група за човекови права, во првите 10 месеци од 2024 година, во Иран биле егзекутирани најмалку 651 лице, од кои, 166 егзекуции се направени само во октомври.

„Хјуман рајтс воч“ го забележа случајот на курдската политичка затвореничка Варише Моради, осудена на смрт од иранскиот револуционерен суд во Техеран на 10 ноември под обвинение за „вооружен бунт против државата“.

Моради, членка на Слободното женско друштво на Источен Курдистан, беше уапсена во градот Санандај во провинцијата Курдистан во август 2023 година и беше држена пет месеци во самица во злогласниот затвор Евин, каде што беше мачена. Нејзиното семејство не смее да ја посети од мај, соопштија од организацијата.

На Моради не ѝ беше дозволено да се брани, а судијата не им дозволи на нејзините адвокати да изнесат одбрана, објави Мрежата за човекови права на Курдистан.

„Иранските власти ја користат смртната казна како средство за страв, особено насочена кон етничките малцинства и политичките дисиденти по нефер судења. Оваа брутална тактика има за цел преку заплашувања да ја потисне секоја опозиција на автократската влада“, рече Нахид Нагшбанди од „Хјуман рајтс воч“.

Пет други курдски мажи беа осудени на смрт во последните недели под обвинение за „шпионажа за Израел“, соопшти ХРВ.

Четворица арапски затвореници од Ахваз, провинцијата Кузестан, се изложени на ризик од неизбежна егзекуција, откако беа осудени на смрт од страна на револуционерниот суд со уште две лица за нивната наводна вмешаност во убиствата на двајца членови на паравоените сили Басиј, службеник за спроведување на законот и еден војник.

Српскиот министер Томислав Момировиќ поднесе оставка поради несреќата во Нови Сад

Србија - Томислав Момировиќ, министер за внатрешна и надворешна трговија во Владата на Србија
Србија - Томислав Момировиќ, министер за внатрешна и надворешна трговија во Владата на Србија

Министерот за внатрешна и надворешна трговија во Владата на Србија, Томислав Момировиќ, поднесе оставка, јави Радио телевизија Србија (РТС).

„Благодарен сум на претседателот на Србија, Александар Вучиќ за довербата. За него и за Србија, јас сум секогаш тука“, изјави Момировиќ во оставката.

Томислав Момировиќ беше на чело на Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура од 2020 до 2022 година.

Ова е втора оставка во Владата на Србија поради уривањето на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 15 лица. На 5 ноември оставка поднесе и министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ. Но, тој рече дека оставката е од од морални причини и дека не прифаќа вина.

Граѓани на Србија на протести во Нови Сад и во Белград бараат одговорност од властите за уривањето на настрешницата во која загинаа 15 лица, а две беа тешко повредени.

Републичките и покраинските пратеници и советниците на опозициските партии во градското собрание на 20 ноември, втор ден по ред, ја блокираат зградата на судот и обвинителството во Нови Сад.

Пратениците на опозицијата бараат Вишото јавно обвинителство да соопшти кои се осомничените за пропустите кои доведоа до пад на настрешницата и смртта на 15 лица, како судот да одлучува по жалбите на лицата кои се приведени од апсењето по протестот на 5 ноември.

Обвинителството во Нови Сад досега сослушало 71 лице, но засега никој не е лишен од слобода.

Настрешницата се урна на 1 ноември, откако зградата на Железничката станица во Нови Сад беше свечено отворена во јули 2024 година по тригодишна реконструкција.

Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик - генерален секретар на НАТО

Северна Македонија - Христијан Мицкоски, премиер на Република Северна Македонија, во интервју за РСЕ, Скопје, 25.10.2024 година.
Северна Македонија - Христијан Мицкоски, премиер на Република Северна Македонија, во интервју за РСЕ, Скопје, 25.10.2024 година.

Владата ја поддржа кандидатурата на Радмила Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, рече премиерот на Христијан Мицкоски на прес-конференција на 20 ноември, откако ден претходно Алијансата ја назначи Шекеринска за нов заменик - генерален секретар на НАТО.

Шекеринска долги години беше функционер на Социјадемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), политички опонент на владејачката ВМРО-ДПМНЕ чиј претседател е македонскиот премиер.

Мицкоски рече дека и покрај идеолошките разлики, за Владата националното единство и националните интереси се пред и над партиските.

„Како Влада имавме пред нас би рекол предизвик за одлука, а тоа беше кој и како да го поддржиме за заменик генерален секретар на НАТО, имајќи в предвид дека таму имаше кандидати од неколку земји и ние тука немавме никаква дилема. Зошто? Прво, затоа што повикуваме често пати на единство, повикуваме на дијалог со опозицијата и доколку повикувате, а тоа не го правите на дела, тогаш сте лицемерни. Така што ние како Влада не само што ја поддржавме кандидатурата на Радмила Шеќеринска, туку и активно разговаравме со нашите сојузници“, рече Мицкоски.

Тој кажа дека вчера, на денот на назначувањето, и телефонски се слушнал со Шекеринска.

„Да се има Македонка, во случајов заменик-генерален секретар на најмоќната и најдобро организираната воена алијанса во светската историја е навистина чест и тука ниту јас имав дилема, ниту ние како Влада, коишто бевме вклучени во овој процес дека треба да ја поддржиме кандидатурата и добро е што успешно се заврши“, изјави Мицкоски.

Со ова назначување, Шекеринска стана највисок функционер во Алијансата досега што доаѓа од регионот на Западен Балкан, но и од земја надвор од Европската унија(ЕУ). Таа ќе го замени вршителот на должноста заменик-генерален секретар на НАТО Борис Руге, кој привремено ја презеде функцијата претходно оваа есен, откако тогашниот заменик генерален секретар Мирчеа Џоана објави дека ќе се кандидира за претседател на Романија.

Шекеринска, која беше министерка за одбрана на Северна Македонија од 2017-2022 година, одигра клучна улога во процесот на пристапување на земјава во НАТО во 2020 година.Како нејзин најголем успех се сметаше подготвката на Северна Македонија за време на нејзиниот мандат како вицепремиер за евроинтеграции, да ја поднесе кандидатурата за членство во Европската Унија во 2005 година.

Радмила Шекеринска се очекува да ја преземе функцијата во НАТО во почетокот на декември и да присуствува веќе на следниот министерски состанок на Алијансата.

Стано: Делегацијата на ЕУ во Киев ќе функционира како и досега

Петар Стано, портпарол на Европската Комисија
Петар Стано, портпарол на Европската Комисија

Европската комисија не ги коментира безбедносните мерки за заштита на амбасадите што ги преземаат одделни земји, бидејќи тоа е во доменот на надлежностите на националните власти, изјави денеска (20 ноември) портпаролот на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано во одговор на новинарско прашање за ставот на ЕУ за одлуката на некои држави за затворање на нивните дипломатски претставништва во Киев.

„Тие го прават тоа врз основа на информациите што ги имаат. Можам само да кажам дека во однос на Делегација на ЕУ, ние не преземаме никакви специфични мерки, бидејќи таа веќе функционира во опкружување кое е многу ризично“, рече Стано.

Според него, во услови кога рускиот претседател Владимир Путин продолжува со жестоките напади врз Украина, делегацијата на ЕУ и натаму ќе работи со досегашното ниво на подготвеност.

Инаку денеска амбасадата на Сединетите Држави во Киев соопшти дека нема да работи поради сознанија за можен воздушен удар.

Издадени 254 лиценци за производство на струја од обновливи извори

Соларни панели (илустрација)
Соларни панели (илустрација)

Од јануари заклучно со 31 октомври 2024 година Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) има издадено лиценци за нови фотоволтаични централи со вкупно инсталирана моќност од скоро 272 мегавати.

Согласно РКЕ, за десет месеци низ регулаторниот филтер поминати се вкупно 254 барања од приватни инвеститори кои ја имаат комплетирано потребната документација и за кои се издадени лиценци за нови фотоволтаични централи за производство на електрична енергија од обновливи извори.

„РКЕ согласно Законот за енергетика во своја надлежност издава лиценци и носи одлуки за менување, пренесување, продолжување, суспендирање, одземање и престанок на лиценци за вршење на одделни дејности од областа на енергетиката, како и за издавање на привремени лиценци и лиценци за пробна работа. РКЕ водејќи се од начелото на транспарентност, достапност и јавност има изготвено обрасци за сите приватни инвеститори во кои се наведени потребните документи со цел да се поедностави процесот во доставување на комплетни барања за добивање на соодветна лиценца“, стои во соопштението од РКЕ.

РКЕ во 2023 година има издадено лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори со вкупна инсталирана моќност од скоро 399 мегавати, додека во 2022 година се издадени лиценци за 152,2 мегавати.

РКЕ од март годинава усвои и регулатива со која се дозволува соларните централи да инсталираат батерии за складирање на струјата.

Батериите се важен сегмент во производството на струја од соларните електрани, бидејќи тие произведуваат во периоди од денот кога има сонце, а во тие периоди цените на берзите често се пониски поради големата понуда и малата побарувачка и струјата што ја произведуваат не може да се потроши целосно. Така, струјата оди во неповрат, а со батериите ќе може да се складира и потоа да се искористи во периодите кога нема сонце и кога е тоа потребно и да се продаде по подобра цена.

До правобранителот 40 претставки за загрозена животна средина, половината за загадениот воздух

Вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити (лево) и народниот правобранител Насер Зибери, 20 ноември 2024 година
Вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити (лево) и народниот правобранител Насер Зибери, 20 ноември 2024 година

Заклучно со октомври, четириесетина претставки од областа на животната средина оваа година стигнале во канцеларијата на Народниот правобранител. Половината од нив се за квалитетот на воздухот, а другите 20-ина се за други аспекти за загрозена животна средина.

Ова го соопшти народниот правобранител Насер Зибери кој денеска и утре (20 и 21 ноември) е домаќин на Меѓународна конференција „Народните правобранители и националните институции за човекови права и животната средина“ која се организира во рамките на проектот „Зголемување на улогата на Народниот правобранител во еколошката правда“.

Во својот говор правобранителот Зибери ги наведе трајните штетни последици од загадувањето на животната средина врз животот и здравјето на населението, поврзаноста на загадениот воздух со смртноста и предизвиците со кои човештвото се соочува во последните децении. Притоа посочи дека токму најголемите загадувачи на светот не ги потпишале глобалните документи за заштита на екологијата.

Зибери изрази загриженост за состојбата со животната средина во земјава која како што рече „не оди во прилог на уставната заложба за гарантирање на правото на здрава животна средина утврдена во членот 43 од Уставот“.

„Начелниот став на Врховниот суд нè охрабрува дека работите ќе тргнат на подобро, затоа што тој начелен став ја обврзува државата да обезбеди здрава животна средина како една од гаранциите на нашиот Устав кон секој поединец“, рече Зибери.

Зибери апелираше и да се донесе нов закон за заштита на животната средина зашто актуелниот е од 2006 година, имал 24 пати измени оттогаш и, рече, „повеќе не е соодветна рамка за справување со овој проблем“.

Постојаниот претставник на УНПД во Северна Македонија, Армен Григорјан, порача дека заштитата на животната средина „не е само еколошко прашање, туку е и правда и фундаментално човеково право“ и затоа омбудсманите и институциите за заштита на човековите права „имаат се поголема улога во промовирање на еколошката правда“.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити во изјава за медиумите во однос на тоа што се презема против аерозагадувањето во градовите во државава, одговори дека политиките се насочени кон причините, а не кон последиците.

„Истражувањата покажуваат дека во урбаните средини домаќинствата користат се и сешто за греење, не од што сакаат туку затоа што немаат избор. Со „зелен фонд“ на Владата и од Министерството за животна средина ќе субвенционираме за да се зголеми бројот на тие што се греат на топлинска енергија во урбаните средини, бидејќи нив таму ги има, и да се вратат на нив, бидејќи таа е почиста и од гасификацијата. Ова се конкретни покрупни проекти. Најверојатно се размислува и термоелектраните кои се на јаглен да се затворат и до 2030 да се заменат со гасни централи и нови системи кои ќе придонесат за подобра животна средина“, рече Меџити.

Тој го спомна и загадувањето од сообраќајот и рече дека „поради недобра комуникација со Град Скопје“ доцни реализирањето на донација од шест електрични автобуси од Европската Унија. Воедно, додаде, дека се работи и на проблемот со отпадот односно дека во завршна фаза е депонијата Свети Николе, а се работи и на депонијата за Пелагонија за која, како што рече, се предвидени 26 милиони евра од ЕБОР.

Во Русија уапсен германски државјанин, обвинет за планирање саботажа на енергетски објекти

илустрација
илустрација

Руските власти уапсија германски државјанин обвинет дека планирал саботажа на енергетски објекти по наредба од Украина.

Федералната служба за безбедност (ФСБ) во денешното соопштение (20 ноември) наведе дека го привела германскиот државјанин Николај Гајдук во моментот кога од Полска влегувал во руската ексклава Калининград и запленила половина литар течен експлозив од неговиот автомобил.

ФСБ го обвини Гајдук, жител на Хамбург, дека планирал саботажа по наредба на Украинецот Александар Жоров, кој исто така живее во Хамбург.

Не е наведено дали Гајдук има и руско државјанство или виза за влез во земјата, ниту кога точно е уапсен, но се наведува дека тој бил вклучен во експлозијата на бензинска пумпа во Калининград во март 2024 година и дека против него е поднесена кривична пријава за терористички напад и шверц на експлозив.

Судот нареди Гајдук да биде ставен во истражен затвор до истрага и судење.

Песков: Замрзнат конфликт во Украина не е опција за Русија

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков

Замрзнувањето на конфликтот во Украина не е опција за Русија, изјави денеска (20 ноември) портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков и додаде дека е важно Москва да ги постигне своите цели во конфликтот.

„Претседателот Владимир Путин јасно кажа дека опцијата за замрзнување на конфликтот не е прифатлива за нас. За нас е важно да ги постигнеме нашите цели, кои се добро познати на сите“, рече Песков, одговарајќи на новинарско прашање за можни преговорите за границата меѓу Русија и Украина.

Меѓудругото, Песков рече дека Русија е подготвена да ги нормализира односите со Соединетите Држави, но дека „нема да игра танго сама“.

„Русија, како што рече нашиот претседател, е отворена за нормализација. Но, не можеме сами да танцуваме. И нема да го направиме тоа“, рече портпаролот Песков.

Од руската инвазија на Украина поминаа 1000 дена. Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп во кампањата пред изборите на 5 ноември, тврдеше дека ќе стави крај на војната во Украина, но не понуди детали за тоа како ќе го стори тоа.

ОН: Луѓето во северниот дел на Газа не добиле помош повеќе од 40 дена

Појас Газа (илустрација)
Појас Газа (илустрација)

Портпаролот на генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Стефан Дижарик изјави дека поради опструкциите од страна на Израел повеќе од 40 дена, речиси и да не е доставена помош за Палестинците кои се борат за опстанок во северна Газа, јави Анадолија.

Дижарик одговараше на прашањата на новинарите за случувањата на Блискиот Исток.

Нагласувајќи дека израелските војници го блокирале преминот кон северниот дел на Газа, Дижарик истакна дека жителите од овој регион речиси и да не добиваат помош повеќе од 40 дена и оти хуманитарната ситуација е особено тешка во одделни региони.

„Луѓето се борат за опстанок во опколените области во северниот дел на Газа“, рече Дижарик, повикувајќи се на информации добиени од Канцеларијата за координација на хуманитарните прашања (ОЦХА) на ОН.

Наведувајќи дека израелските војници продолжуваат да спречуваат помошта да стигне до подрачјата како што се Беит Ханун, Беит Лахија и Џабалија, Дижарик нагласи дека 27 од 31 обид за помош планирани само овој месец се одбиени, а останатите четири се сериозно успорени.

„Искрено кажано, сите обиди на ОН да ги поддржат луѓето во опколените области северно од Газа се отфрлени или блокирани“, рече Дижарик.

Портпаролот на генералниот секретар го сврте вниманието кон гладот што ќе настапи во регионот каде што се затворени сите пекарници и целосно е блокирано снабдувањето со гориво, пренесува Анадолија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG