Влегуваме во „грчко сценарио“, нè чека должничко ропство, економија e на колена, владата на ВМРО-ДПМНЕ е расипничка и криминална, обвинуваше СДСМ додека беше во опозиција. Кога дојдоа на власт во мај 2017 затекнаа долг од 4,7 милијарди евра или 47,7 отсто од Бруто домашниот производ (БДП).
Повеќе од пет години подоцна, официјалните податоци покажуваат дека сега државата должи 7,6 милијарди евра или 56,6 отсто од Бруто домашниот производ (БДП).
Долгот во 2021 беше на рекордно високо ниво и достигна 61 проценти до БДП, но потоа се намали, во голема мера и затоа што бруто-домашниот производ многу се зголеми поради рекордната инфлација.
ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2017 го зголеми долгот за 3 милијарди евра, од 33 на 48 отсто од БДП. Владата на СДСМ од 2017 досега го зголеми за уште 2,8 милијарди евра, и тој достигна 56,6 отсто од БДП.
Задолжувањето му пречи само на тој што е во опозиција
Кога ВМРО-ДПМНЕ во 2006 дојде на власт јавниот долг изнесуваше 1,8 милијарди евра или 33 отсто од БДП-то. Во првите две години од нивното владеење долгот се намалуваше, потоа следуваше светската економска криза, кога јавниот долг се зголеми, паралелно се тоа се градеше и Скопје 2014, што дополнително ја зголеми задолженоста. Тогаш опозициската СДСМ обвинуваше дека власта сака да ја втурне државата во грчко сценарио.
Во 2016 кога јавниот долг ја надмина границата од 50 отсто од БДП и кога експертите предупредуваа дека задолженоста е на опасна граница, СДСМ најави ревизија на сите задолжувања, обвинувајќи дека тогашната владината политика ги става и сегашните и идните генерации во должничко ропство. СДСМ, пак, во своето владеење се соочи со ковид кризата поради која многу бизниси запреа со работа или згаснаа, а на тоа се надоврза и економската и енергетската криза подгреани со војната во Украина, поради што Владата донесуваше анти-кризни мерки за помош на граѓаните и компаниите за што ѝ требаа пари од странство.
Капитални инвестиции – Домашниот есап на пазар не излегува
Капиталните инвестиции се спас за економијата. Тие се приоритет за Владата, вели министерот за финансии Фатмир Бесими. Во 2023 Владата испланира да потроши 790 милиони евра за крупни проекти, што е рекордна сума. Но секоја година владата планира високи суми, потоа со ребалансот на Буџетот парите се кратат и се даваат за затворање на други буџетски дупки. Анализата на Фајнанс тинк покажува дека без оглед на почетната проекција, моменталниот капацитет за реализација на капитални расходи се движи до 450 милиони евра годишно.
Министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за Радио Слободна Европа, вели дека во време на криза проектирањето на капиталните инвестиции е тешка работа.
„Тоа е речиси невозможна мисија, затоа што зборуваме за време кога има многу ризици. Затоа и на светско ниво сите меѓународни институции, не случајно на квартално ниво излегуваат со проекции“, вели министерот за финансии Бесими.
Вината за непотрошените пари за капитални инвестиции, министерот за транспорт Благој Бочварски, ја лоцира во ценовните шокови и скапите градежни материјали. Тој вели дека 2023 ќе биде многу поуспешна на тој план.
Во изминатите десет години за капитални инвестиции се одвојувале по околу девет отсто до буџетот, а со буџетот за 2022 беа планирани 11 отсто за таа ставка. За 2023, пак се планира речиси 15 отсто од буџетот да одат за капитални проекти.
Од 2008 до сега најмногу капитални инвестиции имало во 2008, па во 2017, следува 2019, а најслаба била 2018. Ако се погледнат податоците од изминатите години, ретко се стига до реализација од 80 отсто, и тоа откако со ребалансите се крати од првичниот план.
Се живее ли подобро?
Високите цени, сиромаштијата, односно нискиот стандард на живот, економската ситуација и ниските плати и пензии се првите четири проблеми што луѓето ги наведуваат како најголеми проблеми со кои државата се соочува денеска, покажува анкетата на Меѓународниот републикански институт – ИРИ, објавена на 20 декември 2022.
Четириесет отсто од испитаниците сметаат дека владата на Димитар Ковачевски воопшто не е посветена на решавање на споменатите проблеми, а само три отсто сметаат дека е посветена.
Граѓаните не се ниту оптимисти дека нешто ќе се смени на економски план во следните две години. Повеќе од половина од испитаниците сметаат дека квалитетот на живот им тргнал на полошо, 41 процент сметаат дека им останал ист, а шест проценти дека им се подобрил.
Во март 2017, пред да дојде СДСМ на власт, во анкета направена исто така од ИРИ, 38 проценти сметале дека животот им тргнал на полошо, 52 проценти дека им останал ист, а девет проценти дека им е подобро. И пред да дојде СДСМ на власт, и сега, само на еден процент од испитаниците економската ситуација во семејството им е далеку подобро во споредба со годината претходно, додека пак се зголемува процентот на оние на кои им е многу полошо, во март 2017 тој проценти изнесувал 11, а во октомври годинава 22 проценти.
„Со зголемувањето на инфлацијата и цената на електричната енергија и другите економски предизвици со кои се соочува Северна Македонија во моментов, нашите податоци покажуваат дека луѓето не веруваат дека земјата се движи во вистинската насока“, рече Пол Мекарти, регионален директор на ИРИ за Европа.
„Креаторите на политики на национално ниво ќе треба да останат фокусирани на економските прашања доколку сакаат да ги сменат овие бројки“, додава тој.
Министерот за финансии Бесими вели дека е нормално луѓето да се незадоволни во време на криза.
„Јасно дека е тоа екстерен шок, не е предизвикано од нашата економија и од политиките туку тоа е нешто што се случува на светскиот и на европскиот пазар“, вели Бесими.
Колку вреди платата?
Од април 2022 минималната плата со закон е 18 илјади денари. Кога доаѓаат СДСМ на власт во 2017 минималната плата изнесува 10.080 денари.
Во октомври 2017 година, просечната плата во земјава била 23.356 денари, а во октомври годинава е 33104 денари. Тоа е зголемување од скоро 42 отсто. Но, ако се пресметаат зголемените трошоци за живот, денешната плата вреди само 10 отсто повеќе отколку пред пет години.
Во мај 2017-та синдикалните пресметале дека на едно четиричлено семејство му биле потребни 32 445 денари за да го помине месецот, или околу 3,2 минимални плати во тоа време. Во ноември, 2022, пак на едно семејство му биле потребни минимум 51.714 денари за да го протурка месецот, односно потребни се речиси три минимални плати.
СДСМ се фали и со тоа дека просечно пензиите ги зголемиле за 2000 денари, откако се на власт. Но ако се земе предвид дека инфлацијата во 2022 се искачи на речиси 20 отсто, пензионерите земаат повисоки пензии, но немаат повеќе пари од пред пет години.
Странските инвестиции во втората балканска лига
Во септември 2017 тогашниот премиер Зоран Заев ветуваше дека ќе ги донесе интернет гигантите Гугл и Фејсбук во Македонија, пет години подоцна нема ни трага ни глас, од овие инвестиции. Ветувањата тогаш беа и дека со влегувањето на земјата во НАТО ќе се прати сигнал до инвеститорите дека е безбедно да се инвестира тука. Македонија во 2019 стана члена на Алијансата, но тоа не ѝ помогна многу да се етаблира многу кај инвеститорите од странство. Потоа ветувањата беа дека тие ќе дојдат, но првин да влеземе во ЕУ, потоа дека пандемијата ги обесхрабри. Македонија заостанува во привлекувањето на инвестиции во споредба со дел земји од регионот.
Влегувањето на Македонија во Алијансата се поклопи со почетокот на пандемијата со ковид-19, па во 2020 имало само 201 милиони евра странски инвестиции. Но, корона-кризата на пример не ги поколеба инвеститорите да вложуваат во соседна Србија, а Црна Гора дури успеала да ги зголеми странските инвестиции и во пандемијата.
Според податоци на Светска банка, Србија стои далеку најдобро од земјите од Западен Балкан, а не е членка на НАТО. Следна по привлекување инвестиции е Албанија. Црна Гора која е трипати помала од Македонија има речиси исто инвестиции како и нас, полошо стојат БиХ и Косово.
Соседна Србија е најголем конкурент на земјата во привлекувањето на инвестиции од странство, велат од Асоцијацијата на странски компании.
„Како главен проблем беа трошоците за енергенти, но анкетата покажа дека странските компании во земјава се повеќе се соочуваат и со недостиг на соодветни кадри, бирократијата и непочитување на процедурите, правната неизвесност, често менување на регулативата, владеење на правото“, рече Виктор Мизо претседател на Асоцијацијата на крајот на декември 2022.
Третина од инвеститорите се пожалиле дека сметките за струја им поскапеле за 100 проценти. Во Србија, пак, цената на струјата е фиксна, а кај нас големите компании се на слободен пазар на струја, која поскапе неколкупати во изминатата година.
Податоците на Народна банка за директни инвестиции во земјава покажуваат дека рекордот бил во 2018 кога имало 614 милиони евра странски инвестиции, втора најдобра година е 2007 со 505 милиони евра.
Сепак, 100 милиони евра сега и 100 милиони евра пред десет години не вредат исто, па затоа попрецизен податок за нивото на странските инвестиции се дава кога тие ќе се изразат како процент од БДП.
Од 2017 до 2021 странските инвестиции се движеле од 181 милииони евра во 2017 до 614 милиони евра во 2018 година, односно меѓу 1,8 и 5,7 проценти од БДП или во просек 3,4 проценти од БДП. Годинава, странските инвестиции до крајот на септември се 528 милиони евра. Со оглед на тоа што треба да се пресметаат инвестиции од уште еден квартал, тоа ќе го подигне просекот.
Во 11 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, од 2006 до 2016 година, странските инвестиции се движеле меѓу 1,5 отсто во 2012 и 8,57 отсто во 2007 година, или во просек 3,84 проценти од БДП. При тоа треба да се има предвид дека во првите години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2011, просекот е многу поголем, а по 2012 година ретко надминува 3 проценти од БДП.